Пиво

20.07.2011 11:22
Пиво

Просто е неверојатно со какво воодушевувње и ентузијазам медиумите го проследија одржувањето на годинашниот Пиво-фест во Прилеп. Секој ден бевме уредно известувани за тоа колку тони пиво се испиени и колку килограми скара изеле прилепчани и нивните гости.

Јас знам дека за овдешните граѓани е сериозен успех квантитативно да се најадат и напијат и знам дека оние пијани гримаси, што секој ден ги гледавме како во микрофон на овдешните телевизии онака расцепкано изговараат "Моите... чессстит...ки до... организаторите", се хероите на македонската денешнина и дека го заслужиле целото внимание на овој свет, ама толкав респект од овдешните медиумски работници е просто незапамтлив за македонското новинарство. А и за што би известувале друго? За формирање на новата влада, на пример? Која нова влада? За Охридско лето... За законите за употреба на јазиците и знамињата...

Значи, кога во Прилеп би се правел "Прилеп 2014" сосема јасно би било дека на централниот споменик ќе се најдат Здравко Чолиќ и Северина Вучковиќ. Со едно 30-метарско шише "Златен даб", качено на 35-метарски постамент од бронзени ќепабчиња и шарски плескавици. Одамна, имено, не важи повеќе онаа "Леб и игри". Денес е на сила "Плескавици и пиво". Како и да е, прилепчани, а и остатокот на Македонија кој реши минатиот викенд да се разлади со жешка скара во Прилеп, може да биде задоволен – ќе бидат најадени барем до следното влегување на Гинис со правење посни сарми!

Наспроти тоа, во Скопје ништо не се случува. Освен неколку забуни на плоштадот "Македонија" и во Собранието на Република Македонија. Имено, откако е поставен споменикот на Александар Македонски се тврди дека тоа е не е Александар, туку "Воин на коњ", а откако до него е поставен споменикот на "Дедото во престол", за него се тврди дека тоа не е дедо, туку Цар Самоил. Со оглед на фактот дека нема сочувано ниту една слика, ниту било каква визуелна презентација на ликот на Самоил, што значи дека никој повеќе не знае како изгледал најславниот македонски цар (по воинот на коњ, се разбира), тогаш останува да му веруваме на авторот на споменикот. Тој, се чини, единствен помни како изгледал Самоил. Иако тогаш имаше само три години. Што не значи дека и него, како и војската на Самоил, не го ослепеле. Нас, очигледно, нè ослепеле.

Во Собранието, пак, во целост ја спроведуваат филозофијата 24/7. Дури ни Владата не може да ги стаса. Ќе усвојат во Собранието некој закон, а Владата ќе им го прати предлогот дури утредента. И се завртел, демек, на архиварката бројчаникот на печатот со датумите. Од толкава работа не може жената да достаса да го дозаврти бројчаникот! Ако се продолжи со ова темпо на враќање наназад не би се изненадил веќе во октомври собранието да прогласи дека сме во 1971 година.

Има еден споменик во Скопје кој не го доби потребниот публицитет. Додуша, во времето кога се поставуваше, беше прогласуван за привремен објект, ама денес е јасно дека станува збор за еден од клучните елементи на проектот "Скопје 2014", чие поставување толку се вклопи во целокупниот амбиент, што е повеќе од јасно дека споменикот освен трајна вредност ќе има и траен карактер. Се разбира, тоа е онаа ограда на Кејот на Вардар, пред Трговскиот центар. Помни ли некој пред колку години беше поставена и требаше да трае само една година. ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше во опозиција. Трифун Костовски беше градоначалник на Скопје. Се изградија бројни објекти и безбројни споменици, којзнае колку пати излегувавме на избори..., а оградата остана. Сега кога Калето практично не се гледа од толку многу згради, кога Камениот мост не личи на себе, кога централниот плоштад дефинитивно ја има изгубено својата функција... оградата на Кејот станува вистински симбол на Скопје и на времето во кое живееме.

Таа, имено, ако се застане под вистинскиот агол, доволно успешно го крие погледот на палмите на Коце Трајанов од другата страна на Кејот. А таквата придобивка не само што има непроценливо естетско значење, туку има и мошне важна функција во сочувувањето на менталното здравје.

А чувањето на менталното здравје, очигледно, ќе биде еден од приоритетите на новата Влада. Тоа го говори фактот што нов министер за здравство ќе биде досегашниот министер за образование и наука Никола Тодоров. Тодоров, како што на читателот му е познато, во својот краток мандат на чело на овој ресор, успеа да воспостави ментална дисциплина врз инаку ментално нестабилните универзитетски професори, да воведе откуп и субвенции на научни трудови, да испродуцира еден куп будалаштини, што ги нарече "учебници"... Така што сега може да се очекува дека, како министер за здравство, некаков сличен ред и поредок ќе воведе и со менталното здравје на нацијата. Нема да се изненадам кога на некоја следна прес-конференција министерот за здравство ќе објави дека повеќе никој не е луд. Сите ќе бидеме збунети. Ако не сме веќе и сега.

Каде е претседателот Иванов. Нешто станува иницијативен на балканско ниво. Ќе ги собере лидерите од Балканот во Охрид. Ама не од целиот Балкан, туку само од Западен Балкан. Ама не од целиот Западен Балкан, туку само од Северо-западен Балкан, ама не од целиот Северо-западен Балкан, туку... Се чини дека е во Охрид и држи самиот со самиот себе. Тука е најсигурен. Иако самитот нема да помине унисоно, сепак Иванов на крај секогаш успева да се сложи со себеси, иако не мисли така кога ќе го каже тоа онака...

Мој предлог е Пиво-фест во Прилеп да се одржува во континуитет. И уште повеќе, таму да се преселат седиштата на државните органи. И уште повеќе, да се одржува Пиво-фест исклучиво за пратениците и министрите... Барем така ќе знаеме зошто ни се случува ова што ни се случува.

Извор: globusmagazin.com.mk

ОкоБоли главаВицФото