Јас сум честичка прав

15.07.2011 14:32
Јас сум честичка прав

Минатата година 18 доселени кинески работници се обиделе да се самоубијат во погоните на Foxconn во Гуангдонгу, Џангсу и Хебеи. Четиринаесет од нив починаа, додека четворицата преживеани се со критични повреди. Сите биле на возраст меѓу 17 и 25 години. Зошто овие млади луѓе во најпродуктивните години се откажале од животот?

Во 2010 г. Фокскон забележа дотогаш рекордна заработка од 79,1 милијарда долари – повеќе од некои од најсилните деловни клиенти на оваа компанија како што се Microsfot, Nokia или Dell. Во исто време, потрошувачите низ светот се соочени со вртоглаво богатиот избор на низа електронски новости како iPhone 4, iPod и најновиот iPed 2. Сево ова го произведуваат над милион работници на Фокскон во Кина. Се предвидува дека компанијата ќе освои 50% од светскиот пазар во производство и сервисирање на електронските направи до средината на оваа година.

Фокскон израсна од тајванската компанија Hon Haiyos во 1988 г. Стратешкиот план бил да се вложи во евтината специјална економска зона во провинцијата Шенжен, на границата со Хонг Конг, каде што власта нудела поволна индустриска земја и даночни повластувања. Покрај тоа, таму подготвено чекале 230 милиони „селани-работници“ од Кина – флексибилна, расположлива и евтина работна сила, спремна да се вклучи во производството во секој миг.

Според зборовите на Tери Гоу, директор на извршниот одбор на Фокскон, водачот мора да биде „диктатор за доброто на сите“. Под неговото водство оваа огромна фабрика изгради сопствен „град во град“ во провинцијата Шенжен во јужна Кина, каде што раководителите и обезбедувањето одржуваат строга контрола над своите работници.

Секоја зграда во фабриката има контролни пунктови каде што обезбедувањето е поставено 24 часа. Работниците кои работат на составувањето делови за апарати носат униформи со одредените бои на својот сектор. Кога се прашани, постојано повторуваат дека оваа повеќекратна електронска контрола на влезот во погонот влијае на тоа да чувствуваат целосно губење на слободата. Додека се подготвуваат да започнат со работа на производствената лента, управата ги прашува: „Како сте?“. Работниците мораат едногласно да одговорат: „Добро! Многу добро! Многу, многу добро!“ Раководството прибегнува кон ова за да се зацврсти дисциплината. Работниците објаснуваат дека ги прекоруваат и казнуваат ако разговараат додека работат на лентата, ако не можат да постигнат голема брзина во работата или доколку направат грешка во самото работење.

Според зборовите на жената која работи на лемилото, лентата каде што ги залемува звучниците на MP3 и MP4 аудио плеерите, извршувањето на казната изгледа вака: „По работата, сите ние – над 100 луѓе – мораме да останеме во погонот. Тоа се случува кога некој работник треба да биде казнет. Една девојка беше приморана да застане мирно и на глас да прочита изјава со самокритика. Мораше да го изговори секој збор доволно гласно за да ја слушнат сите. Надзорникот на нашата лента ги праша работниците од последниот ред дали можат јасно да слушнат каква грешка направила. Се разбира, девојката се чувствуваше понижена. Тоа беше толку непријатно, солзи ѝ капеа по лицето. Гласот ѝ се истенчи“.

Надзорниците на производствените ленти исто така се под притисок и грубо се однесуваат кон работниците за да ја остварат зададената норма. Единствено што ја интересира управата е сработеното што е предвидено за тој ден, а не чувствата на работниците. Електронските производи на компанијата се скапи и тука нема место за грешки. Една од работничките со која разговаравме била казнета зашто заборавила да прицврсти навртка на iPhone направата. Била приморана 300 пати да ја напише изјава од Тери Гоу, како на пример: „Суровото опкружување е позитивно опкружување“.

Работниците ни рекоа дека оној миг кога најниската плата била подигната на 1200 јуани месечно (околу 180 долари) во јуни 2010, била подигната и нормата во производството. Еден член од групата млади работници кои се задолжени за производство на футроли за мобилни телефони ни посведочи: „Порано зададената дневна норма беше 5120 парчиња, а потоа беше подигната на 6400 парчиња на ден. Бевме целосно исцрпени“.

Фокскон ја применува методата за истражување на корелацијата меѓу времето и движењето, статистичката контрола на процесот и користи компјутеризирани уреди кои го тестираат физичкиот капацитет на секој работник. Целта е да се постигне максимална брзина во периодот кога работната способност на работникот се наоѓа на врвот. Еден од вработените изјави: „Не можеме да застанеме и да ја прекинеме работата ниту на една минута. Побрзи сме дури и од машините“. Еден друг ни посведочи: „Кога имаме многу работа, немам време ни да јадам ни да одам во тоалет“.

Купувачите на производите на Фокскон ги сакаат своите компјутери и паметни телефони брзо, веднаш. Компанијата неодамна започна производство на лента која работи 24 часа за да излезе во пресрет на светската побарувачка. Таа потреба за производственост и квалитет значи непрекинат притисок врз работниците на Фокскон. На постерите по погонските ѕидови и на скалилата испишано е следново: „Вреднувај ја ефикасноста секоја минута, секоја секунда; постигни ја нормата по секоја цена, освен ако сонцето повеќе не излегува; ѓаволот демнее во деталите“.

Работниците се организирани да седат или стојат на точно одредени места долж производствените ленти за време на типичните 12-часовни смени – од кои четири часа се прекувремена работа. Ротациониот систем на дневни и ноќни смени одзема секакво чувство на свежина, достигнување или иницијатива на работа. Типичните коментари на работниците се следниве: „Клима-уредите се поставени поради машините, а не за нас“, или „Јас сум само честичка прав во овој погон“.

Поголемиот дел доселени работници живеат во фабричките спални бидејќи не се во можност да си дозволат ни најевтино сместување. За компаниите како што е Фокскон ваквиот систем на работнички спални е евтин и практичен бидејќи со сигурност знаат дека работниците во слободно време не се занимаваат со ништо друго освен што се подготвуваат за следниот рутински ден во производството. На работниците им се достапни „погодности“ како што се спални и мензи, така што целиот расположлив животен простор е дел од фабричката управа. Јадењето и пиењето, спиењето, па дури и бањањето, сето тоа се испрограмирани задачи слични на оние на производствената лента. Работниците со различни професии, па дури и различни смени, се измешани во спалните. На тој начин често си го попречуваат сонот и одморот едни на други. Повремените разместувања на работниците по спалните влијаат на тоа да се спречат склопување познанства меѓу нив, што доведува до изолација и осаменост.

Работниците живеат со странци, не им е дозволено да готват ниту да примаат во посета членови од семејството или пријатели преку ноќта. Без оглед на тоа дали се сами или во брак, приватниот простор на работниците е сведен на еден единствен кревет зад импровизираната завеса која самите ја направиле.

Кога започна бранот самоубиства, Фокскон постави три милиони квадратни метри сигурносни мрежи – т.н. „мрежи со срце полно со љубов“. Противсамоубиствените мрежи се обесени околу надворешните скалила во зградите каде што се спалните за да ги спречат вработените да скокнат. Меѓутоа, ова не ги спречи самоубиствата. На 7 јануари годинава 25-годишна девојка со факултетска диплома скокна во смрт во најзначајниот погон на Фокскон во Шенжен.

Во Кина владее нова пазарна економија – водена од државата, националниот капитал и самиот народ – заснована на радикалното редефинирање на потребите и желбите Селското население кое се преселува во градовите копнее за животот кој е одраз на времето во кое живее, а градот е местото каде што се одвива тој живот. Некои од помладите работници, родени во 1980-те и 1990-те години, живеат во градот од раното детство и не поседуваат никакви вештини неопходни за земјоделство. Колку поголеми се аспирациите на овие млади работници, толку е поочигледен контрастот со суровата реалност. Низ различните облици на протест, од кои самоубиството е најсилниот израз на очајот, овие млади луѓе се обидуваат да ги повратат своите права и достоинство.

Самоубиството не смее да стане единствениот очајнички обид за спротивставување на општествената неправда. Конкретниот напредок треба да почне во Фокскон, ама не и да заврши таму. Без силна општествена и законска заштита на правата на работниците и без поддршка на владата извесно е дека ќе бидеме сведоци на сè поголем број мртви. Потрошувачите и корисниците на електронските направи од Западот мораат да станат активни заговорници за хуман стандард на трудот и производството.

Авторот е советник во организацијата Students and Scolars Against Corporate Misbehavior (SACOM) во Хонг Конг

Извор: New Internationalist

ОкоБоли главаВицФото