Расизмот би бил нашата трагедија

20.07.2011 13:04
Расизмот би бил нашата трагедија

Најголемот успех на владата, визната либерализација, виси на конец. Единствената област во која Македонија покажа напредок, и даде на знаење дека не ѝ завртила грб на Европската Унија беше токму визната либерализација. Настрана од големите контроверзни политички прашања, беше тоа една добра техничка вежба, која се продаде како успешна приказна за капацитетот на нашите институции. И така, сè до неодамна. Практично се покажа и докажа тезата дека ефектот на европеизација е краткорочен и неодржлив во држави каде што не постојат независни институции, каде што рацете на политиката и приватниот бизнис ги гмечат и цедат граѓаните до последна капка корист.

Она што ретко кој го забележа во целата паника од повторното враќање на визите, е опасноста од зголемена етничка нетрпеливост и расистичко расположение кон ромската популација, која е ставена на тапет. Виновникот е најден и фатен! Институциите пресудија (ја префрлија вината), а граѓаните наивно ја прифатија играта. Наместо лутината и разочарувањето да бидат насочени кон институциите кои не се носеа со задачата, вниманието и фрустрацијата на јавноста е пренасочено и се дефокусира кон Ромите. Се случува парадокс на двојна стигматизација и дискриминација на најмаргинализираната етничка група. Прво, се соочени со системска дискриминација која не им дозволува да излезат од нечовечките социо-економски услови во кои живеат. Второ, затоа што се изманипулирани и ограбени од власта (т.е. структири блиски до власта), ќе плаќаат неосновани и непропорционално големи казни. Измената на кривичниот законик е индиректна дискриминација насочена кон ромската популација. Наместо решавање на причината, а тоа се системската дискриминација која ги потхранува неподносливите услови во кои живеат овие луѓе и справување со политичките криминални профитери, владата прави очајнички чекори, замачкувајки ги очите на јавноста со ‘решителни мерки’ против последиците на проблемот.

За жал, во Македонија e високо нивото на ‘толеранција’ (апатичност) за тоа што е прифатливо. Оттука јавното посочување на кршење на човекови права наидува на цинизам кај повеќето граѓани, кои го доживуваат како глумење политичка коректност. Затоа предлагам за момент да се оддалечиме од македонскиот контекст, за кој сме толку емотивно врзани поради што не расудуваме рационално, и да ја тестираме нашата толерантност на други слични ситуации, т.е. земји кон кои сме рамнодушни.

Има една слична приказна, која за многумина би била изненадување затоа што се работи за земја членка на ЕУ, а на многумина, ненамерно, можеби би им дала аргумент плус за евроскептицизам, кој е доста популарен и го доминира политичкиот дискурс во Македонија.
Словачка и како земја кандидат, и како земја членка на ЕУ, има прилично негативно досие во однос на третманот на Ромите: расистички мотивирано насилство, сегрегација во образование и домување, низок економски стандард итн. За жал, во однос на статусот на Ромите, европската претпристапна стратегија беше немоќна суштински да го подобри нивото на почитување на човекови права (и покрај тоа што беше тоа политички критериум). Поедноставно за Унијата беше во 1999 да ја признае Словачка како земја која го исполнува политичкиот критериум за почеток на претпристапни преговори, и во 2002 експлицитно уште еднаш да потврди дека Словачка е безбедна демократска земја (“safe country of origin”), со цел да оневозможи основа за азиланти, кои реално доколку се гледаат условите во кои живеат, а не и етикетата со која е означена Словачка би имале основа за азил.

Во 2001, само 90 азиланти (Роми) од Словачка беа доволни за ЕУ да се закани со воведување на визи. Во рок од еден месец владата одговори со ‘соодветни’ мерки, односно усвои инструкции за построги гранични проверки на “граѓаните кои се сомнителни дека би емигрирале”. Оваа блага мерка, во споредба со македонското решение, беше остро критикувано од здруженијата за човекови права толкувајки ја како повреда на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, конкретно на член 5 (d) (ii) кој забранува било каква дискриминација по основа на раса, националност, етничка припадност при практицирање на правото да напушти било која земја, вклучително и својата…

Article 5

In compliance with the fundamental obligations laid down in article 2 of this Convention, States Parties undertake to prohibit and to eliminate racial discrimination in all its forms and to guarantee the right of everyone, without distinction as to race, colour, or national or ethnic origin, to equality before the law, notably in the enjoyment of the following rights:
(d) Other civil rights, in particular:
(ii) The right to leave any country, including one’s own, and to return to one’s country;

Критиките не вродија со плод, и за жал Ромите беа и се жртви на институционалната дискриминација и насилство подржано и несанкционирано од својата држава од една страна и на ксенофобијата на ЕУ од друга страна.
Треба да се потенцира дека мерката која беше превземена од словачката влада е во согласност со ЕУ стандардите, но е без сомнение дискриминирачка затоа што иако индиректно, јасно е насочена кон една етничка група.

Стратегијата на Македонија аплицира построги мерки, но во суштина е иста: нaправи ја жртвата виновник, премногу е слаба за да мобилизира подршка, така политиката лажно ќе си го обели образот дека работи и превзема мерки за да ги заштити граѓаните од ‘нецивилизираните Роми поради кои ЕУ ќе им го врати визниот режим’. Промената на кривичниот законик и воведување на драконски казни за лажните азиланти е неоправдана, непропроционална и во крајна линија лицемерна. Посочување на “виновник” е опасна стратегија со која си играат политичарите. Поттикнување на нетолеранција и нетрпеливост може да нè турне по патот на Словачка (или Унгарија) и нејзините методи на решавање на “ромското прашање” кое е многу понасилно од моменталниот неправеден третман кој го имаат Ромите во Македонија.

Извор: putonthelight.blog.com

KOj e avtorot na tekstot?

KOj e avtorot na tekstot?

Авторот е анонимен/анонимна

Авторот е анонимен/анонимна блогер/ка.

Поздрав

Штета, заслужува име! Браво

Штета, заслужува име! Браво до него/неа.

ОкоБоли главаВицФото