Книгата која го раздрма светот

24.06.2009 12:06
Книгата „Мал црвен прирачник за на училиште“

Првобитно објавена во Данска, а потоа во В. Британија во 1971 година, The Little Red School Book (или во слободен превод: Мал црвен прирачник за на училиште) предизвика големи контроверзи во неколку земји, вклучувајки ги и В. Британија и Австралија.

Иако беше во слободна продажба во САД и многу други земји, оваа книга исто така беше забранета во Франција и Италија, и како резултат на судскиот процес кој беше следен со огромен интерес од јавноста, во Британија беше објавена во цензурирана форма. Во Австралија книгава беше цел на вжештени дискусии во општеството и владата, додека конзервативниот дел на властите повикуваше на нејзина забрана.

The Little Red School Book е дело на двајца дански учители, Сорен Хансен и Јеспер Јенсон. Насловот на оваа книга е земен од познатата кинеска публикација “The Little Red Book” (чиј вистински наслов, пак, е Одбрани цитати од претседателот Мао Це-Тунг) која беше задолжителна „лектира“ за секој добар маоист во 60-тите години на минатиот век. Моделирана врз примерот на советите на Мао за како да се биде револуционер, The Little Red School Book беше опишувана како „суштествен прирачник за деца за тоа како да се предизвика авторитетот на образовниот систем“. Дваесет од стоте страници се посветени на сексот, а триесет на дрогите, вклучувајќи и алкохол и цигари. Остатокот се задржува на испрашувањата, обврските на учителите, дисциплината, интелегенцијата и различните видови училишта.

Иако, општо земено, книгичкава ги охрабрува учениците да работат во рамките на системот за да постигнат подобри резултати, британската влада ја сметала за непристојна и субверзивна. Според одредени владини документи од 1972 г., неколку министри биле за нејзино забранување. Посебен извор за загриженост претставувал благиот антиавторитативен „моќта е во учениците“ политички став.

Но сепак, сексуалната содржина е најголемата причина за отпорот што се појавил во В. Британија и Австралија. Повеќето лекции за сексуално образование, како и за дрогите, во тоа време биле со огромен моралистички тон, биле ултраконзервативни и нетолерантни кон алтернативниот сексуален или секаков друг начин на живот. Во споредба со книгите кои во тоа време проповедале дека „хомосексуалноста е психичко пореметување“ или „јајниците на младите жени не се спремни за оплодување додека не се омажат“, The Little Red School Book дава искрени, точни и чувствителни совети во врска со сексот и дрогите.

Токму тој искрен тон во книгата ја направил мета на оние кои биле решени да се спротивстават на она што за нив претставувало сексуално ослободување. На 31 март и 1 април 1971 година, една издавачка куќа во Лондон била претресувана од одделот на Скотланд Јард за непристојни изданија, при што стотици примероци од книгата биле запленети, а соптвеникот на книгоиздателството, Ричард Хендисајд, бил обвинет за „поседување непристојни книги и обид за стекнување добивка со нивно објавување“.

The Little Red School Book, всушност, била бестселер за издавачот - во првото издание се продала во 20 000 примероци, а второто издание било подготвувано во 50 000. Рацијата на полицијата предивикала паника во лондонските издавачки кругови, од кои (околу 20 издавачи) највлијателните се здружиле за да оформат заштитна група и дури имало размислувања за повторно печатење на книгата, но потоа неколку од издавачките куќи се повлекле и Хендисајд бил оставен сам на себе.

Втората фаза од кампањата против книгата била уште понечесна бидејќи вклучувала суптилна и цинична манипулација на британскиот правен систем од страна на конзервативните елементи во владата и правниците.

На 1 јули 1971 година, Хендисајд бил прогласен за виновен и казнет со 50 фунти, а запленетиот материјал бил задржан. Иако не бил казнет со затвор (како во други слични случаи), Британскиот национален совет за граѓански слободи се изјаснил дека не е задоволен од начинот на кој се водел процесот, нарекувајќи го случајот „апсолутна одлука од која ни се гади... еден од најподмолните чекори против слободното изразување што сме го виделе во земјава во подолго време.“

Денес книгата The Little Red School Book е далечно сеќавање за повеќето луѓе што тогаш биле сведоци на овие контроверзи, а сè повеќе 40-годишници (особено во земјите во кои предизвика најголеми полемики и судири) немаат слушнато за неа. За книгата беше снимен и документарен филм во 2007 година, The Book That Changed the World, во која данските автори се интервјуирани. Во документарецот Хансон и Јенсон откриваат дека биле предмет на силен притисок во Данска - Хансен ја изгубил работата како учител, а обајцата биле критикувани дека се субверзивни и дека се обидуваат да ги „претворат децата во изроди“.

ОкоБоли главаВицФото