20. Кодните имиња на УДБА (2) (За револуцијата)

25.06.2009 11:12
7586.jpg

Револуцијата мора да биде екстатична, на принцип на разбојништво, на криза, сè да се распаѓа во колапс и тоа да буди неизмерна радост. Во едно писмо Енгелс му пишува на Маркс: „Со мене се случува исто што и со тебе. Откога во Њујорк дојде до крах на берзата, не можев да најдам мир во Џерси, се чувствував извонредно заради тој генерален распад. Кризата ќе му користи на мојот организам како капење во море. Баш така се чувствувам“. [1] Маркс му вели: „Драг Енгелсе! Дури сега го добив твоето писмо, кое ми ги открива сите пријатни перспективи на економската криза.“ [2] Во друго: „American crash е извонреден и уште е далеку преминувањето на кризата. Трговијата повторно ќе биде во следните три-четири години уништена. Во тоа ќе гледаме шанса.“ [3] Тоа е слично со радоста со која Мао Це Тунг ги сакал кризите: „Сè пропаѓа, значи сè е во ред“. Кризите му годат на организмот, ... револуцијата треба да ги научи луѓето на „радикално сонување“,да го посакуваат она што е невозможно (во смисла на геслото од 1968 „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“) кое точно ја насетува својата крајна цел – таков тип на масовност во која животот станува театар, и обратно. Во 1917 Ленин ги броел деновите за да докаже дека Советската револуција ќе трае подолго од Париската комуна, но ако револуцијата е слична на совршен театар, што се случува „утрото потоа“ кога револуционерот ќе се разбуди и ќе ја почне „прозаичната работа на социјалната реконструкција?“ [4]

Реализмот што се случува „утрото потоа“ е парализирачки и тој покажува дека театарот не смее да престане да се случува. Кога Тито ја посетува Македонија за последен, 16-ти пат, во 1978, го дочекуваат 400.000 граѓани на Скопје, а Маршалот одржува еуфорична здравица во Собранието на СРМ: „Стотици илјадници граѓани веќе два дена непрекинато се на улиците. Што значи тоа? Тоа значи дека ние сме на добар пат“. [5] „Тоа не можеше да го скрои ниту каков било маестрален протокол, ниту каква било наредба на државни или партиски органи. Тоа беше спонтан израз на чувството на народот“ [6], восхитено пишува П. Карајанов во 2005 (?!) и тој е во право. Таа масовност можела да ја оркестрира само целосната театрализација на животот во Македонија, победата на лудилото. Театарот ја има тензијата што и’ треба на револуцијата, оној вишок емотивен ексцес, а самата револуција личи на масовен спектакл. Кога во 1972, Тито го дава своето прво интервју за македонски весник, во „Нова Македонија“, тој објаснува како ги доживеал посетите на Скопје, Куманово и Тетово: „Кога човек минува и ги гледа радосните лица на луѓето, има впечаток како да се тоа денови по ослободувањето...(Л)уѓето веќе три- четири дена стојат на улица кога минуваме“ (подв. мое). [7] На Тито му требаат цели 27 години по Револуцијата за да ја удостои Македонија со интервју, но она што е поинтересно е дека и толку долго ПО Револуцијата, народот на лидерот навистина му ја испорачува револуционерната емоција како да се „тоа денови по ослободувањето“ – масата е подготвена да го игра револуционерниот театар и толку долго по фактичката револуција.

Како е можно тоа? Одговорот го наоѓаме во тајните служби. Кога Едвард Кардељ во 1977 ги критикува југословенските маси дека продолжената револуција не значи тие „да го изговараат зборот револуција со три Р“ [8], тој објаснува како секојдневно ќе изгледа продолжената револуција: Партијата „секогаш да се наоѓа таму каде што се одвива... активноста на масите“. [9] (подв. на Кардељ). Идејата на Кардељ е можна само преку тајните служби кои постојано ја „театрализираат“ масата, неа ја делат по ролји и подролји, по групи на актери кои постојано глумат дека се во револуција. Во тие поделби, голем дел од граѓаните ќе добијат кодни имиња и досиеја, а овој концепт својата крајна реализација ја најде во тезата на Мао Це Тунг дека културната револуција (што и да значи тоа) е услов за секоја револуција –културната (перманентанта) револуција сега мора да биде радикална револуција, „никогаш доволна“ [10] во емоции, а таа може да се стабилизира САМО преку методите на паланката. Истото го кажува Тито во споменатото интервју за „Нова Македонија“ (1972), кога на лицата на Македонците ја гледа воената еуфорија: „Секој комунист мора да е свесен дека тој е војник на револуцијата..., постојано да се има на ум дека народот гледа во него“ (подв. мое). [11] Нема опуштање, револуцијата трае и во мир, секој комунист е војник.

Се сеќаваме на тезата на Бранка Арсиќ дека играњето „Не лути се човече“ (омилената детска игра во Југославија) беше некаква проекција на касарна - ако шахот е игра на кралеви, прашање на контрола и моќ - „не лути се човече“ беше подготовка за идните војници, за масовната воена психоза, за режирањето револуционерен театар - „Да живееме како сто години да ќе биде мир, а да се подготвуваме како утре да ќе биде војна“. (Наспроти масовноста на револуцијата, постоеја и детските игри и книги од типот „Дружината братско стебло“, утопии за идеалната детска заедница која има сè што и’ треба - двор, градска куќа, дрво и некоја сестра што бдее над нив, како паралелен универзум, капиталистичката сентиментална проекција за интимното место за „нас“, наспроти јавноста на револуцијата).

Иако Маркс предвидувал дека првите комунистички револуции ќе се случат во технолошки најразвиените земји, успешното освојување на власта се случи само во периферните зони на светската економија [12], Русија, Источна Европа, Кина... Комунизмот успеа само кај полуразвиените држави со паланечки менталитет и (полу)феудализам. Тоа е затоа што успехот на комунистичката револуција се должеше токму на тајните служби кои целосно одговарале на паланечкиот дух. Паланката има „нагон за ’приказната која сè уште не е слушната’, за тајната која е осветлена и обелоденета“. [13] Паланката постојано фрла светло врз тајните на луѓето, живее од тие тајни, од интимата. Паланката ја сака приказната заради самата приказна. Таа не знае зошто ги прераскажува трачевите врзани за луѓето. Трачот се прераскажува без некоја подлабока цел, освен за да се „исцрпи потребата за доживување“, кога го прераскажувам трачот за некој друг, тоа е како самата да го доживувам. Едновремено, додека раскажувам јас ја неутрализирам опасноста во таа приказна. Значи, констатирам дека животот не е никако немирен, трагичен; секој ЧИН со прераскажување ќе „го претворам во брборење“. Во тој нагон за трачот, паланката е анти-трагична (Константиновиќ), трачот се раскажува за да се каже дека нема причина да се вознемируваме. Цврсто стоиме на земја. И кога ги прифаќаме искушенијата што ни ги носи животот, ние на животот гледаме со ведри очи. Комунизмот се засновал на сличен филозофски оптимизам. Секаква трагика е изгонета од нашите животи, метафизичкиот немир е конечно смирен, но услов за рационалноста и трезвеноста (во комунистичкиот жаргон: дијалектички материјализам) е да се воспостави служба која ќе ги знае сите тајни. Тајните полиции (иако својствени за сите тоталитарни режими), најдобро успеваа каде што имаше база на граѓани кои паланечки го поддржуваат увидот на сите во сè.

Тајните служби оперираат скриено, но нивната мрежа е сеопфатна само ако зависи од паланечката соработка. Така, врската помеѓу паланката и полициската држава се воспоставува најприродно. Доказ е советска Русија, која не треба да нè збунува поради својата големина, паланката е нешто што е природено на менталитетот а не на територијата. Тајните служби на советска Русија директно се надоврзале на претходната практика на увид во сечии лични писма. Уште од царска Русија личните писма на граѓаните се читале со запрепастувачка упорност, а во 1882 перлустраторите (читачите на личните писма) читале по 28.000 приватни писма годишно [14], што речиси одговара на бројката на вкупните писма што се испраќале (иако според законите ова било илегално, како што било и подоцна, според советскиот устав). Базирана на оваа паланечка логика на увид во сè, советска Русија набрзо станува редок случај на исконска верба во баналното - сè станува важно. Кон крајот на 1923 година пет милиони лични писма и осум милиони телеграми биле читале од страна на ГПУ секоја година, од тоа секој кодош (перлустратор) читал по 250 лични писма и 2.500 телеграми на ден. [15] Системот се развил на таков начин што секој што се допишувал морал да биде сигурен дека ќе биде читан од службите. И советска Русија станува место на најконкретно отелотворување на желбата на паланката од увид во сè.

Ленин е креаторот на првата советска тајна служба, Чека. Првата единица на Чека била создадена во екот на самата Револуција за да го чува револуционерниот штаб во Петроград, но на 20 декември 1917, Чека добива многу поголеми овластувања, а веќе во февруари 1918 добива овластувања да убива без испрашување и без судење. Во двата месеци, септември и октомври 1917 Ленин убива околу 10.000 луѓе, повеќе одошто за цел еден век во царска Русија. Само осум месеци по Револуцијата, во јуни 1918 секој дел од Советската империја добива своја Чека-служба. Дури и про-болшевичките адвокати биле извадени од памет од брзината со која растеле тајните служби на Советската револуција. Само две години по револуцијата Чека броела над 20.000 вооружени мажи и жени со најразлично потекло, кои ако не биле регрутирани од ентузијазам, учествувале од паника - подобро било да си Чека одошто не. Во Петроград, шефот на Чека бил заменуван на неколку недели [16], никој не бил сигурен дека утре ќе биде жив. На една од паролите на раниот Советски Сојуз пишува „Добре дојдовте во црвениот терор“. Чека многу брзо броела преку 300.000 паравоени сили, кои ја чувале Револуцијата затоа што Ленин велел дека „на еден чесен човек, има девет бандити“. [17] Тоа со други зборови значи дека само еден е избран од десет, другите немаат живот што треба да се чува. Во 1918 Ленин и Троцки ги отвораат првите концентрациони кампови, а Троцки ја кажува гласно Лениновата агенда „Човечкиот живот нема свет карактер“, што значело дека паланечката игра со тајните конечно завршува со целосно нацифицирање на животот. Југословенската симбиоза на паланката и на комунизмот заврши со сличниот трагичен исход. Најдобрата филозофска книга во Југославија беше маестралната студија „Филозофија на паланката“ (1969) на Радомир Константиновиќ која даде најопсежна анализа на југословенскиот паланечки менталитет, а книгата заврши со две визионерски поглавја, „Поетика на српскиот нацизам“ и „Српскиот нацизам и јазикот“. Уште во 1969 Константиновиќ, врз филозофските анализи, го прогнозираше она што се случи со распаѓањето на Југославија во 1989 – паланката (во комбинација со комунизмот) ја доби логичната разрешница во крвавата „нацификација“ на Југославија.

 

[1] Шафаревич, Игор (1997): Социјализам као појава светске историје, op. cit., 305.
[2] Исто, 304.
[3] Исто, 304.
[4] Žižek, Slavoj (2006): The Universal Exception, op. cit., 50.
[5] Карајанов, Петар (2005): Тито за Македонија, Македонија за Тито, Здружение на граѓани кои го почитуваат ликот и делото на Јосип Броз Тито, Скопје, 413.
[6] Исто, 412.
[7] Исто, 401-402.
[8] Kardelj, Edvard (1977): Pravci razvoja političkog sistema socijalističkog samoupravljanja, Izdavački centar Komunist, Beograd, 179.
[9] Исто, 180.
[10] Žižek, Slavoj (2006): The Universal Exception, op. cit., 49.
[11] Карајанов, Петар (2005): Тито за Македонија, Македонија за Тито, op. cit., 400.
[12] Valerštajn, Imanuel (2005): Posle liberalizma, Službeni glasnik, Beograd, 189.
[13] Константиновиќ, Радомир (2000): Филозофија на паланката, op. cit., 24.
[14] Rayfield, Donald (2005): Stalin and His Hangmen, op. cit., 119.
[15] Исто, 119.
[16] Исто, 64-67.
[17] Исто, 66.

 

Слики: Мартин Мекмареј

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови

19. Кодните имиња на УДБА 1

18. Голи Оток (Или, зошто Југославија не падна под власта на Сталин?)

17. „Со Сталин против Тито“

16Лошиот Тито?

15. „Подобро со 28 години во камп, одошто со 93 на слобода“ (за комунистичката носталгија)

14. Родители на вештачко дишење (за комунистичкиот сон)

13. Анестезија

12. Неутрални граѓани

11. Кремлинологијата како симптом

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото