Интервју со дизајнерот Јанко Цветков

11.08.2011 15:38
Јанко Цветков

Јанко Цветков или Alphadesigner е бугарски визуелен уметник, графички дизајнер, веб дизајнер, илустратор и фотограф. Стана познат и забележан во светски размери по проектот Mapping Stereotypes. Одредено време има живеено и работено во Лондон. Моментално живее во Толедо, Шпанија.

Ивана Срдановиќ: Mapping Stereotypes опфаќа седум мапи на Европа кои графички ги претстави како мапи предрасуди-стереотипи кои различните нации ги имаат кон европските држави. Умно, визуелно примамливо и одмерено, духовито и возбудливо! Што беше повод воопшто да почнеш да размислуваш на оваа тема?

Јанко Цветков: Првата мала ја објавив случајно пред повеќе од две години. Никогаш не замислував дека би можеле да станат толку популарни, тоа беше само спонтана политичка шега. Околу еден месец по објавувањето сè стана вирално и потоа се прошири на офлајн медиумите како што се весниците, радиото, телевизијата итн.

- Како реагираше на толку големиот одѕив на нетот? Дали очекуваше дека тоа можеби нешто ќе ти смени во професионалната кариера?

Во еден миг бев мошне лут, зашто јас сум уметник, не картограф, и малку е болно да се видат сите свои уметнички дела, некои работени со години, тргнати во втор план од страна на нешто што го направив за еден саат и го фрлив на интернет како шега. Но, научив сето тоа да го набљудувам со хумор, и мапите конечно помогнаа еден дел од вниманието да се насочи и на мојата уметничка работа.

- Која од овие седум мапи ти е фаворит?

Мислам дека немам омилена, беше забавно додека ги правев сите и секоја од нив има специјално место.

- Размислувајќи за концептот и разработувајќи ги споменатите стереотипи дали во целиот проект внесе некое свое лично, субјективно доживување на одредени народи и држави или се трудеше работите да ги претставиш колку што е можно пообјективно.

На овој проект не му пристапив како на нешто научно, така што никогаш не се плашев работите да ги поставам од личен агол. Во поголемиот број случаи, стереотипите се многу погрешни, така што обидот да се претстават „правилно“ е своевиден оксиморон. Субјективноста е она што ги создава стереотипите.

- Дали боите што ги користеше се случајно одредувани или секоја боја за одреден регион во одреден контекст има и некое подлабоко значење?

Во некои случаи се обидував да се држам до традицијата, на пример Велика Британија често е прикажувана во црвени/розови нијанси на поголемиот број колонијални мапи. Во други случаи ги користев моите сопствени „предрасуди за боите“, како во случајот со Германија која во сите бугарски историски атласи беше кафена. Од некоја причина тоа ми останало врежано во сеќавањето. Исто е и со Италија и портокаловата боја. Некогаш едноставно морав да изберам боја за мапа и тоа го работев случајно, немаше никакви „кодирани“ пораки, барем не некои кои се доволно важни експлицитно да се споменат.

- Кои се твоите корени како графички дизајнер, што е тоа што во твоето образование, животот или искуството имаше најголемо влијание врз твојот развој и изразот со кој денес обликуваш?

Почнав да цртам уште како многу мал, и кога ќе се свртам наназад, мислам дека се родив како графички дизајнер. Единствен проблем е што тогаш не го знаев тоа, така што многу нешта испробував. Почнав да студирам јазици, потоа отидов на универзитет за да станам филмски режисер, на половина од студиите го открив веб дизајнот, почнав да работам на ТВ станица како уредник и дипломирав како камерман. Изгледа многу хаотично, но секогаш гравитирав кон визуелните уметности, така што сето ова скокање од едно на друго беше мошне лесно. Пред околу 6 години конечно решив да работам како веб и графички дизајнер, и тоа е она што и денес го правам, иако во последно време чувствувам дека сè повеќе ме привлекува чистата илустрација.

- Дали можеш да ни кажеш кои се твоите погледи за разликите меѓу, на пример, британскиот и источно европскиот пристап кон графичкиот дизајн. Дали дизајнираш како Британец или како Бугарин, и дали воопшто таквите врски се одржливи (тезите по прашањето на националните разлики)?

Ние на истокот сме помалку рафинирани, посирови и понезрели. Не знам дали тоа е добро или лошо, може да биде и едното и другото. Јас се обидувам тоа да го користам како предност. Премногу софистицираност може да води кон стагнација, на пример мене не ми се допаѓа „помалку е повеќе“ швајцарската филозофија во дизајнот, премногу ми мириса на идеологија, а бидејќи пораснав во комунизмот, секогаш сум скептичен кон каква било идеологија. Нам често ни недостасува самодоверба и многу лесно подлегнуваме на притисокот да бидеме кул и да користиме препознатливи симболи и етаблирани пристапи. Јас би сакам да видам повеќе искрени дизајнери, луѓе кои се во состојба да ја одбранат сопствената инспирација и да ги образуваат другите за предностите на спонтаноста и за тоа како да се биде реален. Тоа е многу тешко да се проследи, но вреди за трудот. Што се однесува до специфичните национални разлики, мислам дека тие не се важни. Сметам дека нацијата како концепт ќе почне полека да исчезнува со напредувањето на 21 век.

- Што најмногу те инспирира кога развиваш некој нов дизајн?

Може да биде што било, често е плод на случајност. Оваа недела бев во Арањуез и некои драперии во спалната соба на кралицата Изабела ме инспирираа да направам обвивка за iPhone.

- Што според тебе е успешна digital image creation. Дали фактот дека си успеал да го кажеш она што си го сакал, фактот дека таа „слика“ некого шокирала, совршенството на нејзината изработка, или нешто сосема друго?

Тоа е внатрешно чувство во комбинација со наежената кожа на вратот. Тогаш знаеш дека сликата е успешна. Не е важно кој ја гледа или кој е медиумот, но кога ќе го „фатиш“, секогаш го знаеш тоа и не можеш да го објасниш. Секако, луѓето кои никогаш не можат да ја фатат таа точка прибегнуваат кон скандал или го фетишизираат својот медиум, но во срцето се сиромашни :)

- Кога размислуваш за некоја идеална работа која како графички дизајнер би ја добил да ја работиш, каков client comission би било тоа?

За вакви работи, мене ми се допаѓа да се најмам самиот себеси. Кога сум свој сопствен клиент, тоа ми дава слобода да направам што ќе посакам. Имаше случаи кога бев многу инспириран работејќи за други, но тоа не зависи многу од типот на проектот, повеќе има врска со личноста на клиентот (или пријателот).

- Колку во адвертајзингот е дозволено авторство без компромис, и дали си имал можност да работиш на проекти за клиенти каде си ги истерувал работите од почетокот до крајот како што си сакал?

Адвертајзингот знае да биде мошне досадна работа во овие денови, зашто луѓето станаа имуни на сите познати трикови и мораш да пронајдеш начини да ги измамиш, повеќе отколку да ги информираш за производот. Има премногу фабрикувана побарувачка и за тоа сега ја плаќаме цената во овој глобален економски колапс. Банките не се виновни за тоа, туку рекламите и медиумите што ги шират. Чист, автентичен израз никогаш не е добредојден во адвертајзингот, зашто сè има свои добри и лоши страни, и никој не сака да го прикаже ова второто. Што е сосема океј сè додека не се користат изрази како „револуционерно“ за фрижидери или канцелариски софтвер. Јас не се залажувам дека некој ќе ми понуди целосна контрола, тоа е невозможно. За ваквите пориви постојат лични проекти. Но, ме прави многу среќен ако некој чии производи ги сакам ме најми да направам реклама. Сè додека тој некој луѓето не ги гледа како глупави идиоти кои реагираат само на основните работи, секогаш има простор за инспирација и за креативност. Јас обично добро се поврзувам со луѓето чии идеали вклучуваат повеќе од зборот „профит“. Секако, парите се важни, но ако тоа е твојата единствена цел, не си ништо друго освен курва. Јас сум малку поинаков, јас повеќе сум гејша :)

- Денес, кога си познат ширум светот, и кога имаш еден толку глобално успешен проект зад себе, што е следното?

Јас секогаш сум полн со проекти-ембриони на мојот тврд диск, само што никогаш не знам кои ќе се родат први, така што планирањето е невозможно. Што се однесува до проектот Mapping Stereotypes – сè уште имам да завршам неколку мапи и се надевам дека ќе ги објавам убаво средени во книга до крајот на оваа година.

Извор: designed.rs

Можеби не сака да го гледаат

Можеби не сака да го гледаат како картограф, ама мене мапите ми изгледаат како најоригинално нешто што го направил.. Од ова што е изложено тука барем. Добро што решил да прави книга, само да не претера со дотерување :)

Уште фантастични мапи од

Уште фантастични мапи од Јанко Цветков - Mapping European Stereotypes:

http://www.brainpickings.org/index.php/2010/09/27/yanko-tsvetkov-mapping-european-stereotypes/

ОкоБоли главаВицФото