Како луѓето се додворувале порано

20.09.2011 10:52
Како луѓето се додворувале порано

Во минатото, освен задолжителното ладало и ракавици од тантела, кои жените ги користеле за да им укажат на мажите дека им се допаѓаат, постоеле и сосем необични видови љубовни игри меѓу понежниот и посилниот пол.

1. Ух, пазува!

Во 19-от век во Австрија девојките користеле јаболка за да му навестат на некое момче дека им се допаѓа. Имено, на почетокот на балот девојката под пазувата ставала исечено парче од јаболкото и таму го чувала до крајот на танцот. Пред да си замине дома, под будното око на родителите или другите придружници, кои се грижеле за нејзиниот морал, таа кришум му го давала на момчето кое го привлекло нејзиното внимание. Доколку и момчето ги споделувало истите чувства, тоа миризливо парче јаболко го јадело со сласт.

2. Напрсток = бурма

Пуританците имале многу строги животни начела. Станува збор за движење меѓу англиските протестанти кои во 16-от и 17-от век настојувале да ја одржат црквата во евангелска чистота, наспроти Англиканската црква која, според нив, премногу се угледувала и се доближила до Католичката црква. Оттаму произлегува и називот „пуританци“, од латинскиот збор кој значува чистота.

Многубројните симболи, како на пример бурмата, пуританците ги отфрлале како непотребни. Затоа идната невеста од својот свршеник наместо свршенички прстен добивала напрсток. Девојката, чекајќи го денот кога ќе застане пред олтарот, вредно шиела, користејќи го тој скапоцен напрсток. На денот на венчањето, некој ѝ го отсекувал горниот дел од напрстокот и останувал само металниот обрач кој на тој начин станувал каква-таква бурма.

3. Пресечи со нож

Кога треба да се донесе некоја одлука кај нас често се користи изразот „да пресече со нож“. Не веруваме дека оваа фраза стигнала од Финска, каде што имала преносно значење. Имено, во 19-от век во Финска се одржувал чинот на додворување. Кога девојката би стасала за мажење таа на појасот почнувала да носи празни корици за нож. Од момчето на кое би му се допаднала таа девојка се очекувало во некоја од кориците да стави нож. На тој начин тоа ѝ соопштувало дека девојката му се допаѓа. Меѓутоа, девојката го имала последниот збор. Ако му го вратела ножот на момчето, тоа значело дека истото не ѝ се допаѓа, а ако го задржела, со тоа порачувала „Ми се допаѓаш“.

4. Стари мобилни телефони

Во 18-от век во САД, во областа позната како Нова Англија, момчињата и девојките кои сакале да се забавуваат имале огромни потешкотии. Таму се подразбирало дека не смеат, макар за кратко, да останат сами. Секогаш биле под будното око на некој кој се грижел да не „забегаат“. За среќа, се појавил еден нов изум кој им ги олеснувал горко-слатките мигови. Имено, тие добивале шуплива метална шипка, долга околу 1,80 метри, чиј еден крај момчето го ставало на усните и ѝ шепкало умилни зборови на девојката, додека таа другиот крај го држела на увото (или обратно). На тој начин со еден удар се убивале две муви: ем двојката останувала на пристојно растојание, ем додворувањето сепак успевало.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото