1030 hPa
60 %

4 °C
Скопје - Вто, 11.02.2025 09:59
За жал, толку сме индоктринирани со доминантните капиталистички вредности и либералната идеја т.е. идеолошка конструкција за „рационалниот човек“, што ексклузивна одговорност му препишуваме на секој од нас, не само за својот личен успех или неуспех, туку и за успешноста на системот, општеството и државата во која живееме. Единствениот виновник сме ние, затоа што како рационални битија, нели, сме требале да знаеме подобро, сме можеле повеќе.
Задоени сме да веруваме и да рационализираме низ призмата на методолошки индивидуализам, што подразбира дека индивидуите се единствениот фактор за продукција и репродукција на општествените феномени. Но оваа позиција е неточна и проблематична. Прво, затоа што подразбира дека карактеристиките на индивидуите не се продуцирани од општествени фактори. Од ова следува дека идивидуалните внатрешните карактеристики, „недопрени“ од надворешниот свет, се единствените кои ја обликуваат и се рефлектираат на општествената реалност. Второ, тоа подразбира дека сè што индивидуите намерно или ненамерно „произвеле“ како општествен феномен, не е автономно, односно, нема моќ да влијае и да ги ограничува индивидуите во било која нивна идна активност. Според ова стојалиште, културата и социјалната структура, не се никаков фактор кој влијае на одлуката на семоќната и од ништо неограничена индивидуа.
Ова е идејата која преовладува во јавниот дискурс. Така и сме воспитувани, и од дома и од владата: „учи за да успееш“. Убиj се од учење, дипломирај па биди бројка во публикација на „Сатистика“ за бројот на млади невработени. И секако, фрустрирај се, затоа што сам си виновен што не си успеал. Нè учат и воспитуваат: „работи за да заработиш“. Убиј се од работа, останувај и прекувремено, па види дали ќе заработиш доволно за достоинствен човечки живот. И секако, повторно фрустрирај се, затоа што сам си виновен што едвај сврзуваш крај со крај, додека твојот сосед е доказ дека може да се успее: го вози најновиот мерцедес, има успешен бизнис и летува во егзотични монденски летувалишта.
Главниот проблем е што и дома и преку образовниот систем ни ја всадуваат идејата за „the self-made man“ и за „рационалниот човек“ како неотповиклива универзална вистина и реална ситуација. Секој неуспех и личен и општествен е само наша вина. Тоа е основата за фрустрација, кога се мериме со идеолошки конструкции кои слепо ги прифаќаме како „нормални“ и реални.
Но вистината е друга. Денеска малкумина може да бидат „the self made man“. Неостварувањето на тоа очекување, и убедувањето дека сите ја имаме можноста и дека зависи само од нас самите како ќе ја искористиме, води во фрустрација, апатија и, што е најстрашно, кон деструктивно однесување кон нас самите, наместо кон системот. Ние сме виновниците, а не системот. Тој не постои независно од нас, тој е само нашиот одраз. Виновни сме единствено самите за несреќна ситуација во која сме се нашле.
Фрустрацијата како последица од неисполнетите очекувањата резултира во пасивност и апатија. Фрустрираните луѓе не можат да бидат храбри и прогресивни. Фрустрираните луѓе не можат да го менуваат системот, можат само да го репродуцираат. Но фрустрираниот човек е само пасивната компонета во тој круг.
„Рационалниот човек“ е тој активен двигател на процесот на репродукција на стварноста, и главната препрека за нејзино подобрување.
Да бидам јасна и прецизна: „рационалниот човек“, т.е. она што денеска се подразбира, е општо прифатено значење на терминот е идеолошка конструкција, а не универзален принцип. „Рационалниот човек“ се дефинира во рамки на либералната идеологија, и подразбира рационалност, логикa во економска смисла, т.е. „cost-benefit“ пресметка при било која одлука.
Проблемот настанува кога „рационалниот човек “ се поистоветува со свесен човек, и се поставува знак на равенство помеѓу нив. А разликата е непремостива затоа што се работи за две контрадикторни нешта, како лице и опачина, како петка и глава. Разликата е во тоа што рационалниот човек може само да ја репродуцира стварноста, додека свесниот човек може да ја смени.
Примерот со нехуманиот однос на нашите институции (за кој веќе пишував) е школски пример за тоа како „рационалниот човек“ придонесува за репродукција на системот (да потсетам уште еднаш дека „рационалниот човек“ е идеолошка конструкција промовирана од самиот систем). „Рационалниот човек“ не може да ја смени сликата пред шалтерот. „Рационалниот човек“ размислува во строго ограничена рамка: да застанам пред шалтерот или да фатам „врска“. „Рационалниот човек“ нема време да го менува системот, тој е рационален во пресметката како најоптимално да ја заврши работата, за побрзо да се врати на работа, да ги нахрани децата дома, да купи намирници од пазарче…
„Рационалниот човек“ ја прави пресметката во однос на околностите во кои се наоѓа, а не според околностите кои може да бидат. Не е рационално да се прават пресметки за хипотетички ситуации. „Рационалниот човек“ нема време и нема пресметка за револуција.Таа пресметка е секогаш во минус.
Свесноста значи друго. Свесноста значи неприфаќање на тортурата и нехуманиот однос на државните институции. Таа значи моментално спротивставување на неправдата: одбивање да се застане во нехуманиот „ред“ пред шалтерот и одбивање на неформалниот систем „фати врска“. Свесниот човек ќе го дигне гласот и ќе почне да ги убедува сите тие изгубени души околу себе да ја блокираат институцијата, да направат ненасилна опсада и да не се откажат додека не престане тортурата од системот.
А резултатот ќе биде следен: или ќе биде „линчуван“ од „рационалните“ луѓе кои се брзаат дома да направат ручек, да се вратат на работа, да си ги земат децата од градинка или училиште и не мислат да војуваат против „ветерници“; или ќе добие казна за нарушување на јавниот ред и мир, казна за навреда на полицаец, приведување во полициска станица, бесконечен притвор, затвор…
Промената на системот не е така лесна. Не е невозможна, само не е така едноставна. Оваа констатација нема за цел да наметне песимизам и фатализам, напротив. Овој заклучок се оградува од методолошкиот индивидуализам како искривена и лажна перспектива, но и од позицијата на радикален структурализам кој вели дека сме детерминирани од структурата и дека немаме никаков простор за креативна, индивидуална акција.
Првиот чекор е да го видиме проблемот со широко отверени очи. А тој се состои во тоа што рационалноста ја земаме здраво за готово, како идеолошки неутрална категорија, и притоа ја поистоветуваме со свесноста. Замижуваме пред идеолошкиот товар кој го носи во себе поимот „рационален човек“. „Рационалниот човек“ не може да го смени системот и воопшто општеството, туку може само да го репродуцира. Дури, и логиката на носење на заклучоци на „рационалниот човек“ е поинаква од логиката на носење заклучоци на свесниот човек. Првата лесно може да ве доведе до заклучоци кои создаваат и репродуцираат стереотипи, а втората ги поставува под знак прашање стереотипите.
„Рационалниот човек“ се потпира на позитивистичката логика и на Хјумовиот концепт на каузалност. Накратко, тоа претпоставува индуктивен пристап, чија логика е носење заклучоци врз основа на ограничен број на примери, за универзални феномени (за неограничен број, односно за сите), и исклучиво врз основа на тоа што е видливо. Идеален за создавање на стереотипи, и ограничено разбирање на реалноста преку фокусирање на последиците на проблемот, а не на причините (затоа што причините најчесто не се видливи).
Од друга страна, пак, свесност значи постојано поставување на прашања и вон идеолошка критика. Свесноста значи постојано тестирање на индивидуалните ментални граници. Свесноста значи поставување под знак прашалник сè што ни било сервирано преку образовниот систем, сè што нè учеле дома. Свесноста значи препознавање на неправдата, а не нејзино рационализирање и оправдување со повикување на законски прописи, или морални и општествени норми на однесување.
Свесноста не е цел, тоа е процес. Свесниот човек никогаш за себе нема да каже дека е свесен, затоа што е критички пресомничав да се дефинира, да се стави под етикета, во рамка.
Секој има капацитет да стане свесен, но не секој сака. Единствено свесниот човек може да го смени системот, но не сам. Суштествена промена на системот и поправеден свет може да се постигне само кога бројот на свесни индивидуи ќе го надмине бројот на „рационални“.
П.С.
Не е случајност тоа што текстот не се осврнува на институционални решенија и процедури за подобрување на системот. Едноставно не верувам во нив, верувам само во свесниот човек.
Извор: putonthelight.blog.com
Илустрации: Дани Санчиз
Добро, но можело да биде и
Испратено на 23 септември 2011 од Erich von MansteinДобро, но можело да биде и поедноставно напишано.....народ нема време, да се оптеретува, така да пораките треба да бида рафинирани
А за образованието, тоа треба да постои и да учиме колку повеќе можеме, како и да е знаењето дава предност.
Добро, но можело да биде и
Испратено на 23 септември 2011 од Erich von MansteinДобро, но можело да биде и поедноставно напишано.....народ нема време, да се оптеретува, така да пораките треба да бида рафинирани
А за образованието, тоа треба да постои и да учиме колку повеќе можеме, како и да е знаењето дава предност.
Секоја чест за текстот!
Испратено на 23 септември 2011 од DraganСекоја чест за текстот!
селф мејд се вика за
Испратено на 23 септември 2011 од кселф мејд се вика за британците. или холанѓаните, но не вака како што сакаш да го исфрлиш од игра. не знам зошто еве јас би го исфрлил. тоа има повеќе значења, повеќто значења на идентитетот.
Секогаш сакам да слушнам
Испратено на 23 септември 2011 од ВивариумСекогаш сакам да слушнам добри критики на методолошки индивидуализам и (речиси) секогаш се досадни шкрабаници кои не кажуваат ништо.
Мислам дека цурава Ви беше ван хит вондер, не мора да ја форсирате толку.
Методолошки индивудуализам е
Испратено на 23 септември 2011 од Анонимен111Методолошки индивудуализам е најоспоруван правец воопшто, така што ако ти е доживљај критика како критика на МИ очигледно ти недостига малку подобра теоретска основа. Инаку, поентата на текстот не е теоретска критика на МИ per se.
Кога се пишуваат работи
Испратено на 24 септември 2011 од ВивариумКога се пишуваат работи како:
“Задоени сме да веруваме и да рационализираме низ призмата на методолошки индивидуализам, што подразбира дека индивидуите се единствениот фактор за продукција и репродукција на општествените феномени. “
Во општество каде што 50 години постоеше општествена сопственост, самоуправување и самоорганизирање на “работниот народ“, каде што универзитетите и школите беа преплавени од режимски умови кои квакаа за дијалектика и братство единство нее фер да се пишува критика за методолошки индивидуализам. Да не зборуваме за кралствата и царствата од претходно! Ако ништо друго 13 години задолжително образование во овој систем, тешко да те одведат на патот на методолошки индивидуализам. Гоцевата факинг раса и секое трубење за магиската природа на Евроспката Унија го покажуваат спротивното.
Го повлекувам тоа дека текстот е досадна шкрабница која не докажува ништо, туку ќе пишам само дека повеќе е непотребно анализирање на нешто што на овие простори не влегло во дискурс и нема перспектива дека некогаш ќе влезе. Како јас да пишувам текст за влијанието на хиндуистичкиот концепт за болка во радикализацијата на Србите во 1992 година.
Знам дека не беше тоа поентата на текстот, всушност поентата беше добра, но начинот на кој путондлајт стигна (ти?) до своите заклучоци е сосема погрешна.
Цурава очигледно е
Испратено на 24 септември 2011 од АналитичарЦурава очигледно е фрустрирана од чекање по шалтери.