Зборови и дела

29.07.2011 14:14
Зборови и дела

Човекот чие име одбивам да го употребувам беше идеален европски граѓанин, иако е граѓанин на земја која не е членка на ЕУ: образован, успешен деловен човек која заработувал со интернет продажба, т.н. самоодржлив, еколог, општествено вклопен, посебно во форумите на играчите на познатите интернет игри, успешен автор на друг (глобален) јазик, теоретичар со усвоен жаргон, физички подготвен и поубав од принц, со умна употреба на граничната фармацевтика, заинтересиран за модните трендови, посебно во воените и паравоените униформи: момите од Словенија, Словачка и Србија, неговите три омилени земји, сигурно виртуелно издишувале и масовно се јавувале на неговите повици, ако имало такви. Без поголеми тешкотии, би можело да се состави список на ментори од европските и американските универзитети кои би прифатиле да ја водат неговата докторска дисертација за критиката на франкфуртската школа и можноста за употреба на лакановската теорија во деконструкцијата на пишувањето на Хана Арент за баналноста на злото, односно, кои би виделе предизвик во неговите ставови. Само да не ги успоубиеше младите од нему моментално неподобната политичка партија, и да не ги урнеше главните управни згради во престолнината! Гротескно? Ни најмалку: водачите на неговите омилени партии во странство штотуку ја потврдија суровата реалност на гротеската; едниот, холандскиот, оградувајќи се, бидејќи постапката во овој миг не му користи на глобалното анти-исламско движење, вториот, словенечкиот, веднаш обвинувајќи ги своите локални противници за заговор против сето она што е национално, старо најамлку дваесет години: поимот „национално“ со тоа е злоупотребен до степен што се прашувам дали може сè уште да се употребува. Понаква постапка, поинаков момент, и постапката на злосторникот би била оправдана – а впрочем секогаш е, бидејќи гревовите на либералните мекуши се вечни, и секогаш исти: тие се против какво и да е истребување.

Целиот пакет, кој постепено се одвива пред нашите очи, зборува за тоа дека гротескната фарса е готова, и дека е најавен почетокот на смртно сериозната историја. За десетина години (додајте по ваша волја деценија повеќе или помалку, а можеби дури и утре), кога ќе седите, држејќи се за раце и тресејќи се од страв во затемнетите соби, чекајќи специјалната полиција да тропне на вашата врата, бидејќи сте ги отстраниле незгодните имиња од неа (и од поштенското сандаче), додека низ улиците подмладокот на единствената партија пее марш посветен на норвешкиот јунак, сетете се како гротескно изгледаше тоа на почетокот.

Што се однесува до односот меѓу зборовите и делата, сторено е логичното: првин зборовите, описот, објаснувањето, контекстот, па потоа делата. Спрегата можеше да биде спасоносно расклопена, злосторството можеше да се спречи, ако некоја служба (или стручно опремен поединец) веднаш по поставувањето ќе прочиташе 1500 страници на интернет, ако ги разбереше пораките и декодираше одредени работи: со други зборови, ако интернетот се сфаќаше сериозно, а уште посериозно брзината која ја бара за реакција. Тоа би значело неопходност полицијата да вработи или како дел од професионалните можности на некои свои луѓе да бара вештина на брзо читање: со 15 читачи веста ви се разбрала за петнаесетина минути. Тоа би значело и дека брзите читачи вон државниот апарат треба да бидат совесни граѓани, а неодговорната, неписмената и неартикулираната дрдорливост да не биде главната и најголемата особина на интернет разбирањето – овде веќе сме близу утопијата. Сето тоа, на многу полош начин, ќе го уреди новата власт на историскиот хоризонт: да бидеме сигурни дека по фазата за плаќање за интернет таа ќе спроведе и ограничувања, и конечно укинување на интернетот за другите – па, сигурно нема да дозволат исламистите да се служат со него? Во нашиот свет останува прашањето како текстот на убиецот со најава можеше да стои во виртуалниот облак барем три часа, незабележан и непрочитан. Зарем во Словенија не му се судеше на еден поединец кој преку интернет му се „закануваше“ на американскиот претседател?

Меѓу зборовите кои сечат глави се наоѓаат и оние кои се однесуваат на земјите, општествените уредувања и политичката пракса. Меѓу омилените држави, нависоко котираат Словенија и Србија, како европски примери за правилно постапување кон Ромите, муслиманите и кон ужасот на мултикултурализмот – Србија јуначки, Словенија системски. Од искуството на државјанин на обете земји, можат само да го потврдам истото. Вистинското прашање, кое го делам со сите сограѓани од светот, меѓутоа, е дали сè уште имам право на загриженост. ЕУ, бидејќи е обврзана со својот устав, не спроведуваше ниту спроведува превентивна антифашистичка политика; кандидатските земји не се ни обврзани. Текстот никогаш нема само едно значење: може ли од тоа да се извлече поука, од текстот на злосторникот, дека немарливата и заборавна толеранција на нетолерантноста е одговорна колку и активната поддршка? Уште нешто излегува од тој текст – злосторникот не е норвешки, тој е наш, европски и глобален, сите сме одговорни за она што го стори: интернетот нема граници, сите читаат на англиски. Кога антифашистичката стража би функционирала во главите на граѓаните на светот, некој корисно би ги употребил тие три кобни часа. Таквиот вид контрола на интернетот би била подобра од институционалната, бидејќи би зависела од степенот на граѓанската свест.

Во поширок споредбено-историски контекст, сличен автор, чие име доживеа правична и заслужена употреба – квинслинг – и од истиот крај, исто така творец на квази-филозофски текст од над 1500 страници, со кој го проповедаше својот правец на мислење и владеење, „универсизмот“, дочека смртна казна. Во тоа време, непосредно по Втората светска војна, поинаква казна и не беше можна. На новиот злосторник од Норвешка сè му одеше полесно, посебно објавувањето, а ќе му оди полесно и во иднина. Умниот систем ќе збрани секаков контакт со јавноста, а ако ја утврдат неговата психичка нестабилност, ќе го затворат на подолго време. Институцијата веројатно ќе си го стори своето на рехабилитацијата на личноста, и на систематското заборавање на неговите идеи и соодветни текстови. Човечкото право на информирање и комуникација би морало да му биде скратено до границите на законските можности. Во секој случај, ќе биде здрав, негуван, лечен, хранет, згрижен: барем нема да биде материјал за маченик.

Над сето тоа, вон логиката на добро среденото општество, на кое само може да му се посака полицајците во иднина да не носат оружје, вон логиката на ширење мерки против странците, кои денес ги оправдуваат водачите на државите и кои ги добиваат изборите, а се цитирани од интернет изродите и уличните тепачишта, останува судбинското прашање: колку сме способни за граѓанска одбрана од фашизмот? Терминот не е историски ни појмовно сосем оправдан – можеби подобро би било да речеме нацизам – но има несомнена предност во порепознатливоста која е сосем добро контекстуализирана. Досегашното воспитување, образование и комуникациска достапност не го дадоа исходот на кој можеме да се потпреме во новиот антифашизам. Останува можеби уште несистемското и често непоредвидливото делување на културата, каде што секогаш бегаме штом згусти, барем да најдеме нови зборови за делата кои нè прогонуваат.

Извор: peščanik.net

Илустрации: Еди Фејк

Контролата на преписките на

Контролата на преписките на Интернет се вика навлегување во приватноста. На друго место лежи проблемот, Facebook е само последица, рекапитулација.

ОкоБоли главаВицФото