Марко Кабранов беше храбар борец за урбано Скопје

12.09.2011 12:11
Марко Кабранов беше храбар борец за урбано Скопје

Марко го знам од три места. Ми беше другар, ми беше колега, ми беше соборец. И не знам кој Марко ми беше подраг. Марко од Дамар, Марко од канцеларија, или Марко на Плоштад...

Ќе кажам пар збора, во името на колегите, во името на соборците од „Плоштад Слобода“ и соборците од „Распеани скопјани“.

На сите овие места Марко го знаевме само неколку години. Ја немавме таа среќа да имаме пораснато заедно, но сепак направивме толку многу работи заедно, што ни се чини дека денес погребуваме човек со кој сме биле заедно цел живот.

Мојата приказна со Марко почна со „Скопје2014“. Марко беше еден од првите кои се јавија по телефон, загрижени зашто разбрале за тепачката на плоштадот, кога со другарите од Првата Архи Бригада го организиравме првото архитектонско востание против изградбата на верски објект на плоштадот на 28-ми март 2009. И беше еден од првите што се придружија две недели потоа, на 11-ти април, во организацијата на првиот протест на „Плоштад Слобода“.

Со Марко собиравме потписи на плоштадот Македонија, во август 2009-та, за на граѓаните на општина Центар да им овозможиме изјаснување на референдум за верските објекти на плоштадот. Есента што следеше ја поминавме заедно со соборците од „Плоштад Слобода“ и од ГЕМ, талкајќи низ законските лавиринти за референдумски иницијативи. Марко беше нашата потпора кога во септември и октомври 2009-та ги притискавме советниците во Општината да распишат референдум. Кога присуствувавме на седниците на Советот. Кога ги охрабрувавме медиумите да се придружат во борбата за зачувување на модерното и солидарно Скопје, во кое сите израснавме. Марко тука го имаше својот најголем придонес...

Истовремено, во тој септември 2009-та, кога на плоштадот висевме почесто од питачите, за прв пат се собравме петнаесеттина другари, за пред камера и пред присутните да ја испееме „Градот убав пак ќе никне“ и да го означиме почетокот на „Распеани скопјани“. Хорот веројатно сè уште ќе го носеше своето првобитно име „Хор Плоштад Слобода“, да не беше нашиот кум Марко Кабранов, да ни го предложи името „Распеани скопјани“. Низ хорот пројдоа педесеттина различни луѓе, на исто толку настапи, но Марко Кабранов беше тука на првиот и на последниот настап.

Видеата за „Распеани скопјани“ се најдобриот преглед за неговиот политички активизам. Ако некој праша за мислењето на Марко за национализмот во првата македонска енциклопедија, одговорот ќе го најде во изведбата на „Чија си“. Ако сакате да знаете каков е неговиот став за прашањето за македонско-грчките односи, преслушајте ја „Дирлада“. Ако ве интересира неговото мислење во однос на ЛГБТ заедницата, преслушајте ја „Убиј ме“.

Со Марко знаевме супер да се зезаме. Како кога ја пеевме „Временска машина“ од Нокаут, зашто градоначалникот изјави дека сака да го рестартира саатот на старата железничка станица. Како кога ја пеевме „Lumberjack“ од Монти Пајтон, кога градоначалникот го пресече дрворедот на Илинденска. Иако се зезавме, тие настани стварно се случија и ќе зборуваат за визионерството и писменоста на луѓето кои стоеја зад силувањето на Скопје на почетокот на овој век.

Со Марко го организиравме „Маршот на коцките“, во декември 2090-та, кога градоначалникот одлучи да ја врати калдрмата на плоштадот, па и во февруари 2010-та, кога го објавија дотогаш тајниот проект „Скопје2014“. Марко беше нејистурениот член на „Плоштад Слобода“ на протестите против полициската бруталност во јуни оваа година. Додека другите бевме разочарани од изборните резултати, Марко ја имаше енергијата да работи веќе следниот ден. Да пишува и да изработува транспаренти, да собира донации, да помага во организацијата.

Марко настапи на сите концерти на „Распеани скопјани“. Првиот настап како предгрупа во ноември 2009-та во Инди, новогодишниот концерт на Канал 103, интернационалниот фестивал „Стоп, се гради“ во мај 2010-та, настапите на деновите на чаршијата во јуни истата година, и секако нашето најголемо достигнување – концертот во белградскиот Фом на младината на Фестивалот на активистички хорови „Сви у глас“.

Нема да бидам нескромен ако кажам дека се работи за еден сериозен политички израз, испорачан преку колектив, или колективи, во кои припаѓаше Марко и за кои беше подготвен да направи сè. Марко со своите тогашни 25 години кажа многу повеќе и беше многу посилен глас на разумот во јавниот дискурс отколку универзитетските професори, политичарите, општинските советници, урбанистите, колумнистите и другите во врска со „Скопје 2014“. Марко беше похрабар, беше порешителен, беше спремен да се појави и да покаже колку цврсто верува во својата борба. И не само за „Скопје 2014“, туку и за назадувањето на демократијата и човековите права во Македонија, за злоупотребите на медиумите, за градските прашања, за културата...

Каква иронија е што нашето пријателство со Марко почна со плановите за „Скопје 2014“ и заврши со неговото пуштање во употреба. Иако во петокот на работа поминавме добри пола саат, смеејќи се за циркусот што го гледавме на прославата на 8 септември, знаевме дека тоа е голем пораз за нашата борба.

Марко ми стана пријател два дена откако го запознав и колега неколку месеци откако ми стана пријател. Го гледавме секојдневно во канцеларија, и веројатно на нас колегите ќе ни недостасува најмногу. Навикнати бевме на 8-часовна доза на Марко, ако може да се рече. Беше вреден работник и супер колега. Знаеше да помага и кога тоа не беше негова работа. На настаните што ги организиравме, доаѓаше прв и си одеше последен.

Денес, кога се збогуваме со Марко Кабранов, се чувствувам како да се збогувам со тројца луѓе истовремено. Како да се простувам со пријател, со колега и со соборец, во ист ден. Еден е Марко Кабранов. Да не беше добар другар, немаше да биде добар колега, да не беше добар соборец, немаше да биде добар другар.

Еден Марко Кабранов. Слава му!

 Извор: plusinfo.mk

не го познавав лицно а сепак

не го познавав лицно а сепак срце ме боли... почивај во мир

слава ти Мартин, многу жална

слава ти Мартин, многу жална информација.

Слични содржини

Активизам / Јавни Простори / Живот

ОкоБоли главаВицФото