1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Минатата недела, "Дневник" излезе со бомбастичен наслов - "Кога ќе расчистиме со комунизмот?" На прашањето зошто Македонија остана "пуст комунистички остров", одговор понуди професорот Димитар Мирчев. Според него, "транзицијата која на политички план почна со независноста во одредена мера беше и во знакот на конвертитството од монопартизмот во плурализам, но со задржување на традициите и шемите на монопартизмот, па и на тоталитарното мислење. И ден денес, тоа се чувствува во политичкиот живот. Прашањето како да се ослободиме од тој реликт ако постојано не се потсетуваме и дистанцираме од него." Оваа оцена на Мирчев, во основа е коректна, но сепак, е недоволна за да се разбере комплексноста на проблемот, односно, зошто некои сè уште ја нарекуваат Македонија како "комунистичко бастионче".
Затоа, ќе се обидам да понудам видување за неколкуте најважни пунктови околу нашиот наводен неуспех да се справиме со комунизмот, но и ќе се обидам да ги откријам мотивите зашто деновиве одново нè заплисна силниот антикомунистички бран.
Не требаше да помине многу време за да се открие железниот закон на вмровската драматургија. Кога ВМРО-ДПМНЕ тргнува во лов на некоја важна личност, по правило, јавноста прво се подготвува да се соочи со наплив од новинарски текстови и од пропагандистички памфлети за нашето темно минато, за кое комунистите или левицата во целина ќе бидат обвинети дека носат огромна историска одговорност. Така, заради "драматургот", ВМРО-ДПМНЕ реши да направи драма поради комунизмот.
Но, пред да стигнеме до "драматургот", прво треба одговор на дилемата што ја нафрли власта – зошто не го поразивме комунизмот? Зошто бевме неуспешни на овој план? Или, зошто оваа власт се обидува да нè убеди во тоа?
Пресметката со комунизмот не дава резултати ако се сака да се изврши насилство врз историјата – она што било бело да се направи црно и обратно. Тоа значи минатото да го скроиме по мерка на сегашноста, при што ќе доминира теолошкиот образец на дополнителна памет. Пресметката со комунизмот требаше да почне со признанието дека сме немале дисиденство и дисиденти ни приближно од Хавелов тип. Екстремните националисти и квислинзи се покажаа како алтернатива на комунизмот, но со нив не се оди во Европа, тие можат да бидат искористени само во националните граници и на определено време.
Втората причина зашто не се справивме со комунизмот според стандардите на оваа власт, е и фактот што дисидентскиот дискурс во повеќепартизмот се реинституционализира во "антикомунизам без објект", или како што забележа словенечкиот социолог Растко Мочник – во антикомунизам без комунизам. Оттука и инфлација од дисиденти и од фиктивни жртви на комунизмот во бивша Југославија. Оттука, антикомунизмот стана димна завеса за еден нов тоталитаризам или најлесен начин за дефокусирање од вистинските проблеми и предизвици. Битката против комунизмот беше прво јазикот на омразата, а потоа премина во омраза спрема друга нација. Антикомунизмот, како што воочи Загорка Голубовиќ, беше мрзеливиот грч на интелегенцијата, производител на алиби играта и грандиозен генератор на социјалната неодговорност во тешките времиња со кои се соочија државите од Западниот Балкан.
Третата причина зашто Македонија изгледа како "последниот комунистички остров" во Европа, а посебно на Балканот, е што битката против комунизмот не беше искористена за ерозија на антифашизмот, придобивка со која народите на бивша Југославија, а Македонија, особено, треба да се гордеат. Македонија, засега, добро помина што не ги направи грешките што се случија во Србија и во Хрватска на почетокот на деведесеттите. Новата ревизионистичка историографија и публицистика во Србија и во Хрватска се обиде бившите квислинзи и Хитлеровите сојузници на Балканот да ги претстават како жртви, а нивните жртви (комунистите) ги демонизираа како џелати. Антифашизмот се оценуваше како штететен и ирационален бунт, а квинслиштвото во разумна национална политика. Тито од херој се преобрази во упропастувач на националните каузи. ВМРО-ДПМНЕ во раните деведесетти правеше огромни напори да го рехабилитира Ванчо Михајлов, крвник на Македонци и слуга на Хитлер, поради тоа што бил "докажан антикомунист".
Четврто, се чини, осудата на комунизмот беше лесно изводлива со оглед на големиот број жртви. Но, гледано од историски аспект, а не само од дневнополитички интереси и ракурси, се доаѓа до констатацијата дека утврдувањето на статусот жртва и нивната рехабилитација не е баш така едноставна работа. Имено, главните жртви на Титовиот режим беа информбировците. Но, тие не можеа своите страдања да го претворат во политички капитал. Декларираните и етикетираните информбировци важеа за сталинисти. За нив Тито беше десничар. Поради нивната идеолошка определба, како што вели српскиот социолог Тодор Куљиќ, информбировците не можеа своите страдања да ги инструментализираат во атмосфера на антикомунистички политички плурализам. Се разбира, меѓу осудените за Информбиро имало невино обвинети и нивната рехабилитација е процес што не смее да запре. Но, тоа подобро ќе се изведе со недеригирана историографија и со независно судство отколку со антикомунистичка кампања. Сличен однос треба да се има и кон оние кои биле ликвидирани од антифашистите (комунистите) без судење во текот на Втората светска војна. Мора да се има пиетет кон секоја жртва, но рехабилитацијата мора да се изведува врз индивидуален пристап за да не се случи да глорифицираме соработници или организации кои биле во служба на окупаторот и биле приврзаници на фашизмот и нацизмот.
Петто, во право е Жарко Пуховски, хрватски политиколог, кога тврди дека во државите кои настанаа од бивша Југославија не можеше да се изведе вистинска лустрација (поради војните и тензиите во текот на деведесеттите), па така она што се случи со лустраторските регулативи во првото десетлетие на овој милениум, главно беше бесмислено поради пропуштениот тајминг. Да имавме нормална транзиција, а немавме, Македонија, најверојатно, ќе можеше како и повеќето посткомунистички земји да се занимава посериозно со тоталитарното минато и со комунистичката номенклатура. Но, тоа е веќе минато.
Со оглед на пропуштените можности, а и не само поради тоа, Македонија, како и сите посткомунистички држави, треба да се приклучи кон препораката на Советот на Европската унија и да го одбележи 23 август, кој е назначен како Европски ден посветен на жртвите на тоталитарните режими. Но, притоа треба да сме свесни за нашите слабости, односно за една системска инсуфициентост што нè спречува да одговориме на европските постулати. Сè додека имаме власт која комунизмот го користи за политичка инструментализација и за изнасилени ревизионизми ние ниту ќе изградиме здрав однос кон минатото (како поука и предупредување) ниту ќе имаме должна почит спрема жртвите.
Македонија има дополнителна причина зашто треба да го одбележи 23 август, бидејќи Советот на Европската унија предупредува и на опасни и ретроградни процеси. Македонија, можеби, е најеклатантниот пример за такви тенденции. Имено, вистинскиот проблем на Македонија не е задоцнетата или заборавената пресметка со тоталитарна идеологија туку зашто ѝ се случува повампирување на комунизмот. Сменети се актерите, иконографијата и реториката, но суштината е иста – неокомунизмот е веќе инсталиран во Македонија.
Луѓето што го паметат југословенскиот комунизам, и од раната и од доцната фаза, а сочувале малку искреност и вистинољубивост, сегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ го доживуваат како враќање во минатото. Разликата е само во тоа што монократијата се изведува во плурален амбиент. Порано имавме плурализам на самоуправни интереси, сега имаме монизам на партиски интереси. Гледано од аспект на форсирање на единството на власта (монополизација на моќта), од аспект на доминацијата на партијноста (идеологизација и силна пропаганда), од аспект на злоупотреба на полицијата и на судството за партиски цели, од аспект на слободата на изразување и на слободата на говорот, денес имаме систем кој според тоталитарните елементи, е полош и од југословенскиот комунизам.
Оттука, за граѓаните на Македонија не е приоритет какви ставови ќе имаме за комунизмот што пропадна пред дваесет години, туку како ќе се справиме со постојниот неокомунизам што ни е наметнат од десни популисти, со наводна демохристијанска провиниенција.
Во едни такви околности, власта ќе го предупредува народот дека баучот на комунизмот ѝ се заканува на Македонија и дека нацијата не ги оплакала жртвите на комунистичкиот режим. Оваа невидена бласфемија на крајот ќе заврши со политичка и морална егзекуција на конкретна личност. Овој пат, целта е "драматургот".
Како лустраторите си ја завршиле работата, ќе биде посебна тема на расправа. Но, уште сега е јасно дека власта има "неверојатна среќа" од работата на лустраторите. Како што беше случајот и со поранешниот претседател на Уставниот суд и сега, лустраторите избираат "идеална жртва" - "драматургот" е човек кој важи за близок на левицата, тој е важен човек во граѓанскиот сектор и, што е особено битно – со своите јавни настапи, тој беше еден од најжестоките критичари на овој систем на владеење. Три во едно, што би рекле љубителите на нес кафе.
За власта не постои ни трошка сомнеж како ќе заврши случајот "драматург". Мелницата на системот ќе се стави во полн погон, пропаганданата машинерија ќе придонесува од бучавата да не се слуша ништо освен гласот на власта, партиските војници ќе глумат вљубеници во правото и во правдата...
Не знам дали јавноста ќе разбере основната поента - дали драмата со неокомунизмот во Македнија е во првиот, вториот или, можеби, веќе се изведува финалниот, третиот чин. Во секој случај, уште седиме во темнина. Чекаме да заврши претставата? Чекаме некој да запали светло? Навистина, не знам што чекаме.
Извор: globusmagazin.com.mk
Илустрации: Шигехиро Окада
бла бла бла бла
Испратено на 26 јули 2011 од Кодошбла бла бла бла
Не би рекол дека власта на
Испратено на 26 јули 2011 од СергејНе би рекол дека власта на ДПМНЕ не’ враќа во комунизмот. Мој впечаток е дека тие ствараат намерно таков привид кај носталгичните (по комунизам) и разочараните (од сегашноста) граѓани, злоупотребувајќи ги за таа цел медиумите, но вистината на терен е дека не се случува повампирување на комунизмот, туку повампирување на фашизмот! ( http://otpor.log.ph/ )
http://otpor.log.ph/
Јааа, отпор, а? Скроз за
Испратено на 26 јули 2011 од АнонимeнЈааа, отпор, а? Скроз за добронамерни цели! Не ве читаме ич, мутни сме ко мрак. :)
I ovoj si znae deka go cheka
Испратено на 27 јули 2011 од ak47I ovoj si znae deka go cheka lustracija.
Едно прашање: Како ве плаќа
Испратено на 27 јули 2011 од СинонименЕдно прашање:
Како ве плаќа драматургот, секому поединечно или топтан па си делите?
Земаат кредити (а всушност
Испратено на 31 јули 2011 од Третиот човекЗемаат кредити (а всушност донации) од банки. :)
Ај некој нека го преведе ова
Испратено на 27 јули 2011 од КостимографАј некој нека го преведе ова на англиски и нека го прати во било кој западен весник, нека се крстат малку луѓето како се брани комунизмот кај нас.
Не пропадна комунизмот „пред
Испратено на 27 јули 2011 од тофеНе пропадна комунизмот „пред дваесет години“, туку пред пет, со мал трзај пред 12.
Ја па мислам дека баш пред
Испратено на 27 јули 2011 од ВселенецЈа па мислам дека баш пред пет воскресна комунизмот, па тоа работни акции, ден на дрво, па бесплатно автобуси за пензионери и скоевци, па повторно една партија се слева со државата, па пак Михајло Маневски министер за правда, на Сител само партизански филмови, па апсења на идеолошки противници, абе милина. Среќна нова 1949.
I sto ima tolku strasno vo
Испратено на 27 јули 2011 од TofeI sto ima tolku strasno vo stvarite sto gi nabroja?
Si videl ti komunizam pa da zboris.
Комунизам никој не видел,
Испратено на 28 јули 2011 од ВселенецКомунизам никој не видел, Тофе, а знаеш ти добро за што зборам.
Како никој не видел, па еве
Испратено на 28 јули 2011 од TofeКако никој не видел, па еве ти сега го гледаш буден.