Првата војна во која од едната страна се наоѓаат машини, а не луѓе

01.07.2009 14:03
предатор

Не е игра иако во рацете држат џојстик! Американските војници во околината на Лас Вегас речиси секојдневно убиваат Талибанци. Каде? Па, во Пакистан. Како? Со помош на Грабливецот и Сечачот.

Американски војник среде борба. Сосредоточен е на метата. Како воопшто да не дише. Во неговата глава има само една мисла: биди мирен, чекај го вистинскиот миг... Но неговото опкружување не потсетува на фронт, туку на канцеларија. Пред војникот има неколку екрани и ниту една пушка. Нема потење бидејќи тука има и клима-уред. А кога ќе му заврши смената, војникот седнува во својот автомобил, се вози по широките улици на Невада и за час или два веќе се наоѓа дома: вечера и слуша како неговите деца си го поминале денот на училиште. Следниот ден повторно ќе биде во канцеларијата и ќе убива Талибанци во Пакистан, на границата со Авганистан.

Тоа е секојдневен призор од војната која списанието Time ја нарекува „тивката војна на ЦИА во Пакистан“. Во граничните делови на Пакистан, во кои се живее како во средниот век, се води најмодерната војна на денешнината. Талибанци против Американци. Односно, Талибанците на земја против американските Грабливци и Сечачи во воздухот.

Predator и Reaper се имиња на беспилотните борбени летала кои од базата Creech во САД управуваат војници со џојстик во рацете. Потребни се помалку од две секунди сигналот што го праќа војникот со притискање на копчето во Невада да стигне до беспилотното летало над Пакистан кое испушта проектил.

Во последните месеци од своето владеење, Џорџ Буш нареди напад на леталата против Талибанците кои се кријат во Пакистан и кои им задаваа големи проблеми на сојузничките војски во Авганистан. Новиот американски претседател Барак Обама ја продолжи таа акција, па дури и ја засили. Оваа недела беспилотните летала го имаа својот најпрецизен погодок досега - убија околу 60 луѓе, претежно милитанти, на погребот на еден талибански командант во Пакистан.

Во 5000-годишната историја на војувањето човекот секогаш се наоѓал на обете страни. Но сега, за првпат во историјата, едниот непријател пред себе нема луѓе, туку машини со кои управуваат луѓе кои се наоѓаат илјадници километри далеку, од другата страна на земјината топка.

Комбинирајќи ги видеонадзорот и можноста за истрелување проектили, американските војници од воздушната база Creech во реално време ги следат и уништуваат непријателските мети во Вазиристан, делот од Пакистан кој се граничи со Авганистан. И сето тоа без пролевање на ниту една капка крв на американските војници бидејќи на терен, во Пакистан, нив воопшто ги нема.

Официјалните лица запознаени со операциите наведуваат дека само од есента, лани, до овонеделниот напад во кој беа убиени 60 луѓе, најмалку 9 до 20 „многу битни“ мети на Ал Каеда биле убиени, и уште десетина пониско рангирани членови на таа терористичка мрежа. Уништени се и многу бази и куќи во кои се криеле.

Но Пакистанската вистина е поинаква. Официјалните лица од оваа земја предупредуваат дека повеќето вакви напади ги промашиле своите цели и убиле невини луѓе. Според податоците на пакистанскиот дневен весник Вести, од почетокот на 2006 г. во нападите на „црвените пчели“ (како што ги нарекуваат леталата во Вазиристан) биле убиени најмалку 687 цивили и само 14 членови на Ал Каеда, што ретко кој Пакистанец би го сфатил како оправдан сооднос. Токму поради ова аналитичарите предупредуваат дека борбата со беспилотните летала придонесува за антиамериканското расположение во Пакистан и дополнително ја ослабува и онака кревката влада на претседателот Асиф Али Зардари.

Борбата преку беспилотни летала паштунските племиња ја сметаат за кукавичка, а непријателот, во овој случај САД, за преуплашен за да би пролеал крв во вистинска битка.

„Милитантите велат дека доколку Американците сакаат да се борат, тогаш треба да дојдат и да се соочат со непријателот лице в лице“, вели Махмуд Шах, пензиониран бригадир. Освен тоа, објаснува тој, племенскиот кодекс бара семејствата на жртвите од леталата да бараат одмазда, што ги прави иделани регрути за милитантните водачи кои се фалат дека секој нов напад им носи по три-четири нови бомбаши-самоубијци.

Недостатокот на „црвените пчели“ е тоа што во еден миг тие можат да пребаруваат само мал дел од територијата. Потребни се илјадници за да се покрие секое ќоше на долгата пакистанско-авганистанска граница. Термалните камери со кои се опремени во голема мера се несовршени и неточни. Дури и во совршени услови, велат стручњаците, сликите понекогаш се матни и на нив тешко може да се процени дали се работи за собир на вооружени милитанти или обични цивили кои се молат.

„Основниот проблем со сите воздушни извидувања е тоа што тие се подложни на грешки, а во земји како Пакистан грешките можат да имаат огромни политички последици“, предупредува Џорџ Фридман, шеф на аналитичката агенција Стратфор.

Со оглед на недостатоците, но и фактот дека секој напад дополнително го разгорува расположението против проамериканската влада, стручњаците го поставуваат прашањето колку воопшто е оправдано да се продолжи со таквиот начин на борба.

„Ако убиеме еден куп членови на Ал Каеда, но истовремено експлодира целиот Пакистан, тоа не значи победа за нас“, смета Дејвид Калкулен, стручњак за борба против тероризмот.

Но со него не се сложуваат некои од пакистанските генерали кои заклучиле дека леталата се добра работа за убивање на терористите во пограничните области. За разлика од нив, обичните Пакистанци не се убедени дека таквите операции ќе им послужат на пакистанските интереси на подолг рок. Веќе има и случаи кога водачите на некои племиња кои на почетокот биле проамерикански расположени, сега ги здружуваат силите со останатите милитантски племиња и групи во борбата против САД.

Но, и покрај сè, беспилотните летала нема да исчезнат од вазиристанското небо. Пристигнувањето на нови американски трупи во Авганистан ќе придонесе за зголемување на важноста за уништување на милитантските засолништа. Од Обама се очекува и да ги прошири операциите на југозападната пакистанска провинција Балуџистан каде се верува дека се крие талибанската команда.

Границата меѓу Авганистан и Пакистан може да биде сигурна дури тогаш кога тамошните племиња ќе им бидат наклонети на САД и пакистанската влада. Можеби планираните финансиски средства за развој на тие подрачја ќе сторат чуда таму каде ни најновите технолошки достигнувања не можат.

Инаку, беспилотните летала Predator и Reaper се 35 пати поевтини од авионите, а со нивната употреба не постои никаква можност за губење на животите на американските војници кои седат 13 000 км подалеку.