Tuxedomoon созреваше во согласност со визиите!

20.09.2011 14:14
Tuxedomoon

„Музиката што ја создаваме сега е логично, природно продолжување на музиката што ја создававме во минатото и таа секако дека ги рефлектира нашите животни искуства и промените во светот“, е начинот на кој Блејн Л. Реинингер, мултиинструменталистот и лидер на култниот бенд Tuxedomoon ја опишува филозофијата на бендот, кои ќе настапат на 21 септември во “МКЦ”, во рамките на МОТ...

Една од станиците на вашата турнеја е и Скопје, каде имате многу фанови. Какви знањења имате за македонската култура?

Морам да признаам дека немам големи познавања за вашата земја, но, се надеваме дека во времето поминато во Скопје, иако ќе биде многу кусо ќе научиме нешто.

Вашиот последен албум беше “Vapor Trails” објавен во 2007 година... Дали овој настап во Скопје ќе значи негова промоција тука или пак ќе свирите и песни од претходните албуми?

На целата оваа турнеја ќе свириме материјали од сите наши албуми. Сметаме дека така е најдобро, затоа што веруваме дека сите наши обожуватели ќе сакаат да слушаат наши постари песни, особено од периодот на 80-те години на минатиот век.

Што се случуваше со вас изминативе години, кога на некој начин бевте попасивни во однос на творештвото со Tuxedomoon?

Последниве неколку години сите ние работевме на индивидуални проекти. Јас и Стивен работевме многу театарска и филмска музика во Грција и Мексико, а Питер работеше со колектив од музичари во Њујорк. Лук ван Лишот свиреше и сè уште свири во еден белградски бенд наречен Flat Earth Societs. Сите ние разбираме и сме свесни дека некои наши музички идеи не се вклопуваат добро во концептот на Tuxedomoon, и затоа и функционираме и како бенд и соло.

И покрај големите промени во составот на бендот... (многу луѓе заминаа, многу дојдоа), сепак продолживте да постоите и да работите цели 30 години... Како го зачувавте јадрото? Дали можеби, на некој начин, ваквите промени и беа освежување во бендот?

Лајнапот на Tuxedomoon е речиси ист уште од времето кога се ре-оформивме во 1997 година. Во минатото ние бевме отворени кон нови влијанија и имавме многу соработки со други музичари и мислам дека тоа е она што нè одржуваше – протокот на свежа енергија! Сите бендови имаат искачувања и падови, па и ние. Но, и покрај нив ние продолживме да бидеме семејство! Имавме силна волја, што нè одржуваше и кое нè “тераше” да посегаме по повеќе возбуди во музиката.

Како тогаш го доживувате денес сето она низ кое поминавте со бендот; музички и емотивно?

Многу сум среќен и задоволен кога ќе помислам дека Tuxedomoon созреваше во согласност со визиите што ги имавме. Музиката што ја создаваме сега е логично, природно продолжување на музиката што ја создававме во минатото и таа секако дека ги рефлектира нашите животни искуства и промените во светот.

А како би го опишале чувството на создавање музика?

Музиката што јас ја создавам е спонтано надвоврзување, продолжување на музиката што сум ја создавал порано. Јас ги следам и сите случувања во музичката технологија и сум фасциниран од начинот на кој се користат компјутерите во создавањето музика.

Кој период од постоењето досега Вам Ви беше најважен? Кои денови никогаш нема да ги заборавите?

Мислам дека уживав во сите периоди, во сите моменти; лесни и тешки... Но, за мене највисоката точка беше снимањето на албумот “Desire” во Англија во 1980 година. Тоа време и нашиот прв концерт во Италија, во декември 1980 година за мене беа магични!

ОкоБоли главаВицФото