Седум лекции од историјата на филмот

25.08.2011 14:16
Седум лекции од историјата на филмот

За време на 11 децении, откако беа прикажани првите подвижни слики, снимени се околу половина милион филмови. Уште од првиот миг филмовите си поигруваат со нашите чувства, нè изненадуваат, ни додеваат, создаваат па уништуваат големи филмски ѕвезди и во еден дел прераснуваат во индустрија за забава која носи заработка од повеќе милијарди долари. Сакам да ве потсетам на некои филмови кои имаат големо значење за историјата на кинематографијата.

1. Редиците пред њујоршките кино-сали и преполните тротоари со публика која нестрпливо го исчекува долго најавуваниот филм на Стивен Спилберг „Ајкула“ во далечната 1975 г. ги најавија филмовите кои денес ги означуваме како „блокбастери“. Споменатиот филм, а потоа и „Војна на ѕвездите“ и „Истерувач на ѓаволот“ се заслужни за модерната идеја за кино-хит кој подразбира огромна заработка и метеж пред кино-салите, потоа, скапи и примамливи рекламни кампањи кои предизвикуваат уште поголема хистерија и нетрпеливо очекување на премиерата на филмот, и најпосле, фабрикувани ахтерски ѕвезди кои благодарение на оваа индустрија за забава добиваат статус на обожавани личности. Меѓутоа, постојат и љубители на филмот кои не се засегнати од помпата која ја создава филмскиот хит и кои не сметаат дека парите, славата и шоу бизнисот се основни и неизоставни фактори на едно добро кинематографско остварување. Помошните средства на индустријата за забава во вид на списанија, интернет страници, ТВ емисии, кампањи, рекламен материјал со ликот на филмските ѕвезди и многуте други начини на популаризирање на одреден филм или ѕвезда влијаат на тоа гледачите да заборават зошто одат во кино и кои квалитети се бараат од одредено филмско остварување.

Your browser is not able to display this multimedia content.

2. Ако сметате дека поновите филмови не се иновативни, погледнете го филмот „Swiss Miss“ од далечната 1938 г., каде што глумат незаобиколните комични јунаци Стенлио и Олио (Laurel & Hardy). Во овој филм постои познатата сцена во која тие влечат клавир преку алпски мост, кога наеднаш здогледуваат горило како им доаѓа во пресрет. Во оваа надреална и комична сцена за првпат во историјата на филмот гледаме горило на филмското платно. Животното е комично, разиграно и насмеано и овој манир набрзо почнуваат да го користат многу холивудски комичари.

3. Неодоливата Ингрид Бергман и Хемфри Богарт станаа бесмртни во светот на филмот снимајќи го „Казабланка“. Овој филм многумина го вбројуваат меѓу филмските класици. Терминот класицизам во уметноста подразбира дека делото се одликува со чувство за ред, хармонија и урамнотеженост. Меѓутоа, филмовите како „Казабланка“ се полни со копнеж, турбулентни и лажливи емоции, но и специфичен визуелен идентитет. Обратете внимание на надреалното и неприродно осветлување кое го создава ефектот на замагленост кој, пак, кај гледачите асоцира на мечтаење и светот на соништата. Постои име за ваквиот вид уметност, а тоа е романтичната уметност која е својствена за холивудските остварувања.

Your browser is not able to display this multimedia content.

4. Вистинска прататковина на добрите и класични филмски остварувања е Јапонија, посебно оние на режисерот Јасуџиро Озу. Во овие филмови гледаме дека емоциите и просторот се во совршена рамнотежа, соврешно избалансирани. Во повеќето филмови на Озу темите се венчањето, семејството и специфичните односи меѓу различните поколенија. Early Summer (1951), Tokyo Story (1953) и Floating Weeds (1959) се негови најпознати филмови. Во сцените со дијалози камерата често е директно насочена кон глумците и создава таков ефект што гледачот се чувствува како да е во средиштето на сцената. Исто така, тој не го користел типичниот начин на менување на сцените, туку меѓу сцените уфрлал и статични кои прикажуваат некои објекти или, едноставно, грубо ги „сечел“ сцените без вообичаеното замрачување или избледување на призорот. Озу се користел со минималистичка приказна и избегнување на соопштувањето излишни информации. Ликовите најчесто или молчат или водат интелигентни, односно концизни и штури разговори. Често се служи со кадрот кој тој го смислил, т.н. „tatami shot“ - тоа е кадар од перспектива на личноста која клечи, а често снимал и кадри од уште пониски перспективи. Озу остави голема трага во историјата на уметничкиот филм и влијаеше на бројни следбеници како Џим Џармуш, Вим Вендерс, Мајк Ли и др.

Your browser is not able to display this multimedia content.

5. Глумицата Руан Лингју, која понекогаш ја нарекувале и кинеската Грета Гарбо, ни зборува две нешта кои се важни за историјата на филмот. Прво, за кинекста напредна кинематографија од 1930-те, која денес едвај е позната, а која била неодоливо живописна. Руан во тоа време била една од најголемите азиски филмски ѕвезди. Кога извршила самоубиство во својата 24-та година нејзниот погреб New York Times го прогласил за погреб на векот. Таа донела разновидна и комплексна глума, како и суптилна и уверлива експресивност. Нејзината глума е далеку од вештачкиот гламур на американските глумици како Џин Харлоу. Второ важно нешто за историјата на кинескиот и светскиот филм е фактот дека не е Марлон Брандо тој кој го вовел реалистичкиот начин на глума во 1950-те, бидејќи уште во 1930-те кинеските филмови изобилувале со реализам и уверлив глумечки израз.

6. Погледот од врвот на двокатниот лондонски автобус уште во далечната 1910 г. го инспирирал момчето со име Алфред Хичкок. Тоа многу му се допаднало и подоцна, кога станал режисер, т.н. POV (point of view) кадри стануваат негов заштитен знак. Тешко е да се замисли филмот „Вртоглавица“ без овие кадри. Во историјата на филмот ваквите снимки кои ја покажуваат гледната точка на одреден јунак и го прикажуваат светот онака како што тој го гледа станаа составен дел од психолошката анализа на јунакот. Познат е и фамозниот кадар т.н. God POV, односно „божја перспектива“, каде што воопшто не гледаме ид чија перспектива го набљудуваме призорот. Таков кадар Хичкок користи во познатиот филм „Птици“.

Your browser is not able to display this multimedia content.

7. Големите и значајни дела во светската кинематографија можат да дојдат од сосем невообичаени предели. Таков е филмот Yeelen (Light) која ја освои наградата од жирито на Канскиот филмски фестивал во 1987 г. Режисер е Сулејман Цисе, а снимањето го финансираа земји како Мали и Буркина Фасо, кои спаѓаат меѓу најсиромашните во светот. Наспроти тоа, филмот е технички беспрекорен. Ни нуди слика спротивна на онаа која ја гледаме во вестите за настаните во Африка и се разликува од филмовите за Тарзан. Кога размислуваме за филмовите од 1970-те и 1980-те, веднаш помислуваме на Мартин Скорсезе и Дејвид Линч. Меѓутоа, во западна Африка во тоа време се снимале брилијантни и смели филмови. Во многу учебници по историја на филмот тие претставуваат отрезнувачки увид и големо откритие за вистинските љубители на филмот.

Извор: The Guardian