MY DISCO во МКЦ Скопје

28.09.2011 09:39
MY DISCO во МКЦ

Австралискиот noise-rock состав MY DISCO ќе одржи концерт на 29.09 (четврток) во МКЦ. Концертот ќе започне во 21:00, а влезницата чини 200 денари.

 

My Disco се оформени 2003 година во Мелбурн, Австралија. На самите почетоци, музичкиот израз на бендот можеше да се смести во math-rock жанрот, со чести промени на ритам и прекршени делници.

Моментално привлекуваат внимание во алтернативните кругови, како поради интересната музика, така и поради неконвенционалните концерти по паркови, магацини, подруми, гаражи и секакви вукојебини. Бендот веднаш тргнува на долги турнеи по Америка, Европа, но настапува и во Тајланд, Мексико, Кина... После неколку издадени EP-a и синглови, првиот албум „Cancer“ го издаваат во 2006 година. Со овој албум, бендот го менува својот стил и навлегува во минимал, а како одлика на песните се јавува и репетитивноста. Насловот на албумот е симболичен, бидејќи во тоа време, басистот и пеач Liam Andrews заболува од хочкинсова болест, но, за среќа, тоа е веќе минато.

Кон крајот на 2007 година My Disco го снимаат својот втор албум – „Paradise“ и тоа во Чикаго во студиото на познатиот Steve Albini (Big Black, Rapeman, Shellac) – Electrical Audio, кој го снима албумот. Албини успева да го долови живиот звук на бендот и на плоча, па не е ни чудно што бендот се враќа во Electrical Audio во 2010 каде што ја снима и својата нова плоча – „Little Joy“.

Овојпат минимализмот е доведен до совршенство во спој со хипнотичките ритмови, што резултира со одлични критики на албумот и склопен договор со познатата издавачка куќа TEMRPORARY RESIDENCE LTD (Mono, Explosions in The Sky, The Books….).

Сепак, концертите во живо се вистинска слика на бендот, а гитарските рифови и гласноста до болка се веќе препознатлива особина на MY DISCO. Дојдете на концерт, дојдете на (MY) Disco.

ОкоБоли главаВицФото