Во друштво на библиофили

04.08.2011 12:10
Во друштво на библиофили

Најлошо од сè што може да му се случи на човек е да падне во рацете на љубителки на литературата, кои во салон околу себе собираат разни библиофили и организираат седенки на кои љубителите на литературата добиваат по шолја чај и две колачиња.

Вистина е дека не бев принуден да одам кај госпоѓата Херцан на седенка, но сакав да одговорам на повикот на својот пријател кому неодамна му кажав дека во станот имам оригинални стихови на персискиот поет Хафиз, во повез од човечка кожа. Пријателот го разгласи ова меѓу библиофилите и љубителите на литературата и тоа беше доволно за нивниот мецена, госпоѓата Херцан, да ме повика на чајанка.

Во салонот сретнав дванаесет искрени лица, од кои во мене зјапаше целокупната светска литература. Моето доаѓање беше поздравено, а човекот со стиховите на Хафиз во повез од човечка кожа има право, помислив, на четири колачиња.

Си ја доближив тацната со четирите колачиња и на госпоѓата која седеше до мене не и’ остана ниедно. Тоа толку ја растажи што веднаш почна да раскажува за некоја книга на Гете.

Наспроти мене седеше некаков историчар на литературата кој ми се обрати со прашањето:

„Дали сте запознаени со Гете?“

„Од глава до пети“, одговорив сериозно, „тој носи полудлабоки жолти чевли со врвки, а на главата кафен шешир, началник е во даночната инспекција и живее во Кармелитската улица.“

Библиофилите ме погледнаа тажно и со прекор. Домаќинката, која сакаше да ја прикрие нелагодноста, ме праша: „Ве интересира ли книжевноста?“

„Милозлива госпоѓо“, возвратив, „порано многу читав. Ги прочитав Тројцата мускетари, Баскервилскиот пес, Маската на љубовта и други романи. Во соседството секогаш ми го зачувуваа викенд романчето што излегуваше во продолженија во локалниот весник, а потоа сите шест продолженија ги читав одеднаш. Читањето толку ме интересираше што не можев да дочекам дали грофицата Леона ќе се омажи за џуџето Рикардо, кој заради неа го уби неговиот татко, а кој, пак, од љубомора го уби нејзиниот вереник. Да, книгите прават чуда. Кога ми беше најлошо, го читав Типот од Месина. Типов станал лопов на деветнаесет години. Името му беше Лоренцо. Денес баш и не читам многу. Веќе не ме интересира тоа.“

Љубителите на литературата пребледеа, а високиот човек со продорен поглед отсечно и строго ме праша, како истражен судија: „Ве интересира ли Зола?“

„За него знам многу малку“, реков. „Слушнав дека загинал во француско-германската војна при опсадата на Париз.“

„Дали сте слушнале за Мопасан?“, некако полубесно ми се обрати еден маж.

„Ги читав неговите Сибирски приказни.“

„Тука грешите“, рече госпоѓицата со очилата која седеше до мене. „Сибирските приказни ги има напишано Короленко со Серозевски. Боже, Мопасан е
Французин.“

„Мислев дека е Холанѓанин“, мирно одговорив. „А ако е Француз би можел Сибирските приказни да ги преведе на француски.“

„Но, сигурно го знаете Толстој?“, продолжуваше домаќинката.

„Го гледав неговиот погреб во кино. Сепак, мислам дека еден хемичар како Толстој, човекот кој го пронајде радиумот, заслужи подостоинствен погреб.“

За момент сите замолчеа. Историчарот на книжевноста кој седеше спроти мене ме погледна и со закрвавените очи иронично ме праша: „Затоа чешката литература секако ја познавате одлично?“

„Дома ја имам Книга за џунглата, тоа би требало да ви биде доволно.“

„Но, тој е Англичанец, тој Киплинг“, рече еден молчалив господин, кој со рацете ги прекри очите, па изгледаше како да плаче.

„Не мислев на Киплинг“, реков навредено, „ја споменав Книга за џунглата од Тучек.“

Слушнав како двајца господа си шепотат еден на друг, а потоа слушам, дека сум бил животно.

Бледото долгокосо момче со прекрстени раце благо ми се обрати:

„Вие сигурно не ја разбирате убавата литература, сигурно не можете да го сфатите слогот, фантастичната структура на реченицата, вас ни поезијата не ве допира. Дали воопшто сте слушнале за оној пасаж од Лилијенкрон, каде што буквално може да се помириса природата: ’Облаците поминуваат, лете, синото небо над, над планините, над горите, над шумите?’“

Повишувајќи го гласот, потпрен на пријателот кој седеше покрај него, продолжи: „А Оган од Д’Анунцио? Кога би ги читале прекрасните описи на венецијанските прослави, а притоа тој љубовен роман...“

Ме погледна и чекаше што ќе кажам.

„Не ве разбрав најдобро, зошто Д’Анунцио запалил оган на празник. Колку години добил за тоа?“

„Д’Анунцио е најславниот италијански поет“, ми објаснуваше неуморната госпоѓица со очилата.

„Тоа е необично“, простодушно забележав.

„Што тука има необично!“, заурла во вистинското значење на зборот господинот кој дотогаш молчеше. „Дали вие некогаш сте слушнале за некој италијански поет?“

Одговорив достоинствено: „Секако. За Робинзон Крусо.“ Потоа се свртев околу себе.

Дванаесет љубители на литературата и библиофили во истиот миг побелеа. Тие дванаесет прерано побелени љубители на литературата и библиофили ме исфрлија на улица низ приземниот прозорец.

Па треба да е среќен што

Па треба да е среќен што поминал така. Замисли да го затвореле во библиотека, или недај боже да го прателе во некое ќелијно училиште...

Дали тоа е нова книга? А во

Дали тоа е нова книга? А во продажба од кога?

Да, книгата е нова и веќе е

Да, книгата е нова и веќе е во продажба.

ОкоБоли главаВицФото