Како системот го убива „човекот“

14.09.2011 09:55
Како системот го убива „човекот“

Системот да преживее мора да си обезбеди несвесни и рутинизирани луѓе, кои никогаш нема да го доведат во прашање него како проблематичен, туку фрустрацијата која ја чувствуваат од неговите стегите ќе ја дефокусираат, или преку автодеструктивно однесување или деструктивност кон другите.

Неодамна, Стефан Хесел во книгата „Бунете се!“ (оригинален наслов INDIGNEZ-VOUS!) повика на будење и бунт против неправедниот свет во кој живееме. Ги повика особено младите „добро да гледаат“ и да ја „бараат“ неправдата. Тонот на повикот не е воопшто наивен, напротив како да сака да каже дека денеска е голем предизвик да ги видаш неправдите зад површината на општеството, кое навидум делува развиено, моќно, богато и среќно (пишува од позиција на човек кој живее во високо развиена земја, Франција). Дали е олеснителна околност да го чуеш неговиот повик во едно општество како македонското, каде неправдата не се ни обидува да стави маска, туку ја забележуваш на секој чекор и на секое лице? Би требало да е полесен предизвик, ако е толку видлива. Но за жал не е, напротив ми се чини дека е потешко.

Денешното мое вадење документ од МВР во МРТВ беше мојата прва свесна тет-а-тет средба со системот убиец – убиец на „човекот“. Не вадам прв пат документ, туку прв пат го „видов“ убиецот. И МВР сфатете го како делче од системот, репрезентативно делче. Сеедно е дали се работи за документ од МВР, пререгистрација за сини картони во завод, имотен лист од катастар. Едноставно „стилот“ е ист.

Денеска бев сведок на секојдневниот ритуал на убивање на „човекот“ од страна на системот. Ќе се обидам низ мои очи да погледнете една секојдневна „нормална“ слика која од денеска натаму за мене не е ништо повеќе, и ништо помалку, од убиство.

Со првиот чекор во МВР (при МРТВ) сфаќате дека влегувате во организирано, институционално подржано безредие. Се наоѓате во просторија премала за бројот на луѓе во неа, со никаква вентилација и никаква ознака која би ви покажала каде да застанете за да го завршите тоа за што сте дошле. Стоите на крајот од редот, и цинично си се насмевнувате од сликата. Како се зголемува редот позади вас, а вие со полжавски чекор се приближуваате до шалтерот, ви се губи и цинизмот и насмевката. Колку сте поблиску до шалтерот, толку посилно ги чувствувате туѓи тела залепени до вашето, нивните телесни мириси и течности. Расте тензијата и нервозата. Сепак, кога некој нервозно ќе се обрати до шалтерските работници, добива громогласно неодобрување од толпата која стравува дека поради некој друг тие - примерните нема да завршат работа.

Чекате со часови, и како поблиску се приближувате до шалтерот ви изгледа подалечен. Чувството е како да сте дел од морбидната атмосфера во поемата „Јама“ од Иван Горан Ковачиќ. Чувствувате трупови до себе, во себе. И тука веќе системот го испукал првиот куршум. Човекот е полумртов, но разбуден е инстинктот да се преживее, кој нема обѕири кон другите, гледа на тоа како да се „спаси“. Започнуваат турканици, газење, викање, сите се обидуваат да излезат од „јамата“. Го мразите тој до вас што воопшто стои и постои, и ве дели од шалтерот. Му се дерете на господинот кој дошол час по вас и успеал да се вовлече во редот пред вас. Се слушаат погрдни зборови, дека сме вакви-онакви, некултурни, смрдливи…Сите се мразиме, се караме, ама сме внимателни да не го налутиме шалтерскиот работник, кој може ако му текне да не ни заврши работа после толку чекање.

Започнувам и јас да се карам со луѓето околу мене. Но, одеднаш застанувам. Ми станува јасно дека не се они криви што така се однесуваат, што се туркаат, што фаќаат врски, што си создаваат нервози, се дерат и тепаат меѓу себе за место во редот. Едноставно такви се правилата на системот, мора да си таков за да го извадиш документот. Мораш да го мразиш тој/таа до тебе, зашто мислиш дека тој/таа е крив/а за твојата голгота во „јамата“, а не системот. Системот намерно создава институционализирано безредие, во кое ќе го убие свесниот човек, ќе го сведе на инстинкт за физичко преживување и ќе го сврти против човекот до себе. Така системот преживува и продолжува да убива секојдневно, на секој шалтер, во секоја комуникација со официјално лице. Сигурен е дека нервозата, анималниот инстинкт на преживување нема да биде свртен против него, туку меѓу тие во толпата. Така го убива човекот, а по него и солидарноста. Кога е убиена свесноста дека сите сме толчени од горе, а не од меѓу нас самите, убиена е и солидарноста.

Но ова не е само ладнокрвно убиство на „човекот“. Се работи за цел ритуал кој е многу е покреативен од тоа. Едноставно ова е убиство и од задоволство и забава. Како богаташ во лов на диви животни. Ловецот не ги мрази животните, напротив ги смета за нешто врз кое има неотповикливо право. Тие постојат за да му го овозможат уживањето и задоволството што го има по секој успешно испукан куршум.

Затоа, системот нема да те остави само како гладно животно кое цели само да преживее, туку ќе ти даде многу повеќе од тоа - омраза кон другиот. Многу пострашно од само голата желба за преживување. ТОЈ (системот) знае многу добро да игра со најосновните чувства и притоа да ги артикулира во негативни стереотипи за тој до тебе, пред тебе или зад тебе. И тоа еве како:

Во редот пред шалтерот нема да ги видите костимосаните, напарфемирани бизнисмени, политичари и поп ѕвезди, или пак новата „средна класа“ административчиња. За нив постои неформалниот систем „преку врски“. Во редот ќе ги видите сите заборавени греоти од светот, сите безгласни букви кои само преживуваат, а не живеат (и тоа дури под знак прашалник). Тоа се тие, кои ги мразите затоа што ви го загрозува местото во редот, и ги мразите затоа што не можете да го поднесете смрдежот кој го чувствувате од нив. Или можеби сте тоа вие, а не знаете. Ако случајно тој/таа, кој/а смрди припаѓа на друга етничка, имате добитна комбинација. Тој/Таа смрди затоа што е Ром/ка, Албанец/ка итн. Приказната продолжува дека тие не се бањаат, дека не се цивилизирани… Дури слушате некоја госпоѓа, од „вашите“, како револтирано прашува зошто луѓето не се избањале пред да дојдат, притоа ве погледнува (затоа што и изгледате „најкултурно“) очекувајќи поглед на одобрување и поддршка. И така тој/таа до вас е крив што смрди, поради тоа што е нормално да сме преголем број луѓе затворени во премала просторија без нормална вентилација; затоа што е нормално потрошувачката кошничка за четиричлено семејство за еден месец да зема предвид само храна и пијалаци, а не и козметика, за „Статистика“ да може да заклучи дека просечната нето плата е сосема доволна за живеачка. И има право „Статистика“, доволна е за живеачка на убиениот „човек“.

На крај, по заминување од шалтерот со бесценетиот документ, забораваме на нервозата. Дури сме среќни, каква работа сме завршиле. Ни останува само споменот на грозниот мирис на тие до нас, и однесувањето на некултурните, нецивилизирани сограѓани, кои не знаат што е ред. Заминуваме од шалтерот со уште една потврда дека системот е таков и дека не може да се смени, но со голема омраза и отуѓеност кон тие како нас. Но, не… Тие не се како нас, тие смрдат и се нецивилизирани.

Ете колку е креативен и лукав системот. Едноставно мисли на сè.

Затоа, не сакам и нема да дозволам да бидам изманипулирана! Не му се лутам и не го мразам тој/таа што ме гази за да дојде преку ред, му се лутам на системот што нè убива и нè затупува. Му се лутам и го мразам системот затоа што врежува како во код дека едноставно нашиот менталитет е таков (балкански), за да продолжи да не гази и потчинува. Им се лутам (не ги мразам) сите „ЕУ-фоби“ и „ЕУ-љуби“ кои погрешно ја дефинираат и ја дефокусираат причината за промена или во преголема омраза или преголема заслепеност од стапот и морковот на ЕУ. (Инаку, реформата во МВР беше под палката на ЕУ, највисоко оценета реформа, поради која меѓу другото земјата доби визна либерализација.)
Реформа не помага, институционално решение нема. Решението е нашето (индивидуално) освестување, нашата „преродба“ во луѓе, а не во изгубени души. Прво мора да постои свесен човек, за да постои свесен граѓанин.

Институционално не може да се подобри системот. На никој во политиката тоа не му одговара. Може само со ненасилна опсада од свесни индивидуи на институциите, и ненасилна присила да престанат со „убивањето“. Чекањето ред во јамата која води до шалтерот е легитимирање на системот. Фаќање врска за избегнување на јамата е пак легитимирање на системот.

П.С.

Само на кратко сакам да се навратам на првата реченица, со која го започнав текстот. Премногу зборував за будењето на деструктивните моменти кон тој/таа до нас, а ништо не спомнав за реакцијата на системот кога деструкцијата ја насочуваме кон себе.

Кога сме автодеструктивни системот тоа не го гледа (како во случајот кога сме деструктивни против соседот од другата етничка заедница), затоа нè казнува дополнително, испукува втор куршум за секој случај. Овој пат ТОЈ нè казнува со морализаторски кампањи против пушење, пиење и дрогирање, за да ни создаде поголема вина и фрустрација дека ние сме криви заради нашето физичко самоубивање, од кога тој психички не убил. Ни всадува вина и фрустрација дека ние сме криви за нашата автодеструкција, а ТОЈ спасителот. Фрустрирани и виновни луѓе не може да бидат храбри и освестени. ТОЈ живее на грбот на убиени „луѓе“ во физички здрави тела. Тоа е неговата стратегија да преживее.

Извор: putonthelight.blog.com

Слики: Tetsuya Ishida

Само се надевам дека се

Само се надевам дека се повеќе луѓе ќе почнат да се прашуваат во што средина живеат и да почнат да согледуваат дека средината е оперативниот систем што ги уредува нивните клетки за што и самите тие не се свесни. Ние сме една иста врста, а гласно говориме и сметаме дека сме различни. Зар мравките сметаат за една од друга мравка дека е различна? НЕ! Ние сме исто и имаме иста свест што е наметната од системот како култура што ни вградува став дека сме различни и индивидуално постоиме различни едни од други преку некакви етикети, знамиња, национализми и други ѓубриња што го двојат човекот од „човекот“. Има еден многу соодветен начин да се решиме од системот. Започнува од свеста и се вика свесно не признавање. Не придавање кредибилитет. Цинично и скептично пристапување се што е сервирано и потекнува од него за кога ќе застанеме пред гласачкото ливче со леснотија да го ЧКРТНЕМЕ!

Системот не е од господ

Системот не е од господ даден, туку создаден од луѓето и постојано се менува. Спрегата е повратна, но прво биле луѓето, а потоа системот, така што да се каже дека свеста ни е наметната од системот е попогрешно отколку да се каже дека системот е резултат на нашата свест.

Тезата на текстот е промашена, баш луѓето што фаќаат врски и се тепаат и драпаат во гужвата се криви за тоа што системот е таков. И да се смилува господ утре и некако да го уништи системот, тие луѓе пак ќе го изградат ист, ако не и полош.

А кои се „луѓето“? Тоа е

А кои се „луѓето“? Тоа е толку хетерогена и општа категорија кога употребана во ваков контекст служи само за манупулација и летитимирање на системот. И со тоа продолжување и одржување на фаталистизмот, дека неможе да го смениме. Јас сум дел од луѓето, и не мислам дека тој систем е одраз на мојата свест. Јас не сум дел од неговото создавање, сум дел од неговата репродукција за жал (со чекање во редот или фаќање врска).
Премногу е ригиден ставот од позиција на методолошки индивидуализам дека општествените креации од индивидуите не заживуваат како автономини форми и дека секоја нивна репродукција се базира стопронцентно на акцијата и делувањето на индивидуите. Премногу е наивно да се потцени влијанието на структурата врз свеста и однесувањето на индивидуите.

Ти си дел од создавањето на

Ти си дел од создавањето на системот, сакал или не, правел нешто или не. Проблемот е баш во тоа што сметаш дека не си. Кој е тој што го создава системот ако не ти? Ова може ти звучи како демагогија, ама нема друг начин да се смени системот, треба да се сменат луѓето.

На хартија, системот во Македонија и не е толку лош. Законски гледано, полицијата е контролирана слично како во ЕУ. Во МВР има жолта линија, а примањето оди по ред.

Ако сметаш дека системот не е одраз на твојата свест, биди погласен. Карај се со сите што се буткаат и влегуваат преку ред. Протестирај кога ќе видиш неправда. Секој ден, секаде. Не само во шест кај Мајка Тереза.

Во првиот момент кога ќе фатиш врска, ти си борец за системот што велиш дека не е одраз на твојата свест.

Доколку тргнеш по линијата на

Доколку тргнеш по линијата на методолошки индивидуализам, како што тргна, навлагаш на лизгав терен. Како тогаш ќе ја објасниш различната слика на шалтерот во МРТВ од шалтер во Белгија, на пример. По оваа логика граѓаните на Белгија се интелектуално посупериорни, попаметни и освестени, од граѓаните на Македонија?! Опасен и лизгав терен реков, затоа што може да те однесе предесно, во некоја нео-нацистичка аргументација.

Не тргнувам по линијата на

Не тргнувам по линијата на методолошки индивидуализам, тргнувам од тоа дека секој свесен човек треба постојано и активно да прави се што може за да го подобри системот. Често пати тоа се совпаѓа со методолошки индивидуализам, но во разни ситуации нихилизмот или дури и физичкото насилство може да се посоодветни, се зависи од конкретниот случај. Важно е да се утврди што е проблемот со даден систем и каков систем би бил подобар, за да може потоа да се смислува како да се стигне од едната до другата состојба.

Инаку граѓаните на Белгија, во просек, се интелектуално посупериорни, попаметни и поосвестени од граѓаните на Македонија. Аргументација нема врска со нивната нација, едноставно се поинаку воспитани, подобро образовани и поточно информирани.

Сакал - неќел отиде предесно

Сакал - неќел отиде предесно и се послужи со неонацистичка аргументација „Инаку граѓаните на Белгија, во просек, се интелектуално посупериорни, попаметни и поосвестени од граѓаните на Македонија.“. Понатаму веќе извини ама не гледам простор со тебе за конструктивен муабет, жалам. Уште ова само:
„поинаку воспитани, подобро образовани и поточно информирани“ се продукти на структурата, т.е. култура, обазование итн. Не секогаш свесно ги превземаш овие работи. Уште поважно, во Белгија се и економски помоќни и понезависни од државата (колку се врботени кај нас во јавен сектор, во споредба кај нив) за да не се плашат да го дигнат гласот. Со празен стомак и страв дека и таа празнотија ќе ја изгубиш тешко се тргнува против едно такво чудовиште како системот.

Е шо, на Белгиците им се

Е шо, на Белгиците им се паднала подобра структура? Ја создале.

Муабетот може единствено да биде конструктивен доколку дискутираме како да ја создадеме и ние. А тешко е, не дека не е.

Која е твојата методологија?

Која е твојата методологија?

ednostavno, precizno i

ednostavno, precizno i humano. odlichen tekst. koj e avtorot?

Авторката е блогерка која на

Авторката е блогерка која на блогот е потпишана со putonthelight. Во мејлот што ни го прати, заедно со текстот, исто така не го стави своето име и презиме, туку се потпиша со името на нејзиниот блог.

Понекогаш читам прилично

Понекогаш читам прилично мрачни текстови продукт на големиот гнев и револт кај сите нас.
Накратко системот го правиме ние, ние барем сега за сега во Македонија сеуште имаме губитничка филозофија на постоење, сакаме развој без промени, мала земја, малку народ,ни смета провинцијализација, полни сме со малограганштина и итн.
Треба да ни стане јасно дека за се треба време, и дека системот и не е баш ЛИЧНО КРИВ што некој нас ни смрди. Нас ни смрди во главата,потребна е еволуција на човековата култура и личната критика. Револуција на нашата колективна култура која САМИТЕ ДОЗВОЛУВАМЕ некој да ни ја НЕГУВА.

Прво,тие тамо умрени души како што ги викате, незнаат ни самите како се викаат, факт е дека живеат во сиромаштија, но НИКОЈ НЕ ГИ ТЕРАЛ ДА ПРАВАТ 10 ДЕЦА ПОКРАЈ ТОЛКАВА БЕДА, а второ како тоа јас можам да завршам брзо работа во основен суд 2, во мвр за документи или во централен регистар (СЕКАДЕ БЕЗ ВРСКИ) а се на тие изгубени индијанци им е проблем.

Работите треба да се реашаваат на време(пример дека тоа не се прави е вадење нов пасош во 5 до 12, а исто и со легализација на дивоградби) па после смрдело, жешко било.....епа ЕБЕТЕ СЕ...треба да бидеме писмени или во најмала рака да го знаеме јазикот на државата во која живееме, НИКОЈ НЕ ИМ ЗАБРАНИЛ ДА УЧАТ.

Карактеристично за нас е да ПЦУЕМЕ ОД ФОТЕЉА, наспроти ИЗРАЗУВАЊЕ НА ЈАВЕН РЕВОЛТ, ако јас повикам на востание, мене ќе ме направат ЛУД, СИСТЕМОТ ОДМА ЌЕ МЕ ЗГАЗИ и нормално НЕ ОЧЕКУВАМ НЕКОЈ ДА ЗАСТАНЕ ЗАД МЕНЕ!!
Тука е проблемот, што нашата колективна мисла не е револуцонерна, не се штитиме еден со друг и дозволуваме да се прави што сака, па власта не е крива, криви сме НИЕ што дозволуваме да прави што сака.

Така да секое обвинување дека СИСТЕМОТ Е КРИВ, БАРЕМ СПОРЕД МЕНЕ НЕ ДРЖИ!!! НИЕ ИМАМЕ ГЛАВИ НИЕ ТРЕБА ДА МИСЛИМЕ А НЕ ДА СМРДИМЕ!!
СИСТЕМОТ ПОСТОИ ЗА НАС, А НЕ НИЕ ЗА СИСТЕМОТ, тоа треба да го разбереме еднаш за секогаш и да го врадиме во нашата колективна свест.
Утре да се појави партија која ќе се залага за по хуман систем, референдумско менаџирање на специфични проекти од јавен интерес...ќе гласа минорен број на ѓраѓани, а на сите пионери на таквите чекори ќе им се смеете или ќе бидат на јавен тапет од типот кои се овие циркузанти.
Ако се сметаме за паметни, тоа треба да го демонстираме освен преку индивидуализмот и како општество во целина, да направиме систем што нас ни одговара, не на Франција, Британија или САД....какво ЕУ какво НАТО

Погледнете ја Јужна Америка и нивната обединетост и независен став против "препораките и барањата" на најголемите капиталистички квази демократии
+++ south of the border, документарец на Оливер Стоун +++

НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБААТ ПОБЕДИ, НИЕ НЕМАМЕ ДРУГА ОПЦИЈА ОСВЕН ПОБЕДА ПРЕКУ КУЛТУРАТА(политика и економија),ОБРАЗОВАНИЕ И СПОРТ

поздрав со песната Evidence - "Chase The Clouds Away"

Како прво, СИСТЕМ како таков

Како прво, СИСТЕМ како таков не постои, туку е апстрактна конструкција на човековиот ум.

Што мислите, седнал Грујо (или Бранко или ЉуБчо или... Или пак Меркел, Саркози, Берлускони...) и мозгале како луѓето ќе се осеќаат на шалтерот во МРТВ или некаде во Белгија или... и какви психолошки игри ќе играат и што ќе им минува во нивните глави?

Во најдобар случај, директорот на таа институција добил толку и толку пари (или наследил таква и таква зграда) па организирал нешто колку му сечела црпката.

Во УЈП имаш бројчиња и релативно културна атмосфера (од нивна гледна точка, сакаат да ти ги земат парите).

Во завод за вработување имаш гужви, не се знае кој пие а кој плаќа, нељубезни се на шалтер... (од нивна гледна точка, тие ти даваат нешто - плави картончиња, паричен надомест за невработеност (колку и да е мизерен))...

Поентата ми беше, не смислувајте толкави филмови за толку банални нешта. Можеби сакате да испаднете попаметни отколку што се, но неоснована фантазија не е начин.

Слични содржини

Став
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото