Зошто писателите пишуваат?

11.08.2011 11:27
Зошто писателите пишуваат?

Шпанскиот дневен весник Паис и италијанската Република ги објавија резултатите на своето интересно истражување. Тие им се обратија на бројни признати книжевници на кои им го поставија прашањето: зошто пишувате? Меѓу избраните испитаници (повеќе од 50 автори) се најдоа како возрасни, така и млади писатели, нобеловци и оние кои можеби ќе ја добијат Нобеловата награда.

За американскиот писател со еврејско потекло Натан Ингландер пишувањето претставува единствен начин да заведе малку ред во хаосот, додека белгиската писателка Амели Нотомб истакнува дека таа не избрала да пишува и објаснува: „Тоа е исто како кога ќе се вљубите. Човек не знае како дошло до тоа, но во најмала рака треба тоа да го проба: тој на пишувањето ја посветува целата енергија, сите мисли, целото време. Постапката на пишување, како и љубовта, е нешто што се прави“.

Нобеловецот Марио Варгас Љоса, објаснувајќи зошто пишува, се свртува кон автобиографски дигресии: „Пишувам затоа што читањето во детството ми пружаше големо задоволство, ми даде можност да искусам многу воодушевувачки доживувања, го трансформираше мојот живот на толку чудесен начин да верувам дека мојата книжевна вокација беше еден вид транспирација која потекна од огромната среќа што читањето ми го даваше.

Во одредена смисла, пишувањето беше како неопходно излевање или дополнување на читањето, кое за мене останува врвно искуство на збогатување, она што ми помага да се соочам со кој било вид неволја или промашување. Од друга страна, пишувањето, кое на почетокот е активност што се меша во твојот живот со другите, со искуството станува твој начин на живеење, централна активност, она која во сè го организира твојот живот... Пишувањето стана центар на сè што правам до таа мерка што не би можел да го замислам животот без пишувањето и, очигледно, без неговото неопходно дополнување, читањето“.

Андера Камилери, „таткото“ на проникливиот сицилијански инспектор Молтанбан, се изрази поетски:

„Пишувам зашто тоа секогаш е подобро од истоварање сандаци на централниот градски пазар.

Пишувам зашто не знам што друго да правам.

Пишувам зашто потоа можам книгите да ги посветам на своите внуци.

Пишувам зашто така се сеќавам на сите личности што сум ги сакал.

Пишувам зашто ми се допаѓа самиот на себе да си раскажувам приказни.

Пишувам зашто сакам да раскажувам.

Пишувам зашто на крајот можам да испијам едно пиво.

Пишувам за да вратам нешто од сето она што сум го прочитал.“

Британскиот писател на бестселери Кен Фолет одговара: „Кога наутро ќе се разбудам, првото нешто на кое ќе помислам е следната сцена на мојата книга. Тоа е она што најмногу ме забавува. Фантастично е да се посветиш на нешто за кое знаеш дека добро го правиш. Се забавувам пишувајќи, но ’да се забавуваш’ е израз кој не ја објаснува идејата до крај. Чинот на пишување ме воодушевува. Го вовлекува целиот мој интелект, моите чувства и го опфаќа сето она што го знам за светот и како функционира човечкото суштество. Сето тоа е дел од предизвикот да се придобие вниманието на моите читатели“.

Книжевникот Антонио Табуки, еден од италијанските кандидати за Нобеловата награда, напиша дека повеќе би сакал да одговори на преформулираното прашање: зошто се пишува? „Пред некое време, кога бев млад, го слушав Семјуел Бекет како одговара: ’Не ми преостанува ништо друго’. Сите можни одговори се валидни, но со прашалник. Пишуваме зашто се плашиме од смртта? Пишуваме зашто се плашиме да живееме? Затоа што чувствуваме носталгија по детството? Пишуваме затоа што заради староста чувствуваме носталгија, жалење? Затоа што би сакале да ја направиме единствената работа која не сме ја направиле? Затоа што сме тука, а сакаме да бидеме таму, а ако сме таму, зарем не би било подобро да останавме тука? Како што зборуваше Бодлер: животот е болница во која секој болен човек сака да го промени креветот. Еден верува дека би можел побрзо да оздрави кога би се наоѓал покрај прозорецот, додека друг смета дека би му било подобро блиску до печката“.

Славниот писател и филозоф Умберто Еко беше најконцизен во својот одговор. На прашање зошто пишува, напиша само „затоа што тоа ми се допаѓа“. Можеби и затоа што мотивацијата за пишувањето, сепак, е помалку важна од крајниот резултат на книжевната работа.

Извор: knjizevnost.org

Илустрација: Michael Parkes

"Пишувам за да вратам нешто

"Пишувам за да вратам нешто од сето она што сум го прочитал";
"затоа што тоа ми се допаѓа".....одговори на место!

Многу корисна статија за

Многу корисна статија за љубителите на пишувањето, браво затоа што си го споделил ова со нас...

ОкоБоли главаВицФото