1013 hPa
52 %

18 °C
Скопје - Пет, 18.04.2025 01:59
Никако да дојде крајот на илузиите во врска со патриотизмот. Во првиот век од нашата ера Плутарх ги исмевал оние кои изјавувале дека месечината над Атина е поубава од онаа над Коринт;
Милтон во XVII век забележал дека Бог прво им се открил на Своите Англичани; Фихте на почетокот на XIX век изјавил дека да се има карактер и да се биде Грманец очигледно е едно исто. Тука националистите цветаат; ги придвижува, како што самите велат, оправданата намера да ги негуваат најдобрите аргентински карактеристики. Меѓутоа, тие не ги познаваат Аргентинците бидејќи во своите расправи сакаат главно да ги одредуваат во однос на некој надворешен факт; на пример, во однос на шпанските освојувачи, или во однос на некоја имагинарна католичка традиција, или со „саксонскиот империјализам“.
Аргентинецот, за разлика од Американците од северот и од сите Европејци, не се поистоветува со државата. Тоа може да се припише на околноста што со оваа земја се владее многу лошо или на фактот што државата воопшто е непоимлива апстракција*, Аргентинецот е индивидуалец, не граѓанин. Афоризмите како оној на Хегел според кој „државата е реалитет на моралната идеја“, му звучат како злонамерни шеги. Холивудските филмови често имаат приказна за човек (обично е новинар) кој склопува пријателство со злосторник за подоцна да го предаде на полицијата, и нему треба да му се воодушевуваме; Аргентинецот, за кого пријателството е страст, а полицијата мафија, чувствува дека холивудскиот „херој“ е огромно ѓубре. Тој како и Дон Кихот чувствува дека „таму секој ќе се сретне со својот грев“ и дека „не е добро чесните луѓе да бидат џелати на други луѓе“ (Дон Кихот, I, XXII). Многу пати помислував дека меѓу овие два света постојат непремостливи разлики, а овие два реда од Дон Кихот беа доволни за да сфатам дека грешам; тие се нешто како спокоен и таен симбол на нашата блискост. Длабока потврда за ова се наоѓа во една ноќ од аргентинската книжевност: онаа напната ноќ кога некој селски наредник викна дека нема да дозволи да се убие еден херој и почна да се бори против своите војници, рамо до рамо со дезертерот Мартин Фиеро. За Европејците светот е космос во кој секој длабоко е во склад со својата улога; за Аргентинецот, светот е хаотичен. Европеецот и Американецот од север заклучуваат дека некоја наградена книга сигурно е добра; Аргентинецот ја дозволува можноста дека не е лоша, и покрај наградата. Аргентинецот не верува во околности. Тој можеби не ја знае приказната дека човештвото секогаш има 36 праведни луѓе - Lamed Wufniks – кои не се познаваат меѓу себе, но тајно го одржуваат универзумот; кога би ја слушнал, не би го зачудило ако тие добри луѓе се мрачни и анонимни. Неговиот херој е осамениот човек кој сам се бори против герилата, непосредно (Фиеро, Мореира, Ормига Негра), посредно или во минатото (Сегундо Сомбра). Други книжевности не бележат слични факти. На пример, се смета дека два големи европски писатели се Киплинг и Франц Кафка. На прв поглед тие двајца немаат ништо заедничко, но кај едниот темата е барањето поредок, барањето некаков поредок (патот во Ким, мостот во Градители на мостови, римскиот бедем во Puck of Pook's Hill ); кај другиот темата е неподносливата, трагична осаменост на човекот кому му недостасува место, макар и најбедно, во поредокот на универзумот.
Некој ќе рече само ги истакнав негативните и анархистички карактеристики; ќе додаде дека тие немаат политичко оправдување. Се осмелувам да го тврдам спротивното. Најголемиот проблем на нашето време (на кој со пророчка луцидност укажа веќе по малку заборавениот Спенсер) е постепеното вплеткување на државата во животот на поединецот; во борбата со ова зло, чии имиња се комунизам и нацизам, аргентинскиот индивидуализам, можеби бескорисен или штетен, ќе најде свое оправдување.
Без надеж и со копнеж, размислувам за апстрактната можност за една партија која би била блиска на Аргентинците; парија која би ни ветила строг минимум на владеење.
Национализмот сака да нè воодушеви со визијата за бескрајно здодевна држава; оваа утопија, доколку би се остварила на земјата, би имала сила на провидение, бидејќи сите би сакале и на крајот би ја изградиле нејзината антитеза.
Буенос Аирес, 1946
* Државата е безлична: Аргентинецот го разбира само личниот однос. Затоа за него да се украдат државни пари не е злосторство. Кажувам факт; не го одобрувам, ниту го правдам.
Извор: pescanik.net