Путин forever

28.09.2011 11:42
Путин forever

Нормалните изборни системи обично се прават така што претседател може да биде само еден, а гласач кој било. Во Русија е сосем обратно. Изборниот систем е поставен така што претседател може да биде кој било, а гласач само еден – Владимир Владимирович Путин.

На последниот собир на Партијата на крадци и измамници (Единствена Русија), В. В. Путин се предложи себе си за претседател на Руската Федарција и на тој начин, еднаш-засекогаш, заврши со недоумицата и потајните надежи во главата на својот помошник, меѓу народот попознат како Дмитриј Медведев.

„Сакам да ви изразам благодарност за позитивната реакција на предлогот за мојата кандидатура за претседател на Русија. За мене тоа е голема чест“, изјави Путин во своето обраќање пред делегатите на собирот, што во превод на руски би значело: „Ма, доста ми е и од вас, и од тие ваши избори“. Т.е. тандемот и понатаму останува на власт, со тоа што досега системот беше поставен главечки. Путин беше премиер, а неговиот лев чевел претседател, а отсега системот ќе биде поставен на нозе, па сега левиот чевел ќе биде долу, а главата горе.

А што се однесува до претседателската положба на Медведев, овде не се промени ама баш ништо. Бидејќи тој ни досега не беше претседател на Руската Федерација, така ни отсега нема да биде. И воопшто, претседателот Медведев е жив пример кој ја побива теоријата дека е невозможен апослутен вакуум.

Министерот за финансии Кудрин, човек кому му беше наменета улогата на либерален премиер во идната влада, под идната врховна власт на Алфа-мажјакот (прекар за Путин во дипломатската преписка која ја објави Викиликс) со оваа рокада беше просто прегазен. Веднаш даде изјава дека нема намера да биде министер во владата на Медведев, што повторно во превод на руски значи „мене Путин ќе ме постави на местото претседател на Централната банка“.

Посебно треба да обрне внимание на тоа со каква симпатична галантност Путин го тргна од себе тегот со етикета Партија на крадците и измамниците (ПКИ) и го префрли на слабиот грб на својот близок колега, Медведев. Бидејќи личниот рејтинг на Путин е двапати поголем од рејтингот на ПКИ, и бидејќи воопшто не ни помислува да се смести себеси меѓу политичките самоубијци, оваа крајно непријатна тежина од себе ја префрли на Медведев. (Додека се објавуваше оваа одлука, лицето на Медведев изгледаше како да му се ирекува смртна казна, а не примамливото прво место на листата на водечката партија.)

И нема ништо чудно во тоа што се случи. Чудно е што сето тоа се случи далеку пред декемвриските парламентарни избори. Очигледно дека вриењето, а можеби веќе и ферментацијата на некои непознати за нас елементи на самиот врв во власта стигнала и до тој степен, па морало да ѝ се застане на патот.

Во суштина многу е јасно дека вака поставената поделба на власта многу повеќе му одговара на Путин. На Медведев му се доделуваат еден куп недовршени и итни работи на владата и многу останатимачни и официјални обврски, а на Путин – реална власт и неограничен број часови одмор во бројните официјални, не толку официјални и целосно неофицијалните резиденции. Иако, ако внимателно анализираме, за него ни досегашната улога не беше лоша: Медведев им раскажува на инвеститорите за модернизацијата, а Путин, додека во претсобјето на владата редовно го чекаат три министри, за тоа време во Сочи интензивно се занимава со спорт. Во оваа речиси идеална конфигурација на обврските, единствен извор на напнатост беше самиот Медведев кој час се навредуваше поради тоа што го сметаат за врвка на патиката, а час горко се трудеше да докаже дека тој и е врвка, и дека секогаш е подготвен на тоа да биде уредно заврзан.

Ваквата конфигурација беше можна само за еден претседателски мандат. Вториот мандат можеби би можел многумина да наведе на тоа да си вообразат дека Медведев навистина е претседател и најпосле да доведе до тоа и да стане вистински претседател. Судејќи според последниве настани, Медведев толку многу го посакуваше својот втор мандат, што Путин реши далеку пред декември да го пресече тој ризичен раздор и опасно колебање на врвот.

Што се однесува до надворешно-политичката сцена, ве уверувам дека оваа одлука нема да има никакво влијание на промената на меѓународните односи. Без оглед на страшливата и лигава европска забелешка за тоа како изборот на Медведев во светот би бил прифатен како позитивен знак на либерализација, модернизација итн. на Русија, нашиот Алфа-мажјак се чини одлично ја знае цената на договор со своите странски партнери.

Постои само еден мал проблем – земјата на чие чело денес се подготвува да дојде Путин во многу нешта е различна од онаа на чие чело стигна во далечната 1999 г. Денес билансот на пензискиот фонд со старосна граница за пензионери никако не може да се урамнотежи, државниот буџет веќе пука на цената на нафтата пониска од 120 долари за барел, богатите директно седнуваат во кабинетите и од нив безмилосно ги цедат парите, сиромашните луѓе се газени по улиците од мерцедеси, а сите проекти на владата, од Сколково па до Сочи, служат исклучиво за грабеж на парите.

Единствениот реален стратешки проект кој цврсто и систематски се остварува по планот од страна на Кремљ е проектот Путин forever. Дали таквиот проект може да се реализира во земјата во која секој друг стратешки проект однапред е осуден на пропаст, ќе видиме за пет-шест години.

Извор: Ежедневный Журнал

ОкоБоли главаВицФото