Арапскиот свет меѓу религијата и демократијата

23.08.2011 13:06
Арапскиот свет меѓу религијата и демократијата

Револуционерниот занес, како облик на егзистенцијалниот апсурд, кој прераснува во големо незадоволство, не го напушта арапскиот свет чии народи во најголема мера сè уште остануваат затрупани од товарот на минатото.

Кога САД и Западот би ја воделе политиката како што го водат бизнисот, би успеале во постигнувањето мир и освојувањето на наклонетоста на овој дел од светот. Статистиката покажува дека последниве четириесетина години, од сите светски региони, најмногу пари, војници и суровини одвоиле на Средниот исток. Американците и Европејците со демократијата ги оправдуваат војните и ги ловат терористите, ама не знаат доволно за арапската традиција, а и она што го знаат е погрешно резиме. Според програмите на својот образовен систем, учат многу малку. Западњачкото знаење за Истокот не е неутрално ни објективно, бидејќи го создаваат луѓе кои се нужно заплеткани во повеќевековната наметната власт, во колонијалната историја и колонијалните односи. Всушност, бинарната опозиција меѓу Истокот и Западот е честа одлика на западњачкиот дискурс, која има своја појдовна точка од времето на античка Грција, а трае до денес, со што се занемаруваат бројни историски нијанси и се прави строга поделба на Исток и Запад.

Набљудувајќи ги Арапите, од Мароко на запад до Обединетите Арапски Емирати на исток, јасно е дека сите тие не се исти. Иако меѓу нив не владее целосна слога, Арапите знаат да покажат чувство на припадност кон поширокиот арапски свет, чијшто пејзаж, како историски така и географски, е богат и разновиден, полн со под-култури. Впрочем, културата на Мароко не е иста како во Либан, Ирак се разликува од Иран, Саудиска Арабија е поинаква од Египет. Луѓето покажуваат неверојатна различност на мислењето за секојдневниот живот и за уникатноста на нечија земја, но истовремено постојат подеднакви нишки кои се провлекуваат низ овој регион. Некои настанале од заедничките семитски групи јазици, а некои од колективната сензибилност. Арапите можат да бидат многу различни, па сепак, кога се изврши инвазија на Ирак нивната Лига на народите се обедини и ги споделија своите емоции. Секојпат кога Палестина минува низ проблеми тие се сложуваат и говорат со еден консонантски тон. Не им се допаѓа ни странското мешање во политиката на Либија. Чувствуваат дека нивниот глас одекнува со посебна сила.

Западот е во заблуда бидејќи верува дека повеќето Арапи се мотивирани од верскиот фанатизам – што потекнува од холивудските сценарија, кои го сликаат тероризмот и корумпирањето на нафтените милионери – а тоа се стереотипи, создадени од медиумите. Ваквиот расчекор тешко се совладува и погрешните претстави тешко се надминуваат. Секако, постојат Арапи кои се терористи, има и шеици кои збогатени од нафтата ги злоупотребуваат своите пари, и бедуини кои поседуваат вили по градовите, но останале верни на разбојништвото или на верските фанатички групи чии припадници се кријат зад маската на исламот, а тоа што го прават нема никаква врска со верата. Впрочем, не се сите Арапи муслимани, а според името, кое не означува ништо, не може да се одреди нечија верска припадност – на пример, како на просторите на јужнословенските народи, каде што речиси секое арапско име упатува на исламска вероисповед.

Човековите права во многу делови од светот се утописки стремеж, а не реалност. Значењата на демократијата, тероризмот или споменатите човекови права не се индивидуални, лично, односно субјективни, бидејќи извираат од јазикот и тие не се природно дадени, ниту ги гарантира некој постоечки авторитет. А ако значењата не се дадени или гарантирани, туку живеени, тогаш тоа значи дека можат да бидат доведени во прашање и сменети, што не важи само за фигурите на авторитетот. Ако значењето е предмет на општествена конвенција, тогаш тоа се однесува на сите нас. Културите се состојат од такви значења кои ги произведуваат и репродуцираат нивните субјекти. Дури и кога ги анализираме, ние едноставно стоиме на друго гледиште во таа култура, населувајќи го просторот кој самата култура го пружа или може да биде наведена да го пружи.

Од самиот почеток беше јасно дека револтот во Либија е поинаков во однос на она што се случуваше во Египет или Тунис. Западот брзо реагираше на Гадафиевата примена на сила. Која е причината за тоа, ако не е нафтата? Во Сирија нема прекин на борбите, а владините медиуми секојдневно ги обвинуваат екстремистите за убиства, иако притоа не нудат многу детали за тоа кои се тие екстремисти. Хроничната проблематика со Палестина останува врзана за прекршувањето на хуманоста и непризнавањето на границите. Политичките превирања и вооружените судири се честа слика за Ирак, како кризно жариште. Демонстрантите во Јемен бараат смена на режимот на Салех, како и оставки од останатите високи политички и воени лица. Насилството во Авганистан продолжува.

Египетската област во овој миг е неуреден политички полигон кој претставува слободно ловиште за сите, што не им е од корист само на странските акции туку и на новите домашни актери чии насоки на делување со поклопуваат. Се работи за групите исламисти кои ја пропагираат идејата за воведување теократија, односно Шеријат. Ваквата солидарност, па и единственост на политичката египетска арена е својствена за Муслиманското братство, радикалните салафисти и фундаменталистичка Ал Каеда, чиј лидер, по убивањето на Осама бин Ладен, стана Еѓипќанецот Ајман ал-Завахири, додека организацијата која често ја злоупотребува верата веќе се смести на Синајскиот полуостров и окупираше 15% од египетската територија, за што медиумите сè уште не зборуваат доволно гласно и сериозно.

Саудиска Арабија, земјата која ги прекршува основните човекови права, протестите против властите во бранот кој се појави во арапските земји ги прогласи за грев. Кралското семемјство секоја година за себе зема 50% од вкупното добро на земјата. Зошто му дадоа засолниште на тунискиот претседател кој испокраде пари од сопствениот народ и внесе неред во својата земја? Не слушаме дека кралот Абдула со храна и пари го потпомогнал кутриот сомалиски народ, а Сомалија е населена главно со сиромашни муслимани. Интересно е дека САД, склони кон воведување куќен ред во арапските земји, никогаш не се мешаат во политиката на Саудиска Арабија, чие влијание врз Египет започна уште во времето на Садат. Во времето на претседателот Насер, филмот, пишаниот и изговорениот збор, како и египетските жени по стилот на облекување, а често и оној на живеење, не се разликуваат од европските. Никабот не се носеше ни во селските области. Египет, пред сè, Каиро, веќе подолго време е заобиколуван од западните туристи. Каиро во рок од пет месеци од 28 милиони жители порасна на неверојатни 34 милиони, што само ја продлабочи економската и социјална криза во земјата, главно поради евтината работна сила која доаѓа од Индија, Пакистан, Кина и другите азиски земји, но и Еѓипќаните кои ги изгубиле своите работни места во странство (С. Арабија, Јемен, Либија, Сирија, Бахреин и Дубаи).

Слушам гласини дека постојат жени кои примаат пари за да носат никаб. Навистина е зачудувачки колку никабот завладеа во арапскиот дел од светот. Лично се уверив во сите можности на носењето никаб. Пишувајќи за транспозицијата на египетската традиција во делото на Нагиб Махфуз, носев никаб за да можам спокојно и без опасности да се движам по некои ориентални каирски населби, населени исклучиво со необразовани Арапи. Но ако ја погледнеме историјата на превезот, ќе видиме дека порано го носеле и христијанките, а го носела и последната фараонка Клеопатра, за остварување на своите политички цели кога за првпат тргнала да се сретне со Цезар. Порано покривањето им се препорачувало само на исклучително убавите жени, за да не ја предизвикуваат машката алчност и страст.

Сега е месец на Рамазан. Овојпат почна да се одбележува истовремено меѓу сите муслимани. Протестите на плоштадот Тахрир сега се стишени. Таму луѓето се собираат за заеднички ифтар. Судењето на Мубарак беше проследено со улични судири и нереди меѓу неговите поддржувачи и неговите противници. Се ближи септември, кога треба да се одржи референдумот, т.е. парламентарните избори, а сè уште ништо не се знае. Муслиманските браќа сега се во одлични односи со армијата, но добро се примени и меѓу обичниот народ. Меѓу либералите, египетскиот телекомуникациски магнат, Коптот Негиб Саурис, кој се наоѓа на листата најбогати во светот, доби фатва од шеихот Јусеф ал-Бадри, бидејќи со саркастичен и навредлив тон се побуни против исламизацијата, оценувајќи дека жените со превез на улиците од Каиро изгледаат како оние од улиците на Техеран.

Луѓето во арапскиот свет, кој се поистоветува како нешто Друго, нешто поинакво и подолно во однос на Западот, сакаат општествени и политички промени, ама не сакаат истите да им бидат наметнати. Тие се стремат кон реформи кои самите ќе ги воведат. По шест месеци, поддржувачите на револуцијата не се задоволни со ритамот на реформите, како и од акциите на воените власти на земјите за ликвидација на стариот режим. Сивата економија цвета, а Египет, како и другите арапски земји, очигледно не е подготвен за демократија која има одредени предности во однос на религијата, но бидејќи овде религијата е автентична, демократијата е само алтернатива. Економските можности отсекогаш биле производ на општествените. Решавањето на социјалните проблеми на едно општество е незамисливо без добродетелството на поединците.

Колонијалните администратори во описите на „Арапините“ или „Арапите“ имаа (што не значи дека Америка, Австралија и Западна Европа го смениле мислењето) аура на апартност, дефинитивност и колективна конзистентност. Таа склоност кон издвојување одредени одлики на некоја група или одредени одлики на општествените мисли и пракси на некои групи создава впечаток дека истите се непроменливи и дека се битни и вистините за таа група во однос на другите групи. Имплицитните претпоставки за „праисконските особини“ на разните народи, кои потекнуваат од разните суштини кои им се припишуваат, често ја рационализираат судбината на тој народ и имаат посебно неповолни последици кога ќе се испреплетат со националистичките идеологии.

Арапските свет сè подлабоко тоне во бездната на општествената патологија наспроти несомнениот напредок во некои сегменти од живеењето. Ако државните механизми откажат и не дадат доволни резултати за загрозените категории, прашање е што ќе овозможи правото на легитимна побуна против економското угнетување и општествена неправда. Политиката не е само протест против општествената неправда која ја спроведуваат привилегираните категории на општеството. Таа станува опиум за народот. Светските правници би требале јасно да утврдат дека во случаите кога еден народ умира од глад, како што сега тоа е народот на Сомалија, сите се одговорни за неговата смрт, а пред сè големите светски сили, исто како да учествувале во неговото убиство, бидејќи со својата негрижа придонеле за неговата смрт.

Извор: e-novine

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото