Геостратегија и психогеографија

19.07.2011 10:54
Геостратегија и психогеографија

Пред десетина дена, на 9 јули, Африка ја доби 54-та независна држава која веќе на 14 јули стана 193-та членка на Обединетите нации. Станува збор за Република Јужен Судан, регион богат со нафта, кој во јануари годинава, со речиси консензуална волја на своите граѓани, реши да се одвои од Република Судан. Во Јужен Судан, кој се простира на 620 000 квадратни километри (колку 25 Македонии) живеат помеѓу 7,5 и 9,7 милиони жители (поради децениските граѓански војни и прогони не се знае точниот број). Во новата држава живеат повеќе од 500 народи и етнички групи, од кои повеќето се христијани или почитувачи на многубоштвените традиционални религии. Дури 73% од населението е неписмено, една третина гладува, а повеќе од 10% од децата не ја дочекуваат петтата година од животот.

Големите резерви нафта се шанса Јужен Судан да се извлече од сегашната лоша состојба. Доколку парите од нафтата во иднина разумно се вложуваат во развој, новата држава за неколку децении, со помош на меѓународната заедница, би можела да стане респектибилен фактор во Африка. Прв предуслов е да соработува со омразениот север, бидејќи оттаму поминуваат единствените нафтоводи до извозните пристаништа и рафинерии. Ако Картум и Џаба (главниот град на југот) не се договорат, тоа ќе значи одново војна и ново страдање на милиони луѓе.

Причината зошто решив да пишувам за новата држава се колебањата околу нејзиното име. Во игра за име на државата беа имињата: Земјата на Нил, Република Јуван, како и древното име на таа област, Куш. Повеќето граѓани сепак решија земјата да се вика Јужен Судан. Зборот Судан, инаку, потекнува од арапското име за оваа источноафриканска земја, од 1842 година - Bilad-el-sudan, земјата на црните (aswad - црн; во женски род - sauda).

***

Интересна (но неутврдена) етимологија има и името на државата Панама. Некои веруваат дека земјата е наречена според вид дрво. Други мислат дека „Панама“ значи „мноштво пеперуги“ во еден од тамошните јазици; според оваа верзија, првите доселеници дошле во Панама во август, кога има многу пеперуги. Можеби најпотврдената етимологија на зборот „Панама“ е „изобилие од риба“; таа приказна е поврзана со шпанскиот освојувач Антонио Тело де Гузман кој во 1515 година прв пат дошол во тој дел од светот застанувајќи во мал рибарски град.

Не давајќи ѝ предност на ниедна од теориите децата во Панама денес од учебниците ја учат збирната верзија: „зборот Панама значи изобилие од риби, пеперуги и дрвја“. Се разбира, постојат и други етимологии. Некои се убедени дека Панама доаѓа од зборот во Куна јазикот, „баннаба“, кој значи „далеку“ или „оддалечен“.

Но, Панама во текстов не ја спомнувам првенствено заради името, како што го спомнувам Јужен Судан. Панама ја спомнувам поради Омар Торихос, харизматичниот авторитарен водач на Панама од 1967 до 1981 година, кога загина во авионска несреќа. Торихос бил пријател, меѓу другите, со Тито и Кастро, кои веројатно влијаеле тој да го прифати круцијалниот договор со САД, за судбината на Панамскиот канал. Договорот го потпишаа Џими Картер и Торихос 1977 година, после 13 години преговори. Со тој договор престана важноста на претходниот договор потпишан 1903 година, кој беше екстремно неповолен за тогаш штотуку воспоставената држава Панама. Многумина беа незадоволни со договорот од 1977, кој предвидуваше наполно враќање на Панамскиот канал во владение на Панама дури во 2000 година. Сенатот на САД го ратификуваше Договорот делумно менувајќи го. Во Панама Торихос исто така беше критикуван како „предавник на националните интереси“. И покрај сè, договорот е историски по многу нешта, а Торихос, и покрај авторитарното владеење, останува една од најзначајните политички личности на Латинска Америка во дваесеттиот век, пред сè, зашто имаше доволно и срце и разум да го потпише договорот. Денес Панамскиот канал, после стогодишна контрола од страна на САД, е под целосно владение на Панама. Претседател, пак, на таа држава од 2004 година е Мартин Торихос, син на славниот генерал Омар.

Книга за пријателството со Омар Торихос, Getting to Know the General, има напишано еден од моите најдраги писатели, Грахам Грин. Еве една реченица од Торихос, кого Грин го цитира во книгата: „Интелектуалците се како фино стакло, кристал што може да биде разбиен и со еден звук. Панама е направена од карпи и земја.“

***

Што ги спојува овие две, за нас, далечни и егзотични земји, Панама и Јужен Судан? Реков погоре: името и договорот.

Но, ги спојува и „психогеографијата“. Психогеографија е поим кој 1955 го дефинираше Ги Дебор како „студија за прецизните закони и специфичните ефекти на географското опкружување, свесно или несвесно организирано, врз чувствата и однесувањето на поединецот“. Во малку пошироко значење, психогеографијата означува различни стратегии за истражување на градовите. Таа го вклучува сето она што пешаците ги поместува од нивните предвидливи патеки, давајќи им нова свест за урбаните пејзажи. Психогеографијата го гледа просторот како проникнување меѓу гледачот и пределот, предметот и времето. Таа решително ја одбива секоја генерализација за местото и ја афирмира повеќезначноста на пределите и пејзажите. Според психогеографите, илузија е да се смета дека едно место може сосема да се осознае, контролира и да се затвори во еднаш зададени значења. Мапата и територијата, и покрај фантазиите на Борхес, никогаш не можат да се поклопат.

Го велам сето ова, го пуштам умот низ (психо)географските пејзажи, меѓу другото и за да не изгнијам сосема во мрачниов вилает со својства на црна дупка; просторот под нозе како да ни е стеснет, а времето како да е бескрајно развлечено. Луѓето без проблем прифаќаат да бидат кратковечни мравки во функција на вечната (национална) матица, а водачите на мравјалникот, пак, се однесуваат како некакви бесмртни хајлендери заталкани од некој расказ на Борхес. Нивната (национална) фикција цело време успева да игра 0-0 со стварноста. Нивната мапа е во размер 1-1 со нашата територија.

Во психолошка смисла Македонија, просто речено, наликува на затвор: ограничен простор и движење, а времето растегнато како јо-јо. Јо-јото, пак, по цел ден го тегне (или клик-клакот безмилосно го расчукува) едно мрсулаво, неодговорно и празно дете кое не знае што да прави со себе. Попрецизно: „бабуњосани глави кршат“ (со клик-клакот) банда распашани младинци кои себеси се замрзнале во сликата на една аисторична (вечна&неодговорна) и сосема забегана парохијално-патријархална власт. И таа банда балавандери себеси се претставува за наша бесмртна (национална) матица.

Живееме, значи, во одраз на панаѓурско криво огледало, во личната (национална) фантазија на ликови од цртан филм познати како „преродбеници“. Ликови кои страдаат, како што вели Теофил Панчиќ, од вишок на анимираност, од фантазмот на автентичноста, ликови кои се „идеални манекени на една геополитичка фантазма“. Ликови добро познати од цртаните филмови, кога чекорат уште неколку чекори и откако го преминале прагот на бездната. Само чекаат бездната да им се каже.

Слики: Megan McGinnis

Kolja aman be, so Mirka u

Kolja aman be, so Mirka u ista supelka li ke duvate sega.
Vo sekoj slucaj interesno.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото