1010 hPa
54 %
25 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 11:59
Потсетување за добронамерните и злонамерните читатели
Во првите три продолженија на фељтонов објавив 11 акти на Републичкиот секретаријат за внатрешни работи на СР Македонија, Служба за државна безбедност, Управа на СДБ Скопје. Првиот се вика ЗАВЕДУВАЊЕ НА ПРЕТХОДНА ОПЕРАТИВНА ОБРАБОТКА и носи датум 9.10.1976 година. Последниот се вика ПРЕДЛОГ ЗА ДЕРЕГИСТРАЦИЈА на ПОО „Драматург“ и носи датум 22.7.1987 година и на него е со рака напишано: Дерегистриран 19.8.1987 година. Заедничко за сите 11 акти е тоа што се потпишани од барем тројца функционери на СДБ или од Републичкиот секретар за внатрешни работи. Освен тие 11 акти, објавив и една службена белешка, потпишана од двајца оперативни работници, која носи датум 3.11.1987 година и која покажува дека се распрашувале за мојата активност и по дерегистрацијата.
Со оглед на обидите во некои коментари да се инсинуира дека јас објавувам само селектирани делови од моето досие, сакам да ги известам добронамерните и љубопитните, како и злонамерните и клеветниците, дека ги цитирам, а не ги парафразирам документите од досието 25630. Ги цитирам целосно, одбегнувајќи ги повторувањата кога се работи за идентични предлози, образложенија и решенија кои се разликуваат само во датумите. Единствениот исклучок го правам кога не ги објавувам оние имиња на директните или индиректните извори кои, со намера или од небрежност, не биле поцрнети кога е подготвувана фотокопијата на досието што ми беше дадена на увид. Истите правила важат и за службените белешки објавени во четвртото, петтото и шестото продолжение на фељтонот. Понекаде го објаснувам и контекстот, односно настанот кој е повеќе или помалку точно или искривено прикажан во службените белешки.
Единствената отстапка од принципот да ги цитирам службените белешки по хронолошки ред ја направив со службената белешка од информативниот разговор за забранетата претстава „Големата вода“. Тоа го направив за да им овозможам на читателите да ги споредат двете верзии за она што се случуваше во Братислава, онаа мојата и онаа содржана во инсинуацијата дека јас сум направил „диверзија“ во односите меѓу Југославија и земјите на советскиот блок, што според неговиот „правоверен“ ум било смртен политички грев.
Ќe ме проучувале и ќе ме следеле во мојата активност
Во службената белешка од 18.04.1977 година инспекторот (името покриено со црно, м.з.) запишал: „На ден 18.04.1977 година во просториите на МНТ се сретнав со ПОО 'Драматург' и откако се поздравивме тој пројави иницијатива да поразговара со мене што и го стори испраќајќи ме до колата. Во краткиот разговор ПОО 'Драматург' ме запозна со следното: Пред некој ден му се јавила МИЛКА ШТЕРЦОВА – драматург во театарот 'Нова сцена' од Братислава – ЧССР. Во краткиот разговор таа му рекла дека и таа покрај другите заминува од театарот, во некое гратче во внатрешноста на Словачка, дека и покрај сѐ е добра и ѝ е драго што можела да се слушне по телефон со пријател и да го праша како е тој и што работи сега. Откако изворот ѝ рекол дека е добар и оти не е исклучено повторно да дојде во ЧССР кога би ја и посетил, се поздравиле. Потоа изворот рече дека комплетното раководство во театарот 'Нова сцена' од Братислава е сменето, како последица на сѐ она што се случуваше околу забраната – попречувањето (оваа формулација сигурно не е моја, м.з.) на премиерата на 'Ѕидот, водата' од Ж.Чинго (никако да запамети дека претставата се викаше 'Големата вода', м.з.), а во негова режија на сцената на 'Нова сцена'. /За ова има оформено материјал, забелешка на инспекторот./ Како што рече изворот, Далибор Хегер, поранешен управник и Станислав Мичињец, главен драматург, биле на лечење, Хана Ковачикова, шеф на драмата, сменета, а за нов шеф (управник, м.з.) бил поставен Карол Влах, партискиот секретар на театарот. На изворот со картичка од Сингапур му се јавил Стано Данчијак, артист во 'Нова сцена' чија сопруга работела во авионска компанија на ЧССР и за сето ова тој го запознал. На крајот од разговорот изворот рече дека два дена бил во Нови Сад на Стерииното позорје каде присуствувал на претставата 'Киклоп' во изведба на Хрватско народно казалиште, но дека од претставата не е многу воодушевен. Притоа спомна дека колку му е него познато истата претстава на која присуствувал и Претседателот на Републиката – Тито, два дена покасно претрпела извесни промени – скратувања. На адреса на МНТ пред извесно време стигнало писмо од Карол Влах – новиот управник на 'Нова сцена' во кое тој се залагал соработката меѓу овие две театарски куќи да продолжи, дека од работата на ПОО 'Драматург' се задоволни и оти може пак да дојде да работи, но на друг текст и оти тие немаат ништо против текстот на 'Ѕидот, водата', но оти политички не можела да биде прифатена таа претстава. Во наредните десетина дена по враќањето на Ж.Чинго од Нови Сад изворот, заедно со него и Стојмир Поповски, со претходни консултации со Комисијата за културни врски со странство, ќе одговорат на писмото на Карол Влах.“
Во оперативната забелешка инспекторот запишал: „Со ПОО 'Драматург' по неговото враќање од Братислава – ЧССР беше обавен информативен разговор, кога беше договорено за поинтересни сознанија и јавувања од Братислава да нѐ извести – што во овој случај го и стори. И при оваа средба оставен е простор за понатамошни видувања со ПОО 'Драматург' преку кои истиот ќе биде проучуван и следен во неговата активност. Со материјалот да се запознае инспекторот (името покриено со црно, м.з.).
Барале и клуч од станот
На 8.11.1977 година инспекторот (името покриено со црно, м.з.) запишал во службената белешка дека на 7.11.1977 година одржал контакт со изворот (псевдонимот покриен со црно, м.з.). При тоа изворот информирал: „Со В.Милчин воспоставив контакт по повод повторувањето на претставата 'Глембаеви'. Истиот ме покани на вечера знаејќи дека мојот пријател со кого се забавувам не е тука. Поканата не ја прифатив веднаш според вашите инструкции, меѓутоа оставив простор за друг пат. Пред неколку дена пак се сретнавме и тој ми зборуваше дека е многу разочаран што не успеал да оди во САД. Напомна дека имал намери повторно да оди во американската амбасада во Белград бидејќи во Американскиот информативен центар така му било речено. Кој му рекол не спомна. Ми напомна исто така дека не можел веќе својата жена да ја поднесува бидејќи почнала да му префрла за доста работи, меѓу кои и за некои интимни врски.
Зборуваше исто така и за режијата во Крагуевац. Рече дека темата била од НОБ.
Спомна дека имал намера со поетот Богумил Ѓузел да направи добра режија (се работи за праизведбата на Ѓузеловата 'Алексијада', м.з.), но имал отпори од одредени луѓе во МНТ.
Јас му кажав дека очекувам да одам во Франција, тој воопшто не реагираше. Рече само дека по секоја цена ќе замине за САД.“
На крајот од оваа службена белешка, инспекторот запишал: „(Псевдоним покриен со црно, м.з.) е поранешна љубовница на 'Драматург'. По задача на СДБ требаше повторно да воспостави односи со него. Мислам дека ќе успее во тоа иако не е баш најрасположена. Поставена ѝ е задача да го посети во станот и ми достави по можност клуч и распоред на станот.“
Клучот од станот го добиле дури идното лето, но не од неа, туку од жената која еднаш неделно ни го чистеше станот. Ја уцениле, откако ѝ го привеле во станица братчето фатено во ситна кражба. Влегле во станот кога бевме на годишен одмор, пребарувале по библиотеката и го измешале распоредот на списанијата (особено комплетите на „Праксис“). По извесно време, жената ни кажа дека била принудена да им го даде клучот за да ѝ го пуштат братчето.
Вителот на интригите
Следната службена белешка е „откуцана во 3 примероци“ и носи датум 17.1.1978 година. Доставена е до IV сектор, III сектор и до началник на УСДБ. Инспекторот и изворот се покриени со црно, а белешката се однесува на лицата Коле Чашуле и Владо Милчин (со рака е допишано ПОО „Драматург“). Еве ја белешката:
I.- На 17.1.1978 год. од 11,00 до 12,00 часот обавен е разговор со изворот во неговите работни простории, материјалот е примен усмено.
II.- Цел на разговорот е да се приберат сознанија за состојбата на МНТ.
III.- Добиени сознанија од изворот:
Во последно време состојбите кај нас во МНТ се релативно добри бидејќи добивме некоја пара и можеме да ги покачиме примањата. Меѓутоа, Стојмир Поповски и званично, вчера извести дека ќе оди за секретар во општинскиот комитет „Центар“ кое нешто кај вработените во МНТ е примено како олеснување. Мислење е на вработените дека триесет години ништо не е променето во работата и репертоарот на театарот и тоа е „заслуга“ на С.Поповски. Колку е голема радоста кај луѓето што С.Поповски си оди, толку е големо разочарувањето што како претендент за управник на МНТ се јавува К.Чашуле, кој исто така не ужива никаков углед меѓу вработените во МНТ.
Од друга страна интересно е тоа што Владо Милчин згрешивме и го избравме за секретар на ОК. Тој меѓу другото планира да оди во Јапан, од каде што, планира да заработи големи пари. Инаку В.Милчин е човек кој нема скрупули и главна преокупација му е парата. Како пример би го посочил Крагуевац, каде во договорот инсистирал да биде исплатен најдоцна за еден месец, а каде јас пеев без хонорар. Друг случај е кога ја режираше драмата на Чинго „Длабната вода“ (кој бил попијан, изворот или инспекторот?, м.з.) во Театарот на народностите од каде што зема два милиони динари стари.
IV.- Интересно е сознанието кое го дава изворот за аспирациите на К.Чашуле да дојде до управник на МНТ. Истиот во последно време претендираше да биде избран за претседател на ДПМ, меѓутоа откако увиде дека тука нема можности сега се преориентира кон МНТ. Од добиените сознанија за К.Чашуле, истиот сака да завземе место во нашата култура од каде може да го шири своето влијание.
Сознанијата кои изворот ги приведува за В.Милчин се точни бидејќи тој ги користи сите свои врски да го оствари тоа патување во Јапан, единствено од материјален аспект.
Со изворот е договорено во нај скоро време да обавиме уште еден по детален разговор за состојбите во МНТ.“
Оваа службена белешка заслужува коментар. Се разбира, без оглед на поцрнетото име на изворот знам кој бил изворот, зашто знам кој од МНТ пееше во ораториумот „Доста су свету једне Шумарице“, изведен во Крагуевац во октомври 1977 година на местото кај што нацистите ги стрелале крагуевачките ученици во 1941 година. Секоја година, на тоа место се одржуваше „Големиот школски час“ и секоја година авторот на поемата беше од друга република. Таа година, автор на поемата беше македонската поетеса Љиљана Чаловска и таа ме покани мене да бидам режисер, а јас ѝ предложив музиката за нејзините стихови да ја компонира Ристо Аврамовски. „Големиот школски час“ беше важен настан директно пренесуван од ЈРТ. За изведба на ораториумот беа ангажирани Белградската филхармонија и нејзиниот диригент Младен Јагушт, хорови и солисти, како и актерска екипа во која беа првенката на Југословенско драмско позориште Маја Димитриевиќ, младите ѕвезди Светлана Бојковиќ, Петар Божовиќ, Горица Поповиќ, нашиот Емил Рубен и крагуевчанецот Горан Бабиќ. Не си спомнувам на точните износи, но сигурен сум дека хонорарите за сите автори и изведувачи беа симболични зашто се сметаше за чест да се биде автор или учесник во „Големиот школски час“. Чаловска никогаш не ми кажа какви биле реакциите кога побарала јас да го режирам ораториумот, но претпоставувам дека отпорите не биле силни - Чаловска беше првата сопруга на Лазар Колишевски и беше тврдоглава.
Точно е дека сакав да конкурирам за стипендија од Јапонската фондација, но не е точно дека сум сакал да се збогатам на тој начин. Кој се збогатил со стипендија што се дава за студиски престој? Таква погана интрига можела да се роди само во бифето на МНТ, од премногу пизма и алкохол. Јапонскиот традиционален театар ми беше опсесија со години и тоа најде одраз во претставата „Тесен пат кон далечниот север“ што ја поставив во МНТ уште во 1972 година.
Самозадоволувањето на „водњанските деца“
Следната службена белешка носи датум 15.02.1978 година, а се однесува на ПОО „Драматург“, Слободан Унковски, драматург во ДТ – Скопје и Владо Коробар, архитект од Скопје. Изворот и инспекторот се покриени со црно. Во горниот десен агол со рака е допишано:
- Да се договориме за наше ангажирање према (име или псевдоним покриен со црно, м.з.)
- Во врска со овој проблем да се задолжи (име или псевдоним покриен со црно, м.з.) да направи специјална информација
Иницијалот е нечитлив.
Еве што пишува во белешката:
I. На 24.01. и 15.02.1978 година остварен е контакт со изворот во неговите канцеларии (нешто е покриено со црно, м.з.).
Сознанијата се примени во усмена форма.
II. Цел на разговорот беше да се добијат сознанија во врска со иницијативата на група младинци за оснивање на ново младинско списание и учеството на „Драматург“ и други лица своевремено соработници во весникот „Фокус“ од Скопје.
III. Изворот го презентира следното:
„Од поодамна група младинци од кои некои своевремено соработници во „Фокус“ – Мартин Панчевски, Владимир Милчин, Слободан Унковски, Владо Коробар и Исо Руси и др., преку Републичката конференција на ССМ како оснивач покренаа иницијатива за излегување на списание за општествени прашања и култура наменето за млади. Иницијаторот, одредени лица, во прво време инсистираа ова списание да биде сосема независно од постоечкиот весник за млади „Млад борец“ со физиономија на поранешниот весник на младината на Скопје „Фокус“. Меѓутоа во нивната намера беа попречени од одредени лица од редакцијата на „Млад борец“ и ССМ, така да сегашната состојба е сведена на тоа да на списанието оснивач ќе биде Републичката конференција на ССМ, а издавач - „Млад борец“ по сугестија на ЦК СКМ (Карајанов и други). Но и покрај тоа, одредени лица од републичката конференција на ССМ и натаму се залага(ат, м.з.) да биде и издавач. Одредени „Фокусовци“ најдоа место и во сегашната редакција на ова списание, Слободан Унковски, Владо Коробар, архитект. Инсистирањата за целосна самосталност на списанието воглавном е желба на така наречените „водњански деца“ на кои ништо не им недостасува и си бараат свој медиум за самозадоволување.
Во последно време се чувствува дека одредени анархо-либералистички своевремено експонирани лица во Скопје повторно како да „оживуваат“.
Во ова списание, покрај (име или псевдоним покриен со црно, м.з.), постојат реални услови да најдат место за делување и анархо-либералистички предиспонирани лица.
IV. Оперативна забелешка:
Одредени податоци добиени од изворот што се однесуваат на учеството на „своевремено анархолибералистички експонирани лица“ и соработници во „Фокус“ во редакцијата на најавеното списание се проверени и преку други извори.
Преземени се мерки за оперативен увид на активноста на поединци во врска со ова списание како и воопшто за следење на состојбата бидејќи добиен е податок дека првиот број на ова списание треба да излезе непосредно пред конгресот на СКМ.
Во таа смисла ориентирани се неколку наши позиции преку кои перманентно ќе се следи состојбата.
ДОСТАВЕНО ДО:
- IV сектор – 1 примерок
- III сектор – 1 примерок
- Началникот на УСДБ – Скопје
Името на инспекторот е покриено со црно.
Паѓам во искушение оваа службена белешка да ја сметам за комплетна измислица и подметнување. Мене меморијата сѐ уште ме служи, но јас не си спомнувам за таква иницијатива или барем не си спомнувам дека сум учествувал во таква иницијатива. Необично е дека никаде не се спомнува име на списанието чиј прв број требало, барем таков впечаток се добива, да излезе набргу.
Доколку некој од читателите на фељтонов знае нешто за ова и ме потсети, ќе можам во следното продолжение да фрлам малку светлина на оваа службена белешка.
Акција „Единство 78“
Слeдната службена белешка е отчукана само во 2 примерока (за IV сектор и за Началникот на УСДБ) и гласи:
I. На 22.02.1978 година во мојот стан (опа!, м.з.) одржав состанок со изворот. Сознанијата ги презентира усмено.
II. Цел на разговорот беше информирање за активноста на „Драматург“ и ориентација за акцијата „Единство 78“.
III. Од изворот добиени се следните сознанија:
„Пред еден месец разбрав дека В.Милчин на разговорот отворена трибина за театарската уметност истапил со дискусија дека не се согласува со теориите на Старделов и други наши научни работници. Во својата дискусија В.Милчин застапувал гледање дека театарот и одредени негови уметнички презентации не мора да служат секогаш на широката публика. Во контекст на тоа навел повеќе примери како објаснување со што широките маси не секогаш ја сфаќаат театарската уметност и таа за нив е во одредени прилики неразбирлива. Од страна на одредени лица неговата дискусија наишла на отпор, а и одобрување. /Младински дом „25 мај“/.
Пред една недела повторно се сретнав со него. Во еден разговор во врска со неговата средба со Мира Траиловиќ од Атеље 212 Белград, меѓу другото изнесе дека драмската секција на КУД „Пралипе“ од Скопје треба да остане без никакво влијание од надворешни фактори во својата креативност. Таа треба да ѝ служи на уметноста, а не на општествено-политичките потреби. На тоа додаде дека општествено-политичките институции треба да ѝ се прилагодат нејзе, а не таа ним.
Во продолжение зборуваше дека и покрај тешкотиите што му се прават од страна на одредени лица во МНТ сепак ќе успее да го постави на репертоарот делото на Богомил Ѓузел „Алексијада“. Зборуваше исто така дека требало да води одредени разговори со некои од Братислава, а во врска со забранетата негова претстава /„Ѕидот, водата“/ и сегашните ситуации со реагирањата за тоа таму.
Наредните денови треба да се состанеме повторно.“
IV. Оперативна забелешка:
Кај (псевдоним покриен со црно, м.з.) /поранешна љубовница на „Драматург“/ сметам дека се чувствува одредена поголема офанзивност во поглед на извршување на поставените задачи од наша страна.
Сметам дека ќе успее повторно да му се доближи на „Драматург“.
Покрај следењето на активностите на споменатиот, на (псевдоним покриен со црно, м.з.) поставени ѝ се и задачи во смисла на акцијата „Единство 78“.
За какво ли единство се работело? Можеби некој пензиониран службеник на СДБ си спомнува за таа акција, па ќе ми помогне да ја разберам важноста на мојата „поранешна љубовница“ за државната безбедност.
Претходните делови се достапни на следниве линкови:
Илустрации: Rachel Goodyear
Инсистирањата за целосна
Испратено на 23 август 2011 од Max StirnerИнсистирањата за целосна самосталност на списанието воглавном е желба на така наречените „водњански деца“ на кои ништо не им недостасува и си бараат свој медиум за самозадоволување.
Like.
Другар Милчин, објавете го
Испратено на 04 септември 2011 од Добронамерен коментаторДругар Милчин, објавете го целото изворно досие (скенирано или фотографирано), со зацрнети имиња по желба.
На вистината не и` треба објаснување или толкување.