„Антиквизација” и мултикултурализaм

26.06.2009 12:34

 

Меѓуетничките тензии во Македонија кои достигнаа највисока точка во 2001, имаа свој корен не само во институционалните недостатоци, туку и во целата реторика врз која почиваше културниот модел на републиката.

Преамбула на Уставот на Република Македонија од 1992: (...) Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија (...)

Преовладувачката идеја за Македонија, уште во првите години од осамостојувањето беше дека таа е национална држава на етничките Македонци. Употребувајќи ја комунистичката формула на „народ и националности”, во Уставот беа запишани и останатите категории, поставувајќи ги различните идетификации во една хиерархија во која врховното место го заземаше македонската. Така на пример, во Преамбулата беа именувани Македонците како примарни носители на државноста на Македонија; потоа следеа именуваните четири „националности” кои имаат еднакви права, но симболички подредени зад Македонците; и на крајот категоријата “други”, неименувани заедници, на кои исто така формално им следуваат исти права, но симболички се целосно запоставени. Она што беше целосно заборавено со ваквиот уставен текст е дека етничките Македонци заземаат само две третини од демографската слика на Македонија. Во превод, од тројца граѓани на Република Македонија, еден припаѓа на некое малцинство. Таквата слика, за жал, не беше рефлектирана ниту во Уставот, ниту во праксата.

После 2001 и ерупцијата на незадоволство (вооружен конфликт), Преамбулата беше променета, но и новата верзија остана на хиерархиското толкување:

Преамбула на Уставот на Република Македонија од 2001: (...) Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници, кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите (...)

Формално гледано, ваквото преформулирање на Преамбулата како конститутивни елементи на Македонија ги гледа припадниците на различните етнички заедници (не се важни граѓаните, туку припадниците на различните „народи”), задавајќи му силен удар на индивидуализмот, но и на различните не-етнички идентификации. Но, тоа не е тема на дискусија на овој текст.
Единствено важно е да се напомене дека реториката на новата Преамбула оди во правец на намалување на дистанцата помеѓу различните идентификации, бидејќи ја употребува истата единица и за Македонците и за останатите – „народ” (сите се на исто ниво). Иако ја задржува хиерархијата (Македонците, па именуваните, па неименуваните), сепак, со отфрлањето на терминот „национална држава” јасно и недвосмислено упатува на еден друг начин на уредување на државата – мултикултурализам.

Македонскиот мултикултурализам, како и секој друг мултикултурализам, има многу сопствени специфичности, и е динамична форма која се менува паралелно со поширокиот контекст. Од првите неколку години од тој мултикултурализам воспоставен со актите донесени 2001 и потоа, очигледни се тенденциите на поголема инклузивност на малцинствата на сите нивоа. Како институционални мерка за спроведување на оваа политика во прв план предничи воведувањето различните квоти за олесување на пристапот на припадниците на малцинствата до институциите, меѓутоа постојат и други мерки, како на пример двоењето на буџетски средства за владини и невладини проекти кои имаат мултикултурна платформа, воведувањето на малцинските јазици како службени во одредени општини во согласност со легислативните промени, и така натаму.

 

Антиквизацијата (неомакедонизам) и нејзините ефекти

Од ова до сега може да се заклучи – во Македонија од 2001 наваму наместо реториката на „национална држава” на Македонците, преовладувачката реторика е онаа на инклузивниот мултикултурализам.

На ова во последно време како да се подзаборави. Фокусот на „националното прашање” од меѓуетничките тензии се префрли кон спорот со Грција. Меѓутоа, тоа не е префрлање на фокусот „од внатре кон надвор” - напротив, сето внимание е свртено кон внатре, кон “самите себеси” (дури и голем дел од националистичкиот дискурс оди во правец на себеосознавање преку спознавањето на корењата; сетете се на монодрамата „Филип Втори“ каде што Филип драматично вели: “Кој сум јас? Си го заборавив името!”). Она што многумина го нарекуваат “антиквизација” (а јас неомакедонизам) е процес, кој иако можеби е и одговор кон грчкиот национализам, е насочен првенствено кон внатре, кон self-от на македонската нација (во етничка смисла).

Следствено, важна промена која оваа антиквизација ја носи во поглед на македонскиот општествен и културен модел е промената на реториката од „мулти” кон една централна култура. Ако мултикултурализмот го дисперзира вниманието кон различните заедници (и не само етнички), новата идентитетска политика е фокусирана исклучиво кон (ре)дефинирањето на македонската етничка идентификација.

Многу битен за ова тврдење е примерот на централниот плоштад (кој симболично го носи името “Македонија”). До сега сме известени за неколку споменици (Александар, Самуил итн), споменици кои се првенствено врзани за етничкиот македонски идентитет. Може да се спори дека тоа се споменици и на некои историски форми на македонска државност (античко кралство, средновековно кралство, Крушевска Република итн), меѓутоа контекстот на мултикултурализмот во Македонија е дека симболите се врзуваат првенствено за етницитетот (погледнете ја Преамбулата). Дури и да го земеме како исправно тврдењето дека тие се споменици на македонската државност, а не на етничките Македонци, веднаш не' побиваат постерите насловени “Гордост”, каде што се наредени сите личности на кои ќе им се подигнат споменици, со што јасно се потенцира нивната етничка македонска припадност и моралната обврска за денешните Македонци да се гордеат што имаат такви славни личности како свои предци. Во Македонија заедниците имаат предимство пред институциите; па така секој симбол (вклучително и историските личности и нивните споменици), се пред сè симболи на одредена идентификација, а можеби после тоа и на институциите.

Меѓутоа, на плоштад нема да се подигне споменик на ниту една личност која е важна за некоја од малцинските идентификации. Честопати како одговор на ова слушам како Албанците го имале Скендербег, но Скендербег не е на плоштадот, и Скендербег не е дел од овој голем и многу значаен проект кој трајно ќе остави белег врз идентитетот на скопјани и воопшто врз граѓаните на Републиката. И не само што не се гради споменик со кој би се претставиле и малцинските идентификации, туку не се користи ни приликата за некоја од историските личности да се употреби како симбол и на други заедници. На пример, Александар Велики е многу важен и за албанскиот национален мит, поради епирското и илирското потекло на мајка му Олимпија. Впрочем, митологизирањето на Епирците и Илирците како предци на денешните Албанци е во одредена мера слично со митологизирањето на античките Македонци како предци на денешните Македонци. Кога веќе и двете заедници во своите митови го имаат наративот на Александар, и кога веќе мора да се гради негов кип на плоштадот за некаков историски инженеринг – зошто тогаш таквиот инженеринг не е насочен кон инклузивност наместо кон ексклузивност?

Исто така, како што е познато, освен споменици, на плоштадот ќе се гради и православна црква. Таа Црква ќе биде симбол со кој ќе се идентификуваат православните граѓани, но не и припадниците на останатите конфесии, како и атеистите. Таа црква до сега беше предмет единствено на раздор, зашто група граѓани јавно изразија несогласување со нејзината изградба, и беа натепани и опресирани од законот поради тоа. Како таа црква ќе ги претставува нив и како тие после ќотекот ќе се идентификуваат со таа црква? Муслиманите, пак, преку институциите побараа нивно претставување преку градење џамија од другата страна на плоштадот, меѓутоа тој предлог падна, уште еднаш потврдувајќи ја тезата дека новите идентитетски политики на владата не се инклузивни и во склад со мултикултурализмот.


* * *

Опседнатоста со самите себе на етничките Македонци сигурно е фрустрирачка за помалите заедници. Впрочем, денес имаме слика на едно растурено семејство: мајката (етничките Македонци) целиот ден седи пред огледало, се шминка, прашувајќи “Огледалце мое, на светот најубав кој е?”, додека нејзините помали сестри (или можеби ќерки? или можеби поќерки? или посвоени сестри, или пак полусестри, зависи како се доживуваат останатите заедници) седат на ќоше како да се казнети, без да изустат ни збор.

Политиката на фаворизирање исклучиво на етничките Македонци во овие идентитески проекти, е многу повеќе во согласност со старата отфрлена реторика дека Македонија е всушност национална држава на етничките Македонци. Она што допрва ќе претстои доколку се продолжи со ваков интензивен и македоноцентричен историски инженеринг, ќе биде растечкото незадоволство на малцинствата. Веќе изминатава недела, иако без значителна масовност, неколку вонпарламентарни партии на Албанците, изразувајќи незадоволство од нивниот третман, бараа федерализација. Можеби таквите радикални идеи и нема да успеат да стекнат широка поддршка, но она што е сигурно, живеењето во паралелни светови ќе продолжи. Уште долго време многу од минувачите на плоштадот на спомениците и на црквата нема да гледаат како на свои и нема да го чувствуваат плоштадот како свој, туку како уште подалечен и потуѓ. А тоа е целосно спротивно на сè она за што се работеше од 2001 па наваму – едните ќе си седат кај Скендербег, а другите кај Александар. Наместо да се бараат заеднички белези (а и Скендербег и Александар имаат доволно симболички капитал да бидат симболи на обединување, ако паметно се искористат), ќе се бетонираат разликите и јазот ќе се продлабочи. Затоа ефектите од “антиквизацијата” не треба да се бараат само во односите со Грција, спорот за името, и во одложувањето на евроинтегративните процеси – ефектите во голема мера ќе бидат почуствувани и дома, на истиот тој плоштад каде што ќе бидат подигнати спомениците.

Се (из)роди Фрчкоски

Се (из)роди Фрчкоски џуниор....

па фала богу. Ни фалат повеќе

па фала богу. Ни фалат повеќе луѓе со интелектуалниот капацитет на Фрчкоски во земјава.

 Мислиш со капацитетот да

 Мислиш со капацитетот да немаш кичма, да те експлоатираат кога некој треба да загуби избори место тебе, да клеветиш по весници, да те тужи премиерот лично и да ти земе отштета од 30.000 евра (пошто си толкаво ѓубре), да имаш купче фрустрации кои ќе мора да ги маскираш (неуспешно) со его-трипови од типот „Јас сум фридом-фајтер“ (oh spare me, asshole), да си корумпиран професор и да удираш шлаканици на жени? :)
Amen to that. Ни требаат такви, чисто за пример каков не треба да се биде. Нешто како пример за општествен штетник. :)

Фрчат обвинувања за

Фрчат обвинувања за имагинарна “антиквизација“ меѓутоа никому не му пречи агресивната “Илиризација“.
Очигледно генерациите на “титовизацијата“ се деструктивни по природа.

Слични содржини

Вуна

ОкоБоли главаВицФото