Минатото под прашање (3)

05.08.2011 16:01
Минатото под прашање (3)

Следното сведоштво е од Донка Буџакоска и таа го поднела на 11 февруари 1952 година како дел од нејзината молба за илинденска пензија. Во време на Востанието имала 23 години, додека во времето кога ја поднела молбата за пензија имала 72 години. Еве го нејзиното сведочење за нејзините доживувања пред и за време на 1903. Таа го користи стариот православен календар, според кој Илинден е на 20 јули, а не на 2 август. Нејзиното сведочење е отчукано на машина и се чува во Националниот архив, во Илинденското досие, кутија 5-Б, досие 52. Вакви податоци има низ целата книга, а особено во шестото поглавје:

Во почетокот на 1901 година, стапив во редовите на општо Македонската Револуционерна Организација, која работеше за ослободување на Македонија и Македонскиот народ, од Турското ропство, каде положив крстена клетва, пред: КОСТА ШКОДРА, учителот, ТИРЧУ КАРЕ, барјактарот и ТОМЕ НИКЛЕ, сите од гр. Крушево, и во прво време бев одредена за куријерка, за носење пошта и оражие. На таја должност останав сè до опсадата на Ракитничкото востаније во 1902 година, које стана за ослободување на македонскиот поробен народ од Турската отоманска империја и јаничарскиот зулум,3 во која опсада загинаја 12 души, и то: од првите: ВЕЛКО ВОЈВОДА - учител, ТИРЧУ КАРЕ - бајрактарот и ДАМЕ НОНЕВ - учител, а за 9 души, не помнам имињата.

После опсадата Ракитничка, ми беше поверена друга должност: да збирам по селата и во гр. Крушево, куршум, калај и олово, како и разни калајни садој, и да ги складирам во мојата куќа. Пошто се собра големо количество за топење куршуми, се одреди од Штабот на ПИТУ ГУЛЕ, со ДИМИТРИЈЕ Н. Директорот од Охрид, МЕТОДИЈА СТОЈЧЕВ - зуграфот и др. да се напрајт во мојата куќа Леарница за куршуми, и да се испраќат материјалот на четите.

На 20 јули 1903 година, раното околу 2 сатот сабајле, отпочна во мојата куќа Леарницата да работи и да се топат куршуми. Оваа работа беше одредена поради тоа, што ВЕЛЕ КАЛИНОСКИ - сатчијата и праеше калапите за турвање на куршуми, а јас тамо водев сметка за расподелба на испратениот материјал. Која работа се заврши до 31 јули пред пладне.

На истиот ден по пладне, на 31 јули, дојде како последен ТОДОР Офицерот, од Велес, и ми предаде една чанта полна со книги - спиској од целата Револуционерна организација, да ја скријам негде на згодно место. - Јас во тој момент ја покривав леарницата со земја, и тој ми рече поборгу да се склонам оти Турците стигнаја во градот. - Јас ја зедов и ја закопав во буништето кај чешмата Проја, и после 10 дена, кога се прибравме секој по дома, по горењето на Крушево, му казав на КОСТА ШКОДРА - учителот, за чантата и тој отиде и ја зеде и што стана со неја по натаму незнам.

После востанието Крушевско, се премажив и така неможев да работам ни во една организација, пошто се преселив во Битола.

Од самиот почеток на 1901 до 31 јули 1903 година, неуморно работев во Националната Револуционерна Организација, за ослободување од тешкото ропство на Турската агријанската сила, под која со векови стенкаше Македонија и Македонскиот народ, и за тоа со радосно срце ја положив така виканата крстена клетва. На таа дејност ме затекна првата Народна Република и славното Илинденско Востание на Македонскиот народ и од гнев према вековните поробувачи.

Третиот опис на Крушево 1903 е земен од една статија од Глигор Тодоровски во Нова Македонија, најчитаниот македонски весник. Беше објавен на страница 6 на изданието 16711 во 49-тата година на излегување на весникот, со датум од 31-ви јули, 1-ви и 2-ри август 1993 година, под наслов „Илинденските настани во Крушево“. Во истото издание беше повторно отпечатен текстот на Крушевскиот манифест, статии за дрвеното топче на востаниците спомнато од Мур и меѓународниот правен статус на Востанието, како и еден уреднички уводник под наслов „Од еден до друг Илинден (1903 - 1993)“. Тоа претставува, во една поширока смисла, „овластена“ верзија за настаните, која треба да биде заедничка во Република Македонија, но која, како што покажуваат осмото и деветтото поглавје, е оспорувана од локалната верзија од Крушево:

На денот на Илинден, на 2 август 1903 година уште во раните утрински часови, селани, мажи и жени, стари и млади, на повик на востаничките органи тргнале кон планините каде била обезбедена храна за востаниците и за населението. Таму биле отворени и почнале да работат фурни и кујни, работилница за одржување на оружје и санитетски центри. Во првиот налет на востаничките сили, по истерувањето на турската власт од поодделни пунктови, селаните почнале да се враќаат по домовите и го почнале својот слободен живот.

Востаничките акции на здружените чети се изразувале и во напади на нахиски центри, на помали паланки и гратчиња, и слично. Ноќта спроти Илинден, 150 востаници го нападнале и го разбиле целиот турски гарнизон од 100 војници во селото Смилево, Битолско и речиси десет дена селото било слободно.

Пред почетокот на нападот, Штабот на Крушевскиот револуционерен реон, на чело со Никола Карев, испратил проглас до раководителите на Околискиот револуционерен комитет, до одговорните на воените групи, како и до народот на Крушевскиот револуционерен реон, во кој се вели:

„Браќа,

Брзаме да ве поздравиме со востанието! Денеска цела Крушевска околија заедно со цела Македонија дигна востание и викна: Долу тиранијата! Да живее слободата и братството меѓу македонските народности! Камбаните насекаде бијат, народот со чудна радост се прибра под знамето на слободата. Момите и невести ги китат со цвеќиња главите и пушките на востаниците. До што Турчин се најде по патиштата и селата, е прибран како пленик залог. Насекаде пеење, радост и веселие. Гориме од нетрпеливост и чекаме ноќ, за да дојдеме и да го преземеме Крушево, та заедно со целиот народ да го извикаме победоносното македонско ура! Бог и правото се со нас!

Да живее Македонија!
Штаб
Никола Карев
Томе Никлев
Тодор Христов“

Со издавањето на овој проглас, истовремено од страна на Штабот во Крушевскиот револуционерен реон, била издадена наредба дека штом ќе пукне првата пушка, како знак дека отпочнува борбата за ослободување на Крушево, да почнат да ѕвонат сите камбани на градските цркви во Крушево.

По извршените темелни подготовки, во текот на ноќта, на Илинден, отпочнала востаничката акција за ослободување на Крушево. Така, за релативно мошне кратко време, на 3 август 1903 година, градот Крушево бил ослободен и се наоѓал целосно во рацете на востаниците. На наредниот ден, 4 август 1903 година, Штабот на крушевските востаници влегол во градот, каде бил свечено пречекан од радосните крушевчани. При пречекот, началникот на Штабот, Никола Карев, пред насобраните крушевчани одржал говор и на тој начин ја прогласил Републиката. Бил избран и совет и истовремено била формирана привремена влада, која што била составена од претставници на народностите што живееле во градот: Македонци, Власи и Албанци.

Изборот на Привремената влада на Крушево, односно на првата Република на Балканот, претставувал голем успех на македонските востаници и револуционери, со што започнало реализирањето на целите на македонската револуција. Всушност, тоа било прва републиканска власт во историјата на Балканскиот Полуостров избрана по демократски пат и со учество на сите народности што живееле во градот. Набргу биле избрани и други органи на власта, а во владата поодделни лица ги имале следниве ресори: за внатрешни работи, за исхрана, за финансии, за изградба, за санитетот и др. Биле организирани и други специјални служби за вооружување на населението, за обезбедувањето на Крушево, за утврдувањето на копање на ровови околу градот; потоа биле отворени работилници за поправка на оружје, за изработка на боени материјали и сл.

Обмислувајќи како да го заштити Крушево од напад на турски војски и башибозук,а воедно тежнеејќи да го неутрализира и да го придобие муслиманското население во околината на Крушево, до нив бил упатен познатиот Крушевски манифест. Овој висок акт на крушевските востаници претставува, всушност, декларација на револуционерно-демократските и на републиканските идеи на братството и единството меѓу народите. Тој акт ја покажува доследноста на револуционерната борба на македонските востаници, повик за здружена борба против тиранијата, за извојување на слобода.

Така, во првиот налет на востаниците, многу планински села и гратчиња биле ослободени. Овој успех се должи пред сè, на изненадувањето на противникот, на високиот дух и елан на востанатиот народ, на дваесетилјадните востаници, наспроти 150.000 турски војници, кои се наоѓале расфрлени во помали воени гарнизони. Во такви услови било овозможено да се изврши, речиси, целосна мобилизација на населението, посебно во планинските села и да се изврши концентрација на востаничките сили за напад и на поголеми градови. Постоела реална претпоставка да се нападне и да се заземе градот Битола, вилаетскиот центар, каде се наоѓале само три табури (дружини) војска. Меѓутоа, Штабот на востанието, поради тактиката што ја водел со очекувањето ја изгубиле почетната иницијатива и со таквата тактика на Штабот му се дало можност на непријателот да се концентрира и да прибере воени сили за разбивање на востаниците, употребувајќи, притоа, посебна тактика на палење села, палење и уништување на жетвата и друго, со цел да се деморализираат селаните, кои го сочинувале најголемиот дел од востаничките сили. Оваа тактика на крајот се покажала и успешна.

Една од првите задачи на противникот била заземањето на Крушево, кое со својата местоположба и големина претставувало значајно стратегиско место. Била прибрана голема турска воена сила (20.000 војници) и под команда на Бахтијар-паша се нафрлила на Крушево. Херојската одбрана и загинувањето на војводата Питу Гули со неговите херои, на месноста Мечкин Камен, како и на борци на месноста Слива, не помогнало во спасувањето на Крушево. Турската воена сила била неспоредливо поголема. Фронталната борба што ја наметнувале турските воени сили оневозможувала успешно спротивставување и покрај херојската одбрана на Крушево од страна на востаниците. Турската артилерија безмилосно го бомбардирала градот, предизвикувајќи големи рушења и палења. Поголемиот дел од востаничките сили по наредба на Штабот се повлекле во планините блиски на Крушево. Во борбата за одбрана на Крушево загинал 91 востаник, 20 жени и 6 деца, а 159 куќи биле изгорени целосно. Турските војници по заземањето на Крушево, на 13 август, добиле слобода да градат и да прават сè што ќе посакаат.

Овие три сведоштва, дадени овде заедно, прават очевидна поента: авторите имаат различни информации и имаат различни интереси при пишувањето. Мур дава преглед во кој се вклучени разни детали забележани од очевидци - првичната свирепост на востаниците, нивното формирање на еден вид привремена власт, надмоќниот воен одговор од страна на османските власти, последното упориште под раководство на човекот по име Питу и бруталното пљачкосување на градот. Донка Буџакоска, која пишува педесет години подоцна, нуди поинтимно ниво на детали и фрла поглед на Револуционерната организација на која и’ припаѓале таа и многумина други, зборувајќи за нејзината заклетва, за линијата на раководење и за постоењето пишувани извештаи. Таа, исто така, ја поврзува својата приказна од минатото со националната сегашност. Извештајот во весникот од 1993 година го води овој импулс еден чекор понапред, нудејќи не само извештај за настаните од минатото туку и објаснување за нивната историска важност. Меѓутоа, со ставањето на приказната за Крушево во поширок национален контекст, авторот ги избира само оние детали кои се вклопуваат во главната тема на прилогот и користи по малку апстрактен јазик.

Различните димензии на овие три сведоштва ќе бидат разгледувани повторно во главниот дел од книгава, кога фокусот одново ќе биде ставен врз Крушево. Второто поглавје, меѓутоа, се оддалечува од Крушево за да го стави Македонското прашање во контекст, фокусирајќи се особено на неговото обновено значење во рамките на Република Македонија по распадот на Југославија во 1991-1992 година. Во третото поглавје фокусот се задржува на странскиот интерес за Македонија, но пред сè дава осврт на меѓународните средства за информирање и дипломатските извори од почетокот на дваесеттиот век кои ги опишуваат турбуленциите во Османската Империја. Овие сведоштва го задржуваат своето значење за натамошни странски коментари за Балканот, навидум градејќи непристрасен, точен запис наспроти кој треба да се мери вистинското значење на локалните аспирации за територија и население. Поблиското испитување ги открива тешкотиите и предрасудите под кои западните набљудувачи дејствуваа во тоа време, што ја компромитира нивната потрага по објективна прецизност на начини кои и понатаму влијаат врз претставите за регионот и неговиот народ.

Четвртото поглавје нуди анализа на три извештаи за настаните во Крушево за време на 1903 година, коишто се напишани од очевидци - жители на градот; два се напишани од лица кои себеси се идентификуваат како Грци, третиот од еден кој самиот се нарекува Бугарин. Тие откриваат различни толкувања за акциите и мотивите, но и различни пристапи во разбирањето на историската промена. По 1944 година, едниот бил главно игнориран, едниот бил славен во Република Македонија како објективен и точен, а едниот бил препечатен во Грција како одговор, како што се тврдело, на лажливата југословенска пропаганда. Ова поглавје се обидува да го надмине аргументот дека националниот идентитет ја определува перспективата која испитува како и зошто овие сведоштва во основа се разликуваат и зошто биле искористени различно во подоцнежните дебати за минатото.

Петтото поглавје испитува колку оние кои останале во Крушево по Илинден биле загрижени за живеењето под власта на Југославија во периодот меѓу двете светски војни. Потпирајќи се примарно врз материјалот на усната историја, се портретира периодот во кој наследството од 1903 година било фактор на поделби и служело како база за моќни економски и просторни поместувања во градското социјално ткиво. Минатото играло голема улога во сегашноста, иако некои жители се обидувале да ја надминат неговата тежина низ употреба на нивната лична и политичка волја. Поглавјето завршува со дискусија за тоа како овој период бил интерпретиран во ретроспектива, особено во социјалистичка Југославија, која промовирала толку различни вредности.

Шестото поглавје истражува како местото на минатото било дефинирано низ различните канали на комуникација меѓу југословенските македонски граѓани и нивната нова власт во 1950-тите. На илинденските ветерани им биле понудени пензии, додека на истото селско ниво се формирале земјоделски колективи наречени задруги. Колективизацијата служела за намалување на статусната и економска моќ токму на оние постари мажи и жени кои биле цел на пензискиот план, така што за нив станало круцијално да ги опишат своите животи така што ќе заслужат пензија. Оваа очигледно економска трансакција меѓу државата и постарата генерација била и симболична: во селските заедници низ цела Македонија таа го сосредоточила вниманието на народот врз настаните од 1903 и најпосле ги поттикнала подносителите на молбите да ги раскажат овие настани така што ќе се претстават себеси како придонесувачи за посебната македонска историја.

Седмото поглавје ги следи дебатите и дилемите од крајот на 1960-тите во врска со процесот на планирање и градење на Илинденскиот споменик во Крушево кој бил откриен во 1974 година. Проектиран од архитекти со модернистичка апстрактна визија, неговата изработка ја надгледувал комитет чии членови барале многу пофигуративно и поспецифично спомнување на македонското минато. Наративната компонента на споменикот, содржана во меморијална крипта, го открива во своите пропусти и модификации трајниот обид да се стави македонскиот карактер на Илинден надвор од секакво сомневање.

Осмото поглавје ги испитува реакциите на граѓаните во Крушево врзани за овој споменик, кои добиле конкретна форма со нарачката и изградбата на фигуративната статуа во 1983 година. Додека некои луѓе од градот се фокусираат на компонентите од историјата, кои ги портретираат Питу Гули и Никола Карев, двете водечки личности во 1903, како ривали, други се осврнуваат на локално инспирираната, но државно спонзорирана историја на Крушевскиот манифест, за да ги претстават настаните од 1903 конзистентни на нивните сопствени визии за крушевската сегашност и иднина. Деветтото поглавје испитува како сличните сентименти обликувале пошироко преоценување на историјата на градот веднаш по распадот на Југославија во 1992 година, додека десеттото поглавје нуди заклучок на расправата.

Како што покажува резимето, книгава се занимава и со минатото и со сегашноста. Поглавјата се наредени по хронолошки ред за да понудат историја на историјата од 1903 во Крушево. Но, додека расправата се фокусира на Крушево, книгата има за цел да даде погенерален придонес кон дискусиите за националниот идентитет. Приказните од градот во кои беа оспорувани значењата на грчкото, бугарското, влашкото, албанското, турското, југословенското и македонското во текот на дваесеттиот век, може да послужат како потсетување дека и историјата и етнографијата се жанрови коишто можат да се искористат во борбата против националистичкото мислење.

Секое поглавје мобилизира различни изворни материјали за да ги испита различните начини на кои се замислува Илинден. Но, зад исказот на очигледното, а тоа е дека различните заедници го конструираат минатото на различни начини зависно од нивната сегашност, се надевам дека ова излагање ќе покаже дека овие различни замислувања не постојат во блескава изолираност едни од други и дека нивната форма не е фиксирана. Секое има своја конститутивна логика, така што да се тврди дека на ваквите „замислувања“ може да им се противстави некаква „реалност“, значи да се промаши поентата. Во секој од случаите, јас сврзав едно замислување со една конкретна заедница во конкретно опкружување, врз кое другите замислувања можат да повлијаат, и се обидов да ја покажам нивната заемна поврзаност.

Резултатот може да го збуни читателот кој сака да го знае одговорот на прашањето толку директно поставено во насловот на книгата на Хју Пултон од 1995 година, Кои се Македонците? Но, јас го сметам ова, онтолошки оптоварено прашање за погрешно. Тоа е оптоварено со имплицитната определба за нултата природа на интерпретацијата на историјата спомната погоре - не е ова, туку е она. Тоа ја турка дебатата во сфера во која на реалноста и’ се противставува илузијата, лагата или имагинацијата. Поставувањето на прашањето на ваков начин придонесува за погрешно разбирање на поимот „замислена заедница“ воведен во литературата за националниот идентитет толку продуктивно во пионерското дело на Бенедикт Андерсон (Anderson 1983). Разни научници, меѓу кои и Пултон, прават разлика меѓу вистинските и замислените заедница, но Андерсон во својот увод сугерира дека тоа не била неговата намера. „Всушност“, пишува тој таму, „сите заедници поголеми од првобитните села со контакт лице в лице (па можеби дури и тие) се замислени. Заедниците треба да се разликуваат, но не по нивната лажност/автентичност, туку по начинот на кој се замислени“ (Anderson 1991:6).

Намерата на мојата книга е културолошко проучување на една национална историја во која „државата“ игра динамична, но не и одлучувачка улога. Нагласувајќи еден настан во еден град, како и неговите подоцнежни спомнувања, како врска во која различните „замислени заедници“ прават интеракција, се обидов да ги применам антрополошките методи во една студија за „национализмот“ без да и’ дадам предност на некоја држава - а многу биле вклучени - и без да ги гледам државите како да се монолитни. Според тоа, македонската историја не претставува само извор оспоруван од нацијата и државата, или од нациите-држави. Таа била правена и преправана во текот на една проширена интеракција меѓу индивидуи, институции, идеологии и идеи, во која никој досега не ја обезбедил моќта да го прогласи разговорот за завршен.

од книгата: Кит Браун, Минатото под прашање; Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата. издавачи: Евро-Балкан прес и Македонско етнолошко друштво; превод: Зора Бакалинова Анастасова

Првиот дел од текстот е достапен на следниот линк.

Вториот дел од текстот е достапен на следниот линк.

Други текстови од Кит Браун на Окно:

Подигањето споменик

Подигањето споменик (2)

Подигањето споменик (3)

Добро бе ГОМНАРИ СОРОСОИДНИ

Добро бе ГОМНАРИ СОРОСОИДНИ СЕ НАЈМИЛО ДА ВИ ЕБАМ.

Малку ли е тоа што со сите сили работите против Македонија и сакате да се смени името,па сега најдовте и по историјата да плукате?????

АБЕ ВИЕ МАКЕДОНЦИ ЛИ СТЕ КРВТА ДА ВИ ЈА ЕБАМ ОДРОДЕНА ПЛАТЕНИЧКА??????

ЛУЃЕ ЛИ СТЕ ВИЕ ИЛИ ГРЧКИ ПЛАТЕНИЧКИ ГОМНА БЕ КРВТА ДА ВИ ЈА ЕБАМ СОРОСОИДНА ОДРОДЕНА!!!!

СЕ НАЈМИЛО ДА ВИ ЕБАМ ГНИДИ ГРЧКИ!!!!!!!!

Што е проблемот со книгата на

Што е проблемот со книгата на Кит Браун?! Не разбирам од кај доаѓа ова пцуење? Кит Браун е пријател и афирматор на Македонците... Неговата книга е одлична студија, корисна и за нас, овде, и за странците...

„Македонец“, пробајте јако да се концентрирате и да се обидете во таква состојба да го прочитате текстот - и пак да се јавите.

Ако, пак, имате некој друг проблем (можеби личен), не верувам дека пцуењево на Окно може да ви помогне...

ОкоБоли главаВицФото