Касапот на ТМОРО

27.06.2009 12:46
travis-a-louie-2.jpg

Касата на ТМОРО се наоѓала во еден кастел сместен над една од најзафрлените касаби на империјата. “Кастелов налик на каструм, т.е. тврдина, е посигурен од касарна, кога станува збор за касови прашања”, рекол Гоце Делчев и му ја предал касата на локалниот касап.
Така, според традицијата на ТМОРО, чувар на касата, некаков вид касиер, не бил кастеланот на замокот туку неговиот касап, задолжен да ја касапи раката на секој оној што неовластено брцал прсти во касата, вклучувајќи го тука и кастеланот.

Имаш чувство дека си каснат?”, им велел касапот-касач, зајадливецот, на оние што си ги пребројувале прстите на рацете по неовластеното посегање во касата. “Ако имаш касмет, може на местото на каснатината ќе израсне кастанета? Па да можеш да тропаш ко придружник на кастратскиот хор?”, ги зафркавал непромислените врховисти касапот-кастрач и касач.
Што се вели, во ТМОРО немало институт “Касација”, за укинување или поништување на неправедни одлуки, туку само кастигација, да не речам кастрација - кинење на прсти, раце и глави. “Касапот касира и кастри!” бил еден од тајните слогани на тајната организација. Или друг: “Оној што сака каса - станува сакат! Така!”

Всушност, лажам, во ТМОРО знаеле за касација, ама во музичка смисла: поткастрените припадници, членови на од ден во ден се’ побројната каста предавници, морале да пеат музички композиции, во прв ред касации и серенеди, и притоа, ко презрена каста, да тропаат со кастанети, токму според циничните совети на касапот-кастрач.
Еден ден, дрскиот чувар на касата толку се осилил што ја каснал за врат убавата ќерка на кастеланот, по име Касандра. И покрај сквернавењето касапот продолжил со своите зафрканции: “Касан - сакан! Сакај го оној што ти дава касај!” Итн.

Ама Касандра не била обична девојка, туку пророчица која се изразувала низ палиндроми. Што би се рекло: “Не е месечар, врач е семеен”. На пример, еден од многубројните апокрифни слогани на ТМОРО е нејзин: “О, до бол сакав вака - слободо!” Или друг: “Ај, и храна за анархија!” Или трет: “И во мувите сетив умови!”
“Ете, царе, рацете!”, му рекла Касандра на касапот, откако овој ја каснал за врат. “Ма, зар мразам?!”, продолжила Касандра со палиндромите, а касапот се стаписал пред чудните зборови со две лица, што однапред и одназад втрчуваат едни во други. “Вака си сакав!”, извикала Касандра и избезумена од каснатината на касапот избегала од кастелот кон блиската шума.

Се избезумил и нејзиниот татко, кастеланот. “Каститас виолата! Невиноста е повредена!”, вреснал кастеланот и нагло паднал во очајание, т.е. во касавет.
Во истиот миг, во шумата, Касандра налетала на (не, не на Гоце Делчев, не на турска чета) - на прочуениот режисер Џон Касаветис, лично! Во шумата тој снимал филм (“Амин! Се снима!”, си помислила Касандра) за славните олимписки спортисти, близнаците Кастор и Полукс.
“Што ти се случило, невесто?”, ја прашал Касаветис изгубената девојка која му влетала в кадар.
“Жед! А надеж?”, рекла Касандра и додала: “А крив си свирка!”

Касаветис веднаш укопчал и наредил лично Кастор да отиде до кастелот и да ја испита работата.
Кастор го земал својот каскадер (а не Полукс) и на коњи, во кас, мирно и достоинствено, двајцата се доклацкале пред касапот.
“Има пријава за извршено дело 'каститас виолата', т.е. обљуба”, рекол Кастор.
Касапот пребледел, каскандисал, Кастор и каскадеров не само што не каскале (море: скакале!) зад одбранбените трендови туку имале и каск (т.е. кацига, т.е. шлем) на главата и панцир на телото (Шпанците, пак, би рекле дека имале “каско” на главата, ко оклопен брод, комплетно осигуран, како што вели изразот:).

Дрскиот чувар на касата сепак одговорил со навикнатиот (или навитканиот:) стил: “Не знам за таква работа, ама ако си слушнал за неправедна кастигација иди на Касационен суд да се жалиш!”, му рекол касапот на Кастор.
Батка, јас сум малку прекрупен касај, т.е. залак, за тебе. Мојот шеф, Џон Касаветис, овде насетил голем касавет, што може да ни направи проблем со снимањето. Затоа ќе морам да го проверам кастелов”, рекол Кастор и од касетата на коњот извадил една винчестерка, за чисто каскадно, т.е. скалесто, да ги предупреди можните насилни реакции на чудниот чувар на касата на ТМОРО.

Во тој момент дотрчале Касандра и Касаветис. Касандра во меѓувреме набавила од својот славен лек за нерви, кастореум, кој го цедела од чмарните жлезди на еден пријателски шумски дабар. Со лекот за смирување нерви Касандра ја имала истата намера како Кастор со винчестерката: да се превенира покрупен судир околу касата на ТМОРО. “Таа каса! Ја сакаат!”, рекла мошне двосмислената Касандра и се свртела кон убавиот Кастор: “Зет и витез!” (А кастеланот под мустаќ се насмевнал.) Касандра промрморела утешни зборови дури и за лудиот касап: “На бараба - барабан!” и му бутнала во устата цела доза од кастореумот, по што чуварот на касата конечно се смирил.
“Ете лево, повелете!”, им рекла Касандра на луѓето пред кастелот и ги повикала да влезат.
Пригодни зборови, за крај, Касандра имала и за својот татко: “И, тато, лев е чевелот. А ти?”

*Палиндромите што во расказот ги изговара Касандра се дело на Атанас Караџа, кому Вулкански му благодари за можноста за семплирање и му честита за јазичното мајсторство.

Илустрации: Тревис Луи

Ти пријателе добра дрога си

Ти пријателе добра дрога си кркнал пред да го пишиш текстот. Алал вера.

Овие ’излети’ на

Овие ’излети’ на Паднал(ф) кул Вански и огледалниот раџа Ка се ретко оркестрално мајсторство. Кога повеќе би се дружеле (отколку ’дужеле’ желе, уште од Домжале:), и кога повеќе би ’жуделе’ еден за друг (текстуално, секако:), тоа би било преубаво.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото