Michael Jackson, King of Pop

27.06.2009 22:05
Michael_Jackson_1958-2009_Okno.jpg

Мајкл Џексон (1958-2009)

Оде друг „Џеко“, како што од милоште го нарекуваа неговите безбројни обожаватели. Иако авторот на овој текст не беше еден од нив, што е право- право е: ако Елвис беше „Кралот на Рокенролот“, тогаш Мајкл Џексон, своевремено женет со неговата ќерка, Лиза Мари Присли, несомнено беше „Кралот на поп музиката“!

Благородничката титула ја заслужи со долгогодишно напорно искачување „од трњето до ѕвездите“, со својот уникатен глас, со мајсторски танц, со импресивните сценски настапи и мегаломански спотови, но и со својот крајно ексцентричен живот на висока нога, за жал проследен и со многу вака... хмм... незгодни скандали, кои баеги фрлија дамка на неговата биографија, па оттаму и измешаните чувства по неговото прерано заминување.

michael jacksonЏеко беше присутен во нашите животи уште од раното детство, иако музички „созревавме“ со некои други изведувачи, кои негуваа сосема поинаков, главно рокенрол саунд. Таму некаде во раните осумдесетти години на минатиот и бурен XX век, преку магичната кутија наречена „теле-визор“  до нас стигнаа видео спотовите, во кои еден слабичок млад црномурест момак со кадрава коса, вешто го мрдаше својот задник во ритамот на музиката. Имаше заразни хитови, кои се памтат „од прва“, без разлика дали ни се допаѓале или не, а вокалната изведба тој често ја прекинуваше со повремени пискави извици на страст („У-ху!“, „И-хии!“ или така нешто), што уште повеќе придонесуваше за целата возбуда. Во тој период, го добивме и "Thriller", најпродаваниот албум на сите времиња, на ’оригиналка’ касета донесена од Јуесеј. Фаворит од тој албум ми беше, и до ден денес остана, песната "Wanna Be Startin' Somethin'". Од другата страна на светот пак, роднини од Австралија ни донесоа и маици со негова фотографија, од сцена на славниот спот "Billie Jean", каде тој е во некое кичасто оделце со уште покичеста црвеникава „лептир- машна“. Посебно нè израдува и кога во 1983, тој се појави со Пол Макартни, од нашите љубимци Битлси, во познатиот спот за "Say, Say, Say", како и кога учествуваше во "USA for Africa" во 1985, што беше американски придонес за големата хуманитарна кампања на Боб Гелдоф.

Мајкл Џексон е роден е на 29 Август 1958 година во Гери, сојузна држава Индијана, САД (btw тоа е местото каде дедо ми своевремено има работено како печалбар). Детството му се одвива во скромни услови во многудетно семејство, при што тој е често подложен на физички и психички тортури од страна на својот суров татко, што кај малиот Мајкл остава трајни последици. Започнува да се бави со музика „још од малих ногу“ и станува член на групата составена од неговите браќа, The Jackson 5 (бизарно, еден од нив го носи името Тито?!). Групата, но особено малиот Мајки како нејзин фронтмен, ќе се здобие со голема популарност, па во 1970, со хитот "ABC", ќе успее дури и да ја шутне “Let It Be” на Битлси од врвот на Билборд 100 топ листата. Инаку, “ABC” многу подоцна ќе биде и... errm… „позајмена“ од скопската поп група Нокаут, за што казната ќе дојде во 2008, кога ќе бидат шутнати на дното на поп фестивалот “Новая волна” во Латвија, и тоа во натпреварувачката вечер за „млади и неафирмирани таленти“ (добро сеа, малку пецкање не е на одмет). Детството на Мајкл Џексон и неговите првични музички чекори се прикажани во мини- серијата "American Dream: The Jacksons". Во неа, мајка му е толкувана од Анџела Басет, инаку позната и по својата улога на Тина Тарнер во "What's Love Got to Do with It" (онака као офтопик, во тој филм се појавува и нашата печалбарска филмска ѕвезда, Стив од Кравари!).

Во 1972, со само тринаесет навршени години, Мајкл Џексон успева да го објави своето соло деби "Got to Be There". Следуваат уште неколку албуми, во меѓувреме тој ја толкува и битната улога на Страшилото во мјузикл базиран на „Волшебникот од Оз“, инаку продуциран од славниот Квинси Џонс, кој ќе се нафати да работи на Џексоновиот следен албум, "Off The Wall". Дури со неговото објавување во 1979, Мајкл Џексон, вистински зачекорува во друштвото на поп-ѕвездите. Тука веќе говориме за сериозен шоу бизнис, имено, на плочата, која добива добри критики и постигнува добра продажба, покрај еминентниот Квинси Џонс како продуцент, во улога на композитори се јавуваат и Стиви Вондер, Пол Макартни и други познати имиња. Хит синглот “Don't Stop 'til You Get Enough” се искачува на врвот на топ листите, а за него е снимен и Џексоновиот прв видео спот. Но за Џеко тоа не е доволно. Со навршување на 21 година, тој конечно собира храброст да го отпушти својот незгоден татко од позицијата менаџер, пронаоѓа нов, кому му поставува задача да го направи мегаѕвезда и милијардер!

Остварувањето на сонот доаѓа во 1982, со објавувањето на “Thriller”, кој ќе достигне до најпродаван албум на сите времиња. Гости на албумот се: олд скул хорор ѕвездата Винсент Прајс во истоимената песна, потоа членови на групата Toto, Пол Макартни во песната “The Girl is Mine”, a во “Beat It” пак, и славниот hard’n’heavy гитарски виртуоз Еди Ван Хејлен. За потребите на снимањето на таа песна, славниот Квинси Џонс неколкупати се обидува да го добие Хејлен на телефон, при што вториов мисли дека му досаѓаат некои фанови, па реплицира со канонада од најсочни пцовки (“Asshole” и сл.), по што гневно, онака металски ја треснува слушалката. Дури кога третиот пат, Џонс успева да се претстави кој е, и да објасни дека го кани за музичка соработка, Хејлен се освестува и останува зинат со слушалката в рака. „Никогаш не сум се осеќал поизбрукан“- ќе изјави тој.

Спотот за ударниот хит-сингл од албумот, “Thriller”, режиран од Џон Ландис (Blues Brothers, An American Werewolf in London, Three Amigos, Beverly Hills Cop II), станува едно од антологиските дела на уметничката форма наречена „музичко видео“, која доживеа своја експанзија со создавањето на MTV во 1981. На нејзината програма, Џексон беше еден од првите афроамериканци. По успехот на “Thriller”, Џексон е веќе етаблирана ѕвезда, фрштат милионски хонорари, интервјуа, сликања за новини, кавијари и шампањци, дури и гостува кај претседателот Реган во Белата куќа. Во 1985, Џексон ги откупува правата за стотина песни на Битлси за околу 40 милиони долари. Имено, компанијата- носител на тие права е дадена на аукција, на која Џексон понудува најголема сума, победувајќи го во наддавањето Пол Макартни, кој е биде поприлично разлутен од таквата постапка на својот некогашен пријател и соработник. Иако веќе збогатен, Џексон не заборава на оние во невоља. Истата година, учествува во снимањето на хуманитарната песна “We Are The World” на супергрупата “USA for Africa”, американскa верзија на проектот Band Aid на Боб Гелдоф, создаден за помош на гладните во Етиопија, во кој патем, учествуваше и самиот Макартни.

По ова, во многу песни на Мајкл Џексон, како и во нивните спотови, почна да провејува она што Америте би го нарекле ‘social awarness’, без разлика дали тоа се однесуваше на гладните во Африка, војните низ светот, расизмот и шовинизмот, екологијата итн. Сега, дали таквите теми биле вметнати од страна на продуцентите, или пак самиот Џексон искрено го чувствувал тоа – можеме само да шпекулираме. Во спотот за "Bad" од 1987, т.е. неговата комплетна верзија, која освен музички, содржи и драмски дел, Џексон говори за уличното насилство меѓу афроамериканците. "Man in the Mirror" од 1988 содржи снимки од Мартин Лутер Кинг, Ленон, Кенеди, Гелдоф, Дезмонд Туту, Лех Валеса, Ганди, па и нашата скопјанка, Мајка Тереза. Во комплетната верзија на спотот за "Black & White" од 1991, во кој настапува и детската ѕвезда Меколи Калкин, Џексон жестоко, па дури и насилно го изразува своето противење на расизмот и неонацизмот. За страдањето на децата во воените конфликти, говори "Heal The World" од 1992. Следува спотот за "Earth Song" од 1995, чии сцени говорат за сечата на Амазонските прашуми, гладта во Африка и војните на нашите ex-YU простори. При живата изведба на оваа песна на BRIT Awards, Џарвис Кокер, фронтменот на групата Pulp, нагло истрчува на сцената и потсмешливо му го покажува својот задник на Мајкл Џексон, во знак на протест против кичестиот и помпезен сценски настап, кој вклучува религиозна симболика и куп деца- статисти, а во кој Џексон е прикажан небаре месија, кој е тука да го спаси светот од сите несреќи!

Кулминација на таквата Џексонова ангажираност, сега дал искрена, дал „наместена“ - сеедно, беше гневната "They Don't Care About Us" од 1996 (btw оваа песна беше преработена од Дино Мерлин, со рефренот „Не буде ли Босне, онда неќе бити ни нас!“). Не само што Џексоновите стихови на оваа песна предизвикаа низа контроверзи, туку и двата одделни спотови, кои беа снимени за неа, во режија на славниот Спајк Ли. Во едниот, Џексон настапува во сиромашно преградие во Бразил, што предизвика гнев кај тамошните власти, а во другата, тој е во улога на затвореник кој предизвикува бунт! Иако Џексон генерално беше „попер“, конкретно изграден врз црни R'n'B, соул и фанк основи, повремено тој успешно кокетираше и со рапот, гласот на угнетените афроамерикански маси, но и со жестокиот рок, например во соработката со Слеш од Guns'n'Roses и сл., со што дополнително градеше еден лик на бескомпромисен „жесток момак“.

Но и покрај таквите обиди да се прикаже како бунтовник, дал активист или рокер, сеедно, општопознато е дека тој живее како крајно декадентна мегаѕвезда. Јавноста шпекулира за низата пластични операции, со кои Џексон наводно сака да го смени својот црномурест изглед и/или да излечи некои свои физички комплекси. Во интервјуто дадено на Опра Винфри во 1993, Џексон се брани со изјавата дека страда од кожните болести лупус и витилиго, поради кои и дошло до физички промени на неговото лице. Се говори и за Џексоновата злоупотреба на дрога, дал легална, дал нелегална, со чија „помош“ се обидува да ги излекува траумите од детството. Од нив наводно произлегува и неговата опсесија да остане вечно млад. Како своевиден Петар Пан, си направи и некаков личен „Дизниленд“, во кој го иживува пропуштеното детство, на дискутабилен начин забавувајќи се со деца, кои таму великодушно ги кани.

Во 1993, тој за првпат се соочува со обвинувања за сексуална злоупотреба, од страна на родителите на едно од децата- гости на неговиот имот, Џордан Чендлер. Во недостаток на цврсти докази, Џексон е ослободен од понатамошни кривична постапка, а родителите на момчето прифаќаат Гаргатуанска сума како компензација, која тие со пејачот ја договараат вон судот. Тоа кај Џексоновите поддржувачи раѓа сомнеж дека вистинскиот мотив зад оваа тужба биле само парите. Но, свои аргументи има и спротивната страна. Во документарниот филм “Living with Michael Jackson” од 2002, на британскиот новинар од пакистанско потекло, Мартин Башир, Џексон открива дека понекогаш навистина го дели креветот со поканетите деца, но дека во тоа не гледа „ништо страшно“, затоа што, тоа наводно не било од сексуална природа.

Документарецот открива и други бизарности, како од јавниот, така и од приватниот живот на ѕвездата. Неговите деца Принс и Парис, се присилени да носат некакви маски на лицето, веројатно за да не бидат „уловени“ од љубопитните папараци, а пејачот предизвикува и скандал кога небрежно мафта со своето трето, тукушто родено дете во рацете, на прозорецот на еден Берлински хотел, сакајќи да им го покаже на насобраните фанови.

Michael Jackon mugshotВо филмот се појавува и едно од многубројните деца- гости на неговиот Неврленд ранч, момчето по име Гејвин Арвизо, кому Џексон има помогнато во лекувањето од рак, па така помеѓу двајцата е создаден еден присен однос. Но можеби и премногу присен, затоа што во 2005, следува ново обвинение за Џексон за сексуално искористување. Тој се предава на полицијата, по што уапсен и со лисици на рацете е спроведен во притвор. Се брани од слобода со кауција од неколку милиони долари. Како и во претходниот случај, на судењето тој е прогласен за невин.

Некои велат дека сите тие афери не само што му го уриваат угледот во јавноста, што логично доведува и до намалена продажба, туку и дека го истоштуваат, и психички и физички. Наводно, тој ни финансиски не стои баш најдобро, впрочем се знае дека е голем расипник, па со тоа, сам себе се доведува на граница на банкрот. Некои шпекулираат дека сите тие фактори заедно ја забрзуваат неговата пропаст, потпомогната и од големите дози на наркотични средства. Непосредно пред смртта, тој планира светска камбек турнеја за 2009, со која веројатно има намера да си „обели образ“, да се реафирмира пред публиката, па и финансиски да се опорави. Но тие планови ќе бидат прекинати со неговата смрт на 25 Јуни 2009.

Џексон во арапска бурка при посета на БахреинОстанува нејасно како ќе биде изведен неговиот погреб. Иако е израснат во семејство на Јеховини сведоци, во 2008 се преобраќа во ислам, под влијание на својот брат Џермејн, кој истото го има сторено во 1989, а кој воедно ја има посетено и Мека („Ил си бос или хаџија!“- Забрањено пушење). Покрај погореспоменатите Џермејн Хаџи Џексонович и нашиот другар Тито, преостанати членови на неговото потесно семејство се и браќата Џеки, Ренди и Марлон, како и сестрите, славната Џенета Џексон, нешто помалку познатата Реби, како и Ла Тоја, која во 1988 година, како специјална гостинка настапуваше на концертите на сараевската група Хари Мата Хари.

Зад себе, Мајкл Џексон остави три потомци, два неуспешни бракови (едниот со Лиза Мари Присли, со која немаше деца, и вториот, со неговиот дерматолог Дебора Џин Роу, која му роди две, додека третото е наводно од „сурогат-мајка“). Со оглед дека беше планетарна суперѕвезда, многумина го посакуваа, но се чини дека „са швалерске стране није спад’о у Тарзане“ (што би рекол Панонскиот морнар, Балашевиќ), па не е веројатно дека го посеал своето кралско семе по светот, во смисла, не ќе да има неофицијални наследници. Oстави во сеќавање и многу бизарни афери и контроверзи, но она по што пред сè ќе биде запаметен се безбројните успеси: огромното влијание врз развојот на поп музиката, страотниот талент како за пеење, така и за танц и глума, остави зад себе куп златни и платинести албуми и разни музички награди (Греми, ти реков ми рече), потоа маестрални спотови, а никако да не го заборавиме и специфичниот танц, таканаречениот “moonwalk”, како и оној, чие име не го знам, кој вклучува степ елементи и кој кулминира со тоа што Џексон се фаќа за своите мадиња!

 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Сплет од Џексоновите најкултни спотови и живи настапи

маицата што ти ја донеле

маицата што ти ја донеле изгледа била фалсификат :) Billie Jean, не Billy.
Тоа што брат му е именуван Тито, не е воопшто бизарно. Ретко, но американско машко име, популарно до средината на минатиот век, посебно помеѓу афро Американците, кои често ставаат имиња на децата изведени од латински. Неговото Тито е варијација од Titus.

брате анонимус, хумор и

брате анонимус, хумор и сатира не ти се јака страна? ЏенетА и останати игри на зборови тука спаѓа и Тито де

Humor i satira posmrtno za

Humor i satira posmrtno za vakov covek so neverojaten pridones kon muzikata bas vo ovoj moment ne se bas vistinskiot izbor. Koga e izborot vo prasanje podobro bi mu bilo na avtorot da izbere da pisuva za nekogo sto go saka i pocituva otkolku da objavuva necelosno iskren tekst. Sepak ova e samo moe mislenje i pocuvstvuvav da kazam nesto bidejki MJ vlijaese muzicki i na mene kako i na milijardi lugje niz svetot. Kako i da e bravo za naporot na avtorot da se odbelezi smrtta na golemiot muzicar. 
R.I.P.    M.J.

    zar novinarite pokrivaat

 
 

zar novinarite pokrivaat samo licnosti i nastani koi im se dopagaat?

Најинтресен ми е најгорниот

Најинтресен ми е најгорниот „коментатор“. Од цела енциклопедија се фатил за 2 згрешени букви и ајде сега нека ни објасни кој бил Тит Ливиј и остали римјани. Кои пациенти

   И вие ли со Мајкл

 
 И вие ли со Мајкл Џексон...Полоши сте и од Пинк ТВ....

Исто како и првиот и третиот

Исто како и првиот и третиот коментар, и јас не успеав да го уловам наводниот хумор и сатира уште помалку игрите со зборови. Прочитав само невкусна, надмена задртост. Сепак, фала на вториот коментар за објаснувањето...изгледа грешно читаме...

Пред сè огромна благодарност

Пред сè огромна благодарност до нашиот, за жал, анонимен читател, кој укажа на фаталната печатна грешка, која се состоеше од 1 (со зборови: една) згрешена буква во статија од близу 12000 букви, кои се надевам дека нашиот читател исто така ги прочитал. Грешката е исправена, а со тоа, се надевам, и тешката неправда која му ја нанесовме.

Што се однесува до другарот Тито (Џексон), чинам дека нашиот читател има потреба ситуацијата подробно да му се илустрира. Имено, се работеше само за една невина шега, поаѓајќи од коинциденцијата на името на Мајкловиот брат со она на некогашниот југословенски маршал. Повеќе од јасно ни е дека името има латинско потекло (напр. Тит Флавиј Веспанијан, римски цар или Тит Флавиј Орест од нашата Хераклеја) и познато ни е дека тоа и сега е присутно во западната хемисфера, на крајот на краиштата, верувам сите го знаеме другарот Тито Пуенте.

Дали имаше потреба толку да се „драми“ околу сите тие горенаведени „проблеми“, оставам на размислување на анонимниот иницијатор на оваа жолчна дискусија, со која за жал, во сенка се фрли личноста за која говори текстот и нејзиното дело. Воедно, апелирам до управата да се погрижи за отстранување на оние коментари, кои содржат лични квалификации и сл. Благодарам за Вашето внимание.

Слични содржини

Музика
Музика / Историја
Уметност / Теорија / Музика / Историја
Книжевност / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото