Градот и фотографијата - Петер Биалобржески

13.07.2011 12:52
Градот и фотографијата - Петер Биалобржески

Петер Биалобржески е германски фотограф роден 1961, кој работи и како редовен професор по фотографија на Универзитетот за уметности во Бремен. Добитник е на голем број награди вклучувајќи ја и наградата на World Press Photo во 2003 и 2010, а неговите фотографии се изложувани насекаде низ светот и се дел од познати музејски колекции.

Инспириран од промените на урбаните структури во ерата на глобализацијата на азискиот континент, Петер Биалобржески ги фотографира азиските мега-градови како што се Шангај, Хонг Конг, Банког, Шензен, Куала Лумпур, во неколку ралични серии, но секогаш истражувајќи теми поврзани со урбаната џунгла, градежните локации и индистрискиот отпад. Веќе цела деценија Биалобржески бара убавина и значење во светот кој забрзано се индустријализира.

Во серијата насловена Неонски тигри (Neon tigers) Биалобржески ја фокусира својата големо-форматна камера на урбани пејзажи во сјајни бои и блескави светла кои според зборовите на еден критичар имаат карактеристичен „фосфорен сјај на интергалактички вселенски брод подготвен за војна со ѕвездите”.

Серијата Рајот сега (Paradise Now) ги документира зелените површини на азиските мега градови, фокусирајќи се на дрва и растенија осветлени со артифициелното и неприродно светло од овие урбани средини. Долгите експозиции потребни за овие воглавно ноќни фотографии креираат сценарија на вонземски сцени и сцени исполнети со присуство на духови кои се засновани во реалноста со присуството на дрвата, луѓето забавени во сенките и други докази за неизбежното човечко присуство. Намерно избирајќи да не ги идентификува прецизно локациите, авторот упатува на универзалната природа на ваквите состојби.

Третата серија која се занимава со овие теми е и најдолгата на која Биалобржески работи и е насловена Изгубени во транзиција (Lost in Transition). Оваа серија е направена во повеќе од дваесетина града во 14 земји вклучувајќи и неколку западни градови како Хамбург и Њујорк. За овие фотографии Биалобржески бира локации како напуштени индустриски локалитети, стари пристаништа и згради, пост-индустриска архитектура докуметирајќи го феноменот на транзиција, на премин од старо во ново, од познато во абстрактно, уловувајќи го моментот помеѓу недефинараното минато и недефинираната иднина.

Иако овие серии на фотографии несомнено претставуваат историски документ за урбаниот развој на општеството, Петер Биалобржески ги истражува и границите на документарната фотографија, изјавувајќи дека не е заинтересиран за тоа како таму работите изгледаат, туку како можат да бидат кога тој ги фотографира, на тој начин правејќи авторски портрети на градовите.

ОкоБоли главаВицФото