Инцестот меѓу граѓанинот и државата

19.09.2011 12:31
Инцестот меѓу граѓанинот и државата

Прославата по повод 20 години македонска независност и изливот на патос и емоции ме натера на размислување и на тоа да прашам (не да се запрашам) како може да се сака држава. Зошто да се сака? Што е за сакање?

Реков „не да се запрашам“ затоа што не се декларирам како некој што ја сака државата. Не се декларирам така зашто не ми е јасен концептот на ’сакање на државата’. Оттука, со текстот правам обид да дознаам, односно да предизвикам критичко, идеолошки неоптоварено објаснување од некој кој вели дека ја сака својата држава.

Под сакање подразбирам чувствување и манифестација на љубов- само по себе ирационално чувство, кое нема врска со рационалност.
 
Прашањата не се поставени со некоја идеолошка заднина, зад која се крие некој марксистички или анархистички сон за умирање, односно укинување на државата, напротив, се обидувам да го поставам прашањето сосема вон идeолошки рамки, без никакви скирени намери. Предизвикот го гледам во дискрепанцата меѓу реалната состојба на патриотски занес (насекаде во светот) и невоодушевувањето кое го покажува поголемиот дел од идеолошко политичкиот спектар (со исклучок на радикално десничарските идеологии), кон државата како општествена творба, т.е. ’(нужно) зло’.
 
Особено од либерална гледна точка (глобално и моментално најактуелна) нема апсолутно никаков простор за воодушевување, а не, пак, за љубов кон државата. Во основата на либерализмот е идејата дека државата е ’нужно зло’ кое треба да го олесни животот на индивидуите, односно да ги заштити. Таа заштита е дефинирана преку ограничување и контрола на однесувањето на индивидуите само со цел да бидат спречени да направат штета на другите, преку повреда на нивните права. Уште поинтересно и лишено од било каков емотивен момент, е дека државата како институција треба да овозможи систем кој би придонел за тоа поголемиот број граѓани да се среќни. Секако тоа подразбира забрана за било какво морализаторско мешање во индивидуалниот избор на начинот на живот, т.е. подразбира чиста, стерилна неутралност.
 
А среќата… Да, точно е дека е емотивна работа, но нема врска со државата. Државата треба да биде тој механизам (во најтехничка смисла сфатен) кој ќе овозможи ’простор’ за реализација на индивидуата, за ментално и духовно тестирање на сопствените граници, за критичка рефлексија, едноставно кажано за индивидуално осознавање и освестување. Во крајна линија сепак избор е на индивидуата дали и колку ќе се реализира, но клучно е дека ја има можноста за тоа.
Во тој случај, се согласувам дека улогата на државата, секако може да биде позитивна, во смисла на тоа дека овозможува институционалната инфраструктура која ќе ја растовари индивидуата во однос на најбазичните потреби за живот, за да може да се реализира во било кој правец. Но, не се согласувам и сè уште не ми е јасно во кој момент настапува љубовта, и зошто треба да постои љубов кон државата. Напротив, тоа што е погоре дискутирано повеќе наметнува потреба од строго рационален однос меѓу индивидуата и државата, каде првиот постојано ќе ја држи за одговорна во испорачување на просторот за тој/таа да се реализира во среќен човек. Во оваа смисла отчетноста, во очи на утилитаристите, не значи листа со технички податоци за инпутот (интелектуален, социјален и финансиски) алоциран од државата, туку значи аутпут во смисла колку соодветен простор е овозможен за слободен индивидуален раст и развој (среќа). Тоа подразбира дека односот не безусловен, туку напротив, и тоа како е условен од перформаност на државата во извршување на својата улога.
 
 
Условена љубов колку што знам не постои.
 
Оттука, проблемот настанува кога еден по дефиниција прагматичен однос меѓу индивидуата и државата се трансформира во безусловна љубовна релација т.н. патротизам. Последново подразбира дека колку и да е неефикасна државата, колку и да ја пцујам по шалтери, пред кооперација или во кафеана, на крајот од денот душата ми се полни кога ќе слушнам патриотска песна, ме трогнува химната, поглед на знамето, итн.
 
Таа илузија на љубов кон државата е конструирана преку нејзините инструменти за индоктринација, пред сè, образовниот систем и културната политика кои создаваат обврска за безусловна љубов, како аксиома за дефиницијата на граѓанинот. Не се поставува прашањето зошто ја сакам државата (освен во состави во основно училиште – еден од начините на индоктринација), туку едноставно се знае, т.е. треба да се знае дека е нормално да се сака државата. Тоа не се доведува во прашање, затоа што љубовта како асоцијативна врска не се рационализира. Едноставно, го сакаш својот партнер, не знаеш зошто, ама го сакаш. Да, точно е дека ако некој те праша, би знаел да рационализираш и да одговориш: затоа што е добар, паметен итн., но има милион добри и паметни како него/неа кои не ги сакаш. Го сакаш Него или Неа. Да сакаш не е рационална пресметка.
 
Најочигледен пример за манипулација на концептот на љубов и негово наметнување во односот кон државата може да се забележи преку употреба на зборовите – татковина или честата асоцијација во поезијата со мајка. Целта на постоење на вакви синоними во скоро сите јазици е превземање на концептот на безусловна љубов на детето кон своите родители (и обратно) и негово рефлектирање на врската меѓу граѓанинот и државата. Колку и да си различен од својот родител, колку и да не се согласуваш со неговите ставови, ти безусловно го сакаш. Таа идеја на безусловна љубов државата ја копира и ти ја наметнува кон неа. Како што не се доведува во прашање љубовта кон родителите, не смее да се доведе во прашање љубовта кон државата, т.е. патриотизмот. Затоа е и безусловна.
 
Наметнатата илузија за вграден код, мозочен центар за љубов кон државата, доведе до тоа да е најголема навреда некој граѓанин да биде означен како не-патриот. Дури и тие кои во општоприфатениот дневно политички дискурс се означени за не-патриоти, се горди и ги теши помислата дека ќе дојде време кога сите останати ќе се свестат и сфатат дека тие, всушност, биле гласот на вистинскиот патротизам. Патриотизмот се поставува како единственото оправдување, т.е. виша цел за нивното делување, постапки, размислувања итн. Значи, љубовта кон државата, патриотизмот е тој виш универзален принцип.
 
 
Меѓутоа има еден друг проблем со патриотите ( и ’официјални’ патриоти и ’предавници’ патриоти), а тоа е дека кога некој се декларира како патриот колку и да ја критикува државата, се самоцензурира, не си дозволува да погледне ’надвор од кутијата’, затоа што државата ја доживува како единствена варијанта која нема друга алтернатива, а не едно ’нужно зло’ од многуте алтернативи (кои и дури допрва треба да се измислат). Патриотот ја критикува државата, но никогаш нема да ја пушти интелектуалната фантазија надвор од нејзини рамки. Тоа е истата релација кога суштински не се согласуваш со својата мајка и реално немате добар и близок однос, но никогаш нема да ја оставиш да умре сама и беспомошна, туку ќе направиш сè за да ја згрижиш. Затоа што тоа е суштината на безусловната љубов.
 
Оттука, и покрај сите напори на државата да ме убеди дека е мојата втора „мајка“, не успеа(ва). Не сум убедена дека има или треба да има суштествена разлика во релацијата меѓу мене и мојот мобилен оператор од една страна, и мене и државата од друга. Зошто би било поразлично?! Целта и на двете е да ми овозможат услуги кои јас ги користам како инструмент или капитал за мои ’виши’ цели: во случај на мобилниот оператор, да комуницирам со моите пријатели за да договорам дружење (виша цел), додека во случај на државата да ми организира со моите пари (не да ми обезбеди или поклони) образовна, здравствена и социјална основа за да се реализирам себеси како сакам понатаму (виша цел), притоа да не дозволи некоја трета страна да ми го попречи тоа право. Јас можам да бидам задоволна или незадоволна со мојот мобилен оператор, но да го сакам не можам, освен ако не патам од object sexuality и ако си земам слобода да го дефинирам мобилниот оператор како предмет. Сакање е ирационално чувство, а мојот однос до мобилниот оператор е исклучуво базиран на рационална пресметка. Зошто и во што би бил поразличен мојот однос до државата?
 
Извор: putonthelight.blog.com
 
Илустрации: Џенифер Ли

Go sakam tekstov tolku mnogu

Go sakam tekstov tolku mnogu sto mi ide da go uramim.

Македонската независна држава

Македонската независна држава е опредметување на правото на Македонецот на самоопределување и граѓански суверенитет. Таа е медиум преку кој на Македонецот му е овозможено да кодификува сопствени закони, да го уредува (или врамува) сопствениот општествен живот на оној начин на кој ќе одлучи дека е најпожелно, без интервенција на колонијални господари, властелини и окупатори. Дури и ако во даден историски момент таа тоа само делумно го остварува, таа претставува основа, база, врз која може таа независност да се гради и одржува.

Таа е плод на антифашистичката борба на илјадници Македонци комунисти, кои заедно со останатите просветлени народи во Европа се кренаа и гинеа во борба против злото отелотворено во нацистичката и фашистичката идеологија која препознаваше само господарски и робовски раси и беше тргната да не' потчини на својата волја со оган и челик.

Зарем ти е чудно како и зошто некој би ја посматрал македонската држава надвор од твоите клинички, стерилни, учебникарски категории? Велиш дека сакаш да ја испиташ оваа љубов надвор од било каква идеолошка рамка, и повторно не можеш да и' избегаш на твојата збирка на (воглавно) англо-саксонски, либерални предрасуди.

Глуп текст. Не ми се свиѓа. Work harder.

Се согласувам со Иван. Или,

Се согласувам со Иван.

Или, можеше само да си кажеш: мене ме боли онаквата за државата и барам начин да си го оправдам тоа чувство.

ОкоБоли главаВицФото