Норвешки синдром

03.08.2011 10:47
Норвешки синдром

Норвешката трагедија експлодираше во една гротескна војна на спротивставени мислења и обвинувања. Првичните излетувања дека станува збор за исламски радикализам ја покажаа заслепеноста предизвикана од западните стереотипи. Сега, дебатата е помеѓу левичарските и десничарските интелектуалци околу политичките мотиви на убиецот, каде првите причините за масакрот ги бараат во десничарскиот популизам и ксенофобија, додека вторите во антиисламизмот и во антисемитизмот. Бидејќи во Европа повеќе од 20 години доминира десничарската конзервативна политика и десничарскиот популизам, па дури и екстремните и ксенофобни десничарски партии доживуваат вистински подем, јас не би правел толку строга поделба. Според мене, ако некој има легитимитет да бара причини и да продолжи со своите критики, тогаш тоа се токму левичарските интелектуалци и политичари.

Ќе се согласам со тезите дека можеби е прелесно да се прави врска помеѓу криминално/крволочната постапка на Брејвик и неговите политички идеи блиски до оние на екстремната десница. Ќе се согласам и дека сите ние како луѓе лесно прибегнуваме кон едноставна идентификација на „непријателот“. Сите ние имаме потреба од објаснување, од симплификации кои ќе дадат некакво толкување за нешто што можеби нема никаква логика. Тоа е нашиот одбранбен механизам, работите да ги сведеме на нешто разбирливо и препознатливо, за утре да бидеме помирни или посигурни. И сфаќам колку таквото однесување, таа наша природа води кон нови стереотипи кои од вистината прават фатаморгана. Тажна е потрагата по виновникот и по жртвеното јагне. Но, што ни останува? Да се помириме со фактот дека некој е само обичен лудак? И покрај застрашувачката пропорција на масакрот, сè да сведеме на црна хроника? Дали треба можеби да направиме спротивна грешка и да се лажеме дека надворешниот свет воопшто не влијаел на убиецот? Колку и можеби да е таква фактичката реалност, колку и да погрешам во моите толкувања, јас не можам да се помирам со ставот дека станува збор само за обичен лудак или за едноставно екстремно зол човек.

И еве зошто. Веќе од искажаното потенцирав дека не ми е целта да импутирам вина на одредено политичко кредо или на неодговорно политичко однесување. Ниту пак целта ми е да идентификувам кои се непријателите, кој треба да биде метата или да потпомагам некаква идеологија која е во потрага по конспираторите против демократијата. Ги разбирам и признавам грешките на таквите постапки. Мојата загриженост тргнува од фактот дека нашите општества промовираат погрешни вредности, дека дотаму се забега со говорот на омраза, со популизмот, со стигматизацијата, што за мене не е незамисливо дека таквата клима влијаела врз еден луд ум. Уште повеќе ме загрижуваат, не самите мотиви на убиецот, кој токму затоа што е луд избира да ги оправдува своите монструозни потези со политички и културолошки идеи, туку фактот дека тој може лесно да биде емулиран, да даде пример за други. Отфрлањето на ставот дека модерното општество и политика влијаеле врз постапките на убиецот е подеднакво лесно, како и слепото идентификување на неговите постапки со десничарскиот конзерватизам.

Токму затоа, прв ќе го поддржам ставот дека политичката идеологија на убиецот е најверојатно повеќе симптом на неговото лудило, отколку причина за неговото лудило. Сепак, има време и истрагата ќе покаже дали навистина овој масакр е индивидуален потег на еден болен и параноичен човек. Но, дури и таквата дијагноза да се потврди, останувам на ставот дека норвешкиот масакр не можеме да го сведеме на нешто за што се компетентни единствено психијатрите.

Андерс Беринг Брејвик е екстремната манифестација на еден тумор кој подолго време веќе метастазира во европските општества. Подемот на одредени групи од екстремната десница создаваат атмосфера која лесно може да ги поттикне психолабилните индивидуи кон гестови на екстремно и неограничено насилство. Не треба човек да е научник или социолог за да разбере дека опозицијата кон емиграцијата, кон мултикултурализмот, кон глобализацијата, кон различностите, е нешто што ги зајакнува сите оние популистички движења или партии кои се претставуваат како заштитници на националниот идентитет или некои регионални и етнички посебности. Дури и оние партии кои декларативно или не, се спротивставуваат на насилството, тие сепак креираат постојана клима на омраза која неизбежно поттикнува на насилство, па било тоа и само индивидуално.

Не може да живееме во светот на бајките и секогаш кога ќе се случи некаква катастрофа тоа да го правдаме како постапка на еден лудак. Политичката клима која општеството ја создава секогаш е врзана со постапките на одредени индивидуи или групи. Исламскиот тероризам го засени тероризмот на екстремната десница. Зарем заборавивме на Оклахома Сити каде исто така еден „лудак“ од екстремната десница уби 168 луѓе, види случајност, користејќи експлозив врз база на ѓубриво, слично како и Норвежанецот Брејвик. Или, пак, оправдување ќе ни биде слабото внимание кое медиумите го посветија на настанот од лани, кога во Малме, Шведска, еден човек беше уапсен во обид да убие повеќемина емигранти. Или, можеби, не забележуваме дека во истата таа Шведска, екстремната десница по прв пат во историјата влезе во парламентот, дека тоа се случи и во Данска, или дека во Холандија партијата на Герт Вилдерс доби дури 16 проценти од гласовите. Екстремната десница расте и во Франција, каде Марина Ле Пен е опасен конкурент на Саркози. Во Италија, ксенофобната Лига на Умберто Боси партиципира во власта. Во „Манифестот“ на Брејвик можеме да прочитаме како тој се преставува како заштитник на „нордиската култура“, како го осудува мултикултурализмот, како се пени против исламизмот и Арапите. Сите негови ставови, сите негови политички мисли се истите оние, кои во поинаков стил ги изразуваат европските десничарски партии и лидери. Премиерот на цивилизираната Британија, Дејвид Камерон пред некое време го осуди мултикултурализмот. Истото го направи и германската канцеларка Ангела Меркел, иако со поблаги тонови. Веќе реков дека е сосема погрешно да им се импутира на десничарските партии и лидери тоа што Брејвик го изрази со бомби и со автоматски пушки. Но, подеднакво е погрешно при здрав разум да се правиме дека не ги разбираме врските. Атмосферата која се создава во Европа, страда од погрешните идеи на десничарските партии и лидери, дури и повеќе од идеите на екстремните десничарски партии.

Постои и одредена аналогија во индивидуалниот потег на Брејвик и неговото настапување како волк самотник не ги намалува одговорностите на општеството. Екстремната десница во Норвешка нема еден вистински лидер, тука само мозаик од многубројни групи кои се повеќе растат по бројност и кои се повеќе се наметнуваат со фанатични тези. Јасно е дека токму од тие тези полни со омраза и со расизам се хранел Брејвик. Никој друг не го притиснал чкрапало освен Брејвик, но многумина, му дале муниција за неговите луди постапки.

Европа доби нагло освестување, а тоа е дека и Европа има свој тероризам. Безброј пати ќе напоменам дека најголем дел од животот на еден човек е условен од општеството, од идеите кои допираат до него. Има еден стар слоган кој велеше дека во животот се е политика, па ете, можеби политика е и овој масакр. Ниедна индивидуа не е падната од Марс. Сите ние сме врзани за светот и општеството во кое живееме. Не постои страст, навика, желба, страв или однесување кое е само наше и ничие друго. Точно е дека едно општество малку може против еден лудак спремен на се, но едно општество може многу повеќе да направи во спречувањето на лудите идеи.

Дури и да се потврди дека сево ова е изолиран инцидент, сите ние имаме обврска да се преиспитаме и да бараме одговори за тоа што се случува со нашите општества. Тие стануваат се позатворени, се помалку демократски, се повеќе полни со омраза и измислени непријатели. Ќе завршам со една мисла: секоја индивидуа е бесценета, се додека во неа има нешто бесценето. Таа бесценетост треба да дојде од нашите општества.

Тотално пристрасна анализа

Тотално пристрасна анализа дадена од екстремен левичар.

Одличен напис.

Одличен напис.

Нека докаже дека е левичар

Нека докаже дека е левичар така што ќе протестира или направи нешто против трулите олигархистички капиталистички свињи од транзицијата, ама не селективно, само против најновите.

И Гвујо е Брејвик! Фашист!

И Гвујо е Брејвик! Фашист! Итлер!

Убава статија. Вистинската

Убава статија. Вистинската агресијата на културните европјани е нивниот страв од исламот,емигрантите општо, затоа и Турција чека 20 години прием.

Ооооо, па тоа бил малиот

Ооооо, па тоа бил малиот нострадамус!