Rapidshare и’ дозволува на Србија неограничен download без чекање веднаш по признавањето на Косово

03.08.2011 15:15
Rapidshare и’ дозволува на Србија неограничен download без чекање веднаш по признавањето на Косово

Брисел, 03 август 2011 (Окно) – По испорачувањето на сите обвинети за воени злосторства, Европската унија разгледува како да ја мотивира Србија да го исполни следниот спорен услов – признавањето на Косово.

Како што дознава Окно, станува збор за договор со компанијата Rapidshare за дозволување неограничен download за сите граѓани на Србија.

Ефектот од испорачувањето на Горан Хаџиќ, последниот хашки бегалец, веќе е видлив во Србија, зашто од утрото на граѓаните им се достапни спотовите на каналот ЈуТјуб кои порано ја даваа порака „ова видео не е достапно во вашата земја“.

Од извори блиски до ЕУ дознаваме дека Брисел ќе примени дополнителни методи за мотивација на граѓаните доколку Србија го признае Косово. Еден од клучните договори на Брисел и компанијата за симнување фајлови Rapidshare е ветувањето дека оваа компанија ќе им дозволи на граѓаните на Србија неограничен download без чекање кога државата Србија ќе го признае Косово.

Оваа вест со радост е дочекана меѓу граѓаните ширум земјата и би можела да биде пресудна при лобирањето за решавањето на косовското прашање.

- Ако тоа е вистина, тогаш станува збор за одлична вест – вели Горан Милетиќ, економист од Пирот – што се однесува до мене, јас би го продал Косово и Санџак само за да не морам да чекам 60 секунди кога симнувам порничи – додава Горан.

- Ќе гласам на референдумот да го признаеме Косово – признава Јован Милосављевиќ од Чачак – ако тоа е жртвата по која ќе можам да ја симнам новата сезона на „Како ја запознав мајка ти“ без чекање од пола саат меѓу фајловите, тогаш ете им го Косово и манастирите – вели овој страстен љубител на серии.

Неофицијално дознаваме дека Европската унија во акцијата за лобирање за признавањето на Косово ќе ги вклучи и компаниите MegaUpload и HotFile, а како дополнителна мотивација Брисел ветува дека веднаш по признавањето на косово ќе биде лансиран посебен сајт на кој редовно ќе се појавуваат најновите средени титлови за филмовите и сериите на српски јазик.

Извор: njuz.net