1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Прочитав и дека директорот на ДБК Сашо Мијалков, потврден патриот, има чешка патна исправа, односно чешко државјанство! Има ли уште држави, освен Македонија, во кои првите контраразузнавачи имаат двојни државјанства? И, наеднаш, се сетив на композиторот Беджих Сметана и неговата композиција „Мојата татковина“. На чешки, композицијата се вика „Мá власт“. Имено, зборот „власт“ на чешки значи „татковина“. Изгледа дека Мијалков и неговите се на добар пат да ја укинат таа разлика меѓу двата јазика така што „моја татковина“ на македонски ќе значи „моја власт“. Барем дури се тие на власт.
05.01.11.
Во „Амаркорд“ на Фелини има една антологиска сцена во која маглата ја заробила Италија со која владее Дуче. Луѓето талкаат низ неа, се довикуваат, се бараат и не можат да се најдат, губат ориентација. Таква е и нашата магла, онаа околу нас и онаа во нас. Обезглавени, се изгубивме во неа и никако да ѝ го најдеме крајот. Маглата лаже. Маглата оддалечува, ги затапува сетилата, видот и слухот. Маглата го заматува умот, па ни се чини дека она што им се прави на тутунарите и во А1 се случува некаде далеку и затоа не нè засега. Маглата го голтна млекарот Душко Илиевски, маглата ги голта тутунарите Владо Петрески и Кире Неделковски, маглата ќе ги голта сите, таа е слепа за партиските книшки.
13.01.11.
Во Бекетовата драма „Чекајќи го Годо“, робот Лаки го влечка куферот на својот господар Поцо. Се порева, се тетерави, но камшикот во рацете на господарот го убедува да продолжи по Голготата. Двајцата кои го чекаат Годо, Диди и Гого, најпосле собираат храброст да го прашаат господарот Поцо што има во куферот. „Песок“, гласи одговорот. Што ќе има во куферот што ќе ни го тапоса Груевски по враќањето на Вашингтон? Канта бензин за разгорување на огнот што го потпалија паликуќите на власт? Ќе го свиткаме вратот или ќе одбиеме да се топлиме на пепелта на нашите огништа?
16.02.11.
Недоветна е божемната недоветност на малолетните полнолетни груевисти, нивните партиски сателитчиња и медиумските комбинати. Недоветни им се сите напрегања да ги забошотат заушките што Н.Г. ги доби во Вашингтон. Таму го истуркаа на тротоарот да ни расправа како, божем недоветен за тоа зошто го викнале Бајден и Клинтонка, им продавал басма за „ѕвездените мигови“ на Македонија предводена од него и од неговиот режим. Стратегијата на недоветната божемна недоветност се распрсна како меур од сапуница, кога Американците, не од тротоарот туку од Белата куќа и Стејт департментот, од прва рака нè информираа дека на Н.Г. му ја соопштиле својата загриженост за загрозеното владеење на правото, слободата на медиумите, граѓанското општество и меѓуетничките односи.
23.02.11.
Три години трае „преродбеничкиот“ лов на предавници, платеници, продадени души, соросоиди, изроди и што ти уште не. Три години нè навредуваат, клеветат, колнат и нè пцујат, небаре навредите, клеветите клетвите и пцостите можат засекогаш да го камуфлираат злосторството, кое ќе остане запаметено како ограбувањето на Македонија. Три години јавните добра се преточуваат во приватни џебови. Три години осиромашува Македонија, три години се збогатуваат груевистите. Слој по слој, граѓаните на Македонија лелекаат и пиштат дека гладот им тропа на врата. Режимот на Груевски ниту ги гледа, ниту ги слуша, им ги празни џебовите, па им потфрла рефус, што би рекле еснафите.
02.03.11.
„Занеми, Македонијо“, порачуваат груевистите со зборови и дела. А делата им се бездушни. Таква бездушност Македонија не беше видела пред да биде заробена од јамката груевистичка. „Замолкни, Македонијо“, порачуваат груевистите, „нека замолкнат А1, „Шпиц“, „Време“ и „Коха е ре“, партиската и непартиската опозиција, умот и разумот нека застанат!“. За да може да продолжи лудилото на власта портокалова. Има уште место во преполнетиот затвор во Шутка, порачува Груевски, а истражниот судија исполнува. Со еден туфек, по два зајаци. Семејството и слободата. Здравјето и образот. Правото и правдата. Жените и децата. Животот. Со секоја неправда, со секој уништен живот, груевистите и нивните послушници сè повеќе се оддалечуваат од човечноста. Демократијата и владеењето на правото ги згазија уште на изборите во 2008 година, а ги погребаа на 25 ноември 2010 година.
02.03.11.
Нема сомнеж дека претстојните избори ќе бидат највалканите досега. Груевски и груевци ќе ги употребат сите средства што им се на располагање за да го избегнат заслужениот пораз. Ќе го испразнат буџетот и ќе ја дозадолжат Македонија преку мера. Ќе поткупат сè што може да се поткупи, ќе заплашат сè што може да се заплаши, ќе залажат сè што може да се залаже, ќе уценат сè што може да се уцени. Скапо ќе го платиме поразот на Груевски и груевци, но многу поскапо ќе ја плаќаме нивната победа. Со нивната победа ќе умре надежта. Со нивниот пораз, таа ќе воскресне. Ќе ни се врати на бранот на растечкото незадоволство, бранот кој добива на сила со секоја нова неправда, лага, грабеж и поскапување, со изливите на бездушност и нахалност кои се множат. Но се множат и изблиците на гневот на излажаните граѓани. Јамката на сиромаштијата стегнала толку што лажливите ветувања веќе не помагаат. Груевци чувствуваат дека сонцето во нивната мала империја заоѓа. Ги фаќа страв и несоница. И бладаат, буричкаат и бербатат.
17.03.11.
Во постомунистичката транзиција, позната како „втора акумулација на капиталот“, увозно-извозните претпријатија основани од тајните воени и полициски служби, речиси без исклучок се претворија во фирми со големи и опасни апетити да бидат држави во држави. Денес во Македонија најбогата фирма е партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Таа не е држава во државата, таа е држава над државата. Нејзината моќ ја надмина моќта на сите фирми на „новите богаташи“ заедно.
26.05.11.
Разумот ми велеше дека груевци ќе направат сè за да ја задржат власта што им се услади. Емоциите ми велеа дека сепак мора да има некаква црвена линија која ни груевистите нема да ја згазат. Ја згазија. Се заборавија поради преголемата леснотија со која Македонија им се покори. Премногу долго им поминуваше и лагата и кражбата. А кога почнаа да тонат и нивното претање почна да го крева талогот од дното, се претворија во давеник кој се заканува да ги повлече со себе на дното и оние чие верување се расколеба. Прегратката на давеникот се претвори во костец кој, ако не се раскине, се заканува да ја потопи и Македонија. Затоа Македонија мора да се ослободи од тој костец.
01.06.11
Ваква порака на првиот ден по изборите ни испрати претседателот Иванов. Цитирам: „Од друга страна, сметам дека изборите отворија редица прашања за функционирањето на некои сфери од јавно значење, како што се медиумите или невладиниот сектор. Очекувам во наредниот период да ја пронајдат и дефинираат својата значајна улога во општеството и во демократијата“. Кутриот наш претседател, некогашен професор, автор на книгата „Цивилно општество“, прифатил да изврши еден недостоен налог. Прифатил да подготви терен за дефинитивно замолчување на граѓанското општество или барем за нов политички погром. Прифатил да го подметне обвинението дека (сите) медиуми и невладини организации (допрва) треба да ја пронајдат и дефинираат својата значајна (!) улога во општеството и демократијата. Тој, Ѓорге Иванов, снабден со претседателско полномошно, очекува медиумите и невладините организации да се покајат и покорат. Веројатно да се откажат од својата контролна улога што ја имаат во цивилизираниот свет. Она што нашиот претседател се нагрбил да го изнесе на својот грб се вика замолчување на јавната критика на злоупотребите на власта. Дали треба да очекуваме десет претседателски заповеди за тоа што смеат и што не смеат медиумите и невладините организации?
07.06.11.
Бараат да занемиме за убиството на синот и да станеме соучесници во злосторството. Бараат да оглувиме за крикот на мајката и да станеме соучесници во нечовечноста. Премногу! Ни три пати по толку гласови не би им дале право да очекуваат лопатите на „преродбата“ да ги заглушат лопатите на гробарите. Сопствената одроденост не можат да ја камуфлираат со итроштини од арсеналите на тајните служби. Всушност, обидите на Латас да им импутира на младите граѓани дека се манипулирани од СДСМ, „соросоидите“ и кој ли уште не, претставуваат обид да се ампутира нивната интелигенција, нивните емоции и разум, нивниот инстинкт да застанат во одбрана на правото и правдата. Колку што гледам, тие го отфрлија тој гнасен обид. Одбија да бидат отпишани како извршители на нечии налози. Извршителот Латас тоа никогаш нема да може да го разбере. Извршувањето валкани налози е единственото негово умеење.
14.06.11.
Еден по еден, Груевски ги згази бастионите на слободата и демократијата. Не му беше тешко да го направи тоа зашто сите се надеваа дека ќе преживеат доколку направат „мали” отстапки. Тие „мали” отстапки се претворија во големи концесии чии жртви беа слободите и правата. Правото да се биде член на друга партија освен на владеачката, правото да се има политички став спротивен на ставот на владеачката партија, правото да не се гласа за владеачката партија или, скраја да е, да се гласа за демонизираната опозиција. Груевистичка Македонија стана темен вилает, не помалку темен од оној во „Дервишот и смртта” на Селимовиќ. Еден ум, една партија, една телевизија, еден весник, се чини дека ова е идеалот кон кој цели Груевски.
29.06.11.
Слики: Дарко Марковиќ - Пецко
И да не е кодош, огавно
Испратено на 27 јули 2011 од ЏордиИ да не е кодош, огавно старче е. Аман више од него.