ДОСИЕ 25630 (3)

04.08.2011 20:47
ДОСИЕ 25630 (3)

Предлогот за дерегистрација...

Деветтиот акт РСВР/СДБ/УСДБ за Владимир Милчин, Предлог за дерегистрација на ПОО „Драматург“, заведен е на 22.7.1987 година со ев.број 886. Предлогот има три потписи покриени со црно.

Значи, цитирам од почеток до крај без било каква интервенција: „МИЛЧИН ВЛАДИМИР од татко Илија, роден на 29.04.1947 година во Скопје, Македонец, државјанин на СФРЈ, стално настанет во Скопје на ул. '8 ударна бригада' бр. 20/б-1, оженет, татко на едно дете, професор по актерска игра на факултетот за драмски уметности во Скопје, член на СК, заведен во ПОО, бр. 6427/1976 година под псевдоним 'Драматург' заради основите на сомнение дека делува од позиции на граѓанска десница.“

Потоа следи образложение во кое пишува, цитирам, пак без било каква интервенција: „Основ за заведување се добиените сознанија за негово учество во студентските демонстрации во јуни 1968 година во Белград, во својство на иницијативниот одбор за организирање на демонстрациите, како и основите на сомневање за соработка со весникот „Студент“ од Белград, учество во основањето на весникот „Фокус“ и авангардниот театар „Св. Никита Голтарот“; и неговите настојувања во Македонскиот театар да се поставуваат дела од автори кои делуваат од позиции на Граѓанска десница. Исто така одржувал контакти со лица од белградскиот универзитет и лица од Скопје, експонирани од позиции на граѓанска десница и македонски национализам, меѓу кои најчесто со (псевдоним покриен со црно, м.з.) и (псевдоним покриен со црно, м.з.). Во текот на обработката низ преземените оперативни и оперативно-технички мерки добиени се сознанија дека ПОО 'Драматург' во периодот на 1978 година со неколку лица кои порано биле експонирани по линија на граѓанска десница, покренал иницијатива за основање на ново списание за млади во кои ќе се објавувале написи за 'актуелни настани од средините на средношколската и студентската младина, но ваквиот обид бил неуспешен. Во тој период се противставувал на секој концепт во односите меѓу органите на општествените и културните институции, кои значеле детерминирање и (веројатно требало да стои на, м.з.) културата и уметноста. Се залагал општествените институции да се прилагодат на барањата на театарот и културата воопшто, бидејќи според него истите претставувале пречка за развојот на уметноста. Со примената на оперативните и оперативно-техничките мерки, добиени се 29 оперативни материјали, во истите делумно се потврдени индициите за негово делување од позиции на граѓанска десница. Не се добиени сознанија за контакти со екстремни лица од позиции на граѓанска десница и Македонски национализам од Белград, Скопје, што всушност беше и еден од основите за заведување во обработка. Од 1982 година приливот на сознанијата за активноста на ПОО 'Драматург' е минимална, односно има сознанија во контекстот на безбедносни појави кои се јавуваат пошироко во сверата на културата, но неговото место и улога не е прецизно одредено. Од друга страна од 1982 година истиот е општествено политички активен (извршен секретар на ОК на СК на СО 'Центар' и на факултетот за драмски уметности во Скопје) целосно ја спроведувал политиката на СК и зацртаните задачи во рамките на своето работење. Имајќи ја во вид неговата научна и образовна дејност, доприносот што го дава на афирмирањето на Македонската драмска уметност и култура, како и фактот дека во поново време не се експонира со непријателски коментари и дејанија, сметам дека се исполнети сите услови за негово дерегистрирање од ПОО. Со оглед дека Службата има стапено во контакт со него, и фактот што е присутен во средината каде е можно да се очекува однесувања од позиции на граѓанска десница и други видови непријателски активности, контактите ќе продолжат и ќе се создаваат услови за градење на соработнички однос. Од наведените причини предлагаме ПОО 'Драматург' да се дерегистрира од ПОО, а неговото досие да остане во оперативниот архив на СДБ. Истиот е и ќе биде користен како оперативна позиција за следење на активностите и коментарите на ПОО-а и лица безбедносно интересни од позиции на граѓанска десница, како и следење на состојбите во овие средини кои претставуваат интерес на СДБ.“ Во горниот десен агол со ракопис е напишано дека сум бил дерегистриран на 19.8. 1987 година. Решението за дерегистрација го нема во досието 25630.

...и потоа, мојата одбрана на Вевчани

Од досието кое останало во оперативниот архив на СДБ се гледа дека не следеле ниту контакти ниту мерки за градење „соработнички однос“ со Владимир Милчин. Зошто? Дел од одговорот е службената белешка од 3.11.1987 година, заведена во РЦВР/УСДБ Испостава „Центар“, со ев.бр. 091/760, која се однесува на разговор по иницијатива на некој извор (псевдонимот е покриен со црно, м.з.) кој се водел час и половина во работната просторија на изворот. „Целта на разговорот беше добивање на сознанија во врска со неодамнешниот интервју на Владимир Милчин во неделниот часопис 'Данас' (...) како и пошироко запознавање со состојбите на Факултетот за драмска уметност,“ запишале двајцата оперативни работници чии потписи се покриени со црно. Ќе ги изоставам деловите од службената белешка кои се однесуваат на други лица чии имиња не се покриени, а ќе ги цитирам само деловите кои се однесуваат на мене. „Во врска со неодамнешното интервју на Владимир Милчин во 'Данас' можам да кажам дека на факултетот т.е. меѓу вработените истото не предизвика никакви реакции нити коментари. Што се однесува до студентите мислам дека најголем број од нив не се запознати со ова,“ се обидел да ме заштити изворот. Но, оперативните работници не биле сосем убедени, па во оперативниот коментар запишале: „Со оглед на тоа што во врска со интервјуто на Владимир Милчин во 'Данас' засега не се регистрирани безбедносно-интересни сознанија, Изворот е инструиран кон натамошно следење на евентуални коментари и искажувања во врска со истото.“ И тоа е хронолошки последниот акт со евиденциски број што го најдов во досието 25630.

Зошто моето интервју во угледниот загрепски неделник „Данас“ го привлекло вниманието на оперативните работници? Зашто јас бев, како што велеа вевчанци, единствениот што јавно ја осудив употребата на полициска сила врз жените и младите вевчанци, кои ги бранеа своите извори. Но, во интервјуто јас зборував и за многу други болни и нерасчистени политички прашања од историјата и од современоста на Македонија. Се редеа интервјуа за печатените медиуми од сите делови на Југославија, вклучително и љубљанска „Младина“, која во тие години (втората половина на 80-тите) беше најжестокиот критичар на владејачката политика.

Мојот граѓански политички ангажман што следеше по тоа интервју (основањето на Здружението на југословенската демократска иницијатива, основањето на Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Македонија, учеството во Комисијата за општествени реформи, членувањето во Управниот одбор на Соросовата фондација, основана во времете на Анте Марковиќ) бил доволно силен сигнал за СДБ дека оние кои ги „билдале“ кариерите најавувајќи дека ќе ме направат нивни соработник биле нереални и неостварливи. Уште претходно, со заминувањето од МНТ на ФДУ во април 1982 година, мене ми се отворија можности за режии надвор од Македонија. Мојата професионална кариера веќе беше надвор од дофатот на оние кои ме оневозможија да ја поминам југословенската селекција за Фулбрајтова стипендија. Мојата егзистенција ниту претходно, ниту во годините кога бев ПОО (1976-1987) не зависеше од милоста на СДБ. Бев вработен од септември 1970 година. Станот, изграден во 1934 година, во кој живеам и денес, го наследив од мајка ми, која го наследила од татко ѝ Трајче Бојаџиев. Што би рекол еден мој пријател, ја имав среќата да претставувам „затворен систем“ неподложен на поткуп, закани или уцени.

Жртвите остануваат жртви, џелатите се редат

Јасно ми е дека денешното (4.08.2011 година) решение на т.н. комисија за лустрација (читај: дискредитација) е резултат на налогот од „семоќниот“ кој бара неодложна егзекуција на сите кои не се подготвени да застанат во стројот и да поздравуваат со „Хајл, Никола!“. Јасно ми е дека тоа решение е спротивно на членот 4 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција. Јасно ми е и дека она што следува ќе биде маратон и дека јас нема да бидам последниот маратонец кој ќе треба и дома и во странство да се бори против груевистичката инквизиција. И таа борба мора да биде гласна. Правото и правдата, слободата и демократијата, не се бранат со шепотење, уште помалку со молчење.

Го завршувам ова продолжение со мислата дека жртвите остануваат жртви, само џелатите се менуваат. Раководено од челичната рака на Груевски и фамилијата, ВМРО-ДПМНЕ чекори по патот на УДеБе и гази сè пред себе! Газејќи ги другите, ја гази и сопствената историја и сопствената иднина.

Со нетрпение го очекувам курирот да ми го врачи решението. За да можам докрај да ја разоткријам пред јавноста монструзната леснотија со која ја одврзаа гилотината.

Фељтонов, се разбира, не е завршен. Ако заради ништо друго, тогаш заради пораката дека на правдата можат да ѝ ги врзат очите, но на жртвите не можат да им ги затнат устите.

Оваа комисија треба да се

Оваа комисија треба да се прекрсти во едно од следниве:
а) Комисија за ликвидација
б) Комисија за деградација
в) Комисија за груевизација
г) Комисија за кастрација
 

Кодош е турски збор. Измислен

Кодош е турски збор. Измислен е некаде во XVI век, за да се опише човек кој продава/предава/издава некој друг човек за пари, привилегии, или чисто од мерак. Имено турците, наидувајќи на неверојатен ентузијазам кон оваа активност во новоосвоените територии, а особено територијата популарно наречена Македонија, решиле на оваа активност да и ја дадат масата со која нивниот јазик ги обликува зборовите-давајќи им моќна патина. Оттаму онаа прекрасна дескриптивна звучност на зборот КОДОШ-збор со кој и ден денес се гордееме и го користиме со голем ентузијазам. Едноставно речено, кога нешто ќе заслужиш, а некој од многубројните владетели великодушно ќе ти го прикачи-историјата го гратификува на најпрекрасен начин.

Гратификацијата доаѓа токму во времето кога за прв пат по 23 века, таканаречените Македонци, конечно уживаат во фактот дека власта во “земјата“ не е странска. Фала богу, дојде и тој час, кога кодошот не мора да консултира странска власт за да ужива во придобивките на својата професија, туку тоа е еден чисто патриотски чин, за кој може да се пресмета и ДДВ на пример. Навистина чесно и современо. Каде би им бил крајот сега на кодошите кои ги тастаа Гоце Делчев и останатите македонски војводи, кога би можеле да го направат тоа пред домашна-демократски избрана власт. Што повеќе, сега нашата демократски избрана власт може комотно и непречено со прст да покаже на кодошите кои соработувале со претходните, туѓински и недемократски избрани власти. Навистина радосни мигови во 40.000 годишната историја на овој народ.

Што се однесува до моето мислење, јас сум многу весел што релативно брзо го надминавме краткиот и збунувачки период кога на национално ниво кокетиравме со опасната идеја дека меѓу нас имало ДИСИДЕНТИ и се вративме назад на автохтоната КОДОШКА практика. Ќе беше навистина репулсивно да правиме дисидентски суперхерои на база на пијани кафански викотници и лажни театарски анархолиберали. Легендата вели дека секој трет македонец е кодош, што по мене е потценувачка проценка за квантитетот и квалитетот на реализацијата на оваа професија кај нас. Сепак, Македонија е легендарна и библиска земја, па и легендите-колку и потценувачки да зборуваат за нас, ни прилегаат. Затоа да се држиме до нив, како што се држиме за познатиот цитат од Господ Бог: “Македонија нема никогаш и никому да припаѓа. Кога го создадов светот, неа ја создадов за себе, за да има каде да се наполнам со радост“. Ете конечно и Господ Бог, по 23 века чекање, може да се исполни со радост. На крајот на денот, тој е единствениот ДИСИДЕНТ во историјата на Македонија. Единствено останува да се одреди цената за која веселите македонски кодоши би го предале. Или можеби од пуст мерак?

Генијално! Немам друг збор за

Генијално! Немам друг збор за ова!

Сите постизборни притисоци

Сите постизборни притисоци врз опозициони прваци, бизнисмени, интелектуалци од невладиниот сектор (како и примеров со Владе Милчин), како и затворањето на опозиционите медиуми, се искалкулирани со цел да се посее страв и резигнација кај онаа половина од граѓаните што не гласаа за дпмне. Жестината и бруталноста на нападот само ја покажува паранојата и бескрупулозноста на владеачката клика, која е разбеснета од губитокот на апсолутната власт во парламентот и е нестрплива да се одмаздува на сите кои ги смета одговорни за таа своја нарушена позиција. За висините на духот и беспрекорноста на ангажманот на Владе нема потреба да се зборува. Оваа епизода само му го потврдува демократскиот профил на ангажиран интелектуалец, доследен на своите хумани принципи.

Фино срочено. Се плашам дека

Фино срочено. Се плашам дека владеачките структури немаат ни перде ни срам, и дека нема да запрат тука. Откако ги пикнаа Љубе, Велија и пола менаџмент на А1 во затвор, се е можно во Македонија. Се плашам дека оваа траги-комична епизода со Владе ќе ја тераат до крај. Мислам дека владата е во состојба и некој странски амбасадор да пикне во затвор за „злоупотреба на јавна функција“!?!  Мартин Лутер Кинг вели “the arc of the moral universe is long but it bends toward justice“. Правдината на крај ќе излезе на површина. Тркалото ќе се заврти. За 5-10 години ќе го дознаеме вистинското место на оваа гарнитура во нашата понова историја.

А бе, на крајот на краиштата

А бе, на крајот на краиштата не е важен профилот на Милчин. Начинот на којшто се решаваат работите во државава е страшен. Не се работи што јас мислам за Милчин, Љубе или Фијат. Се работи за тоа оти реваншизмот во Македонија добива застрашувачки размери. Почна на највисоко ниво, експонирани видни личности се апсат, прогласуваат за кодоши, им се рушат зградите итн. Но, пораката е токму упатена кон онаа половина што гласаа против ДПМНЕ. Пораката е дека и нив ги чека истото, па дури и бетер, бидејќи тие се анонимни. Пораката е и кон нивните да си седат мирни во јатото. Не случајно Љубе беше упасен ден после изборите, Милчин прогласен за кодош околу Илинден, а на Фијат зградата срушена на ден пред Рамазан. Груевски можеби е неписмен, ама Мијалкови точно знаат што прават, зошто прават и како прават.

Се согласувам дека хајката

Се согласувам дека хајката против видни интелектуалци, бизнисмени, политичари, е само врвот на сантата мраз. На овој начин се сее култура на страв и се испраќа порака до сите неистомисленици дека ти си „следен“. Следен на ред и следен од службите на прогонот. Шокиран сум со каква леснотија се лишуваат граѓаните од слобода, се рушат милионски проекти, се трпаат политичари по затвори, се затвараат медиуми. Да се зачудиш дали живееш во Европа или во Северна Кореја.

Се сложувам со горенаведените

Се сложувам со горенаведените коментари, но една работа исто така треба да се разјасни, а тоа е гласањето на комисијата за лустрација. Колку што разбравме од медиумите на денот на гласањето од вкупно 11 членови на комисијата, тројца ја напуштиле, двајца воопшто не дошле поради повреда па така останале само шестмина кои гласале ЗА. Е сега знаејќи дека одлуката се донесува со двотретинско мнозинство, мало дете знае дека од 11 луѓе две третини се 7 гласа. Па јас се прашувам како е тогаш донесена таа одлука без двотретинско мнозинство? Тоа што вели претседателот на комисијата на кому одамна му е истечен мандатот (тоа е друго прашање околу валидноста) дека со напуштање на седницата тројцата се изјасниле како против, значи дека и да останале и да гласале ќе имаме исто само 6 гласа ЗА, а 3 ПРОТИВ и повторно немало да биде донесено решението. Значи да сумираме:

Факт број 1: Претедателот е со истечен мандат,
Факт број 2: Донесена е одлука без двотретинско мнозинство

Со ова мислам дека валидноста на комисијата и одлуките кои ги донесува се доведени во прашање.

Комисијата прегласа вчера по

Комисијата прегласа вчера по втор пат и тогаш имаа мнозинство. Повеќе ме загрижува составот на Комисијата за верификација (читај фабрикација) на фактите. Проверете го нејзиниот состав и биографии на официјалниот вебсајт.
http://www.kvf.org.mk/mk/sostav-na-komisijata.html Се ќе ви биде јасно. Немаат ни соодветно образование ни соодветна пракса. Све се партиски апартчици од владиниот апаратус. Пиони во улога на политички прогонители.

мислам дека ова е излишно да

мислам дека ова е излишно да се проверува по вчерашната изјава на претседатолот.
Дошло до второ гласање откако утврдиле дека првиот пат немало доволно мнозинство. Впрочем тоа не било второ гласање, туку втор пат се собрале заради решавање технички проблеми. Всушност имало гласање, но не како гласање. Имено ради влези-излези на членовите на комисијата се десило они да гласаат и откако завршиле, сфатиле дека донеле одлука без мнозинство. се вратиле назад но пак немало мнозинство. за да го добијат го собрале од дома поврдениот член на комисијата, па попладнето повторно гласале. Но ова всушност не е гласање повторно, туку истото решение го изгласавме два пати.
Вака некако сјајниот дијалектичкиот ум на претстедателот се експонира вчера пред медиумите.
Тешко на прогласениот за кодош од вакви лустратори. Ви посакувам многу сила, трпение и здраворазумност во борбата. Нависина ќе биде долга.

ОкоБоли главаВицФото