Спомениците на балканските фрустрации

15.08.2011 10:44
Андриќград

Градоначалникот на Швиебодзин е огорчен: тој можеби повеќе нема да владее со градот со најголема статуа на Христос во светот.

Имено, желба да се натпреварува со познатиот Исус од Рио де Жанеиро изрази градоначалникот на Сплит, Жељко Керум, познат по своите неконвенционални (или, како што тврдат некои, глупави) идеи. Тој реши да му подари на градот статуа на Исус со џиновска големина, која треба да биде поставена на ридот Марјан над Сплит. Тоа е последната во низата негови „скулпторски“ идеи: во јули Керум успеа да ги изгласа во градското собрание поставувањата на сплитската ривиера спомениците на првиот претседател на Хрватска со доста сомнителен придонес за државата, Фрањо Туѓман, и на папата Јован Павле II. Како што тврдат добро упатените во сплитската политика, со ова градоначалникот се обидува да го сврти вниманието на јавноста од горчливите проблеми како невработеноста и општата деградација на градот, и благодарение на популистичките потези да победи на претстојните локални избори.

Искористувањето на националните и верските симболики сè уште е многу популарно во државите од поранешна Југославија како начин на нагласување на новосоздадениот идентитет.

На 28 јуни годинава, во Вишеград, Србија, беше започната изградбата на новиот „стар“ град Каменград, или како што некои го нарекуваат Андриќград. Носител на оваа идеја е светски познатиот српски режисер Емир Кустурица, а поддршка за остварување на проектот доби од премиерот на Република Српска, Милорад Додик. Станува збор за архитектонски комплекс инспириран од познатата книга на нобеловецот Иво Андриќ, „Мостот на Дрина“, кој треба да му оддаде почест на писателот (кој nota bene никогаш не се изјаснил како Србин). Замислата предизвика контроверзи, пред сè, поради тоа што за време на војните во 1990-те Вишеград беше место на брутално етничко чистење, и како исход на тоа градот стана целосно српски, а телата на убиените муслимани завршија во реката, фрлани од познатиот мост на Дрина.

Обвинувањата за национализам и популизам не се нови во случајот со Милорад Додик и Кустурица. Првиот веќе долги години се одржува на функцијата прв човек на Репувлика Српска благодарение на антимуслиманската реторика. Неколку пати меѓународната заедница го обвини за обид за уривање на Босна и Херцеговина, и тој е несакан гостин во повеќето европски земји. Се зборува и за корупција и кражба на јавните пари на РС, но засега тој ефикасно ја блокира истрагата на обвинителството. Сомнежи предизвикува и износот од 760 000 евра кои Додик реши да ги донира во името на владата во Бања Лука за изградба на Андриќград: од каде во буџетот на еден од најсиромашните веропски ентитети, кој изнесува само 665 000 марки (околу 330 000 евра), толкав вишок – не е познато.

Емир Кустурица, кој веќе со години се обидува да го навикне светот на своето ново, посрпско име Немања, стана националист речиси незабележително за меѓународната јавност, воодушевена од неговите филмови за непостоечката балканска идила. Во меѓувреме, неговите јавни настапи во Србија предизвикаа доста контроверзи, а неговите чудни проекти кои за цел имаат промоција на српската култура се широко критикувани во либералните кругови. Имено, Андриќград не е негов прв град: во 2005 г., за снимањето на филмот „Животот е чудо“, тој на Мокра Гора, југозападна Србија, го изгради етно-селото Кустендорф. Благодарение на низата повластици добиени од страна на властите за сомнителниот придонес кон одржувањето на еколошката рамнотежа во регионот, ова село практично е изземено од надлежноста на српската држава, а Кустурица го користи за промоција на своите националистички идеи покриени со тенкиот слој југоносталгија.

Каменград не е единствената српска фантазија на национална тема. Уште еден таков проект е изградбата на „највисокиот крст на Балканот“, кој треба да се најде во Ниш. Споменикот од 80 метри ќе биде завршен во 2013 г. на 1500-годишнината од Миланскиот едикт на императорот Константин, кој е роден во овој град, а со кој христијанството е признаено за државна религија. Според официјалните податоци, крстот ќе чини 1,5 милиони евра, што не се малку пари за ниедна држава, а не посебно за Србија која минува низ тешки мигови на транзиција. Интересно е дека нишкиот проект ќе го надмине со својата височина веќе изградениот крст во еден друг балкански град, Скопје.

Реакциите на ваквите идеи во Србија се доста млаки, додека во Хрватска има повеќе протести. Трката за „првиот“ (Србин, Хрват) во својот секојдневен фељтон ја исмеа хрватскиот новинар Јурица Павичиќ во Јутарњи лист, нарекувајќи ја „халуциноген трип“. Група граѓани од Сплит, непосредно пред почетокот на фестивалот Сплитско лето, на главниот плоштад постави плакат со напис „Туѓман на ривиерата, насмевка крива“ (Tuđman na Rivi, osmijeh krivi), а во декларацијата за медиумите се спротивстави на поставувањето на споменикот на националистичкиот претседател, објаснувајќи го тоа со неговиот презир кон Далмација. Исто така, против споменикот на Туѓман и големата фигура на Исус се изјаснија многу интелектуалци и политичари.

Доколку се чини дека сепак проектите на Керум нема да бидат остварени, српските уште денес стануваат дел од пејзажот. За жал, тоа е симптоматично за нивото на напредок на овие држави по трауматичните 1990-ти години. Хрватска на 1 јуни 2013 ќе стане членка на Европската унија, Србија се наоѓа во економска и политичка стагнација, а општопознато е дека игрите се најдобра замена за лебот.

Извор: Wiadomości24.pl

ОкоБоли главаВицФото