Pop-up простори

18.07.2011 11:07
Pop-up простори

Изразот pop-ups долго време беше познат како облик на интернет рекламирање, најчесто несакан. До 2004 г. и Internet Explorer воведе блокада на pop-ups и денес веќе заборавивме како изгледаше кога рекламите неконтролирано искокнуваа во нови прозорчиња додека работиме на компјутерот. Меѓутоа, како што виртуалните pop-ups паѓаа во заборав, така се појавија pop-up дуќани, клубови, галерии и ресторани во реалниот свет. Евтини и со мал степен на ризик, pop-up просторите веќе некое време се јавуваат во големите градови како Берлин, Лондон и Њујорк и го привлекуваат вниманието како на себе така и на производите што ги нудат. Со растот на наемнината за деловните простори, pop-up пристапот го прифаќаат и големите претприемачи и корпоративни брендови, па pop-up стана една од вообичаените маркетиншки стратегии на денешнината.

Во случајов, станува збор за краткотраен ресторан во Њујорк под називот What Happens When, кој Џон Фрејзер го отвори на почетокот на годинава во њујоршки Сохо, и неодамна го затвори поради проблеми со дозволата за точење алкохол. Привлечноста на новото и промената која pop-up ја крие во себе во оваа прилика е потенцирана со концептот кој предвидува промена на месечна основа. Фрејзер, во соработка со Ел Кунос де Вос од дизајнерската група The Metrics во текот на шесте месеци работење изведоа четири и пол тематски промени со минимален буџет. Movements (Движења), како што самите автори ги нарекоа промените, се состоеја од менија и внатрешно уредување поврзано со музички пејзаж.

Со краткотрајните проекти времето за прилагодување на просторот мора да биде минимално. За да го остварат својот план, The Metrics осмислија темен ентериер во кој имале многу малку интервенции во затекнатата состојба, и кој бил замислен како празна црна кутија во која може да се експериментира со идеи. Архитектонските нацрти во размер 1:1 се исцртани на површините на ресторанот и на тој начин посетителите со самото влегување стануваат дел од проектот. Со промените во распоредот на ресторанот не се бришат старите нацрти од страна на новите, туку тие се преклопуваат едни со други и така секоја фаза остава своја трага. Правилно распоредените куки по ѕидовите овозможуваат лесно поставување на новите украсни елементи и прилагдлив распоред на осветлувањето.

Зимските промени беа обележани со снегот и белите облици, од столовите до деконструираните лустери и архитектура, кои се наоѓаа во контраст со црната позадина. Гостите на реторанот беа замолувани сами да ги постават масите со приборот кој се наоѓа во фиоките под масата. За Свети Валентин просторот доби романтична нота без навлегување во клишеата на овој празник – на постоечките куки само беа обесени триаголници од евтина розова или виолетова ткаенина.

Пролетта во просторот на ресторано донесе предимензионирани борови иглички, по некоја птица и мов. Трагите од животните можеа да се следат низ подот, ѕидовите и мебелот. Следната промена беше импресија од сликата а Реноар „Забава на брод“, а беше остварена со воведување на пругасти тенди во внатрешноста на просторот. Последната тема на ресторанот беше џез темата која се материјализираше во речиси 3000 метри конец кој создаваше ритам и темпи испреплетен меѓу постоечките куки. Џез атмосферата, со геометриските облици на примарните бои, го дополнуваше и коктелот кој Фрејзер го смислил токму за таа прилика.

Интересноста на овој привремен ресторан, освен што е слика на современите консумеристички пракси, е и тоа што отвора нови естетски можности за осмислување на просторот. Максимален ефект со минимално вложување е нешто што краткорочноста на користењето на pop-up просторот се наметнува како норма. Дизајнот е временски ограничен како во своето настанување, бидејќи треба брзо да се оствари, така и во своето траење, бидејќи се знае дека брзо истекува. Секоја промена во овој ресторан дизајнерски ни зборува за не-трајноста, ја нагласува промената и добро изгледа во суштина.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото