Лустрација или политичко-полициска злоупотреба?

05.08.2011 14:11
Лустрација или политичко-полициска злоупотреба?

Лустрацијата продолжи да се спроведува без потпишан документ за соработка со тајните служби, претворајќи се во морбидна карикатура и инструмент за политичко-полициска злоупотреба. Една провладина ТВ на 4-ти август 2011 објави: „Денеска на седницата која траеше повеќе од два часа, присуствувале 9 членови. Но, кога требало да се гласа тројца членови ја напуштиле седницата и за решението гласале 6-мина.“ (Канал 5). А што им изјавил претседателот на комисијата со истечен мандат на новинарите: „ - „... нема проблеми во гласањето“ (Алфа); „А некои што излегоа - тоа е тип односно начин на гласање“ (Телма).

Неколку часа подоцна, испадна дека „тази гласање не било гласање“. Претседателот на комисијата со одамна истечен мандат даде сосема друга изјава откако повторно итно била свикана Комисијата за верификација на фактите: „- Некои членови во моментот на гласањето излегоа и тогаш не беше констатирано кој влезе, кој излезе... “ (Алфа). Откако му било укажано со допис дека „за време на гласањето го немало потребното мнозинство“, тој се попишманил па решил да прегласуваат.

По којзнае кој пат, без срам и перде, комисијата за „лустрација“ се мајтапеше со процедурите и со правата на лицата кои мора да потпишат изјави за несоработка (иако најголем дел од тие што мора да потпишат не знаат што е соработка, ниту пак што значи „таен соработник“ и „таен информатор“). Според Деловникот на Комисијата за верификација на факти (која брои 11 члена), „Комисијата може да одлучува ако на седницата присуствуваат повеќе од две третини од членовите на Комисијата.“ Нејсе, претседателот самоволно си одлучил дека може да се гласадури и ако се присутни само шест члена од единаесет (во комисијата „демократски“ се гласа за „фактите“?!?). Цврсто го бранеше својот став пред медиумите дипломираниот правник со истечен мандат. Го бранеше, едно два-три часа. Потоа се „покаја“ пред истите медиуми, и призна дека „...за време на гласањето го немало потребното мнозинство и ние прегласувавме“.

Паметам, едно време „добронамерните“ предлагачи на законот за „лустрација“ не убедуваа дека нема да настрадаат „лица поради кафеански муабети“, туку „оние за кои има документ и кои потпишале изјава дека ќе соработуваат со службите и кои навистина го правеле тоа“. Сега сме сведоци како страдаат лица од кафеанските муабети меѓу новинарите и членовите на комисијата за лустрација, а потоа истите лица се лустрираат со „демократско гласање“ без постоење на потпишана изјава дека соработувале со тајните служби. Предлагачите на законот се скандализираа како е можно да се гласа дали некој бил соработник: „Самата логика на Законот за лустрација, не подразбира гласање, факти има или нема, тие не се предмет на субјективно толкување“ – не убедуваше еден од пишувачите на законот. Ама, лустраторите си имаат деловник, па демократски си гласаат „кодоши“, и ич уво не ги боли за оние што го пишувале законот. Баш им е гајле за предлагачите на законот коине уверуваа дека неопходен услов и основен документ за лустрација ќе биде писмена изјава писмен документ со кој некој/а прифаќа да биде соработник.

„Дневник“, според „неофицијални информации“ објави дека „тројца членови на Комисијата ја напуштиле седницата оти не се согласувале со оценката на останатите шест члена дека информативен разговор е доволно силен доказ некој да биде прогласен за кодош.“ Можно ли е како доказ за „соработка“ да се користат непотпишани, парафразирани „изјави“ од принудни информативни разговори на полицијата со жртвите на оперативна обработка, кога самите информативни разговори претставувале акти на повреда на човековите права на жртвите, дел од нивниот идеолошки прогон?

Познато е дека тајните југословенски служби имале задача да произведуваат државни непријатели, тоа им било во описот на работните места на оперативците. Нејсе, наместо прво да донесеме и спроведеме закон за рехабилитација и обештетување на жртвите кои своевремено биле жигосувани како „предавници“ или „странски платеници“, почнавме да спроведуваме закон кој почна да ги лустрирапоранешните жртви, и практично да ги амнестира нивните прогонувачи.„Лустраторите“ отидоа дотаму, што почнаа да пронаоѓаат докази за „соработка“ единствено во досиејата на жртвите, отворено и јавно признавајќи дека немаат никаков друг доказ, никаква потпишана изјава за соработка, ниту пак документ од било која служба кој потврдува дека лицето било таен соработник. Практично„лустраторите“почнаа да водат постапки за верификација на „факти“исклучиво на соработници,дури и пред да ги дочекаат„фактите“ од службите за безбедност. Имено, нестрпливите „лустратори“ почнаа да верификуваат „факти“, потпирајќи се единствено на податоците од досиејата на жртвите, податоци кои се добиени со флагрантно кршење на нивните човекови права – со принуди, уцени, притисоци, закани, измачувања, а неретко и собескрупулозни облици на тортура. Уште нешто - наредбодателите и корисниците на информации ги заборавија, а нели токму тие беа главните прекршувачи на човековите права?

Какви последици ќе има решението на Комисијата за верификација на „факти“, кое се темели на индивидуални проценки и толкувања, на податоци од принудни информативни разговори (непотпишани), извлечени од личните досиеја на жртвите, и без постоење на каков и да е друг документ или изјава за соработка со службите? Со ваквите инквизиторски постапки на комисијата за „лустрација“ практично ќе бидат обесхрабрени и замолчени жртвите на тајните служби, кои имаат законска можност да поведат постапки за лустрација против повредувачите на нивните права. Сега, по самоволните толкувања на Комисијата на лустрација, секоја жртва што била принудена да оди на информативен разговор, ќе се плаши да покрене постапка за лустрација, затоа што сосема лесно може да биде прогласена за свесен соработник на тајните служби. Ваквата процедура за лустрација им втерува страв на поранешните жртви, а ги охрабрува поранешните регистрирани соработници на тајните служби, нивните наредбодавци и корисници на информации, да продолжат со јавна и паланечка дискредитација на жртвите преку методите на медиумско и интернетско „кодошење“ и клеветење.

Зошто ваквата лустрација ја сметам за морбидна карикатура? Нема услови за лустрација ако не се отворат архивите на регистрираните соработници, ако не се разобличат корисниците на информации и наредбодавците, ако се чепка само по архивите на жртвите кои биле предмет на обработка на тајните служби. Морбидна карикатура е лустрацијата во која провладините новинари имаат многу повеќе „релевантни“ (и дискредитирачки) информации од членовите на Комисијата за „лустрација“. А од каде ги добиле тие информации за медиумско линчување на „кодошите“? Од ДБК или од членовите на комисијата кои „кодошеле“, кршејќи го законот за „лустрација“?

Најпосле, во кој член од законот стои „дека доволно е да има досие во една од четирите институции за таквата изјава да не биде верифицирана“? Во кој член од законот стои дека жртватаможе да биделустрирана единствено врз основа на своето досие кое не го уништила (иако можела да го уништи), само врз основа на прекажаните искази (неретко „кодошења“) на нејзините џелати – истите оние кои макотрпно, и за пари, го формирале нејзиното досие? Парадоксот да е поголем, пред нашите очи се одвива лустрација на жртва на обработка на тајната полиција, која сега повторно станува жртва на лустрација, и покрај тоа што жртвата јавно објави документ од своето лично досие во кој пишува дека „Однос со органи за В(натрешни) Р(аботи) – немал (1.12.1983)“.

Зошто ваквата лустрација ја сметам за политичко-полициска злоупотреба? Настрадаа демократските процедури. Пак настрадаа жртвите, а беа „амнестирани“ министри и пратеници, од кои некои со децении биле обвинители и високи полициски функционери во времето на „комунизмот“. Нив влакно не им фали, тие си ги испраа рацете од злосторствата за време на „комунизмот“, а некои од нив повторно учествуваат во прогон врз идеолошка основа, при што се користат добро познатите „удбашки“ методи на прислушкување и јавно оцрнување, вклучително и „информативните разговори“. Иронично, најголеми жртви на „лустрацијата“ се сегашните критичари на режимот, кои претходно настрадале како критичари на поранешниот режим (овојпат беа жигосани со „автентични толкувања“ на „лустраторите“ кои немаат абер од човекови права). Истовремено, се амнестираат воени злосторници со „автентични толкувања“, а жртвите на најголемите повреди на човекови права се маргинализираат , игнорираат, забораваат (мачените, киднапираните, „жигосуваните“, внатрешно раселените).

Жртвите на инквизицијата биле прогласувани за виновни, доколку не го докажат спротивното. И жртвите на лустрацијата се прогласуваат за „кодоши“, доколку не го докажат спротивното.Пред векови, доволно било незасновано озборување или клеветење за некоја жена да биде прогласена за вештерка, и запалена на клада. Сега е доволно да те искодоши некој член на комисија, или да те наклевети некој на телевизија или интернет. За време на инквизицијата, идентитетот на сведоците бил чуван во тајност, за да се оневозможи одбраната. Сега идентитетот на соработниците се чува во тајност (нивните имиња во досиејата на жртвите се пречкртани), а лустрираните немаат пристап до информациите со кои располагаат лустраторите. Инквизиторите прифаќале како доказ и признанија изнудени со мачење. „Лустраторите“ прифаќаат извештаи од информативни разговори каде што жртвите биле со закани или уцени принудувани да даваат информации. На обвинетите од инквизицијата со векови не им било дозволувано да повикуваат сведоци во нивна полза. На жртвите од лустрацијата не им се дозволува да повикуваат сведоци во нивна полза, а страдаат во тајни кафкијански процеси во кои никој не знае врз основа на какви „строго класифицирани податоци“се лустрираат (се разбира, освен подобните новинари на „пастирот“).

Според извесни проценки, Инквизицијата била одговорна за палење на околу триесет илјади вештерки во периодот помеѓу 1450-1600 година. Колку жртви на тајните служби настрадаа во Централна и Источна Европа, и колку допрва ќе настрадаат како резултат на политичка злоупотреба на лустрацијата?

Слики: Јohn Кenn

Интересно, никогаш не сум

Интересно, никогаш не сум слушнал жртва на системот да напредува во кариерата, а го унапредиле властите на истиот тој систем.
Чудно е малку, нели?

А нели е чудно како Кљусев

А нели е чудно како Кљусев бил жртва на режимот, лежел дури на Голи Оток, па потоа стана академик. Исто и Блаже Ристовски и да не редам. А Милчин, не бил жртва на режимот, во смисла на тоа дека лежел затвор или нешто посебно да бил малтретиран, туку бил следен и сомничен за противдржавно работење. Освен тоа, треба да се има предвид дека се работи за седумдесетти и особено осумдесетти години кога службите и режимот се далеку помеки и не страдаат сите оние кои се следени.

Ќе се знае дали Мичин бил

Ќе се знае дали Мичин бил кодош или не, откако ќе биде објавено досието заради кое е проглаеен за кодош од страна на комисијата за лустрација. Значи - навистина ли доставувал податоци за Шишков и Чинго? И што информирал за нив? Ако тоа не го покажат пред јавноста, тогаш не може да се верува во нивната одлука дека Милчин кодошел, и покрај тоа што сум уверен дека дотичниов бил кодош.

@Човек Немам ама баш ич верба

@Човек
Немам ама баш ич верба во Комисијата за фабрикација на фактите и во Законот за кастрација. Погледни го составот на комисијата и тебе ќе ти биде јасно. Членови се професори по математика, бивши вработени во радио, здружение за возачи... http://www.kvf.org.mk/mk/sostav-na-komisijata.html
Сметам дека вистината ќе излезе откако ќе падне оваа влада. Нашите деца ќе учат во читанките за историја дека комунистичките методи на владеење продолжиле и по осамостојувањето на Македонија со владеењето на Н.Г. во периодот 2006-201Х.
Од друга страна, баш ме интересира како тоа си уверен дека „дотичниов“ бил кодош?! Чисто онака „од извиџење“? Дај елаборирај малку, жити се. Да не си член на комисијата? Просветли не’!

A ti kako toa isto "iz

A ti kako toa isto "iz vidzhenje" si reshil deka komisijata ne chini? Ako profesori po matematika ili bivshi vraboteni vo radio ne se kompetentni da chitaat kodoshki dosijea, koja profesija e? Dramaturzi?

Komisijata raboti sosema javno. Site nejzini chlenovi se poznati so ime i prezime i podlezhat na sud na javnosta. Od sistemska gledna tochka, toa e sosema soodvetna garancija deka komisijata kje raboti sovesno i bez malicioznost. Toa ne mozhe nikako da se sporedi so komunistichkite metodi kade zulumite i kodoshenjata se pravea tajno, pod psevdonim.

E sega, shto tebe ne ti se svigja deka likot i deloto na Dramaturgot izgleda ne se bash tolkavi ko shto gi vospevaa negovite mediumski shapshali, toa e drug problem.

Тоа што членовите на

Тоа што членовите на комисијата се познати по име и презиме, не е никаква гаранција за нивната професионалност, уште помалку за нивната совесност и (не)малициозност. Ако комунизмост се правел тајно во минатото, овојпат се прави јавно. Со име и презиме. Од авион се гледа дека членовите на комисијата се шапшал до шапшал. Немаат две чисти.  Ќе дојде ден кога и тие ќе бидат осудени како инструирани антидржавни елементи кои ја задушувале демократијата во Македонија. И Милошевиќ и неговите пајташи беа избрани на директни избори и подлежеа на судот на јавноста. Видовме кај ја однесоа Србија.
Кога борците за демократија и човекови права во Македонија бесрамно и бескрупулозно се прогонуваат од врхушката, тогаш нешто смрди во државата македонска. Кога битката изгледа како Давид (невладиниот сектор) против Голијат (владиниот сектор), секогаш сум наклонет кон послабиот. Мизерно и идотски е владиниот сектор да ги прогонува медиумите и непрофитните организации чии средства за акција се само зборовите. Владата се однесува како некој маалски буљаш, неранимајко, кој ги тепа со ластици помалите деца. Ќе дојде 2015 многу брзо. Ќе паднат многу маски и ќе се дознае кој бил про-државен елемент а кој против-државен.

Доминион, навистина не си

Доминион, навистина не си слушнал или се правиш на луд? Па, скоро целата влада на Љубчо Георгиевски се жалеа дека биле “жртва на системот кој напредува во кариерата“, па првиот претседател на владата, Кљусев,министерот Наумов, па.....ихиииии...може до бескрај да се набројуваат

Шљам се обрачунава со шљам. A

Шљам се обрачунава со шљам. A taste of their own medicine.

И мене не ми е јасно, јас

И мене не ми е јасно, јас вака како провинцијалец...:)Како само кај нас после закаснување од 20 години кога конечно се започна лустрацијата кодошите испаѓаат жртви, комисијата ја водат на база на чаршијарски муабети,лустраторите се полуписмени итн итн. Ме боли мозокот од тоа луѓе што цел живот серат сега кога ке ги прашат зошто серат они пак серат. Изгледа дека само тоа го знаат.
Единствено сакам да си го добијат за тоа што го добиле зошто сереле а поради тоа например страдал дедо ми.

Сметам дека целокупниот

Сметам дека целокупниот процес на лустрација е лошо поставен и фукционира како продолжена рака на власта. Комисијата за верификација на фактите (КВФ) на својот официјален вебсајт (http://www.kvf.org.mk/mk/zakoni.html) тврди дека:
„Обврската за донесување на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција произлегува од Резолуцијата 1096 од 27 јуни 1996 година на парламентарното собрание на Советот на Европа и Резолуцијата 1481 од 2006 година. Во Резолуцијата 1096 стои: „целта на лустрацијата не е казнување на луѓето за кои постои сомневање дека се виновни - тоа е работа на казнениот апарат - туку заштита на демократијата во пораѓање.“Е сега, ако отидете на официјалниот вебсајт на Советот на Европа (http://assembly.coe.int//Main.asp?link=http://assembly.coe.int/Documents...) ќе ги најдете следниве упатства за лустрација:
1) Лустрацијата треба да ја врши конкретно назначена НЕЗАВИСНА комисија од УГЛЕДНИ граѓани номинирати од претседателот на државата и одобрени од парламентот. (во нашиов случај комисијата и членовите се партиски лица предложени и одобрени од парламентот).
2) Лустрацијата се ограничува на работни места за кои постои реално очекување дека лицето на тоа работно мето претставува значителна опасност за човековите права или демократијата, т.е. назначени државни службеници кои имаат значителни одговорности за имплементирање на владините политики за внатрешна безбедност, или државни службеници кои може да извршат или наредат прекршување на човековите права како на пример полиција, безбедност, контраразузнавање, судство и обвинителство. (кај нас се гонат претседатели на невладини организации, се најавува прогон на новинари, т.е. работни места кои не можат реално да ја загрозат демократијата или човековите права).
3) Лустрацијата не важи за службени позиции кои се бираат на избори, освен ако тоа не го побара кандидатот. Гласачите имаат право да изберат кого сакаат (правото на гласање може да биде одземено само на осуденици согласно одлука од суд - ова не е административна лустрација, туку мерка од криминално право). (кај нас им се одземаат мандати на избрани членови на парламент, кои победиле на директни избори со повеќе од 10,000 гласови, а им се одзема мандатот со одлука на 11 лустратори).
На следниов линк може да ја прочитате Резолуцијата 1096 од парламентарното собрание на Советот на Европа, на која се повикува нашата КВФ. Ќе забележите дека нашиот процес на лустрација тотално ја промашил темата и наместо да служи за справување со практиките од комунистичката ера и зајакнување на демократијата, нашиот процес на лустрација ја поткопува демократијата и ги враќа на голема врата комунистичките методи на владеење.
Council of Europe Parliamentary Assembly: RESOLUTION 1096 on measures to dismantle the heritage of former communist totalitarian systems: http://assembly.coe.int/Main.asp?link=/Documents/AdoptedText/ta96/ERES1096.htm

ОкоБоли главаВицФото