Архитектура на одвојувањето

26.08.2011 14:07
Архитектура на одвојувањето

По повод одбележување на 50-годишнината од изградбата на Берлинскиот ѕид, ќе се осврнеме на ѕидовите како објекти кои ги раздвојуваат семејствата, градовите, државите или политичките системи.

Темелите за Берлинскиот ѕид се поставени на 13 август 1961 г., и цели 28 години ѕидот беше силен симбол за поделбата на светот на Исток и Запад. Исто така, подеднакво силна е симболиката на неговиот пад на 9 ноември 1989 г. Иако повеќе го нема овој најпознат ѕид, многу други ѕидови и понатаму го разделуваат светот. Некои се поставени за да ги спречат луѓето да влезат, други за да ги спречат да излезат. Некои ѕидови само ги држат луѓето затворени. И најчесто се доказ за некоја неуспешна политика – кога меѓу спротивставените страни нема да се успее да се дојде до договор, се крева ѕид. Кога доселувањето се истргнува од контрола, се креваат огради. Сè со цел да се задржи сегашната состојба. Сепак, берлинскиот ѕид покажа дека ни ѕидовите не се вечни. Во една прилика американската министерка за внатрешни работи Џенет Наполитано изјави дека ниеден ѕид не претставува апсолутна пречка. Тоа го објасни со баналниот факт дека ѕидот од 15 метри се прекачува со скала од 16 метри.

Тортиља ѕидот (Tortilla Wall)

Секако, нејзиниот коментар се однесуваше на масивното и високо обезбедено погранично подрачје меѓу САД и Мексико, каде што проблемот со имиграцијата се решава со што е можно поголема пречка наместо со согледување на самиот проблем. Уште во 1990-те Американците подигнаа 23 км долга жичана ограда во околината на Сан Диего. Таа ограда беше популарно наречена Tortilla Wall, назив кој денес се одомаќини за целата граница. По нападите од 11 септември САД бараа поголема безбедност и контрола на сè и сешто, па и на границата со Мексико која е позната по својата пропусност. Во 2006 г. владата одобри изградба на 1126 км долга трајна ограда долж границата која вкупно изнесува 3141 км. Американските претседатели Клинтон, Буш и Обама ја поддржуваа изградбата, но Наполитано годинава сепак ја прекина програмата. Наспроти тоа, некои погранични држави, како Аризона, и понатаму самостојно продолжуваат со градење на оградата.

Факт е дека незаконските доселеници од Мексико од 2006 до денес опаднал за 60%, но стручњаците објаснуваат дека тоа нема врска со оградата која тие што сакаа да влезат во САД наоѓаа илјадници начини да ја заобиколат. Вистинската причина за падот на имиграцијата се должи на подобрените животни услови во Мексико од една, и сè потешките можности за вработување во САД од друга страна.

Двете страни на утврдената линија на разграничување

Ѕидот, оградата или, политички коректно, линијата на разграничување која сигурно уште долго ќе постои е онаа која го дели Израел од Палестина. 760 км долгиот ѕид, ограда и електрични жици кои минуваат низ ридови и долини, низ маслинови полиња, но и густо населението зони на Ерусалим, како замисла се јавија во 1990-те кога зачестија палестинските напади вз Израелците. Во 2000 г., со новиот бунт, т.н. Интифада на окупираните Палестинци и нападите на нивните бомбаши-самоубијци, неколку огради беа поставени меѓу Газа и Тел Авив. А од 2002 г. изградбата на утврдената линија на разграничување се одвиваше со воена прецизност.

Израелците ја гледаат оваа бариера како голем успех без оглед на огромната цена на изградбата. Воените и политичките кругови често нагласуваат дека од нејзината изградба немало напади на бомбаши-самоубијци. Од друга страна, т.е. од палестинска страна, бариерата донесе многу проблеми. Реј Долфин, стручњак за ова прашање од канцеларијата на ОН во Ерусалим, наведува три главни проблеми за Палестинците. Тоа се: слободата на движење во селата, неможноста на земјоделците да му пристапат на своето земјиште и отсеченоста на луѓето во Ерусалим од болниците, училиштата и верските центри. А како најголем проблем Долфин го наведува фактот дека голем дел од овој ѕид е изграден во палестинската територија. Се чини дека никој не ни помислува на тоа дека бариерата во Светата земја би можела да исчезне, но предлог за воспоставување мир во зоната е нејзино преместување на израелска територија.

30 милиони евра вредна тврдина пред Европа

Шпанските енклави Ceuta и Melilla политички ѝ припаѓаат на Европа, но територијално се сместени во Африка. За африканските имигранти тие се пат кон подобар живот. По многуте инциденти во врска со незаконскиот влез на европска територија, шпанската влада реши добро да ги утврди овие два града и на тој начин да ја заштити Шпанија од несаканите доселеници. Три реда 6 метри висока бодликава жица ги опкружуваат Сеута и Мелила. Инфрацрвени камери, детектори за движење и врева се технолошки додатоци со кои ЕУ се осигурува од африканските бегалци.

Меѓутоа, за оние Африканци кои веруваат во подобар живот во Европа, само се смени начинот на доаѓање до неа. Откако беа оградени двата града, за што шпанската влада потроши 30 милиони евра, бегалците тргнуваат кон Европа со трошни бротчиња, а оние кои го преживуваат патешествието, се истоваруваат на Малта или Италија. А Сеута и Мелила покрај сите огради и понатаму зависат од Мароко за риба, овошје и зеленчук.

„Ѕидови на мирот“ кои ја зголемуваат сегрегацијата

Во далечната 1969 г. британските војници кренаа жичана ограда која ја одделуваше католичката улица Falls од протестантската Shankill. Со таа линија подоцна беше изграден и т.н. ѕид на мирот. Овој еуфемистички назив ги означува ѕидовите кои четириесетина години го одредуваат урбанизмот на Белфаст. Стотина мировни линии раздвојуваат градски населби, улици и градини на основа на верската припадност. Договорот за прекин на огнот меѓу католиците и протестантите е на сила од 1994, а мирот е официјално воспоставен во 1997 г., меѓутоа, никој не зборува за отстранување на ѕидовите кои се високи и до 8 метри. Всушност, ѕидовите се доста популарни меѓу мештаните кои во анкетите секогаш се определуваат за нивно останување.

Високите ѕидови им пружаат чувство на сигурност. Повремените судири кои и понатаму избиваат само им одат во прилог. Но, Нил Џарман од Институтот за проучување на судирите во белчфаст има поинакво мислење. Според него, ѕидовите имаат лошо влијание врз свеста на населението, т.е. ја засилуваат поделеноста. Тој тврди дека политичарите се свесни за овој проблем, но преговорите за отстранување на ѕидовите не би им донеле изборни поени, па затоа никој и не се занимава со оваа проблематика.

Најопасната туристичка атракција

Јужна и Северна Кореја официјално сè уште се во војна. Линијата на разграничува го следи 38-от напоредник и денес тоа претставува една од најопсаните граници. По таа линија Корејскиот полуостров е поделен во 1945 г., а по големиот судир во кој учествуваа Кина и САД, границата е повторно воспоставена по тој напоредник. Денес од северната страна Ким Јонг-Ил се заканува со нуклеарно оружје, а од јужната страна американски трупи ја чуваат границата.

Главните градови на обете држави се на дострел на непријателската артилерија. Минување низ границата нема. Сепак, обете страни ја претворија во туристичка атракција. Од јужната страна границата ја красат платнени ленти со пишани надежи за обединување.
Тунелот бр.3, низ кој Севернокорејците во 1978 г. се обидоа да ја окупираат Јужна Кореја денес е отворен за посетители и туристи. Од северната страна туристите го посетуваат Панмунјом. Таму им се покажуваат скромните згради во кои во 1953 г. беше потпишано примирјето. Наспроти претворањето на границата во туристичка атракција, засега нема знаци дека оваа опасна граница би можела да се избрише во догледно време.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото