1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Постојат одредени човечки однесувања за чија злосторничка нарав нема никаква дилема. Ретко кој нема да се согласи со тоа дека убиството, грабежот или силувањето се гнасни дејствија кои заслужуваат остра реакција на казнено-поправниот систем и – што е можеби уште поважно – безрезервна морална осуда. Таков однос кон злосторството е залог на опстанокот на нашата цивилизација. Последниве стотина години светската историја покажа дека во каталогот на грозните однесувања недостасува една идеологија, една доктрина, една состојба на умот, еден светоглед. Во секој случај, осудата на тој светоглед сè уште не е доволно јасна, доволно недвосмислена и доволно категорична. Сè уште тој светоглед не го предизвикува гнасењето кое го заслужува, иако во многу прилики докажа дека води кон убиство, страдање, сиромаштија и неслобода.
Се работи за светогледот според кој поделбата на луѓето на расни, верски и етнички групи има неискажлива, речиси мистична важност. Во својата опседнатост со таа заблуда, неговите поддржувачи сметаат дека припадниците на различните расни, верски и етнички групи треба да живеат одвоено, и тоа, во посебни држави во кои мнозинската група ќе ужива повластен статус. Тие не остануваат на тоа, туку се убедени дека во постигнувањето на таа цел се дозволени сите средства и дека движењето кон таа цел ги укинува сите морални вредности, бидејќи токму во неа гледаат најголема морална вредност. Но тие не се задоволуваат ни со тоа, туку сметаат дека припадниците на некоја друга расна, верска или етничка група не заслужуваат само да бидат иселени туку и – освен омраза и понижување – заслужуваат смрт.
Во зависност од историските околности, размерите на омраза, понижување и убивање се различни. Понекогаш се извршуваат во облик на апокалиптичното Конечно решение според кое една цела етничко-верска група треба да исчезне од лицето на земјата. Понекогаш во облик на навреда, затскриена зад анонимноста на интернет блогот. Понекогаш во убиството на сите возрасни мажи во едно гратче од источна Босна. Понекогаш како ладилник полн со мртви трупови. Понекогаш како присутност на министерството на спроводот на осомничените за воени злосторства. Понекогаш како терористички чин со кој се урнати два облакодера во еден велеград. Понекогаш како убиство на деведесетина лица на еден нордиски остров. Вака или онака, суштината секогаш е иста: самонаречените претставници на некоја расна, верска или етничка група чувствуваат непријателство кон друга расна, верска или етничка група. Од морална гледна точка сосем сеедно е дали таа друга расна, верска или етничка група само антипатична или се уверени дека треба да биде уништена до последниот припадник. Разликата меѓу антипатијата и убиството се сведува на тоа дека убиството се санкционира казнено-поправно, додека антипатијата често се артикулира во легална политичка програма, иако и зад убиствотѕо и зад антипатијата стои истата морална изопаченост, едното и исто верување дека расните, етничките или верските Други „мораат да знаат каде им е местото“. Сеедно е дали некој тоа „место“ го гледа во гетото, на социјалните маргини, во концентрационен логор, на губилиште или „само“ од другата страна на државната граница. Единствената разлика меѓу Андерс Брејвик и малограѓаните на кои им пречат екавицата, џамиите, хомосексуалците, црномурестите или Шиптарите е во тоа дека Брејвик реши да пука, додека малограѓанинот спие во илузијата дека неговата омраза е безопасна. Не е. Дури и кога никој никогаш не би страдал поради расна, верска и етничка исклучивост, таа исклучивост би била неморална. И да не е неморална, би била глупава и излишна како некаков си хистеричен каприц.
Сосем сеедно е дали тој каприц ќе се артикулира како примитивна предрасуда или како нагон за убивање, или некој ќе го нарече нацизам, фашизам, национализам, шовинизам, ксенофобија, нетрпеливост, фундаментализам или, пак, невин патриотизам. Неговите ефекти секогаш се исти. Дури и кога не убива, тој каприц понижува бидејќи ги дели луѓето на произволно и непотребно стигматизирани групи, на оние кои заслужуваат или не заслужуваат љубов или оние кои заслужуваат омраза.
Опседнатоста со расните, етнички и верски разлики – а омразата и убиството се законски деца на оваа опсесија – сладострасно предизвикува сопствено мачеништво за да се увери себе си дека е оправдана, праведна и одбранбена. Еден српски националист неодамна изјави дека српството не изградило на Јасеновац онолкав голем капитал колку што можело. Значи, тој во логорот не гледа ужас туку причина за нови колежи. Одамна некој толку јасно и толку цинично не ја искажал суштината на расната, верската и етничката нетрпеливост, таа морална уцена која се прехранува со сопствените трупови. Подеднакво, зад повторувањето на тезата за одбранбената војна, хрватските националисти во судбината на хрватските жртви не гледаат човечка трагедија туку соодветно средство за оправдување на омразата и злосторството. Несомнено и Андерс Брејвик наоѓал морална инспирација за својот потфат во жртвите од терористичкиот напат на Светскиот трговски центар во Њујорк. Сите нетрпеливости се исти, а најопасни се кога успеваат да се уверат себе си дека “само“ се бранат.
Кога Норвешка би ја вовела смртната казна и поради Брејвик би се откажала од својата демократија, таа по втор пат би ги убила своите жртви. Би им се случило истото она што им се случи на жртвите на Јасеновац, Шкрабрње и СТЦ кои во перфидна моралистичка злоупотреба се убиени по втор пат во Вуковар, во Паулин Двор и на островот Утоја. Се чини дека норвешкиот премиер Јенс Столтенберг бил свесен за тоа кога далекувидно изјави дека Норвешка нема да се откаже од своите вредности и дека на злосторството ќе реагира со уште повеќе демократија, отвореност и човечност. Андерс Брејвик ќе има чесно судење, она кое токму тој им го ускрати на сите кога имаше можност за тоа. Демократијата и кон своите противници постапува како со граѓани. Национализмот и со сопствените припадници постапува како со мртви бројки.
Андерс Брејвик не се чувствува виновен, исто како и поголемиот дел од обвинетите од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија. По тоа националистите и расистите се разликуваат од обичните разбојници. Убијците, силувачите и ограбувачите знаат дека прават нешто што е лошо и забрането. Речиси никогаш не морализираат пред судот и не се обидуваат да ги поравдаат своите дела со историски причини туку, во најдобар случај, повторуваат дека имале тешко детство. Оние, пак, кои убиваат и ограбуваат во името на расата, нацијата или верата не се чувствуваат виновници туку како праведници и јунаци. Токму таа моралистичка самодопадливост, токму таа слепа верба во исправноста на сопствените мотиви ја порави расната, етничката и верската омраза толку одвратна, поодвратна од класичниот криминал. Под анестезијата на патриотизмот нема ни сомнеж ни каење. Пречесто љубовта кон Својот послужи како засолниште зад кое се стрелаше врз Другиот. Толку често што ги изгуби моралниот кредибилитет и политичкиот легитимитет. Ако некогаш и ги имала.
Цивилизацијата која ги осудува убивањето, ограбувањето и силувањето должна е со подеднакво, ако не и поголемо гнасење, да ја осуди и расната, етничката и верската омраза бидејќи таа омраза не е ништо друго освен предумисла за масовно убивање. Предумисла која ја чека својата можност, своите мртви и своите разорени градови кои ќе се одмаздуваат „до вашата или нашата истрага“.
Или расните, етничките и верските различности ќе се сведат на само уште една од многуте особини според кои се разликуваат поединците или – ако им дозволиме да станат основна вредност и најважна доблест – ќе го загрозат моралниот и физичкиот опстанок на човечкиот род. Ако човечкиот род одбие да сфати колку расната, етничката и верската различност е небитна и колку е смртоносна кога ќе почне да се прикажува како битна, ќе се откаже од самиот себе бидејќи токму разните различности го прават човечки.
Крајно време е да се откажеме од заблудата дека ќе настапи идилична благосостојба кога ќе се отстранат непожелните Други. Таа заблуда, меѓу другото, е и многу глупава. Кога сите Евреи, сите Арапи, сите Срби, сите Хрвати, сите хомосексуалци или сите црномурести ќе бидат понижени, ограбени, иселени или убиени, ќе дојдат и по вас. Лесно ќе се сетат на некое каприциозно оправдување. Во тоа се мајстори. Во ред, нема да ве убијат, ама секако ќе ве ограбат и понижат. Веројатно сте забележале дека веќе се случило тоа.
Извор: Tportal.hr
Цртежи: Ролан Топор