Прст

17.08.2011 14:32
Прст

Некаде наидов на податок дека Бранвел Бронте, братот на Емили и Шарлота Бронте, умрел стоејќи, потпрен на рамката од каминот, само за да докаже дека може и така да се умре. На овој бизарен факт ме потсети токму британски „Гардијан“, поточно информацијата дека доскорашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски наводно изјавил дека изградбата на споменикот „Воинот на коњ“ (читај: Александар Македонски) е наш начин да им го покажеме средниот прст на Грците.

Ако е точна изјавата, а ако имам причини да не и’ верувам на власта, немам никакви причини да не му верувам на „Гардијан“, тогаш Антонио Милошоски, нешто слично како ексцентрикот Бранвел Бронте, сака да докаже дека има прилично бизарни начини да се умре и дека тој тоа може да го докаже. И сето тоа би било во ред, доколку стануваше збор за некаков експеримент од кого последици ќе сносеше евентуално самиот Милошоски. Ама не. Тука станува збор за испробување бизарни начини за одумирање на цела една држава.

Во секој случај, Милошоски е барем искрен. Имено, тој е, ако не се лажам, првиот од официјалисите што ја признал вистинската намера на трошење на оние силни милиони евра, наводно наменети за градење споменици, односно градење на наводната национална свест. Додуша, во оваа лапидарна, но мошне прегнантна и содржајна изјава на некогашниот министер може да се види вистинска слика на македонскиот национален идентитет или барем на она што власта го подразбира под овој термин. Фудбал на мали голчиња, ситен дриблинг на локален терен без да се види целокупната ситуација. И, секако, бадијала фрлање народни пари...

Поистоветувањето на Александар Велики со средниот прст од раката на Антонио Милошоски остава можности за ново ревидирање на овдешната национална историја. Она, значи што излегува од десната рака на централниот споменик на плоштадот „Македонија“ всушност не е меч, како што лаиците погрешно мислат, туку средниот прст на Милошоски! За волја на вистината, веројатно ќе беше повеќекратно поевтино наместо коњаникот на тоа место да се поставеше споменик на прстот на Милошоски и тоа во природна големина, ама човекот по карактер е скромен, па се реши за една побенигна варијанта наречена „Прстот на коњ“. Сега само останува да ја видиме веродостојноста на поговорката: Ако некому му покажеш прст, ќе ти ја земе целата рака!

Со оваа најнова историска ревизија се отвора и ново поглавје во работата на Комисијата за верификација на фактите, односно кај лустраторите. Имено, луѓето и онака тргнаа да ги лустрираат некогашните функционери, па најверојатно оваа работа ќе ја продолжат и за периодот од Филип Македонски наваму. На пример да дознаеме дека Јане Сандански бил кодош, а Тодор Александров не. Навистина, кој може да порекне дека не би било интересно да се дознае дали Александар Велики бил соработник со тајните служби под кодно име „средниот прст“. И тоа многу поинтересно од тоа да се откријат кодошите во редовите на актуелната власт, на пример. И не знам зошто воопшто толку гласно се бара да се лустрираат актуелните министри, советници, дипломати, директори на јавни претпријатија... Како божем да е битно дали дошле на компетентни функции преку кодошење или преку лепење плакати на митинзи...

Рамковниот договор, благодарам на прашањето, е добар. А кога ќе умре не се знае. Делуваше малку комично, а повеќе трагично што на прославата на десетгодишнината од потпишувањето на Рамковниот договор не беше никој од неговите потписници, а беше човекот кој тогаш жестоко му се спротивставуваше. И не само што беше, туку целата таа церемонија беше под негово покровителство. За волја на вистината, претседателот Иванов и во оваа прилика се обиде да го релативизира Договорот, користејќи ги изјавите на грчкиот дипломат Маљас и таканаречениот нон-пејпр, кој наводно подоцна се преточил во текстот од Рамковниот договор.

Тогашниот лидер на ОНА, а денес на ДУИ, Али Ахмети смета дека Рамковниот договор е добра практика за решавање на конфликтите, па предлага некоја варијанта на ваков договор да се примени и за решение за македонско-грчкиот проблем со името. Тоа и не е толку лоша идеја. На пример, принципот на употребата на рамковниот договор може да се примени на многу пошироко поле отколку што се тоа меѓуетничките односи. Да кажеме, од имотно-правните спорови преку хашките случаи па до уривањето на комплексот „Космос“. Ако веќе се применува во вработувањето, зошто тогаш да не се применува и во сообраќајот, земјоделството, риболовот, зоолошките градини и шпедицијата? Доволно е само да викнете олеснувачи и работата да биде завршена.

Ако се прифати предлогот на Ахмети, убеден сум дека важен замаец во нашиот преговарачки тим ќе биде токму Антонио Милошоски... Неговото искуство со употребата на средниот прст во дипломатската практика е немерливо. Претпоставувам дека со средниот прст и ќе го потпише рамковниот македонско-грчки договор.

Во меѓувреме без работа остана и претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Тамара Чаусидис... Со оглед на квалитетот, а особено на квантитетот на новинарите што се најдоа во евиденцијата на Агенцијата за вработување, може да се очекува дека билтенот на Бирото за вработување ќе стане најписмениот и најквалитетниот медиум во државата. Агенцијата за вработување, чија функција сè уште влегува во најголемите митски тајни, од типот на онаа за начинот на кој Мојсие го пресекол Црвеното Море, ги има сите шанси да се реформира во вистински медиумски гигант, каде што би работеле и оние невработени, кои според новите предлози би морале да одат на принудна работа.

Бранвел Бронте умре стоејќи крај својот камин. Македонија умира седејќи на средниот прст на Антонио Милошоски.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Мајкл Марсикано

Уаа, ал е попизден овој,

Уаа, ал е попизден овој, човече...

Препорачувам психијатриски третман.

во оваа лапидарна, но мошне

во оваа лапидарна, но мошне прегнантна и содржајна изјава...
Хахахаххааааааааааааа... ова кажува се.
добив вулвучни контракции, сеа ќе еруптирааааамммм

Слични содржини

Став
Став
Став
Став
Надеж [к:5]
Став
Наука [к:8]
Став
Езера [к:6]
Став
Став
Коњи [к:7]

ОкоБоли главаВицФото