Mooger Fooger го промовираат новиот албум во Ла Кања

23.09.2011 11:47
MOOGER FOOGER го промовираат новиот албум во Ла Кања

Една од песните на новиот албум на Mooger Fooger се вика „Чекајќи го рајот“, а прашањето кое логично се поставува е: што прави еден силен кандидат чекајќи го тој момент?

Сецко нуди едноставен одговор, пробува да свири подобро од вчера, и така секој ден... безмалку 30 години. Дете на легендарната улица „4 ти Јули“ во Ѓорче која на Скопје му ги даде некои од неговите највредни херои: поети, анархисти, музичари, локал филозофи и, секако, маалски бараби со уникатен шарм прочуен на двете страни на Вардар. Јасно е, за да опстоиш во такво друштво треба да си подобар од вчера без разлика дали тоа значи дека ке добиеш „поштовање“ од поумните или „помиловање“ од посилните. Таа школа Хаџиќ ја има завршено со одличен успех,а дипломата се вика „4 албуми на Last Expedition“ и место директно во антологијата на македонскиот rock'n'roll од 90-те.

Mooger Fooger се вика следниот предизвик на Сецко. Еден uber гитарски patchwork за 21-от век, базиран на звукот на noise хероите од типот на Sonic Youth и My Bloody Valentine, но и психоделиите на 60-те, punk rock-от oд 70-те и indie/shoegaze сцената од 80-те. Музички израз историски близок до скопската underground публика, но со интензитет и печат кој го прави овој бенд единствен дури и во светски рамки. Еден ултра модерен и отворен концепт во кој партиципираат врвни музичари со различен музички профил и background, но совршено вклопени во соничниот свет на овој гитарски херој од западната страна. Исходот е 4 потполно различни албуми со стил и колорит кои ја освоија македонската indie публика и ја инспирираа нашата независна музичка сцена во првата декада на овој век. Mooger Fooger (2005), Mooger Fooger 2 (2006), Luckiest Woman (2007) и AnnaGun (2009) деновиве добиваат друштво. И тоа е вест вредна за прослава. Се вика 4th of July (2011) ;)

Се гледаме во Ла Кања,чекајќи го рајот...

од 20:00h до 22:00h - Промоција на албумот „4th of July“
од 22:00h до 02:00h - Јане Алтипармаков - Музички избор од ул.4 ти Јули (Last Expedition, Exic, Mooger Fooger...)