1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
Мама работеше и за режимот и против него, бидејќи ем знаеше за тајниот лисички кружок [1], ем за тоа во партијата ни збор не кажуваше, оти инаку другарот Шрамек одамна ќе го свиткаа. Тогаш веќе цела Чехословачка, освен ние во Краков, беше крената на нозе, а најмногу главниот град. Информацијата ја објавија на вести, а сепак ни дојде како гром од ведро небо. Беа тоа цели милиони, поројници по улиците на лепоѕидна Прага, гргнати по калдрмите на најстариот град во Европа, и другарите во панцири попусто се мачеа да ги организираат во јасни партии и да ги наговорат душите работнички пак да го вдомат во нив она братство и единство во кое си живееле до пред некој ден. Само, сега сè беше по вода, и во сите чешки градови владееше фешта како после финале на светско првенство и луѓето ни слушаа ни гледаа, само врескаа до зарипнување и немаше жива душа што ќе ги истрпи.
Во времето кога Чехословачка клокотеше од револуцијата против социјализмот, некој припадник на државната безбедност го отклучи влезот од народниот магацин [2], и група од пет другари со пендреци го фати на дело целиот лисички кружок на чело со Шрамек, како бојат транспаренти за протестот за оставка на претседателот на краковското Собрание, Стања, и распуштање на чехословачката влада. Беше тоа на осумнаесетти ноември осумдесет и деветтата, кога сè живо напикаа во марица и право во партија. Малолетните лисици уште вечерта ги пуштија, а Шрамек цела една недела скисна ко’ во робијашница. Барем така си се филмаше цеца дури беше еуфоријата. Јадење, велат, на Милан му давале низ едно железно прозорче, а и тоа по оброкот одма ќе му го треснеле пред нос, по голема морал во нокширче, а цимер му бил тип кој на родениот брат му ја имал расплакано мајката.
Гарант имаше некој зуцнато за средбите на кружокот, инаку не одат другарите на слепо. Од возрасните знаеле само мама и Хуња, тој на работа повеќе не одел одошто одел, а никој друг немал клуч од магацинот, па и удбашите морале сами да си отклучат, и за тоа, богами, многу не му ја мислеле.
Се сеќавам дека, кога дозна мама од цеца, оти неа ја пуштија меѓу првите, дека Шрамек го затвориле, пребледе како крпа. И удри да се шлае по станот како чукната, а не беше сама, оти и тато почна да шпацира како чукнат, од кујна до дневна и назад, и постојано повторуваше дека главата му е шашма.
Кога го затворија Милан и кога дозна лисичката унија на млади сили што-како, секој паметен на мое место ќе престанеше да оди во на-ма. А како да не се намириса, кога мама дома везден го мереше станот, и на работа им правела драми, им велела дека таа го предала Шрамек – никој не ѝ е крив. Само ете, не ми бил денот, а и на училиште не беше тоа тоа, почнаа да ни бараат присуство, и пак киснев кај магацинот пред врата како куче пред касапница, да не ми фрлат некое ковче. Мама, по два дена го остави дерењето и се фати за такво чистење какво што досега фирмата не видела. Шкафче со ‘рѓа, мрсни табаци, канцелариски материјали, стари амбалажи, на сè му најде место, па го помина подот со правосмукалка и на него почна да мајсторисува нешто со хартија во боја. Исече едно огромно срце и еден голем букет, и ги залепи на ѕидот и не знам веќе каде, а добро што бев настрана и не видов сè, па реков дека имам договорено со Ангела, морав да се издувам, нели. Отпосле и Ангела ја колнев како душманка, оти следниот ден на прозорците од магацинот виснаа завеси, карирани, баш како во градинка, и толку беше од шпионството.
Дома на мама не смееше ни збор да ѝ се пререче, и тогаш со две раце ќе потпишев, дека ѝ летнало врапчето, нели. Се случуваше да ми дојде во дневна и силно да ме гушне, ќе ме стиска, до задушување. На врв на јазик ми беше да ѝ речам, што не го гушнеш така тато, ама знаев колку е часот. Јас ѝ бев мече за гушкање место Шрамек, нели. Од тоа ми се накреваше во желудникот, како на мечка што ѝ дале месо од мрша пред настап во циркус, а од нашиов циркус поголем немаше. Воденицата, фала Богу, ни за Господ не мели за џабе, а лошото допрва идеше.
Го пуштија што го пуштија Шрамек, ама во на-ма не се врати, па на мама ѝ беше џабе декорацијата за добредојде, нели. За ден два, кога се расчу дека го држеле во затвор, Милан Шрамек стана еден од првенците на краковската контрареволуција. Барем во тие неколку месеци меѓу ноември осумдесет и деветтата и пролетта деведесеттата, кога системот се сврте за сто и осумдесет, па тој што беше десен, стана и лев, и кој што беше лев, пак си ја имаше мувата на капата. Тоа, на оној што или остана кукавица, или немаше динамичка флексибилност, што е фраза која се рашири во деведесеттите, и стана омилена меѓу народот. Таков испадна Хуња, кој успеа да се адаптира во новата клима, заедно со еден куп правоверни комунистички другари, како него.
Ама, сè по ред.
Фусноти
[1] Се работи за еден специфичен семантички неологизам на авторката, во чешкиот оригинал nosál. Тоа е збор со којшто се именуваат припадниците на цела фамилија цицачи (лат. Coati), населени во Средна и Јужна Америка; она што е заедничко за нив е долгиот нос, па оттука потекнува и чешкото име. Меѓутоа, Хулова го зема само името – токму поради тоа што во себе го содржи зборот нос – и ја користи именката со сосема друго значење – во овој роман, nosál претставува чехословачки контрареволуционер и учесник во Кадифената револуција (17.11. – 29.12. 1989), со која се означува падот на социјалистичкиот режим во Чехословачка. Па така, „носалите“ на Хулова, благодарение на тоа што можат да го пикаат носот насекаде, имаат пристап до доверливи информации, од најниско локално, до највисоко државно ниво, и, организирани во тајни „носалски“ кружоци и комитети, работат против режимот. Нивното име во себе содржи и пејоративна нишка. По таа аналогија, ние работно го преведовме неологизмот nosál со „лисица“, со надеж дека ќе може да функционира во контекст на нашиот превод. (прев.)
[2] Понатаму во текстот, скратено НА-МА. (прев.)
Превод од чешки: Диме Митрески
Петра Хулова е родена 1979 година во Прага. Завршила културолошки студии на Карловиот универзитет во Прага. Се смета за една од најталентираните и најпознатите млади чешки писателки. Станува популарна уште во 2002 година, со објавување на првиот роман „Во сеќавање на мојата баба“. Оваа книга веднаш станува една од најчитаните книги на деценијата. Романот ја раскажува приказната за едно семејство од Монголија, видена преку перспективата на 5 жени раскажувачки, иако всушност повеќе се базира врз Чесите и чешкиот начин на живот отколку врз нејзиното искуство во Монголија. Романот ја добива наградата Откритие на година, а чешкиот дневен весник Lidové noviny го прогласува за Роман на година.
Подоцна Хулова објавува уште 5 романи, а „Чувари на општественото благо“ е нејзин последен роман, кој излезе во 2010 година.
„благо“??? Не гледам
Испратено на 28 септември 2011 од Ифрит„благо“??? Не гледам наполитанки, чоколатца и лижавчиња во текстов, а сепак...
Значи, преведувачот го
Испратено на 29 септември 2011 од ПреведувачЗначи, преведувачот го употребил терминот „благо“ со значење богатство... Таквото значење го нуди и дозволува македонскиот речник. Ако таму се разгледа, ќе се види дека освен значењата на кои реферира коментаторот, зборот има и други дополнителни значења. Еве извадок од толковниот речник (за жал програмата на Окно не дозволува во коментарите да се додаваат линкови):
3. Пари, злато, разни скапоцености.
Англиски: treasure
Примери:
Три товари благо.
4. Духовно богатство, вредност.
Англиски: treasure
Употреба: Преносно значење
Примери:
Каде е вашето срце, таму ќе биде и вашето благо.
5. Материјално богатство, богатството што го дава Земјата, морето и сл.
Англиски: riches
Употреба: Преносно значење
Примери:
Земно благо.
Дали е сега јасно за што станува збор?
Првиот коментар не ни
Испратено на 30 септември 2011 од ИзраелецПрвиот коментар не ни заслжуваше објаснување, ама ете - мора и на такви да им се кажува како врие водата...