Недела

24.08.2011 10:20
Недела

Долго време се прашував зошто дедо Боже ја избрал токму неделата за неработен ден и зошто почнал да го создава светот токму од понеделник? На пример, зошто не почнал да работи од четврток? Деновиве одговорот сам ми се појави.

Имено, Министерството за труд и социјална политика издало соопштение дека неделата е неработен ден. И тоа за христијанските верници. За останатите е во зависност од навиките на нивните локални богови. Еве, токму сега читам по весниците дека недела, 28 август, е неработен ден. Доколку поинаку не се нареди. Очекувам дека такви соопштенија ќе бидат соодветно и во континуитет испраќани и за секоја следна недела. Случајно да не заборавите кога работите, а кога не.

И потоа ќе кажат дека сме имале превработена администрација. Овие соопштенија, всушност, не се лиферуваат за обичниот народ, туку токму Бога и за власта за власта. Во оној цел акцијашки ентузијазам наречен 24/7 убеден сум дека збрлавените министри, сосе превработениот Бог, стварно не знаат кога е недела.

Конечно, не е лесно да се сетиш на секој божји празник да напишеш дека е неработен за верниците. Плус, тука се и оние празници кои така милозливо им се доделени и на неверниците, како што е 8 септември, на пример. Кога сме веќе кај прославата на Денот на транзиционата независност, специјално за неговото одбележување избрана е свечена песна, која премиерно ќе биде изведена токму на 8 септември. Композитор е Кире Костов, а автор на текстот Миодраг Врчаковски. Кога го слушнав авторскиот тандем, онака махинално помислив на малиот Врчак, односно на славниот прилог на телевизија Сител во кој се глорифицира рекреативното возење на позајмен велосипед на премиерот Никола Груевски. Мене, за волја на вистината, не ми беше толку интригантно од кого Груевски го позајмил велосипедот "за да спортува", туку повеќе која техно-музика слуша дури вози. Па, ете го одговорот: човекот ем се рекреира, ем ја бира свечената песна за 8 септември. Значи, ќе добиеме свечена песна во техно-ритам, што секако во целост одговара на ритамот на преродбата, односно на технократскиот начин на владеење на власта.

Забележавте ли, на пример, како се набилдал Миле Јанакиевски и какви бицепси нафрлила Гордана Јанкуловска... Тоа е резултатот на здравата политика на здравиот дух во здравото тело. Во подрумските простории на Владата на РМ, ете, се наоѓа цел еден фитнес со сите оние справи за мачење на телото, вообичаени за консумација на младите анти-комунистички сили што се сега во подем. На седниците на Владата, премиерот го вози оној велосипед фиксиран во место, Ставревски растегнува федери, а Тотодоров дига тегови. Тоа е и одговорот зошто се носат онакви предлози за закони и при каква свест се решава да се амнестираат воените злосторства од конфликтот 2001 година.

Конечно, од прилогот на Сител разбравме дека во владата има и туш, бидејќи Груевски презафатен од силното вртење педали не може да стаса да се истушира дома, па тоа го прави на работното место. Ако тоа го прави премиерот, тогаш бездруго го прават и министрите, а за замениците и државните секретари да не правиме ни муабет. Колективното бањање е една убава војничка традиција, која е измислена за да го крене моралот на војниците. Па, макар биле тие и партиски. Или токму за нив.

На 8 септември ќе се отвори и Музејот на жртвите од комунизмот. И треба. Цели 45 години живеевме под комунистичкиот јарем, така што жртвите се недоброени. А во слобода и независност, ете, живееме само 20 години. Затоа, јасно, нема музеи за жртвите од транзицијата. Уште е рано.

Знаев јас дека освен Грците и овдешните официјалиси нема да бидат задоволни од споменикот наречен "Воинот на коњ". Па, затоа е решено уште еден Александар, заедно со Букефал да биде поставен пред скопскиот аеродром што го носи неговото име. Ако повторно бидеме незадоволни и со ова дело, тогаш може да се очекува дека сите останати споменици досега поставени и оние што отсега ќе се постават ќе бидат преименувани, нешто во стилот: "Александар Македонски во форма на Методија Андонов Ченто", "Александар Македонски во форма на Никола Карев на коњ", "Александар Македонски во форма на Скендербег", "Александар Македонски во форма на шмизла", "Александар Македонски во форма на просјак"...

Малку станува здодевно... Комисијата за лустрација почна да забошотува... Се споменуваат додуша академици, амбасадори, бивши директори и бивши функционери, ама за разлика од драматургот, на пример, кога уште што не беше објавено кој број кондури носи човекот, сега изгледа Комисијата за верификација на факти најпрвин ја верификува општествено-политичката подобност на евентуалните кодоши, а потоа во зависност од оваа проверка, се излегува со другите релевантни факти од типот која боја очи има кодошот, колку брака има зад себе, каде му работи синот, а каде татко му сè до најважниот факт што се однесува на хобито што го има неговиот трет братучед.

Во пракса, отприлика вака би гласело едно соопштение: "Името на еден актуелен висок функционер се споменува во списите на службите за безбедност како следено лице, но и како соработник. Како награда за неговото доушништво лицето добивало на заем велосипед, кој потоа го возело по велосипедската патека, а како такво било следено од службите".

Колку ли само ќе се изненадите кога ќе сфатите колку високи функционери позајмуваат велосипеди. Освен фактот дека во светската економска криза е тешко да се издвојат пари за велосипед, тоа само ја покажува и рационалноста на народните избраници. Не се исплаќа да се купи велосипед само да те сними телевизија Сител. А какви се фини од телевизијата, веројатно ќе организираат и хуманитарна акција "велосипед за секој министер", а Агенцијата за млади и спорт ќе организира конкурс за составување најдобра техно-компилација за слушање при возење велосипед. За да можат министрите бргу да возат. И така незабележени да избегаат пред очите на луѓето.

Извор: globusmagazin.com.mk

Фотографија: Иља Варламов

Избриши си ја устата, од

Избриши си ја устата, од плукање пена ти фати.

ОкоБоли главаВицФото