Елитите крадат дење, сиромашните ноќе

19.08.2011 11:30
Елитите крадат дење, сиромашните ноќе

Често слушам споредби на немирите во Лондон со немирите во другите европски градови – со кршењето на излозите во Атина или палењето коли во Париз. Секако, одредени паралели можат да се повлечат: полициското насилство како искра која ја запалила масата, поколението кое се чувствува заборавено... Но во тие настани, обележани со масовно уништување, кражбите беа незначителни.

Меѓутоа, имаше и други масовни кражби изминативе години, и можеби порано требаше да се зборува за нив. Во Багдад, по американската инвазија, дојде до палење и грабежи во кои беа испразнети библиотеките и музеите. И фабриките беа погодени – во 2004 г. посетив една во која порано се произведувале ладилници. Работниците испокрале сè што било вредно, а потоа целосно ја опожариле и од халата останала само металната конструкција.

Луѓето кои го гледаа тоа на вестите од кабелската телевизија мислеа дека кражбите се од исклучиво политичка природа. Велеа дека тоа се случува кога режимот нема легитимитет во очите на народот. Откако предолго гледаа како Садам Хуисеин и неговите синови слободно земаа што ќе посакаа и кого ќе посакаа, многу обични Ирачани почувствуваа дека имаат право и тие да земат нешто за себе. Но Лондон не е Багдад, а британскиот премир Дејвид Камерон сигурно не е Садам, па од ова сигурно ништо не може да се научи.

Ајде тогаш да земеме некој демократски пример. Аргентина, околу 2011 г. Економијата несопирливо пропаѓаше и илјадници лица кои живееја во сиромашните населби (кои пред неолибералната ера беа успешни индустриски зони) се втурнаа во големите супермаркети во сопственост на странци. Излегуваа туркајќи колички натрупани со работи кои повеќе не можеа да си ги дозволат – облека, техника, месо. Државата прогласи „вонредна состојба“ за да воспостави ред, но на луѓето не им се допадна тоа, па ја сметнаа власта.

Масовната кражба во Аргентина се нарекуваше el saqueo – грабеж. Тоа беше политички значајно бидејќи истиот збор се користеше за да се опише она што елитите во државата го направија со продажбата на државниот капитал во флагрантно корумпираните приватизациски зделки, со криењето на своите пари во странство, потоа со носењето на законот за народ со бруталниот пакет мерки за штедење. Аргентинците знаеја дека грабежот на трговските центри не би се случил ако не се случеше уште поголемиот грабеж на државата, и дека вистинските криминалци се оние на власт. Но Англија не е Латинска Америка, и тамошните немири не се политички, барем така велат. Таму се работи за збеснати дечишта кои ја искористуваат ситуацијата за да го присвојат туѓото. А британското општество, вели Камерон, го осудува таквото однесување.

Ова е изречено сосем сериозно. Небаре масовниот откуп на банкарскиот долг никогаш да не се случил, по што банките, и покрај сè, им делеа рекордни бонуси на своите раководители. Потоа беа свикани итните состаноци на Г8 и Г20, кога водачите колективно решија дека нема да сторат ништо за да ги казнат банкарите за бонусите, ниту дека ќе сторат ништо сериозно за да ги спречат сличните кризи и во иднина. Наместо тоа, сите се вратија во своите држави и бараа жртва од најзагрозените. Тоа ќе го сторат со отпуштање на работниците од јавниот сектор, ќе ги жртвуваат просветните работници, ќе ги затвораат библиотеките, ќе ја зголемат школарината, ќе ги намалат колективните договори, ќе вршат брза приватизација на јавниот капитал и ќе ги намалат пензиите. А кој на телевизија држи предавање за тоа како треба да се откажеш од овие „повластици“? Се разбира, банкарите и директорите на приватните инвестициски фондови.

Ова е глобална пљачка за време на големиот грабеж. Водени од патолошкото чувство на повластеност, тие оваа пљачка ја вршеа на дневна светлина, небаре овде нема што да се крие. Меѓутоа, секогаш постоеше одредена доза страв. На почетокот на јули, Wall Street Journal ги наведе резултатите од најновото истражување според кое 94% од милионерите се плашат од „насилства на улиците“. Овој страв, како што се покажа, бил оправдан.

Секако дека немирите во Лондон не беа политички протест. Но луѓето кои навечер излегуваа во ограбување многу добро знаат дека нивните елити пљачкале дење. Крадењето е заразно. Ториевците се во право кога велат дека причина за немирите не се мерките на штедење. Причина за немирите во голема мера е тоа што го претставуваат тие мерки, а тоа е заробеноста. Заробеноста во ниската класа која е сè побројна, и на која и онаа мала шанса за спас – во вид на работа во јавниот сектор, доброто образование по пристапна цена - ѝ се одзема со голема брзина. Мерките на штедење се порака. Тие им говорат на сите сектори од општеството: останувате онаму каде што сте, слично на доселениците и бегалците кои ги враќаме од нашите сè потврди граници.

Одговорот на Камерон на немирите е оваа порака да стане и буквална: отселување од јавните станбени згради, закани за укинување на средствата за комуникација и нечуени затворски казни (пет месеци за жената која примила украден шорц). Пораката која се испраќа е следнава: очајувајте, ама правете го тоа тивко.

На минатогодишниот самит на Г20 за мерките на штедење во Торонто, протестите прераснаа во немири, и беа запалени повеќе полициски коли. Тоа не е ништо во споредба со стандардите кои ги постави Лондон 2011, но сепак, нам, Канаѓаните, тоа нè шокираше. Она што тогаш беше многу контроверзно беше тоа што владата потроши 675 милиони долари на „обезбедување“ на самитот (а сепак се чинеше дека не можат да ги изгаснат запалените огнови). Многумина од нас тогаш укажаа на тоа дека скапиот нов арсенал оружја кои полицијата ги доби – водени топови, звучни топови, солзавец и гумени куршуми – не бил наменет само за протестирачите на улиците. Неговата долгорочна употреба би била да се дисциплинираат сиромашните кои во новата ера мерки на штедење ќе имаат опасно малку што да изгубат.

Тоа е она во кое Камерон згреши: не можеш да го намалуваш буџетот на полицијата истовремено кога го намалуваш буџетот и на сите останати. Бидејќи кога ќе го одземете од народот она малку што го има, за да ги заштитите интересите на оние кои имаат многу повеќе одошто некој заслужува, морате да очекувате отпор – без разлика дали се работи за протести или спонтани грабежи. А тоа не е политика. Тоа е физика.

Извор: The Guardian

Илустрации: Давид Пулман

Наоми Клајн е фантастичен

Наоми Клајн е фантастичен автор, би им препорачал на читаталите на Окно да ги прочитаат нејзините книги No Logo и The Shock Doctrine. 

ОкоБоли главаВицФото