1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 02:59
Многу работи ни се случија во овие две недели на баскет еуфорија - откривме дека нашите кошаркари се светска класа и одново гледавме една по малку заборавена епска приказна како Давид го победува Голијат или, како аутсајадерот од меч во меч расте, напредува и со победите им станува симпатичен на сите. Нацијата со денови се егалтираше од најголемиот дострел на една македонска селекција и, нормално, Македонија им приреди невиден дочек на спортските херои од Литванија.
Но додека нашите кошаркари бележеа победи во Литванија, а Македонија владееше егзалтацијата, се наметнаа неколку интересни прашања. Кои се нашите идоли во врска со спортските идоли и какви поуки може да извлечеме од најголемиот успех на една македонска репрезентација? На овие дилеми ќе се обидам да одговарам преку анализа на четири тези по мој избор.
МАКЕДОНИЈА Е СЕНЗАЦИЈА ВО КОШАРКАРСКИОТ СВЕТ
Убеден сум дека е ова погрешна теза. Или, во крајна инстанца, таа е само делумно точна. Кога е во прашање кошарката, Македонија не е тиква без корен. Не треба да се заборави дека до пред две децении Македонија беше дел од бивша Југославија која, пак, долго време беше кошаркарска велесила. Во рамките на таа Југославија, многу кошаркари од Македонија беа дел од блескавите репрезентативни селекции, играа на олимпијади, светски и на европски првенства, а Работнички во одредени периоди беше вистински хит во тогашната југословенска лига. Во последниве четири децении, од овие простори секогаш излегувале многу квалитетни играчи, но и тренери.
Сегашната селекција се покажа како најуспешна и ги заслужува сите пофалби. Но, мислам дека во вакви победнички пригоди е секогаш потребно да се укаже и на тоа колку традицијата и трудот на претходните генерации играчи, тренери и кошаркарски работници се битни и незаобиколни фактори во постигнувањето добри резултати, дека тоа е основата во секоја спортска дисплина која претендира на големи достигања. Затоа, денес, кога се слават Антиќ, Гечевски, Илиевски, браќата Стојановски, Самарџиски и сите други од "дванаесетмината величенствени", треба да се потсетиме на луѓето кои ја издигнаа кошарката на врвно рамниште. Тоа е во прв ред - Лазар Лечиќ, легендардниот тренер и кошаркарскиот гуру во Македонија, нормално, Работнички од крајот на шеесетитте во која настапуваа браќата Луковски, Стерули Андоновски, Радосављевиќ, Боцевски-Жмара, Тевчев, Георгиевски-Буштур... По оваа блескава генерација, сè изгледаше полесно и поубаво. Ова е само доказ дека куќа се гради врз здрави темели. Во еуфоријата која владееше во овие две недели, оваа вистина како да ја заборавивме, па дојде до израз нашето кусо паметење, немањето однос кон традицијата, што не е пофално за сите нас.
УСПЕХОТ НА КОШАРКАТИТЕ ГИ СИМБОЛИЗИРА НАШИТЕ (ИДНИ) ПОБЕДИ
Фановите во НБА во изборната година во Америка знаат да истакнат транспарент - "Kobe for president!". Или, таа чест некогаш ќе му припадне на Леброн Џејмс или на некоја друга спортска ѕвезда. Нашите фанови во Литванија, но и на плоштадот во Скопје, не ја научиле оваа "агитација" или пак беа крајно деполитизирани, па така немаше натпис - "Dokuzovski for President, Antic for Prime Minister!".
Како и да е, нам ни се отвори и прашањето за симболичкото значење на успехот во Литванија. Победите се слатки, успесите можат да бидат заразни, тие можат да нè инспирираат за уште големи постигања и во другите области и сфери на живеење. Или, кошаркарите навестија подобри денови за Македонија. Деновиве, во моментите на најголемата еуфорија, можеа да се слушнат и вакви размислувања, т.е. очекувања. Оваа тема претпоставува широка елаборација, но една работа не смее да се заборави - она што функционира на микро план не се трансферира по автоматизам во пошироката рамка која може да се нарече - живот, држава, општество итн. Кошарката, која е пред сè игра, а потоа и бизнис, сепак е микросистем, каде што владеат правила и односи кои се многу поразлични или поедноставни во однос на макросистемот.
На Балканот, речиси сите наши соседи во поблиското минато постигнаа или продолжуваат да постигнуваат успеси на спортски план (Новак Ѓоковиќ и Бланка Влашиќ се најдобриот пример за тоа). Па, сепак, Балканот, освен по спортот, не може да се пофали баш дека е многу успешен во некоја друга област. Познато е дека богатите држави многу вложуваат во спортот, секогаш се гладни за повеќе медалји на големите натпреварувања и тие се вистински спортски велесили. Од друга страна, постојат спротивни примери. Атлетичарите од Етиопија и од Кенија се речиси половина век супериорни во трчањето на долги патеки, спринтерите од Јамајка се најбрзи на светот и само ги фрустрираат Американците, но овие три спортски нации понатаму остануваат држави кои се многу сиромашни или пак се оптоварени со големи економски и политички проблеми.
Успехот на кошаркарите, освен што придонесе за градење на еден здрав патриотизам (кошаркарите овозможија милиони да чукаат со едно срце, ќе изјави деновиве еден од спортските новинари), несомнено, ќе биде еден вид парадигма за младите луѓе дека до резултатите се доаѓа со упорност, голем труд, со тимска работа, со љубов кон работата и кон татковината... Претпоставувам дека нашите наставници и професори сега добија убав шлагворт како да ги афирмираат позитивните или ефициентните вредности. Но, треба да предупредат - она што важи во кошаркарските сали многу потешко се применува во фабричките сали...
ВЛАСТА СЕ ЗАЛЕПИ НА КОШАРКАРИТЕ
Кој, освен фановите, најмногу им се радуваат на успесите во спортот? Нормално - политичарите. Во тој поглед, нашиот државен врв не беше ништо поразличен од која било друга власт, без разлика дали се работи за држава која е претплатена на спортски успеси или за прв пат им се радува на некоја спортска победа.
Во вакви ситуации, кога нацијата се егзалтираше речиси две недели, кога плоштадите беа преполни во сите градови, кога тв-преносите доживеа рекордна гледаност, кога од сите домови ечеше песната "Едно име имаме", не треба да се биде малициозен спрема власта, односно да се критикуваат некои потези кои изгледаа изнасилено, а за некои невкусно. Но, во време на национална еуфорија и "најнормалната" власт станува популистичка.
За нашата популистичка власт, ова беше можност само да се приспособи на дадената ситуација и соодветно да реагира со својата галатност (испраќање навивачи во Литванија или да организира пречек каков Македонија не памети). Сето тоа беше во ред. Но, по неколку општонародни собирања на плоштадот "Македонија" кои беа и навистина спонтани и искрени, на истиот тој плоштад, власта не издржа а да не додаде и партиска боја. Така, беа направени неколку фаули. На аеродромот и на плоштадот, прво се слушна песната "Земјо Македонија" (неофицијалната вмровска химна), наместо, на пример, државната химна. Вториот фаул беше запирањето на автобусот со кошаркарите само на два пункта - општините Аеродром и Центар (зошто не и во Карпош или во Чаир, на пример?!), кои важат за вмровски бастиони во Скопје. Третиот фаул беше што сценаристот на пречекот се раководеше од желбата да се реафирмираат новите икони на центарот на метрополата, односно бисерите на "Скопје 2014" - триумфалната капија и споменикот на Александар. Четвртиот фаул е што деновиве се јавија многу мегафони на власта на веб-страниците и на социјалните мрежи со вакви ставови: "опозиционери, дали сфативте колку беше значајно што власта купи двокатни автобуси и изгради триумфална капија!". Петиот фаул, претпоставувам, ќе биде направен многу брзо и тоа од провладините медиуми, кои по една ваква еурофија, тешко дека ќе се вратат во нормала.
НАЈВАЖНО Е ДА СЕ ПОБЕДАТ ГРЦИТЕ
Во еден момент се чинеше дека кошаркарите станаа херои само поради тоа што ја победија Грција. За среќа, не испадна така. Нашите кошаркари беа способни за многу поголеми дострели. Но, кошаркарите носеа тешко бреме, што не е само наша специфичност, па, сепак, нè следи веќе подолго време. Тоа бреме може да се опише како ситуација кога спортистот не води само борба на теренот, не ги брани боите на својата земја, туку се бори за да го победи и "непријателот", се бори за да победи и "националната кауза". Со победата над репрезентацијата на Грција, нацијата доживеа егзалтација која се должи на големото празнење на енергија. Оваа катарза или задоцнета сатисфакција немаше никаква врска со кошарката, со спортско натпреварување во кое петмина се надигруваат со други петмина. Ама, ете, се оствари со помош на кошарката. Оттука, приказната за битката меѓу Давид и Голијат не е секогаш така идилична и невина, посебно, ако се мисли дека сите неправди од минатото и насобраниот гнев поради името ќе ги "наплатиме" со победа над грчките кошаркари.
Кога ќе се оладат страстите и кога трезвено ќе се погледне на работите, веројатно ќе извлечеме неколку важни поенти: прво, во Литванија победи подобрата екипа, второ, тоа не е доказ дека сме ја добиле битката во директната пресмета за нашите антички корени и трето, на наредните натпреварувања на кои ќе учествува и нашиот јужен сосед, од нашите кошаркари, ракометари, фудбалери итн., нема да велиме дека е "најважно да се победи Грција", туку ќе посакуваме да одиме до крајот или, барем, највисоко колку што можеме. А токму тоа, на крајот, се случи и во Литванија.
Извор: globusmagazin.com.mk
Промашен, многу промашен
Испратено на 21 септември 2011 од Mulla NasrudinПромашен, многу промашен коментар. Лични ставови кои сакаат да се промовираат како општествени. Не врви! Не се потценуваат повеќе од 100.000 жители кои излегоа на улиците или дојдоа на плоштадот.
Фаул е кога ќе досуди судијата, а (не)досудувањето е резултат на неговото убедување.
Ако „зошто не Чаир, Карпош...“ тогаш можеме да продложиме, „зошто не во Кр. Паланка, Долно Дупени, Тресонче...?“
Претерувате, незнам зошто има
Испратено на 22 септември 2011 од Erich von MansteinПретерувате, незнам зошто има толкава омраза од која свесно или не тропате многу глупости
.........Вториот фаул беше запирањето на автобусот со кошаркарите само на два пункта - општините Аеродром и Центар (зошто не и во Карпош или во Чаир, на пример?!)......
можеби требаше да земевме и по куќи да ги шетаме со сите баби да се бацуваат
Навистина е жалосно да се
Испратено на 23 септември 2011 од G.FilipНавистина е жалосно да се читаат вакви ставови и коментари кои се преполни со политичко-интелектуална интенција да се редиректираат сите искрени посетители на сајтот, од тоа што очигледно се случува.., Македонската кошаркарска репрезентација го постигна најголемиот спортски успех досега и тоа е она на кое треба да се задржат коментарите и ставовите.., На таков начин ќе се мотивираат сите останати да размислуваат како да го досегнат или пак надминат овој успех..,М
Васил очигледно се обидува да
Испратено на 24 септември 2011 од Аналитичар (па што, секој може да биде)Васил очигледно се обидува да се шлепува на успехот на кошаркарите, па попат да протне по теза-две-три против партијата на власт, па што помине, помине. Добро е, барем ја научил лекцијата од кутрите ситни продадени души што се испозанесоа со плукање и омаловажување на придружните појави на успехот на кошаркарите, па видовме како поминаа, но и ова не е нешто подобро.
L'art pour l'art, во нашиов случај, плукање само за да се плукало, без никаква аргументација или основа во здравиот разум.
Но, добро, сме преживеале и полошо, па и ова ќе помине.
Василе, прочитан си (и во двете смисли).