Траумата од третиот мандат на Груевски

21.07.2011 13:12
Траумата од третиот мандат на Груевски

Договорот Груевски-Ахмети предизвика судир на две парадигми во разбирањето на политиката. За опозицијата тоа е потврда дека владината политика оди повторно против легалитетот и демократијата, а власта ни демонстрира дека политиката, во основа, е цинична дисциплина во која моќниот го прави она што го смета дека е најцелисходно за него. Инаку, ова не е прв пат власта да биде обвинета дека го крши Уставот и дека го поткопува правниот поредок.

Но, дури и да не е повреден Уставот, како што тврдат владејачките партии, сепак, остануваат спорни барем два аспекти – прво, нетранспаретноста и второ, избегнувањето на процедурата, проблеми кои, според мене, заслужуваат одделни анализи. Како и зошто се испазариле Груевски и Ахмети во однос на употребата на јазиците, знамињата и за хашките предмети, се прашања кои се во доменот на моралот и на политичката одговорност во најширок смисол на зборот. Неспорно е дека "големите одлуки" што ја тангираат мултикултурноста на Македонија, како впрочем и сите други поважни одлуки, мораат да поминат низ иглените уши на високата политика. Банално е да се укажува дека вакви одлуки доаѓале и ќе доаѓаат од самиот политички врв, без оглед дали мотивите биле шверцерски и непринципилени или биле искрени и добронамерни. Но, дури и намерите на Груевски и на Ахмети да се добри, односно дека одлуките се донесени за да се покаже лидерство и подготвеност да се затвораат некои чувствителни поглавја во македонско-албанските односи, сепак, методите за реализација и за промоција – се погрешни. Одлуката на власта, оспорените закони да се донесат по скратена постапка, а тоа значи набрзина, без конструктивна расправа и без широк консензус, при што се нагласува диктатот, наместо потребата од здрав собраниски дискурс, не оди во прилог на демократија, а не придонесува и за градење добри меѓуетнички односи.

Пред да се случи првото искричење помеѓу власта и опозицијата, бев преокупиран со една друга дилема. Македонија е една од ретките земји каде по изборите не се појави ниту една посериозна анализа на едноставното прашање – што треба да очекуваме од старо-новата влада? Обично во другите држави е вообичаено да не се чека инаугуративниот говор на премиерот за да се јават поамбициозни проекции за владините приоритети и за евентуалните промени во политиките. Така е во светот, но во Македонија, оваа дилема, со право, ќе се разбере или како наивност или како глупост. Дека е тоа така, говори и фактот дека и апологетите на власта, а и нејзините критичари, како да се договорија да ја игнорираат оваа тема. За апологетите е јасна работата – тие не го третираат ова прашање, бидејќи, веројатно, им е забрането да се занимаваат со трансценденции. Освен тоа, медиумите блиски на власта, во оваа триумфалистичка фаза, максимално се посветени на случувањата кај губитниците и максимално ќе го поттикнуваат чувството на загубени илузии.

Но, зошто критичарите не се впуштаат во промислување на третиот мандат на Груевски или на она што ќе му даде белег на наредниот период? Одговорот е многу едноставен – оваа тема предизвикува болка. Самата помисла дека Груевски ќе има уште еден мандат е како кога ужасот нагло ќе прострели, како повод за безгранична жалост и депресија, како прашање што е проникнато со страв, како темна сенка врз нашиот животен пејзаж. Да бидем искрен, и јас самиот одвреме-навреме боледувам од оваа депресивност и тешко ми е да прежалам што овие избори му овозможија на Груевски толку лесно да се исплакне од сите валканици и ирационалности што ги создаде во овие пет години. Но, дали болката може да се излекува ако човек бега од неа или се обидува да ја потисне? Тешко, практички, тоа е невозможно.

Оттука, кога наивно и глупаво го поставив прашањето за третиот мандат на Груевски, го имав предвид значењето на преболената траума, дека во политиката емотивноста мора некогаш да се стави во загради за да дојдат до израз трезвеноста и рационалноста. Колку порано се примени оваа рационалност – толку подобро. Ако ништо друго, критичкиот ум, по природата на нештата претпоставува мажествен, а не плачлив и депресивен карактер. Тоа истото треба да важи и за опозицијата.

Промислувањето за старо-новата влада треба да ги опфати и некои заблуди и недоволно елаборирани позиции кои превладуваа кај критичарите на власта. На пример, во моментов е доминатно уверувањето дека Груевски и во својот трет мандат нема ништо суштествено да промени во својата политика. Стратегијата што победува не се менува, е мотото на неговата политичка филозофија. Тоа значи дека тоталната контрола врз сите процеси во општеството и врз сите фактори и актери, битни или помалку битни, ќе се спроведува со истата систематичност и жестокост како што беше и досега. Груевски е веќе прочитана книга и не треба да постојат сомневања дека тој ќе се откаже од монополизација на моќта и од авторитарноста.

Сите овие констатации се точни, но овие тези стануваат веќе здодевни поради општоста и поради тоа што многу малку беа кажувани од т.н. обични луѓе. На Груевски му одеше во прилог што за апсолутизмот и за антисистемот не се изнаѓоа соодветни примери како тоа изгледа на микро ниво, како тоа се одразува во секојдневниот живот. Затоа, овие теми, наместо со високопарен интелектуализам, треба да се раскажат и како човечка сторија. Тие треба да се приземјат и да се врзат за конкретни луѓе и ситуации.

Втор проблем е што крахот на Груевски често се доведуваше во врска со очекуваниот банкрот на државата, при што критичкиот дискурс премногу школски ја третираше оваа теза. Имам впечаток дека вредносните судови ги поклопија фактичките и дека се претера со паушалните процени и со катастрофичните сценарија.

Неспорно е дека Владата на Груевски води крајно погрешна и многу опасна економска политика која, кога-тогаш, ќе колабрира. Власта, навидум е во предност што сè контролира и со сè располага, но таа премногу го "цеди" стопанството и троши нерационално, поради што мора да се задолжува сè повеќе. Од друга страна, поради популизмот не е способна ништо продуктивно да направи, а не е подготвена да го стегне ременот, односно да го урамнотежи буџетот со реалните можности на стопанството. Впрочем, таква е судбината на популизмот, балонот ќе лета сè додека не пукне и тоа денес го гледаме и во Грција и во многу други држави. Значи, прашањето не е дали, туку кога и како. Но, точната процена за датумот на крахот ретко кој ја знае. Не сум финансиски стручњак и моето мислење е во основа ирелевантно, но ми се чини Груевски може да го дуе балонот многу подолго одошто се мислеше на почетокот од неговиот мандат. Во секој случај, Владата ќе ја темели својата стратегија врз очекувањата дека и за овој мандат Македонија нема да се соочи со голема финансиска или должничка криза. Несомнено, за Македонија е подобро последиците од лошата економска политика и од презадолжувањето да се покажат побрзо, отколку да се кумулираат и загубите и долговите. Но, овие прогнози се засега најдубиозните и најпроблематичните поенти кај критичарите и затоа треба голема претпазливост.

Сепак, ако веќе се прават процени што е тоа што може битно да ја промени сликата или политичката конфигурација во третиот мандат на Груевски, тогаш новото треба да се бара во релацијата власт-опозиција. Дека во Македонија многу работи се изместени од нормалноста, дека демократијата е сериозно разнишана и извалкана, сведочи и фактот што во поголемиот период во изминатите пет години, власта стана ноќна мора за опозицијата, наместо да биде обратно. Тоа е точката на преломот и тоа им е јасно и на Груевски и на Црвенковски. Затоа, Груевски уште на стартот од новиот мандат навестува дека нема намера да се откаже од супериорноста, која освен политичка и финансиска, добива и морална димензија. Но, ако СДСМ се радикализира согласно сложеноста на состојбите и успее да ја преземе иницијативата со реален притисок на терен, тогаш, третиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде ни приближно толку здодевен и мачен како што беше случајот со досегашните два.

Радикализмот на опозицијата останува прашање на волја. Радикализмот го има умниот легитимитет, бидејќи само така може да се врати балансот во силите.

Слики: Sophia Martineck

Извор: globusmagazin.com.mk, 19.07.11.

Ама немој да плачеш ако некој

Ама немој да плачеш ако некој се радикализира врз твојот грб.

ОкоБоли главаВицФото