Станавме она што го презираме

16.09.2011 13:14
Станавме она што го презираме

Стигнав на Тајмс сквер околу 9:30 утрото на 11 септември 2001. Толпа луѓе неподвижно зјапаа во огромните екрани. На нив ги видоа облаците чад како испаруваат од двете кули на Светскиот трговски центар. Два авиони, ми рекоа луѓето од толпата, се забиле во кулите. Побрзав до редакција на Њујорк тајмс во 43 Западна улица, да грабнам купче бележници, ја ставив околу вратот пропусницата на Њујоршката полиција која ќе ми обезбеди премин преку полициските блокади, и тргнав низ автопатот Вест Сајд кон Светскиот трговски центар. Автопатот беше затворен за сообраќај. Се пробивав низ групите луѓе од брзата помош, полицајците и пожарникарите. Возилата на пожарникарските служби, полицијата, брзата помош и спасителите мируваа на патот.

Јужната кула се урна околу 10 часот со страшен тресок. Огромни сиви облаци од отровен чад, прав, бензин, бетон претворен во прав, гипс и човечки остатоци се надвиснаа врз долен Менхетен. Замрачување на сонцето. Северната кула се урна триесетина минути подоцна. Менхетен беше прекриен со прав како со завеса.

Тргнав кон местото на кое некогаш се извишува кулите, поминувајќи покрај шокираните, занемени, со прав прекриени групи полицајци и пожарникари. Ќе го извадев бележникот за нешто да ги прашам, а од нивните усти не излегуваше никаков звук. Безнадежно одмавнуваа со главите и благо ми покажуваа со раката да се оддалечам. Кога стигнав до местото кое денес е познато на Граунд Зиро, тука веќе владееше пустош; цели катови од „близначките“ се урнаа како хармоника. Извлеков парчиња хартија од еден кат, а неколку сантиметри подолу се наоѓаа хартиите од 30 катови подалеку. Делови од човечки тела, стапало во женски чевел, дел од нога, дел од торзо, лежеа расфрлани во урнатините.

Многу луѓе, можеби повеќе од двесте, се пробија низ чадот и жештината и скокнаа во смрт од скршените прозорци. Некој од нив тоа го правеа сами, некои во парови. Но, изгледаше како да чекаа во ред, едно тело леташе под друго. Последен чин на индивидуалност. Паѓаа околу десет секунди, многумина од нив претајќи со екстремитетите или имитирајќи ги движењата на пливачите, достигнувајќи брзина и до 200 километри на час. Брзината ја кинеше нивната облека и, во неколку случаи, импровизираните падобрани направени од завеси или од чаршафи. Паѓаа врз тротоарот со ужасни, мачни звуци. Сведоците беа особено потресени од звуците со кои телото свиреше при ударот.

Глетките на „скокачите“ се прикажаа премногу одвратни за телевизиските куќи. Дури и пред кулите да се урнат, сликите на мажите и жените кои паѓаат од зградите беа цензурирани од директниот пренос. Поединечни фотографии се појавија следниот ден во печатените медиуми, вклучително и Њујорк тајмс, а потоа беа тргнати. Масовното самоубиство, еден од суштинските и најзначајните елементи во наративот за 11 септември, беше избришан. И останува избришан од јавната свест.

„Скокачите“ не се вклопија во митот кој нацијата го бараше. Судбината на „скокачите“ зборуваше нешто толку длабоко и толку вознемирувачко за нашата сопствена судбина, маленкоста во универзумот и кршливоста, што требаше да бидат забранети. „Скокачите“ укажуваа дека постои праг на страдањето преку кој препуштањето на смртта станува доброволно. „Скокачите“ нè потсетија дека секој од нас го чека мигот кога, во најдобар случај, единствениот избор ќе биде како ќе избереме да умреме, а не како избираме да живееме. А можеме да умреме пред физички да исчезнеме.

Шокот од нападите на 11 септември, меѓутоа, налагаше глетки и приказни за нескршливоста, искупувањето, херојството, храброста, саможртвата и великодушноста, а не за колективното самоубиство во пресрет на неописливата безнадежност и очај.

Во миговите на криза репортерите стануваат клиничари. Во најкус можен рок собираат податоци, факти, описи, основни информации, сведоштва. Ги вклопуваме тие факти во познатите наративи. Ние не создаваме факти, туку манипулираме со нив. Ќе ги прикажеме фактите онака како што му одговараат на нашето перципирање на самите себе како Американци и човечки суштества. Работиме во рамки на националниот мит. Новинарството и историјата ги правиме бегалци од помнењето. Обидите масовните убиства и самоубиства да се трансформираат во почест на победата на човечкиот дух беше лага која од првиот ден ја кажавме на јавноста и која ја повторуваме до денес. Ние ја осмислуваме сегашноста само низ оптиката на минатото, како што францускиот филозоф Морис Халбвакс укажа, препознавајќи дека „нашите концепти на минатото се под влијание на менталните слики кои ги користиме за да ги решиме сегашните проблеми, колективното помнење во суштина е реконструкција на минатото во светлото на сегашноста... Помнењето е потребно за непрестајно да се храни од колективните извори и да постои со помош на општеството и на моралот“.

Таа ноќ се вратив во редакцијата искашлувајќи ги испарувањата кои се ослободија со запалениот азбест, авионското гориво, оловото, живата, целулозата и отпадоците од градежната конструкција. Седнав пред компјутерот, додека тенката хартиена маска за лице сè уште ми висеше околу вратот, обидувајќи се да пишувам и да дојдам до воздух. Поголемиот дел од нас бевме потресени од шок и од тага.

Наскоро, меѓутоа, ќе се појават поинакви реакции. Ние кои бевме близу до епицентарот на нападот пред сè тагувавме и оплакувавме. Оние кои ја задржаа дистанцата ќе се впуштат во сè погласно национално кукање и повици на крв, а тие наскоро ќе претежнат во однос на разумот и на совеста. Национализмот беше болест која, како воен известувач, ја запознав лично. Национализмот е анти-мисла. Пред сè е поврзан со самоегзалтацијата. Втората страна на национализмот секогаш е расизмот, дехуманизацијата на непријателот, но и на сите оние кои го доведуваат во прашање „националниот интерес“. Националистичката чума изби речиси во истиот миг. Мојот син, кој тогаш имаше 11 години, ме праша која е разликата меѓу автомобилите кои имаат мали американски знамиња и оние со големите знамиња.

„Луѓето со многу големите знамиња се многу големи кретени“, му одговорив.

Мртвите од „Близначките“, Пентагон и од полето во Пенсилванија се користени за освестување на државата жедна за војна. Да се доведе во прашање брзањето за почеток на војна значеше да не се почитуваат нашите маченици. Ние кои знаевме дека тие напади беза вкоренети во мракот на понижувањето и страдањето на Палестинците во Израел, наметнување на нашите воени бази на Блискиот исток и во бруталните арапски диктатури кои ги финансиравме и ги поддржувавме – станавме отпадници. Станавме бранители на неодбранливото. Бевме апологети, како што Кристофер Хиченс еднаш ми се раздра на Беркли, „бомбаши самоубијци“.

Малкумина се заинтересирани да ги преиспитаат нашите активности во муслиманскиот свет, па државата и нејзините послушни кученца во медиумите ги оправдуваа нападите како несфатливи. Оние кои ги извршија нападите беа означени како продолжетоци на културата и на религијата која, во најдобар случај, беше примитивна и веројатно злобна. Куранот, иако забранува самоубиство, како и убивање жени и деца, прикажан е како прирачник за фанатизам и терор. Напаѓачите беа олицетворение на тиранскиот судир на цивилизациите, космичката борба која се води меѓу доброто и злото, силите на светлината и на мракот. Глетките на авионите кои удираат во кулите и херојските спасители како изнурнуваат под урнатите се неуморно емитувани. Бевме преплавени со болни приказни за преживеаните и за жртвите. Смртта на луѓето и на кулите кои се урнуваат станаа иконични слики. Промоторите на војната и на омразата вешто ги злоупотребуваа комеморативните собири. Ги претвораа во платформа за оправдување на враќањето на другите за она што нам ни е направено. И како што невини луѓе се убиени тука, наскоро невини луѓе почнаа да умираат по муслиманскиот свет. Живот за живот. Убиство за убиство. Смрт за смрт. Терор за терор.

Она што се случи во неделите по нападот беше добрата, стара борба меѓу силите на човековата имагинација, меѓу суровите инструменти на насилството и способноста за емпатија и разбирање. Човековата имагинација загуби. Ладнокрвните причини, кои не зборуваат со јазикот на имагинацијата, ја однесоа победата. Почнавме да зборуваме и мислиме во празни, безумни националистички клишеа за теророт кој државата ни ги испорача. Станавме она од што се ужасувавме. Човековата смрт е искористена да ја оправда превентивната војна, инвазијата, Shock and Awe, долгорочната окупација, атентати, тортури, колонии за казнети во странство, пукање во семејства на контролни пунктови, масовни воздушни бомбардирања, напади со беспилотни летала, ракетирања и убиства на десетици и стотици, па на илјади а потоа на десетици илјади и конечно, на стотици илјади невини луѓе. Произведовме куп трупови во Авганистан, Ирак и Пакистан, и го проширивме опсегот на нашата машина за убивање до Јемен и до Сомалија. А со беатификацијата на нашите мртви, со вградувањето страв и императив за постојана војна во националната свест, и потхранување на колективното понижување, државата извршуваше злосторства, предизвикуваше страдања и убиства кои го намалија она што нам ни беше направено на 11 септември. Најдоброто што една сила може да го направи е да наметне ред. Никогаш не може да доведе до хармонија. А силата е оправдана, и сè уште се правда, со првото убиство. Десет години подоцна сите мртви нè прогонуваат како сеништата од Магбет.

„Првата смрт секој ќе го зарази со чувство на загрозеност“, вели Елијас Канети. „Невозможно е да се прецени улогата што првиот мртов човек ја игра во потпалувањето на војната. Владетелите кои сакаат да ја поведат војната добро знаат дека мораат да обезбедат или да ја осмислат првата жртва. Таа не мора да биде некој особено важен, тоа може да биде некој сосема непознат. И ништо нема да биде важно освен неговата смрт; а нужно е уверувањето дека за таа смрт е одговорен непријателот. Секоја можна причина за неговата смрт е потисната, освен едно: неговото припаѓање на групата.“

Не бевме во состојба да ја прифатиме стварноста на овој безимен колеж. Не бевме во состојба зашто стварноста ја откриваше ужасната вистина за тоа дека живееме во морално неутрален универзум во кој секој човечки живот, вклучително и нашиот сопствен, може да биде уништен во чин на неумно и случајно насилство. Покажа дека нема заклон, ни од Бога, ни од судбината, лошата среќа – ни од државата.

Сè уште не се освестивме што тоа станавме за време на фаталната ерозија на домашното и меѓународно право и безумното трошење на животот, ресурси и трилиони долари за да водиме војни кои никогаш не можеме да ги добиеме. Не гледаме дали нашите сопствени лица станаа искривени токму како и лицата на безумните грабнувачи кои пред десет години ја презедоа контролата врз патничките авиони. Не сфаќаме дека триумфираше изопачената визија на светот на Осама бин Ладен како свет на насилство и на терор. Нападите од 11 септември нè претворија во монструми, гротескни демони, садисти и убијци кои фрлаа бомби врз селски деца и мачат грабнати луѓе, лишени од своите права, ги држиме затворени без судски процес. Дејствувавме пред да размислиме. Нè фати сотонска жед за насилство.

Како што Вордсворт напиша:

Action is transitory - a step, a blow,
The motion of a muscle - this way or that -
’Tis done; and in the after-vacancy
We wonder at ourselves like men betrayed:
Suffering is permanent, obscure and dark,
And has the nature of infinity.

Можевме да тргнеме во друга насока. Можевме да градиме врз длабокото сеќавање и емпатија кои го проникнаа светот по нападите. Презирот кон злосторството извршено пред 10 години беше речиси универзален, вклучително и кај муслиманскиот свет, каде што работев во неделите и месеците по 11 септември. Да ги препуштевме на разузнавачките служби и на дипломатите, терористичките напади можеа да отворат можност не за војна и за понатамошни убивања, туку за помирување и за комуникација, исправување на неправдите на Блискиот исток кои Израел ги извршува со наш благослов. Тоа беше миг кој го потрошивме. Нашата бруталност и триумфализам, нуспроизводи на национализмот и на нашата инфантилна гордост, го оживеаја движењето на џихадистите. Паднавме на нивниот варваризам. И ние станавме терористи. Тажното наследство на 11 септември е тоа што кретените, на сите страни, победија.

Извор: Truthdig

Би ги препорачал книгите

Би ги препорачал книгите „Empire of Illusion“ и „The Death of the Liberal Class“ од истиот автор, одлични, критички настроени дела за американската реалност... 

ОкоБоли главаВицФото