Минатото под прашање (1)

03.08.2011 13:08
Минатото под прашање (1)

Оваа книга го испитува односот меѓу националната историја, идентитетот и политиката на спорната територија Македонија. Фокусот е ставен на настаните во еден град во денешна Република Македонија, како и на различните начини на кои, во различни моменти во дваесеттиот век, различни заедници ги опишувале или ги анализирале тие настани. Целта на оваа книга е да ги разоткрие процесите низ кои се формираат противставени погледи на свет и кои овозможуваат нивно прифаќање или одбивање, усвојување или отфрлање. Раскажувањата испреплетени околу овој град на различни начини ја покажуваат важноста на волјата и на случајот при создавањето на сегашноста. Истовремено, заради ефикасност при објаснувањето, тие се служат со изрази земени здраво за готово - нешта кои се неизбежни. Изреката на Бенедикт Андерсон во врска со магијата на национализмот - дека национализмот ја претвора можноста во судбина (Anderson 1991:21) - е главната преокупација на оваа книга, која се обидува да го објасни функционирањето на таа алхемија во еден просторно ограничен и културно специфичен контекст.

Голем дел од книгава се случува во градот Крушево, во југозападниот дел на Република Македонија. Во поголемиот дел од годината, Крушево е потонато во провинциско мртвило. Високо на ридовите, далеку од поголемите транзитни патишта, Крушево не може да се пофали со големи индустриски или земјоделски ресурси, а има население од приближно три илјади, меѓу кои е и најголемата концентрација на Власи во Републиката, малцинство кое говори јазик од романската група. Сепак, по 1944, секоја година во почетокот на август, градот ја протресува својата заспана аура кога политичките елити од македонската власт доаѓаат во градот за да оддадат почести и да одржат говори. На славењето му се придружуваат и обични граѓани, а погледот на цела Република Македонија е насочен токму натаму. Некои од нив оставиле подолготрајни траги врз изгледот на градот, како на пример, патишта, јавни згради и споменици. Започнат кога Република Македонија била дел од новата федеративна Југославија, овој годишен национален аџилак во Крушево продолжи и по прогласувањето на независноста на земјата во 1991 година.

Корените на годишното славење на Крушево се наоѓаат во трајното симболично значење што им се дава на настаните кои таму се случиле во почетокот на дваесеттиот век, кога османската турска власт се протегала на запад до јадранскиот брег и на север до границата на Црна Гора. За време на широко распространетото востание против османската власт на празникот Св. Илија, односно Илинден, на 2 август 1903 година, Крушево бил најголемиот урбан центар во рацете на револуционерното движење. По создавањето на федеративна Југославија во 1944 година, Илинден 1903 станал клучниот момент во македонската историја и се славел како празник секоја година. Неговото трајно значење било афирмирано низ широк спектар на разновидни официјални комеморативни практики, вклучително и пензиски системи и изградба на споменици. Градот Крушево почнал да се означува како симболичен епицентар на востанието, а неговите жители почнале да се гордеат со тоа што исклучителното наследство на нивниот град добило национално признание.

Историјата на Крушево претставува клучен симболичен извор на формирањето на македонскиот национален идентитет во дваесеттиот век. Важноста на минатото на овој поединечен град уште повеќе ја зголемиле сомневањата, дебатите и споровите што се вртеле околу многу други нешта поврзани со македонската посебност. Денешните припадници на македонскиот народ зборуваат словенски јазик кодифициран дури по 1944 година, што го користат како мајчин јазик помалку од 2 милиони луѓе и на кој има напишано скудна литература. Во најголем број, Македонците припаѓаат на Православната црква чија автокефалност била воспоставена од социјалистичкиот политички режим во 1968 година. Нивните роднински термини, структурата на домаќинствата, бракот и народната култура многу прилегаат на оние на соседните групи. Тие се потомци на оние кои биле нарекувани, а понекогаш и самите се нарекувале Срби или Бугари. Оние кои ја негираат автентичноста на македонскиот национален идентитет - а како што ќе покаже оваа книга, такви има многу - ги користат овие факти при тврдењето дека сите негови компоненти се фабрикувани, фалсификувани, зајмени, па дури и украдени од соседите на Републиката. Во една таква непријателска атмосфера, идејата за локално востание во 1903 им го дала на приврзаниците на новата национална кауза неопходното чувство на историска длабина и народно единство.

Крушево се славело и поради активностите на неговите бранители за време на Илинденското востание. Откако го избркале турскиот гарнизон, тие формирале привремена влада во која требало да учествуваат луѓе од градот и претставници од селата, а издале и писмен проглас за нивните мирољубиви намери да изградат држава. Овој краток период на самоуправа станал познат под името Крушевска Република, а документот што нејзините водачи го дистрибуирале - Крушевски манифест. Денес тоа важи за уникатно парче конструктивен и автентичен политички активизам во модерната македонска историја пред 1944 година. Последниот период пред тоа во кој некој режим имал престолнина во границите на денешната република е единаесеттиот век, кога Цар Самуил владеел во Охрид, градот на Охридското Езеро. Но крушевската самоуправа имала краток век: по две седмици, османските сили го обиколиле градот. Неколкумина решителни востаници се обиделе да организираат одбрана, чиј најславен дел е одбраната на ридот надвор од градот по име Мечкин Камен, но набрзо биле совладани од надмоќниот непријател. Потоа следеле репресалии против цивилите. По долготрајно бомбардирање, градот почнале да го пљачкосуваат и регуларни и нерегуларни војски. Палеле и ограбувале куќи, силувале жени, а еден дел од граѓаните биле заробени и подоцна затворени поради нивната божемна вмешаност.

Овие дополнителни аспекти на крушевската улога во Илинденското востание од 1903 година даваат понатамошен прилог кон една типична нарација, позната од студиите за модерниот национализам. Градот, кој останал населен до денес, ја претставува виталната врска со времето на заедничка ослободителна борба, политичка визија и самопрегор. Тој е место каде што се чува славната историја и каде што денешните потомци на оние кои се бореле, страдале и умреле, го уживаат спасението што го наследиле. Се чини дека Крушево претставува повеќеаспектно национално „спомен-место“ од генеричкиот тип што е обемно истражуван во томовите уредени од Пјер Нора (Nora 1997). За современа Македонија, Крушево 1903 претставува нешто како комбинација од француската Бастилја, англискиот Ранимед и американското Аламо. Но од еднаква важност се и империската димензија на непријателот во минатото, сликата на славниот пораз што останал неодмазден и ранливоста на мала земја во сегашноста. Во оваа смисла, македонско Крушево, а особено битката на Мечкин Камен, по својата емотивна моќ е можеби посоодветно да се спореди со грчкиот Мисолонги, српското Косово Поле, или пак израелската Масада.2

За изучувачите на „обичниот“ национализам, Илинден 1903 и Крушево се лесни за читање. Но, мојата цел со оваа книга е да ги осветлам искривувањата во приказната што се раскажува и прераскажува во текот на стоте години по Востанието и да ги истражам другите значења и пораки со кои е натоварено Крушево 1903. Некои од нив лесно запаѓаат во расправа со ривалските национализми: во Бугарија и Грција, на пример, делумно како резултат на политичките интереси, крушевската историја не само што се разликува од основната национална нарација што е изнесена погоре, туку е и во основа некомпатибилна со неа. И во двата случаи алтернативната визија му должи многу на влијанието на бегалците или протераните од Крушево, избркани во различни моменти во текот на дваесеттиот век и прогласени за непожелни од подоцнежните режими. Историските сведоштва дадени од раселените жители на градот се користат како дел на пошироките политички спорови во регионот, особено за границите и за постоењето малцински населенија. Тие потхрануваат негирачки менталитет во однос на интерпретацијата на историјата, според кој вистинитоста на секое сведоштво се темели на лажноста на противничките.

Споредбата со другите читања на крушевското минато, и трагите што тие ги оставиле, укажува на посложени интеракции меѓу различните визии. Од 1944 до 1991 година, на пример, кога Република Македонија била дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), настаните од минатото не само што се славеле поради нивниот национален карактер, туку претставувале и чекори во еден процес кој водел кон социјалистичка сегашност и иднина. Историчарите, политичарите и уметниците им дадоа на хероите од Илинден нова улога на претходници на панјугословенското партизанско движење од 1941-1944: па така, Крушевската Република не се славела само како македонска, туку и како социјалистичка и југословенска, и се истакнувале егалитарните идеали на нејзините водачи. Еден од производите на овој синтетички процес е споменикот што е подигнат во градот во 1974 година и е прикажан следнава фотографија.

Проектиран од еден брачен тим кои себеси се сметаа за социјалисти и хуманисти, споменикот во футуристички стил се стреми кон потврдување на идејата за македонското минато и сегашност како дел од новата и идна Југославија.

На локално ниво, приказната за македонскиот национален активизам дополнително се комплицира поради уникатниот демографски состав на Крушево. Како што веќе спомнавме, градот е дом на голема влашка заедница, група која се издвојува пред с¢ по својот јазик од романската група, познат како влашки или аромански, а кој е близок до романскиот. Меѓу малцинските групи во Република Македонија во целина, оние кои се определуваат како Власи се помалобројни од Србите, Ромите, Турците и Албанците. Крушево е познато, пред с¢ и најмногу, како влашки град, каков што е уште од времето на својот најголем просперитет во деветнаесеттиот век. Дури и по метежите во 1903 година, балканските војни во 1912-1913 и Првата светска војна, кои предизвикале раселување на населението и прецртување на границите, крушевската заедница ја задржала својата посебност. За разлика од нивните албански или славоговорни рурални соседи, кои главно биле земјоделци и физички работници, влашкото градско население заработувало за живејачка претежно преку трговија, сточарство и занаетчиство. До средината на дваесеттиот век, тие главно склопувале бракови во рамките на својата заедница; ваквите навики се промениле дури откако државата извршила колективизација и конфискација на сопственоста на побогатите граѓани.

Дури и во 1990-тите некои од постарите жители повеќе сакаа да зборуваат на влашки отколку на македонски: повеќето од нив израснале во семејства во кои влашкиот бил прв јазик. Тие, како и многумина други, се сеќаваа на лингвистичката виртуозност на нивните татковци и дедовци кои знаеле турски, албански, арапски и грчки, и зборуваа со носталгија за начинот на живот кој се изгубил по југословенската револуција. Луѓето од различни генерации често ги истакнуваа трговските активности на нивните семејства и деловните врски во кои сите овие јазици биле во игра. Тие, исто така, тврдеа дека поранешното богатство на Крушево работело против градот по Втората светска војна, кога тие најмногу настрадале од реквизициите спроведени од Титовите партизани во име на божемното „братство и единство“ и кога некои од старите градски куќи биле срамнети со булдожер и заменети со грди, функционални модерни градби.

Во ерата на Југославија, значи, некои сегменти на градската заедница може да се сметаат за противници - ако не според заложбите, тогаш барем според секојдневните практики - на социјалистичките идеали за кои упорно се тврдеше дека ги мотивирале оние што ја основале Крушевската Република и го прогласиле Крушевскиот манифест во 1903 година. Ни усните записи не овозможуваат едноставно повлекување права линија меѓу историјата на градот и напредувањето на македонската нација, односно југословенскиот проект. Видлив израз на граѓанското незадоволство од државно спонзорираниот модел на историјата е еден градежен проект што го извеле граѓаните и кој е завршен во 1983 година. Како одговор на апстрактниот споменик од 1974, тие нарачале свој фигуративен споменик со цел подиректно да прозборат за настаните од 1903. На алтернативното меморијално место што на тој начин се создало на боиштето на Мечкин камен, сега во средината има една бронзена статуа на млад човек кој замавнува со камен, како што се гледа на следнава фотографија.

Овие алтернативни приказни за крушевското минато може да се означат како „социјалистичка“ и „локалистичка“ верзија. Тие се интересни сами по себе, но за мене е поважна нивната меѓусебна интеракција, како и нивната интеракција со националистичката нарација со која започнав. Голем дел од литературата за Македонија во дваесеттиот век го истакнува непријателскиот начин на кој се прераскажува нејзината историја, при што грчката, бугарската, српската и (во поново време) македонската и албанската перспектива во врска со Македонското прашање бараат ексклузивни права. За споровите во врска со историјата на Македонија во деветнаесеттиот и дваесеттиот век може да се каже дека соодветствуваат на моделот на „културата на расправање“ на Дебора Танен, во која се тргнува од ставот дека напаѓањето на туѓите гледишта - кои најпрво ќе се поедностават безмалку до непрепознавање - е најдобриот начин за истерување на вистината (Tannen 1998). Доминантниот впечаток е хаотична и какофонична мешавина од агресивни гласови, при што секој сака да го замолчи својот соперник, со надеж дека ќе го има последниот збор.

Но ако се суди по начините на кои се раскажува приказната за минатото, тоа не е правата слика за Крушево 1903. Посоодветна паралела би можел да биде постојаниот разговор од типот за кој зборува Кенет Берк (Burke 1957: 55-56) и што се користи при илустрирањето на процесуалната анализа на Ренато Розалдо (Rozaldo 1993:104). Берк замислува вжештен разговор кој трае подолго од кој и да е учесник во него. Новодојдените се обидуваат да го сфатат генералниот тек и потоа да ја преземат дебатата: можеби ќе донесат нови сознанија, ќе повторат работи кои веќе им се познати на слушателите и ќе оживеат спорови за кои се смета дека завршиле многу одамна. Кога ќе се вклучат во разговорот, можеби ќе имаат крајно различни и лични мислења и ќе инсистираат да бидат слушани цело време. Но со време учесниците ќе сфатат дека има повеќе материјал и богатство во реципрочната размена отколку во тврдоглавото истерување на индивидуалните агенди.

За настаните во Крушево 1903 веќе цел век се води еден вид берковски разговор, со некои дополнителни карактеристики. Во составувањето на „националистичките“, „социјалистичките“ и „локалистичките“ верзии на минатото свое место имаат прогонетите, жителите, историчарите, идеолозите и креативните уметници. Сепак, нивниот статус во дебатата не е рамноправен. Некои носат ознаки на власта или имаат обеспокојувачка придружба. Некои го кажале својот дел и си заминале набрзина не чекајќи одговор; некои залудно го истрошиле своето време, веројатно очекувајќи некои од соперниците да заминат пред тие да проговорат. Некои внимателно ги слушале другите, го учеле она што им е важно и потоа го употребувале тоа знаење за да ласкаат, наговараат или убедуваат; други пак, загрижени да не ги заборават своите ставови, или пак погодени од ставовите на некој друг, непрестајно ги повторуваат со тивок глас, и на тој начин пропуштаат да слушнат многу од она што се зборува околу нив. Некои преземаат чекори да ги направат своите прилози потрајни, оставајќи зад себе текстови или други предмети, така што сега просторијата е преполна со нив.

Земајќи ја оваа слика за појдовна точка, книгава се обидува да ја анализира природата на национализмот, социјализмот и локализмот кои заедно, дури и со ист чекор, марширале низ историјата на Крушево во дваесеттиот век. На тој начин, таа на едно ниво нуди запис на разговорот од којшто се родиле алтернативни приказни и тие влијаеле една врз друга. Тој запис, се разбира, е делумен. Јас избрав да ги истакнам оние моменти и фази во кои се појавуваат очигледни контрадикции, како и начините на коишто тие контрадикции се решаваат за да може да продолжи разговорот. Два такви моменти беа создавањето и уништувањето на социјалистичка Југославија, во 1940-тите и во 1990-тите.

 

(продолжува)

од книгата: Кит Браун, Минатото под прашање; Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата. издавачи: Евро-Балкан прес и Македонско етнолошко друштво; превод: Зора Бакалинова Анастасова

Други текстови од Кит Браун на Окно:

Подигањето споменик

Подигањето споменик (2)

Подигањето споменик (3)

 

ОкоБоли главаВицФото