Античка сегашност (2)

24.08.2011 11:53
Античка сегашност (2)

Античкиот македонски наратив како оспорена сопственост

Големиот наратив за директна поврзаност со Александар и Античка Македонија беше, е и веројатно ќе остане значаен извор на симболички капитал за различни заедници и аспиранти кон политичката моќ. Но, карактеристично за користењето на потеклото од Александар за политички цели е барањето на помалку или повеќе ексклузивното право на најдиректна можна поврзаност со кралот.

Велам ексклузивност, зашто логиката на симболичкиот капитал го наметнува тоа – како и секоја друга форма на капитал, тој е ограничен. Споделувањето одреден извор на симболички капитал, одреден наратив или симбол со „конкуренцијата”, во основа претставува голема штета за субјектот на моќта кој се обидува да го акумулира. Дополнително, кога еден симбол се смета за врховен во едно општество и клучен за само-идентификацијата на заедницата, неговото споделување со конкуренцијата значи само-поткопување на легитимитетот и суверенитетот на оној кој се обидува да го присвои. Во времето на Пердика и Птоломеј контролата на трупот на Александар значела контрола над големата Империја која била оставена без престолонаследник. Да се сподели правото над трупот на Александар би значело да се сподели правото на наследство и да се сподели моќта со ривалот.

Дваесет и три века потоа сведоци сме на грчко-македонскиот спор за историската вистина, во која централно место заземаат Александар и Античка Македонија, спор во кој во голема мера преовладува истиот сет вредности од времињата на генералите на Александар. Да се сподели правото над името на Македонија значи да се сподели нејзиното наследство и со тоа важниот ресурс за владеење со Македонија, што и да претставува таа. Токму затоа во двете држави античкиот македонски наратив е втемелен во политичката сфера и е, пред сè, важен чинител на политичка мобилизација и, како што ќе видиме во наредното поглавје, претставува многу потентен политички и национален мит.

Со зборовите на британскиот антрополог Сајмон Херисон, современиот спор за тоа дали Александар и Античка Македонија се дел од грчкото или од македонското (етно)национално културно наследство спаѓа во категоријата сопственички идентитетски конфликти. Сопственички конфликт (натпревар, спор, натегање) е судир меѓу две страни во кој сопственоста или правото на употреба на одредени симболички наративи е доведено во прашање. Спротивставените страни, или барем едната од нив, инсистира(ат) на исклучивото право да располага(ат) со одреден сет симболи. Самиот Херисон, иако својата теорија ја гради пред сè врз истражувачкото искуство со абориџинските племиња од Океанија, го посочува примерот на грчко-македонскиот спор од средината на 1990-тите како пример за таканаречен имотен симболички конфликт:

“Европски случај [на имотен симболички конфликт] е тековниот спор помеѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија за употребата на името Македонија и на одредени симболи поврзани со античкото кралство со тоа име. Еден таков симбол е личноста на Александар Велики, а друг е амблемот со шеснаесеткракото сонце, или Sвездата од Вергина [...]”[1]

Впрочем, во грчко-македонскиот спор обете страни, а особено грчката, инсистираат на правото на привилегирано поседување на историските права врз античко македонското наследство, третирајќи го како свој имот, своја физичка сопственост. Mногу пати низ историјата на конфликтот тврдењата на „Другиот“ се оспорувани како обиди за крадење историја, култура, па дури и идентитет, како тоа да се материјални добра што може да бидат поседувани и, следствено, откраднати од сопственикот. Самото движечко прашање во овој спор, за тоа дали Александар бил Грк или Македонец, при што грчкоста и македонскоста се замислени како трансцендентални категории, имплицира ригорозна меѓусебна исклучивост на двата одговори – иако, од друга страна, никогаш не се порекнува (туку, напротив, се стимулира) интерпретацијата на Александар како историски лик со светска важност.

Самото констатирање на сопственичкиот, имотен конфликт помеѓу двете држави можеби и не претставува посебен предизвик; впрочем, неговото постоење е констатирано од Херисон уште во 1995 и како такво е земено како основа за студијава. Од друга страна, кога говориме за сопственички конфликти околу античко-македонското минато, многу е важно да посочиме дека конфликтот не се одвива само помеѓу државите Македонија и Грција и нивните официјални претставници или политички субјекти. Како што во неколку прилики низ студијава се спомнува, митот за континуитет од антиката до денес e особено популарен кај иселениците од регионот. Иако многу културни и воопшто граѓански организации основани од етнички Македонци или Грци во Австралија, Канада и Соединетите Американски Држави во дваесеттиот век ги употребуваа наративите на античко македонско потекло, по ископувањата во Вергина „новите антички” симболи за нив станаа непроценлива инспирација и симболичко оружје. Впрочем, новооткриената Sвезда, односно Сонце од Вергина, стана центар на неславниот македонско-грчки конфликт прво во дијаспората, а потоа и во регионот каде што беше ископана. Таа реалност го тера самиот Данфорт да изјави дека проблемот и конфликтот меѓу Македонија и Грција кој денес има сериозно негативно влијание во регионот, всушност потекнува од Австралија. Етничките Македонци, како и етничките Грци од грчка Македонија се приврзани за античко-македонскиот мит и ги присвојуваат античките симболи како свои.[2] Како што Хамилакис вели:

„Од доцните 1970-ти наваму, како што спорот за Македонија се интензивираше, мотивот [на античкото македонско наследство] стана екстремно популарен, речиси до точката да стане неофицијален национален грб и симбол, и во Грција и во југословенската република (Македонија). [...] „Сонцето" исто така беше претставено на знамиња истакнувани особено за време на демонстрациите на илјадници луѓе во Грција, во ПЈРМ и особено во центрите на грчката и македонската дијаспора, како Торонто и Мелбурн [...] Единствената разлика беше што грчките демонстрации беа одбележани со знаме со „сонце“ на сина позадина, додека македонските имаа знамиња со истиот симбол на црвена позадина.“[3]


Кон крајот на 1980-те односите меѓу етничките Македонци и Грци во дијаспората се влошуваа. Спротиставените полагања на историски права помеѓу двете категории иселеници резултираше и со поблиски средби и конфликти помеѓу нивните носители.

Парадигматски случаи за ова беа судирите во Австралија за време на фудбалски натпревари.[4] Данфорт пишува дека кон крајот на 1980-те, постоел отворен судир помеѓу фановите на Престон Лајонс (популарно нарекуван „Престон Македонија”, формиран од етнички Македонци во 1940-те) од една страна, и Хајделберг Јунајтед (основан 1950-те и подоцна познат како „Александар”) како и Јужен Мелбурн Хелас (основан 1959 од страна на грчки работници мигранти) на друга. Фановите на сите три тима во дадениот период ги истакнувале Sвездата од Вергина и останатите симболи кои асоцирале на Античка Македонија[5]. Судирот помеѓу македонските и грчките дијаспорски заедници во поглед на античкото минато оттогаш се рефлектира и на повисоки нивоа од фудбалски навивачки групи. Освен „грасрутс“ движењата и културните активности, античкото минато е дел и од високата политика. На пример, грчкото лоби во Конгресот на САД постојано работи на иницијативата за донесување резолуција или официјален став против „обидите на ПЈРМ да ја краде историјата”.[6] Постојат и иницијативи организирани и од македонските дијаспорски организации кои се обидуваат на најразличен начин да го промовираат античкото македонско наследство како дел од својата етничка култура и идентификација.

Сопственичкиот спор се рефлектира и на микро ниво, кај, условно кажано, припадниците на македонската и грчката (етно)нација (или оние кои се препознаваат како такви, а притоа примарна основа за афективна идентификација им е античкото потекло). Тоа се рефлектира во силните чувства дека Александар и Македонија се „наши“ и дека лутиот ривал „сака ни ги украде.“ Првите асоцијации за пројавите на вакви емотивни изблици се масовните протести од раните 1990-ти од двете страни на македонско-грчката граница и во дијаспората, но и скорешните протести за „одбрана на името,“ исто така типични за обете спротиставени страни. Ваквите сентименти и ресентимани се составен дел на секојдновното живеење и секојдневната култура во двете земји (и во дијаспората).

Секојдневниот, банален граѓански национализам денес можеби е највидлив на интернет. Со ширењето на интернетот почнаа да стануваат видливи силните националистички тенденции кај голем број интернет корисници. За да се посведочи за втемеленоста на сопственичкиот конфликт за античко-македонското минато, доволно е да се погледне статијата поврзана со „спорот за името“ или некоја сродна тема, објавена од страна на некој попознат странски медиум (на пример, Економист или Балкан Инсајт). Без оглед на содржината на статијата, коментарите на читателите кои одат под неа речиси без исклучок следат зацртана шема составена од меѓусебни обвинувања за крадење на историјата (повторно, таа е замислена како физичка сопственост), по што следат директни навреди, па дури и закани. Дополнително, за зголемување на видливоста на непријателството помогна и бумот на социјалните медиуми кои изобилуваат со содржини создадени од страна на корисниците (најчесто, обични луѓе). Денес постојат безброј групи, страници или каузи на Фејсбук создадени од страна на македонски или грчки националисти кои се однесуваат на спорот на двете држави а содржат и по десетици илјади членови.

Постојат безброј блог постови, па и цели блогови посветени на тематиката; како и безброј ЈуТјуб видеа кои се занимаваат со истото. Често овие „онлајн“ комуникациски канали се исполнуваат со говор на омраза. Но, исто така многу чести се обидите да се докаже историската вистина за Античка Македонија, односно докажувањето на сопственоста над нејзиното наследство. Дека овие содржини не се безначајни посочува фактот што еден видео клип на ЈуТјуб насловен „Македонија е грчка“, кој се состоеше од грчките аргументи за сопственост над античко македонскиот наратив, пред да биде тргнат од сервисот поради неовластено користење на одредена песна за аудио-позадината, беше своевремено и најкоментиран видео клип на сите времиња со околу 640.000 коментари вкупно![7].

Извадок од книгата „Античка сегашност“ во издание на Темплум од Скопје.

За Античка сегашност (1) кликнете овде.

______________________________

Белешки

[1] Harrison, “Four Types”, op.cit., pp. 258

[2] Види Danforth op. cit. Види и Victor Roudometof, “Nationalism and Identity Politics in the Balkans: Greece and the Macedonian Question”, Journal of Modern Greek Studies 14.2 (1996), pp. 253-301

[3] Hamilakis, “The Nation and its Ruins” op. cit. pp. 131

[4] Ibid. p. 164

[5] Дури и денес навивачките реквизити на Престон Јунајтед, на пример, го содржат неофицијалниот симбол на клубот - Sвездата/Сонце од Вергина. Види <http://www.prestonlions.com/plfc/shop_main.php>. Александар и симболот од Вергина се претставени и на логото на Хајделберг Јунајтед. Види <http://www.heidelbergunitedsc.com.au/>.

[6] Во 2009, на пример, грчката интелектуална дијаспора поведе иницијатива и самиот Обама да пресече во полза на грчката вистина. “Letter to President Obama, May 18, 2009” на страницата Macedonia Evidence, <http://macedonia-evidence.org/obama-letter.html>.

[7] Податок за истиот видео клип е посочен и во Tibor Varga, Language of YouTube Video Comments (Дипломска Работа, Masaryk University, 2009), pp. 13. Пристапено на интернет 15.10.2010. Оригиналниот линк до видео клипот на ЈуТјуб беше <http://www.youtube.com/watch?v=-oHivXjiX_w>

ОкоБоли главаВицФото