Интервју со Александар Пејовски

19.07.2011 14:20
Интервју со Александар Пејовски

На ретко кој му е јасно дека ова се херојски времиња за македонската култура. Секако дека ќе им биде појасно на генерациите од следните декади, се разбира, доколку Македонија успее да се одржи како држава. Па и доколку не успее во тоа, што историски воопшто не е неверојатно, овој период од четириесетина години континуирано создавање автентична (алтернативна) македонска култура, ќе биде симбол на едно духовно осамостојување и исправање под сонцето. Можеби и духовна храна и симбол во борбата за некоја нова слобода, којзнае... Работата на актуелните дејци на македонската алтернативна музичка сцена е аналогна на дејноста на нашите револуционери од крајот на 19-от век. И тогаш грст луѓе се обидувале на останатите да им покажат кои сме – исто и сега.

Александар Пејовски, музички и интелектуално, заслужува посебно место во оваа приказна. Историјата тоа ќе го потврди на најубав можен начин.
Ова интервју е во прилог на неговата континуирана работа, самоиздавање и издавање на сета онаа прекрасна и уникатна музика која ја создава, за да го направи овој македонски дел од светот поНАШ.

Твојата музика, да не бидам банален, но слободно може да се нарече современа или модерна класика. Како гледаш ти на тоа? И дали можеби имаш некое твое, приватно, согледување на тие нешта?

Секако дека е современа. Секоја музика денес создадена е современа, дури и "анахроната". Веќе од почетокот на 1960-те се толкува како современа бидејки денес сите стилови и изразни средства се достапни и легитимни повеке од кога и да било. Култот кон "прогрес во уметноста" и дефинирање на нови "изми" згаснува со модерната. Авангардата тоа го потврдува и ја антиципира постмодерната која, пак, е критика на модерната. Со тоа класицизмот, романтизмот, импресионизмот, па дури и многу постари стилови, веќе стануваат пандан на современите, а оттаму и мени на современиот автор, чие што дело станува еден вид интерпретација на историјата на музиката.

Се надоврзуваш на традициите на композитори како Стив Рајх, Филип Глас, Тери Рајли….Што те однесе да размислуваш/пловиш во тој правец?

Надоврзувањето токму на овие автори кои ги споменуваш се должи на сензибилитет. Секако дека не се само овие тројца, но можеби овој стил на музика е еден од оние кој врши силно влијаније врз мене. Навистина не знам зошто, искрено не размислувам за тоа. Размислувањето во овој правец или нему сличен би ме инхибирало, никогаш нема крај. Процесот на создавање е сам по себе веќе доволно сложен за да се објасни.

Дали постои македонско наследство на кое се надоврзуваш (не само од класичарската сфера)?

Немам чувство дека припаѓам во "класичарска сфера", можеби припаѓам а за тоа да не знам. Сите кои создаваат во моментов се надоврзуваат на нешто што претходело, и на сè што е создадено на светов нешто му претходи. Можеби не се надоврзувам на конкретен македонски композитор или одредена композиторска школа, но верувам дека во музиката која ја работам, барем за миг ќе се почуствува дека е напишана од автор кој припага на ова поднебје. Секоја среќа што е тоа сè уште така.



Дали Македонија има сцена за музиката која ти ја создаваш? Дали овде има автори кои се блиски до твојот сензибилитет?

Македонија во моментов е повторно во процес на создавање на елементарна или меинстрим сцена. Цената на дисконтинуитетот, (пред сè, културолошки) веќе ја плаќаме скапо, а чинам, ќе ја плаќаат и уште неколку следни генерации.

Проблемот секако дека не е од сега. Состојбата денес е производ на инертноста и цинизмот во минатото, па оттаму секој порив да се направи нешто, да се создаде нешто, да се промени нешто, треба да се поддржи.

Сцена за овој тип на музика нема, но не треба да чекаме некој да ни ја создаде. Оние кои се сметаат себе си за автори би требало континуирано да ја создаваат преку концерти, издавање, самоиздавање... Современата класична музика живее академски живот кој подразбира една изведба годишно, исклучиво на фестивалот "Денови на Македонска Музика". Мноштвото композитори не помислуваат да напишат нота без да добијат нарачка и сè повеќе се оптоварени со админстративни прашања, најчесто поврзани со професорска кариера или админстративна функција. За композитор-уметник сето тоа би требало да биде барем второстепено. Инаку, кој да создаде сцена(?)

Од друга страна пак, "постбјелодугмизмот" го достигна нивото на музичка олигархија, па новите генерации растат со духовните чеда на босанскиот Малколм Мекларен на Турбофолкот – Горан Бреговиќ. Се прашувам како "урбаните", "скопјаните - (задоцнетите) модернисти" кои дома слушаат Тоше, Северина и Џибони, го "препознаваат" кичот во проектот 2014. Сè повеќе верувам дека истиот е олицетворение на духот на градов и неверојатно естетски комплементарен со нивото на мнозинството што живее и работи во овој град.

Се разбира дека во државава постојат автори блиски, па и не толку блиски до мојот сензибилтет кои заслужуват внимание. Некои живеат тука некои не, не би набројувал бидејки се доста и би ми било криво доколку некого заборавам.

Колку изданија имаш досега и како ги издаваш? Го купува ли тоа некој?

Досега имам шест изданија, првото во издание е на "Д Хиден Драгон", останатите се "самоиздати".

Не се продаваат.

Како се снаоѓаш како – слободно можам да речам – андерграунд музичар од стилот модерна класика во Македонија? Имаат ли институциите во Македонија уво за оваа сцена?

Сцената од тој тип е алтернативна и независна. Инаку, "андергроунд" во контекст на институција би било малтене оксиморон. Многумина во градов се декларираат како "инди" (независни), а во суштина не би издржале ни 24 часа живот како "инди". Тоа денес е прашање на имиџ и е повеке "шминка-андергроунд" отколку вистински.

Некои институции имаат уво и поддржуваат и независни-некомерцијални проекти, макар организациски, а некои, пак, вршат опструкции.

Композицијата Еу Нато е премиерно изведена на фестивалот "Скопско Лето"пред неколку години, а хорот на МКЦ ми беше достапен за работа, на што сум многу благодарен. Проектите кои се некомерцијални туку чисто ентузијастички би требало да се поддржат многу повеке, бидејќи не се популистички и за една употреба ("тејк д мани енд ран").Тие остануваат како сведоштва за едно време и го збогатуваат мозаикот на македонската историја на уметност.

Инаку, после "Змеј од Хартија", последниве години ПМГ колективот се први во државава кои се заинтересирале да издадат моја музика.

Како се гледаш себе во нашава сегашност и дали имаш некакви проекции за сопствената или можеби заедничката иднина во нашава земја?

Доколку продолжи целово ова агресивно "Шалваризирање" и политичко труење, се гледам себе си со бркови, бројаница во рака, седнат на камен пред гранап.

„Се прашувам како "урбаните",

„Се прашувам како "урбаните", "скопјаните - (задоцнетите) модернисти" кои дома слушаат Тоше, Северина и Џибони, го "препознаваат" кичот во проектот 2014. Сè повеќе верувам дека истиот е олицетворение на духот на градов и неверојатно естетски комплементарен со нивото на мнозинството што живее и работи во овој град.“

Мнозинството што живее и работи во овој град слуша Тоше, Северина и Џибони. Кичот во проектот 2014 е дефинитивно естетски комплементарен со нивото на мнозинството. Изненадувачки би било фановите на Тоше, Северина и Џибони себеси да се сметаат за модернисти, а уште поизненадувачки да умеат искрено да го препознаат кичот во проектот 2014. Напротив сосема очекувано би било истите тие (мнозинството) да го поддржуваат проектот затоа што естетиката која ја нуди е на ниво на музиката кои тие ја слушаат. Исклучок би биле само оние фанови на Тоше, Северина и Џибони кои по партиска должност мора да препознаваат кич во проектот.

Инаку честитки за новото издание. Одлична музика.