Распламтување на старите судири

21.09.2011 13:11
Распламтување на старите судири

Петок попладне. Илјадници демонстранти ја опседнуваат израелската амбасада во Каиро. Со железни шипки, чекани и камења ја пробиваат високата ограда околу зградата со 21 кат, упаѓаат во неа, ги симнуваат израелското знаме и фрлаат документи низ прозорците. Амбасадорот, дипломатските службеници и членовите на семејствата бегаат на аеродромот и се префрлаат во Тел Авив. Разбеснетите демонстранти се судираат со египетската полиција, палат полициски возила, провалуваат во блиската полициска станица. Војската се држи на страна. Загинуваат тројца цивили, над 1000 се повредени. Привремената власт во Египет покажува дека е немоќна да ги контролира разбеснетите толпи на улица, а односите меѓу Египет и Израел, на кои почива повеќедецениската стабилност на целиот регион, сериозно се разнишани. Следниот ден Израел протестира поради „тешки повреди“ на дипломатските норми и обичаи, а се вклучува и Барак Обама кој ги повикува властите во Египет за обезбедат непречено функционирање на израелската амбасада во Каиро.

Демонстрантите првин се собраа на плоштадот Тахрир за да протестираат поради „преблагиот“ судски процес против поранешниот претседател Хосни Мубарак. Масата потоа тргна кон израелската амбасада за да одмори таму, а безбедносните сили не интервенираа доволно енергично. Традиционалната нетрпеливост кон еврејската држава го достигна својот врв пред неколку недели кога под неразјаснети околности израелската војска во акцијата против палестинските терористички групи уби пет египетски гранични полицајци. Иако Израел официјално се извини, многу Еѓипќани бараат од моментално владејачкиот воен совет да го смени курсот кон оваа земја. Во западниот свет владее страв дека по првите демократски избори во Египет, на кои се очекува победа на исламистички партии, може да се случи поголема дестабилизација на регионот.

Привремените власти и воениот совет во Египет, како и Израел, се обидуваат да ја смират ситуацијата. Во Каиро ветуваат остри санкции против демонстрантите кои провалија во израелската амбасада и подобра заштита на дипломатските претставништва. Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, им се заблагодари на египетските сили за безбедност кои овозможија евакуација на израелските дипломати и најави брза реконструкција на амбасадата и враќање на дипломатите. Египет, покрај Јордан, е единствената арапска држава во опкружувањето која во 1979 г. склучи мировен договор со Израел. Оттогаш Египет добиваше милијарди евра воена помош од САД.

Турскиот фронт

Истовремено, Израел отвори дипломатски фронт и со Турција. Во дипломатската офанзива со тешки зборови, кои се мелем за ушите на муслиманскиот свет, премиерот на Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција има хуманитарна помош за Палестинците и дека тие пратки „повеќе никој нема да ги напаѓа“. Ако Израел повторно се обиде да ги нападне турските бродовисо помош, ќе наиде на соодветен одговор, изјави Ердоган и најави дека турската воена морнарица ќе ги следи пратките наменети за појасот Газа.

Турско-израелските односи сериозно се разнишаа лани кога изрелските специјалци упаднаа на турскиот брод Мави Мармара и убија девет турски државјани, спречувајќи неколку други бродови да достават хуманитарна помош за Газа. Израел тврдеше дека неговите војници биле нападнати и дека делувале во самоодбрана. Односите се влошија уште повеќе кога ОН објавија извештај во кој се тврди дека акцијата на израелската војска била „претерана“ и „непримерена“, но и дека израелската поморска блокада на појасот Газа е легитимна. Извештајот во голема мера се доживеа како пораз на политиката на Ердоган.

Пред две недели Анкара го протера израелскиот амбасадор и го замрзна воениот договор со Израел. Израел, пак, упорно одбива да се извини за убиството на деветте турски државјани, иако тоа го стори во случајот со петте египетски граничари. Се разбира, има реакции и во Израел. Тамошните дипломати изјавите на Ердоган ги оценуваат како „лоши и тешки“, но додаваат дека не сакаат да ги влошуваат дополнително работите. Во Израел испадот на Турција го сметаат за „тешка провокација“, но се тргнува од тоа дека, како членка на НАТО; Турција нема да отиде толку далеку и да ја пробие израелската блокада на Газа.

Турско-грчки закани

Се разменија тешки зборови и меѓу Турција и Грција. Кога Ердоган ја спомена можноста за интервенција на турската морнарица во случај Израел да се осмели да поставува нафтени платформи во меѓународните води близу Либан, спомена и дека во сличен случај истото би можело да се случи и покрај брегот на Кипар. Потпретседателот на грчката влада Теодорос Пангалос ја предупреди Турција дека Грција ќе ја поддржи Република Кипар и дека секој напад или акција врз оваа земја ќе биде сметан и за напад врз Грција.

Можеби се работи само за реторика со која Турција ја покажува својата сила, а Грција со приказните за надворешните предизвици се обидува барем малку да заборави на кризата која ја растргнува земјата, но се јавува непријатно чувство при споменување на оружје меѓу двете земји со толку долг список на нерешени проблеми, иако и обете се членки на НАТО. Меѓу најголемите проблеми спаѓа поделбата на Кипар на грчки и турски, но и омразата која потекнува уште од грчко-турската воја која се водеше од 1919 до 1923 г. Крајот на оваа војна резултираше со „размена на население“, при што стотици илјади Грци од Мала Азија беа протерани во Грција, а стотици илјади Турци од Грција беа протерани во Турција.

Турција и Курдите

На југоистокот на Турција, пак, повторно ескалираа судирите меѓу турските безбедносни сили и курдските бунтовници, при што загинаа над 40 лица. Турската војска пред две недели изврши воздушни напади на северот од Ирак, при што загинаа околу 100 лица. Во 1980-те и 1990-те години турската војска секоја пролет тргнуваше во офанзива против курдските бунтовници, редовно навлегувајќи длабоко во северен Ирак. Интервенцијата на сојузничките сили во Ирак во 2003 г. промени многу нешта; Курдите од северот на Ирак добија држава која фактички е независна, освен на хартија. Ситуацијата во тој дел од земјата е многу помирна од остатокот на Ирак, и има малку секташко насилство и самоубиствени напади. Но на зајакнувањето на курдската држава Турција не гледа благонаклонето, сметајќи дека се работи за територија која претставува база за нападите врз турските сили. Турците се потпираат и на стравот на Иран од курдската држава поради појавата на курдски сепаратизам и во оваа земја, која е дом на околу шест милиони Курди. Во Турција се претпоставува дека живеат околу 13 милиони, а 4 милиони во Ирак, додека во Сирија еден милион. Вкупниот број Курди изнесува околу 25 милиони, и тие претставуваат најголемиот народ на светот без своја држава.

Иран

Во морето драматични вести кои секојдневно стигнуваат од овој регион, Иран како да падна во сенка поради својата нуклеарна програма, за чие користење последниве години е во судир со Западот. Претседателот на Иран, Махмуд Ахмадинеџад, редовно дели лекции по повод случувањата во Тунис, Египет и Либија, но не би требало премногу да се опушта. Тоа што сега западните сили изгледаат дека се зафатени по другите невралгични точки и боишта, не значи дека заборавиле на Иран.

Извор: vreme.com

Илустрации: Лори Липтон

А Македонија е најпаметна и

А Македонија е најпаметна и сама ита кон постмодерната, во која сите се сакаат, и се со деконструирани идентитети.

ОкоБоли главаВицФото